Да се прекине „скопската“ рефус-политика за Македонците да не бидат рефус-народ

Со Заев толку, а со „заевизам“ во иднина – ништо повеќе.

Интензитетот и самиот процес деновиве ги прецизираат неколку последователни изјави. Првата е на претседателот на Бугарија, Радев за правото на носителите на бугарско државјанство од Македонија да се декларираат како Бугари на пописот. Таа е најава дека бројките од нивното Министерство за правда од пред 4 месеци е официјализирање на бројот на државјанства стекнати со изјава за бугарско етничко чувство – како предмет на споредба со бројот на Бугари што ќе се покаже по пописот во Македонија. И недвосмислено ги разликува од Македонците.

Ставот, пак, на поранешниот бугарски претседател, социјалистот Прванов, кој оди на временско лоцирање на појавата на македонското етничко чувство (во 1920-тите) покажува дека партиите и функционерите во Скопје не треба да се занесуваат дека позициите на Бугарија се партиски, туку државни. И, според се досега, доволно се разбрани во ЕУ и дека „историските теми“ – само што започнале.

Поводот за нив, го даде Заев низ најавата за настава на српски за припадниците на оваа заедница, изоставувајќи дека во Македонија истите права (треба да) им се достапни на (учениците од) сите заедници. Кои допрва треба да бидат попишани. Или попрецизно, немајќи храброст да каже дека таквото право и следи (ерес!) и на припадниците на бугарската - ако пописот ја дефинира како таква. И сега, по сугестија од претседателот на Републиката, но и по иницијатива на опозицијата, „неволно“ да „размислува“ за одложување на пописот.

Овие изјави вон медиумите во Скопје ги направија небитни реакциите на партиите на Србите во Македонија кои од правото на настава на мајчин јазик преминаа во оценки на Бугарија и Бугарите, контрадикторно и со надворешната политика на Македонија и со онаа на Србија. На истото игнорирање наидоа и „скопските медиумски ведети“. Пред два-триесетина години и само вториве ќе беа доволни, но сега таков ефект веќе немаат ниту традиционалните тешкаши, разните „мајори и врабци“ негувани по партиите и медиумите се до скоро. Затоа корисно ќе биде да се следи нивниот гнев кој од 1980-тите беше насочен де кон Приштина, де кон Тирана, Атина и Софија, а сега веќе нескриено – кон Берлин и Вашингтон.

Затоа, прашањето е зошто Скопје инсистира да се произведе во клин што создава пукнатина во сопствената плоча? Или попрецизно,

Како бројот на Македонците и Албанците станува второстепено прашање за Скопје?

Интересно е како за нас Македонците по чувство за етничка припадност, а не по утилитарност од македонството, Албанците не се „Шиптари“, Бугарите не се „Татари“, Србите не се „Геџовци“ и Грците не се „Цигани“. Па необврзани кон грантовски граѓанизам и елитистичко морализирање, забележуваме дека пристапот кон спорот со Бугарија, како и претходно оној со Грција, наместо интитуционален е форсирано партиски. Веројатно бидејќи се што би било поинаку ќе ја поремети распределбата на политичката, финансиската, медиумската и академската моќ и застапеност во институциите меѓу традиционалните партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ: проектирана при заоѓањето на ју-федерацијата, градена врз односот на Скопје (но не и на Македонците) кон Бугарите, Грците и Албанците. Па, откако се изнаслушавме лицитации со проценти на Албанци и (помалку) на Македонци во Македонија, завладеа мачен молк за никој да не го постави прашањето „колку Бугари всушност има во Македонија?“

И токму бидејќи сме неоптеретени од секакви обврски освен кон нашата сегашност и иднина, бидејќи македонската етничка припадност ни е чувство, а не валута, пописот го гледаме како соочување со реалноста. Во април или октомври, во 2021 или 2022 - сеедно.

Затоа сме и релаксирани што расчистувањето на македонското (политичко) подаништво кон (духот) ју-федерацијата што ја нема 30 години, паралелно со осетното натоизирање на регионот ги руши линиите, визурите и полето на партиското дејствување какво што го знаеме од независноста до денес. И имаме надеж во процесот.

Притоа, охрабрува што ниту во Атина, Белград, Приштина, Софија или Тирана, ниту во Брисел, Берлин, Париз, Вашингтон... нема презир кон промакедонските политички ставови и јавни чинители. Напротив, тој стана видлив кон децениските „пробугарски“, „прогрчки“, „проалбански“... „дисиденти“ и нивните семејни наследници имплантирани во македонскиот политички, медиумски, нво... простор. Оти од Брисел до Атина и од Лисабон до Софија, на сите им е јасно дека само во Македонија „дисидентите“ имаа државни станови и викендици, плати и пензии и беа „дисиденти по службена должност“. Оттука, се навраќам на констатацијата од 11 октомври 2019:

Нео-македонизмот е во судир со југо и убер-македонизмот

Дваесет години по потпишувањето, скопската политичка елита тешко се помирува дека Охридскиот договор беше првото напуштање на југословенското проектирање на Македонија како широк граничен гарнизон, антагонизирана внатре и кон соседите за да биде „првата линија на одбрана“ на подшумадиска Србија. И на југословенството и пиемонтската улога на Србија за Јужните Словени на Балканот од 1918, како балканска форма на пан-славизмот за потребите на Кремљ. Меѓу другото, за и Белград да може да се ослободи од истото југословенство кое го антагонизираше со сите околу - од Загреб и Сараево, преку Приштина до Подгорица.

Преспанскиот договор го елиминираше убер-македонистичкото историско посегање кон хеленското античко наследство. Од оваа временска дистанца – проектирано и контролирано за Белград преку Скопје за да ја држи отворена раната на граѓанската војна во Грција и југословенската територијална аспирација низ извоз на комунистичка идеологија. Со Македонците како колатерала.

Во таа целина, иако не до крај мониториран од американската и европската дипломатија, Софискиот договор треба(ше) да отвори пат за елиминирање на поимањето на македонизмот како проектирано одземање на „најромантичниот дел од бугарската историја“ и антагонизирање на Македонците кон Бугарите за потребите на југо-српскиот Белград заклучно со 1991 година. А слободно може да си признаеме – и потоа. Од оваа призма, изјавата на Захариева дека „македонизмот сам по себе е геополитичка идеја создадена од Белград и Москва“ може да звучи грубо, но и смислено провокативна.

И тука клучно е рабирањето колку тие пораки (треба да) се упатуваат кон Македонците, а колку кон парто-нво-медиа-финансиските елити на власта и опозицијата, бидејќи времето ја потврдува констатацијата дека во спорот со Бугарија, парафразирано, „не е до идентитетот (историјата) туку до менталитетот (целите на политиката на Скопје)“.

Бидејќи не се спори македонскиот етнички идентитет како реалност, туку моментот на неговиот временски настанок, тој може да се лоцира според историски извори и временски контекст – внимателно и без наивност во Скопје, без емотивност во Софија и секако со принципиелност и внимателност од Брисел до Атина и од Вашингтон до Софија. Инаку во прашањето (пак) ќе влета Москва. Оти, да не „летаме“:

Сигурно е само дека веќе три децении не сме „24 милиони“

Што порано ја сфатиме двонасочноста на правото на самоопределување – кое не го негира правото на сопствено етничко чувство се додека таквото право не им се негира на другите – толку порано како Македонци ќе можеме да се ослободиме од стравот од снемување. Правото да го изразиме своето чувство за припадност во македонскиот народ, ненаметнато како обврска туку изворно во нас нема да го намали нашиот број. Но може формално да ги изземе ги оние кои го користеле поради репресија или утилитарност.

Затоа, нео-македонизмот е преплетен со дејугословенизацијата и декомунистикацијата – на дневно-партиската реторика и институционалната пракса на Македонија. И пред се е македонски интерес, кој е спротивен на политичкиот менталитет на анти-реторика (анти-албанска/бугарска/грчка...), која сумирана е – анти-натовска.

Како НАТО ја „македонизира“ Македонија

Политичките елити (од власта особено) треба да се помират, а Македонците и граѓаните на Македонија може да се спокојни: не мина обидот на Скопје да се фали дека е во НАТО, а да заборава дека и НАТО е во Македонија. Неиздавањето безбедосни сертификати за нашите воено-безбедносни претставници во Алијансата, прво за двајца, па за уште четиримина не личи дека е конечна. Притоа, помалку е скандалозно дали одреден број припадници на одбраната и безбедноста не се компатибилни за НАТО заради компромитирачка изложеност со Русија, Кина, Иран... По зачленувањето, многу членки на Алијансата се соочиле со своите претходни безбедносни пропусти.

Далеку поскандалозно е зошто македонските власти, а особено претседателот Пендаровски и министерот Шеќеринска и покрај долгото време на недобивање безбедносни сертификати – и натаму инсистирале на истите кадри, за кои Брисел со долг молк им порачал дека не се прифатливи. И повикува на (барем собраниско) соочување по прашањето што и кој ги мотивирал да инсистираат на нив и за чии потреби. Оти на сите им е јасен пресвртот: офицерите со „вуковарски“ мирис 23 години НАТО може да ги толерира од земја-потписник на „Партнерство за мир“, но не се компатибилни со НАТО од земја-членка веќе во 24-тата година. Како и нивните номинални предлагачи.

Оттука, транспарентноста на барањето на МНР за запирање на постапката за испраќање на новиот амбасадор во Белград е значаен сигнал дека пораките и во овој домен се јасни, директни и – за скопската елита – непријатни. Сумирано

Со Заев толку, а со „заевизам“ во иднина – ништо повеќе

Злопотребата на МАНУ за дневно-политички потреби наместо за дефинирање правец и цели на нацијата, злоупотребата на договорите за дневно-партиска реторика наместо за економска, политичка и општествена енергија и на медиумите за микро-антагонизација на и меѓу Македонците, повеќе е очајност одошто на промислена полит-акција. Трикот на Заев од минатата недела покажа колку неговата „магија“ е исчезната.

Вбројувањето, пак, на Македонија во редот на корумпирани држави и хибридни режими е повеќе од предупредување. Тоа е констатација што легитимира политичка акција.

Избегнувањето на опозицијата да застане јасно на нео-македонизмот како изворно домашна доктрина на македонското етничко и (пак, ерес) северно-македонското национално консолидирање би било голема штета. Оти тоа значи неоткажување од заевизмот и груевизмот пред него, како коруптивни фразеологии. Целта не е само смена на ликовите во власта, туку во начинот на нејзиното практикување.

Тековното чистење на опскурните од сцената победнички ќе ја рекалибрира опозицијата само доколку таа покаже дека раскрстува со идео-политичките талози на минатите 7-8 децении и праксата на нивните елити реорганизирани во оваа тридецениска имитација на плурализам на партии, академика, медиуми...

Оти од партиите и движењата се очекува понуда на правец и пракса со кои Скопје се грижи за Македонија и е сојузник каде што припаѓа по своја определба. Без да е потчинето кон соседите или да им изигрува судија на моралното поведение. Според духот на договореното и словото на потпишаното.

И не, не кажувам ништо што не знаете. Само придонесувам познатото да структурирано во напишан збор на кој ќе засноваме акција.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за нова република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Опседнатоста со лесна и брза заработувачка, завидливоста и љубомората кон побогатите, невидената мрзливост комбинирана со желбата за убав и прилично ситуиран живот, од Македонците создаде зомбизирани суштества кои лутаат низ времето и просторот, без патоказ и без изграден вредносен ориентир по кој ќе се водат низ животот.

повеќе

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе