Да се надминеме за да не се разединиме

Нашиот културен код не треба да прерасне во дезориентиран национализам, како што тоа се случи во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, или пак да се разводни во чувство на неприпадност, како што беше додека владееја СДСМ.

Во Македонија од животот не се задоволни ниту Албанците ниту Македонците (никој жив пак не ги прашува Ромите). И покрај тоа што има напредок во економијата, над земјава надвиснува нервоза поради политичката криза што ги исцрпува психичките капацитети и нанесува сериозна штета на креативната енергија. Информациите што се отпечатуваат во јавната свест се тешки за човек да ги прифати или разбере, и да продолжи да биде конструктивен член во семејството и во општеството.

Додека децата играат во школските дворови, родителите живеат во страв од некаква неизвесност што не можеме да ја посочиме или опишеме, но знаеме дека надвиснува. Досега политичката криза ги покажа сите нејзини лица: престрелката во Куманово во која изгинаа луѓе и судењето на обвинетите, неспособноста за менаџирање со итни случаи како што беше поплавата, нерешените избори, заканите од американски конгресмен за растурање на државата, дезориентираноста кај Македонците и албанското политичко разбирање и одење кон јасна цел. На народот му е јасно дека овој период некој се обидува да си го спаси животот, а некој се мести да профитира на голема врата.

Неизвесноста во Македонија е повод денес, сега, да си ги преиспитаме вредностите и да видиме колку е лесно човек да изгуби сѐ кога не верува во ништо, а најмалку во себе. Кога не веруваш во себе и кога не се водиш според твојот морален, емотивен и идентитетски компас, тогаш некој друг многу лесно може да завладее со тебе и твојот разум да го претвори во инкубатор за депресија и болест. Ова е непожелна реалност која ниту еден човек што има своја свест и достоинство не посакува да му се случи.

Македонците се можеби најчудната сорта на Балканот. Неразбрани од другите, врбувани и манипулирани во последниве 150 години од страна на големите планери од комшиските земји, Македонците не успеаја да се надминат самите себе и да создадат еднакво разбирање за заедничката реалност. Еден случаен пример симболично доловува колку наивно овој народ си ја искривува сликата за своето постоење.

Пред неколку години беше пуштена „бубачка“ дека Македонците се слабачки народ затоа што во нивната култура постојат имиња како Трајче и Трпе. Не еднаш сум слушнал некој да се повика на оваа заблуда.

Искривувањето на симболичките и фактичките поими во народното незнаење наметнува себесожалувачки дух, од каде произлегува ниската свест дека ние не вредиме. Во заблудата околу личните имиња беше имплицирано дека името Трајче симболизира дека детето требало да „молчи“, а Трпе затоа што детето требало да „трпи“ – неправди ли?

Да не бевме во заблуда за своите јазик и култура, секој човек ќе знаеше дека зборот „трае“ не значи „молчи“, туку „опстојува“. Не се кажува „рок на молчење“, туку „рок на траење“.„Ќути си и трај си“ не значи „ќути си и молчи си“, туку „ќути си и биди издржлив во намерата“. Во европскиот јазичен код зборот „трае“ го има во шпанскиот јазик каде „траер“ значи „носи“, што подразбира издржливост и истрајност. Најверојатно иста е симболиката и во името на римскиот император Трајан, кој потекнува од Шпанија.

Личното име Трпе го има истото симболично значење со зборот „издржува“. Ниеден човек при здрав разум не би му дал бедно име на своето дете. Наставката „че“ што се појавува во македонските имиња правела смисла во она минато кога не постоеле лични документи. Во тоа минато кога едно дете Трајче ќе станело млад маж, семејството најверојатно му го менувало името во Трајчо или Трајко или Трајан, што на недвосмислен начин претставува премин во зрелост, за што можеби постоела и мала церемонија.

За сложувалката наречена Македонија потојат неброени фасцинантни детаљи. Нам ни останува оваа измешана сложувалка конечно да ја составиме за да ја видиме вистинската слика за самите себе. Фасцинантни се информациите, како таа дека старите Грци своите пешадии ги нарекувале „хоплити“, додека македонската војска својата пешадија ја нарекувала „пешети“. Не е случајност тоа што постои презиме што го содржи овој збор. Секој човек што е Пешев или Пешевски потекнува од предок кој или многу пешачел или па се зачувало предание од некој далечен предок што можеби отпатувал во некој од градовите на империјата на Македонците.

Потоа, интересно прашање е зошто само кај Македонците постои презимето Индов или Индовски? Дали тоа значи дека некој предок со име Индо бил во Индија или пак некој дошол од Индија овде по древните трговски патишта? Случајност ли е тоа што порано имаше многу стари жени што се викаа Перса, а во западна Македонија Роксана. Овие имиња кои се тестамент за цивилизацискиот мост со древната култура на Персија денес се оставени во заборавот.

Би било интересно за луѓето од родот Дуртаноски да знаат дека нивното име е поврзано со Даурентие, главатарот на склавините од шести век, кој од долна Панонија дошол (или можеби се вратил) во Македонија пред да тргне во опсадите на ромејска Грција. Потоа, интересно е зошто презимето Арнаудов го носат Македонци, а нема такви Албанци? И кои значења се кријат зад презимињата Латински, Гоџиров, Џидров, Шуманов и Шаоски?

Сѐ додека не го извадиме нашето размислување од теснецот на застарената македонска историографија или од зад превезот на туѓите условени толкувања на историјата, ќе има луѓе што си мислат дека овој народ е „историска грешка“, како што некои сугерираат. Таква грешка не постои и излишно е прашањето дали Македонците се Словени или се од антиката. Ние сме плодови од безброј родови дрвја и во цртите на нашите лица и во пигментот на нашата кожа ја одразуваме антрополошката разновидност што се состои од западните брегови на Европа, до најисточните делови под Хималаите и сѐ што е помеѓу.

Потребата од запознавање со основните начела на поимите припадност, одговорност и обврска не доведуваат до нужен фокус во животот. Без да внимава на овие нешта, човек може лесно да се изгуби или пак да нема во себе карактерна целост. Не тврдам дека човекот треба да го гради целиот свој идентитет врз културно-историски или верски темели на народот или народите од кои потекнува. Тоа претставува некреативност и емитирање на други луѓе и секој човек треба со слободен ум да одлучува на кој начин го изразува својот идентитет.

Од друга страна, припадноста и поврзаноста со една група луѓе што имаат многу заеднички обележја, нуди можност за реализирање на сопствените емотивни и хумани тенденции. Кога на човек ќе му се каже дека неговиот народ е „глуп“ и „прост“ и „неспособен“ тогаш тој човек се однесува кон неговите земјаци на истиот начин - не со љубов, туку со агресија. Со агресија кон Македонците се однесувале сите странски војски и власти во Македонија. Агресијата и презирот ги сочинуваат стегите на психичката растроеност. Чувството на неприпадност е незаинтересираност за тоа што се случува околу тебе треба да биде силен повод да го реализираш сопствениот карактер низ предизвиците, наместо да си баеш дека твојот рај те чека некаде далеку од домот.

За да можеме да започнеме со менувањето на заедничката свест нам ни е потребно да ги испадиме заблудите и да ја согледаме нашата заедничка вистина. Никој друг нема да ни каже дека вредиме, никој друг нема да го направи тоа од грижа и љубов и нема да нѐ научи како да бидеме подобри за да можеме да живееме подобро, ослободени од страв и од болка во душата и телото. Имаме право да го издигнеме духот и да разбереме колку е важно да го имаме на располагање тој вреден ресурс. Секој народ што денес важи за нација го градел и го негувал својот културен код на различни начини и преку разни предизвици. Ниту еден народ, без разлика на неговите заеднички одлики и различности, не можел да стане нација без помош на писателите, гласниците, весниците, радиото и телевизијата.

Чувството на припадност кај секој поединец е свест што треба да е способна да се прилагоди во отворена рамка која има широки граници. Македонската рамка е таква. Нашиот културен код не треба да прерасне во дезориентиран национализам, како што тоа се случи во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, или пак да се разводни во чувство на неприпадност, како што беше додека владееја СДСМ. Македонскиот културен код според нашата историја и традиција е доволно широк и доволно паметен за да може да ги прими во него различните и „туѓите“. Во овој историски момент, културниот код треба да најде љубов за секој Македонец, да се престане со грдите навреди кон другиот и да се погледнеме едни со други во очи, за да можеме да се договориме како да опстанеме како свои во обидот да се дотолчи нашиот дух.

Вистинската приказна за Македонија ќе ни вреди само доколку Македонците и сите пријатели на македонскиот народ го поддржат зачувувањето на нашата државност, напредокот на нашиот дух и поврзувањето на нашата економија дома и со земји и реони во странство. Во овие мигови државноста е пред сериозен предизвик и потребно е да се пружи отпор на политичката провала наречена „Платформа на Албанците“ која, со признание, години наназад беше несвесно овозможувана од македонските власти.

Нема ништо лошо во оваа платформа за Албанците, но таа е лоша за Македонија и за Македонците. Секој човек во Македонија треба да го најде соодветниот начин како да им пренесе на политичките партии да го преиспитаат нивниот однос кон грабливата платформа, не затоа што се против Албанците, туку затоа што се против историската неправда што албанските водачи сакаат да ни ја нанесат.

Зошто да имаат Албанците две ипол држави на Балканот, а Македонците да имаат половина? Албанските политичари во Македонија немаат легитимитет за да ја обликуваат сржта на државата што ќе ги фаворизира нивните замисли. Време е секој Македонец да созрее, да го надмине своето его и да престане да биде мрзлив набљудувач на овој лош филм. Ние седиме на неверојатно културно и духовно богатство за кое не ни можеме да замислиме дека постои. Да си дадеме шанса да се гордееме со вистинските македонски вредности. За тоа вреди човек да се бори и да го пронајде во себе духот на непобедливост. Стани да ве ослобода. 

Мартин Анастасовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе