Да имавме дипломатија, немаше да се плашиме да го изговориме името Македонија

„Поранешна" или сегашна тоа е лажна дилема. Точниот одговор е Република Македонија!

If you make a wrong turn at the intersection,

than you are damn and  you have to travel

a long way to get back on the right road.”

Anonymous truck driver.

 

„Ако свртиш погрешно на  раскрсница,

тогаш си осуден да возиш долго за да се вратиш на правиот пат“

Непознат возач на камион.

 

Денешната полуписмена камарила на власт во Македонија тврди дека е на прав пат кон подобра иднина. Но дали е тоа така? Ако еднаш се промаши излезот на патот, особено ако тој излез е на крстопат, тогаш долго, многу долго може да се талка во мрачната шума за да се вратите на правиот пат. А богами многу често, како и во овој случај со македонските мамини синови и корисни идиоти, како што ги нарекуваат сериозните странски публицисти, а кои се полуписмени и целосно неподготвени да се носат со предизвиците на светската дипломатија, може и целосно да се изгубите во таа мрачна шума.

 

А дека е така покажува и самиот пат на македонската нарцисоидна, елементарно неписмена дипломатија, поплочена со добри намери, која ја доведе Македонија до пеколот, и која ја води и понатаму Македонија во самонегирање и самобришење од картата на народите и културите на светот.

 

Парадоксално е што со сите зурли и тапани се слави независноста на „нашата држава“, и што со невиден, параноичен страв се избегнува да се каже името на Македонија, а од друга стана се манипулира со вистината дека новото име е она што храбро треба да се прифати. Односно, лажна дилема е дека со новото насилно натурено име, Македонија се ослободува од пежoрaтивнoто име ФИРОМ или ПЈРМ. Лажно е тврдењето дека со тоа нема повеќе да бидеме „поранешна“.  Тоа може да го кажат само оние дипломати кои не си го познаваат прво сопствениот македонски јазик, а уште помалку го познаваат англискиот јазик, неговата граматика и правопис, и особено неговите дипломатски финеси и лингвистички значења. Односно тие тврдења ги промовираат македонските мрзливи и неписмени дипломати-дилетанти и нивните клакери комформисти и повторувачи од Водно и околината, кои не сакаат да си го реметат комодитет и кои се плашат да не случајно ги изгубат привилегиите стекнати од минатиот труд на нивните родители партизани. 

 

За да биде јасно секому за што станува збор и зошто е општа перцепцијата дека Македонија на својот пат на себеафирмирање и себепотврдување е изгубена во мрачната шума на своето незнаење, непрофесионалност и тапост, мора да се каже уште збор два повеќе.

 

Во далечната 1993 година кога, Македонија е примена во ООН, таа не е примена под референца FYRM. Тоа е огромна лага. Тоа е наметната абверација. Тоа е манипулација што умната и вредна грчка дипломатија, која по ова прашање во секое време има логистичка поддршка од повеќе од 300 професионални дипломати, историчари, лингвисти и останати професионалци, агресивно ѝ го наметна на светот како вистина, како име.

Што работеше македонската дипломатија за тоа време? Што работеше особено во последниве 20 години каде што се источкаа дечишта на кои првите дипломатски служби им беа и први вработувања. Барем да научеа нешто во меѓувреме.

Како што е веќе познато со двете резолуции, резолуциите 817 и 845, кои се всушност препораки, а не одлуки, Македонија е примена како членка во Обединетите Нации. Но за волја на висината сугерирано е, и неа и на Грција, да најдат решение за разликата околу името на државата, што Грција го наметна како измислен спор покажувајќи го одново и одново својот фашистички сурат. Во тие одлуки се укажува дека до моментот на надминување на таа „разлика“ во гледањата во однос на името, Обединетите Нации за нејзини внатрешните потреби во обраќањето кон нашата земја ќе ја користат опширната форма на комуникација „поранешна југословенска Република Македонија“.

Во англиската верзија тој параграф е формулиран на следниов начин:

Односно, во верзијата на руски јазик кој е еден од официјалните јазици на комуникација во ООН стои: 

Што е тука битно?

Битно е тоа што и во македонскиот јазик, исто како и во рускиот јазик кој што е еден од официјалните јазици во ООН, термините поранешна и југословенска се придавки и тие се пишуваат со мали букви. Според тоа, почитувајќи ја граматиката и правописот, и значењата што тие ги создаваат, секој лингвист ќе ви каже дека името на државата е Република Македонија, а не FYRM или ПЈРМ.

Што се однесува пак до aнглискиот јазик, придавките (adjectives) изведени од имињата на државите се пишуваат со големи букви, American, Roman, English, Mongolian, German... итн. Токму затоа во англиската верзија стои: “former Yugoslav Republic of Macedonia”. И тука Yugoslav не е титуларно име на државата, туку придавка која го објаснува новиот ентитет Република Македонија.

Од тие причини Македонија е и признаена како 142 членки на ООН  под уставното име Република Македонија. Токму затоа таа не е „поранешна“.

Тоа што агресивната и манипулативна грчка дипломатија успеа да го изманипулира светот да го наметне својот наратив и своите уцени на меѓународната заедница, а со тоа и да го наметне пежоративниот акроним FYROM, не е толку многу голем нивен успех. Та нели се тие надалеку познати како измамници и нечесни трговци. Тој наметнат грчки наратив е во суштина огромен неуспех на македонската дипломатија и на недокваканите политичари. Особено на овие приучени бакали од почетокот на овој век.

Неверојатно е како лесно македонските политичари алчни за власт и пари успееја да си пукаат во нога. Но фактот дека со тоа ја упукаа и ѝ нанесоа смртен удар на Република Македонија е нешто непростливо.

Историјата ја пишуваат победниците, но таа што ја пишуваат поразените е ужасна и бескомпромисна кон вистината на лажните победници.

Македонските дипломати само малку да читале внимателно и да мислеле, да не спиеле и да не се кљафтеле на тие средби, да не биле суетни, самобендисани и арогантни, и да побарале совет од лингвистите, професионалните познавачи и на македонскиот и на англискиот јазик, да ги знаеле значењата што јазикот ги кодира, сé би било поинаку денес. Не би биле во оваа темна мрачна мочуришна шума без надеж скоро да се излезе од неа и да се продолжи по вистинскиот демократски граѓански пат.

И да заклучиме.

На Република Македонија никогаш не ѝ било административно променето името во ООН. И како што вели ценетиот американски дипломат Лоренс Игелбергер, познат уште и како Лоренс од Македонија, „никој не може да ве натера да го промените името“.  Македонија никогаш не била FYROM, како што некои профитери сакаат да не убедат. Да биле македонските дипломати умешни, разборити, умни, да имале визија и да занеле како да ја промовираат вистината за Македонија, како да создадат вистински македонски наратив, денеска не би се плашеле или можеби не би се срамеле да го изговорат нејзиното АСНОМ-ско име, Македонија.

За среќа нема конечни решенија. Сé тече, сé се менува. Тркалото на историјата постојано се врти.

Наум Пановски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да покаже демократски капацитети и зрелост очекувана од граѓаните

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе