Полемика

Да донесеме информирана одлука

(17 одговори на „17 прашања и одговори во врска со Договорот за името", проф. Горан Ковачев, 11 јули)

Секој граѓанин има право да учествува на референдумот со изјаснување ЗА или ПРОТИВ, или да не учествува на референдумот, односно да го бојкотира. Но, она што е многу значајно е граѓаните да бидат правилно информирани за содржината на Договорот со Грција. Секој граѓанин треба да донесе информирана одлука.

Јас сум адвокат со повеќе од 10 години работно искуство, а последните 5 години работам во меѓународно адвокатско друштво. Преку моето искуство, научив дека работата на добар адвокат не е да го разбере законот (тоа е полесниот дел), туку да ги презентира комплексните правни проблеми на едноставен и разбирлив начин.

Сметам дека е патриотска должност на секој да се вклучи во оваа кампања како што знае и умее.

Кога некој кажува дека со Договорот со Грција се укинува, брише или негира вековното име, македонскиот идентитет и јазик, вообичаено не кажува со кои одредби од договорот се прави тоа. Редок исклучок е анализата на проф. Горан Ковачев „17 прашања и одговори во врска со Договорот за името“. Професорот, преку анализа и толкување на конкретни членови на Договорот со Грција, дава одредени аргументи за тоа како со договорот се загрозува името, јазикот и идентитетот на македонскиот народ, врз основа на што заклучува дека договорот не е добар.

Го прочитав Договорот со Грција два пати на англиски јазик и два пати на македонски јазик. Наместо да правам целосно нова структура за анализа на Договорот со Грција, ќе ги следам чекорите на Ковачев.

Правам најискрен обид да дадам објективна анализа и одговори за Договорот со Грција, лишена од било какви идеолошки и политички влијанија.

17 Одговори за Договорот со Грција

1. Дали договорот е симетричен?

Ниту една анализа за симетричноста на еден договор не се прави со квантитативно броење на обврските за секоја страна од договорот. Секоја страна тргнува од различна позиција. Балансираноста на договорот се оценува низ суштински, квалитативни критериуми, а не квантитативни. На пример, професорот Ковачев пресметал дека Грција поединечно презема само 7 обврски, а Македонија поединечно дури 24, од што се извлекува заклучок дека Договорот со Грција е асиметричен. Од тие 24 „обврски“, повеќе од десет се дефинирани во членот 1 на Договорот, каде се регулираат чекорите за имплементација на Договорот во Република Македонија и промена на името на државата (ратификација во Собранието на договорот, измена на Уставот, прилагодување на официјални документи со новото име, информирање на другите држави и организации за новото име, итн.). Тоа не се посебни договорни обврски за Македонија, туку чекори во спроведувањето на една обврска - промена на државното име.

Симетричноста на Договорот со Грција не може да се анализира на тој начин. Ако се чита Договорот со Грција внимателно, станува јасно дека секоја од страните се водела од потребата за остварување на неколку основни интереси. За Грција тие се:

● промена на името на Република Македонија;

● севкупна употреба на новото име и

● присвојување на елинистичката традиција.

За македонската страна, трите најзначајни интереси се:

● зачувување на името „Македонија“;

● заштита на македонскиот идентитет и

● одблокирање на евроатланските интеграции на државата.

Уште еднаш потенцирам дека горенаведеното произлегува од содржината на Договорот со Грција, а не моја претпоставка за тоа како се одвивале преговорите и сл. Наведените три основни интереси на секоја страна се буквално вградени во секоја одредба и претставуваат ДНК на Договорот со Грција. Низ стремежот и напорот на секоја страна максимално да ги оствари овие најзначајни интереси, а притоа да не ги загрози основните интереси на другата страна (со цел да не дојде до неуспех на преговорите), преку судирот на овие тенденции и обидите за нивно помирување, е изграден Договорот со Грција.

Согласно наведеното, договорот е симетричен во смисла на тоа дека се штитат и остваруваат основните интереси и цели на секоја страна.

Видот и природата на обврските на Македонија, односно промената на државното име за севкупна употреба, подразбира спроведување на повеќе политички и административни дејствија од страна на нашата држава.

Истовремено, Договорот со Грција не е симетричен токму во таа една суштинска смисла - дека се менува името на нашата држава, а не се менува името на Грција. Toa произлегува од една реалност во која се наоѓа Македонија, колку и да е неправедна, небалансирана, асиметрична или како и да сакате - блокирани евроатлански интеграции заради нерешениот спор за името со Грција. Од оваа причина, секој Договор со Грција за името би бил асиметричен или небалансиран од старт.

2. Дали Република Македонија ќе мора да го смени своето име?

ДА, Република Македонија ќе треба да го смени своето име во Република Северна Македонија и за внатрешна и за меѓународна употреба. Но, тука има едно многу значајно потпрашање што често се истакнува во јавната кампања. Дали ќе мора да се откажеме од вековното име? Одговорот очигледно е НЕ.

Нашето вековно име е Македонија. Тоа вековно име е дел од новиот назив на државата, утврден во Договорот со Грција. Со договорот се додава географска одредница „Северна“ пред вековното име Македонија. Доколку новото име беше

Централна Балканска Република, Лилипутанија или Недојдија, само тогаш овој договор ќе значеше откажување од нашето вековно име. Ова е премногу очигледно, но мора да се истакне.

Договорот предвидува дека новиот назив на државата, вклучително и вековното име Македонија, ќе бидат автентично преведени на сите јазици (Macedonia на англиски и шпански, Macédoine на француски, итн. ). Договорот не предвидува латинична транскрипција на зборот Македонија (што би довело до тоа на англиски да се пишува Makedonija и да се изговара Македониџа).

Историски, името на нашата држава било Демократска Федерална Македонија, па Народна Република Македонија, па Социјалистичка Република Македонија, па Република Македонија и сега се предлага Република Северна Македонија. Во сите овие називи, вековното име е тука, зачувано и преведено на сите јазици.

Дали додавањето на географската одредница „Северна“ пред нашето вековно име е прифатлив компромис со Грција е прашање за секој граѓанин поединечно. Но, да бидеме добро и прецизно информирани за што одлучуваме на референдумот.

3. Дали ќе се смени националноста „Македонец“?

Многу лончиња се измешани во ова прашање. Најпрво, тука се содржани две одделни и многу различни прашања:

● Дали се менува националноста детерминирана од државјанството?

● Дали се менува македонскиот културен идентитет?

3.1. Националност и државјанство

Ковачев наведува дека со член 1, став 3, алинеја б од Договорот со Грција, досегашниот назив за националноста „Македонец“ добива дополнителен описен дел „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“.

Членот 1, став 3, алинеја б од Договорот со Грција го регулира именувањето на националноста, а не на етничкиот идентитет (тоа е регулирано во членот 7 од договорот).

Националноста се однесува на тоа во која држава едно лице има државјанство. Државјанството, пак, е правна врска на едно лице со државата, од која произлегуваат права (право на глас) и одговорности (данок) за лицето.

Така, сите етнички Албанци државјани на Република Македонија имаат македонска националност. Исто така, сите етнички Македонци што се државјани на Канада имаат канадска националност.

Нормално е именувањето на националноста да произлегува од официјалниот назив на државата.

И покрај тоа, македонската страна обезбедила со договорот националноста да биде означена како „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“. Терминот ќе се користи секогаш заедно и сврзано - тоа е неспорно.

Сметам дека овој термин е резултат на помирување на основните „црвени линии“ на двете преговарачки страни - од една страна, промена на името на нашата држава и неопходноста називот на државјанството да го рефлектира новото име, и од друга страна, зачувување на македонскиот идентитет. Иако погоре наведов дека националноста нема врска со етничкиот идентитет, сметам дека македонската страна „дувала во јогурт” и сакала по секоја цена да се задржи придавката „Македонец“ дури и за националноста/државјанството, со цел да се одземат сите аргументи за загрозување на идентитетот.

Нејасно е како Ковачев заклучил дека со ова решение ќе било многу извесно дека „ во пракса на билатерално и мултилатерално ниво ќе се користел само називот „граѓанин на Република Северна Македонија“ (анг. citizen of RNM) или едноставно: „Северномакедонец“ (анг. Northmacedonian или North Macedonian) “. Ова не држи вода од повеќе причини:

● Договорот не го премолчува ова прашање и не остава простор за слободно толкување и креирање на пракси за именувањето на Македонците. Договорот е премногу јасен и експлицитен - националноста е означена како „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“, а придавката „македонски“ се применува за етничкиот идентитет на нашиот народ. Нема придавка „Северномакедонец“ или „северномакедонско/и/а“.

● Дадените примери се несоодветни. Има Ирска и Северна Ирска, Јужна Кореја и Северна Кореја, па оттаму се јавила праксата за терминолошко разграничување на луѓето што живеат во овие држави, со цел да нема забуни.

Но, не постои Јужна Македонија ниту пак во праксата некој ги именува Грците како Јужномакедонци. Зошто некој би не именувал нас како Северномакедонци - која забуна би требало да се отстрани со тоа?

● Точно е дека некој, тргнувајќи од називот на државата, би можел да погреши и да не нарече Северномакедонци. Но, ќе биде наша борба да реагираме на секоја таква грешка и да ја поправаме - Договорот со Грција ни дава прво на тоа. ДОКАЗ - во неколкуте случаи кога странски претставници нѐ именуваа како Северномакедонци и кога имаше реакција, истите се извинуваа и се поправаа, а Грција молчеше. Последен таков пример беше со американската војска.

3.2. Идентитет

Етничко-културниот идентитет е регулиран во член 7 од Договорот со Грција. Со овој член, експлицитно се регулира дека:

● именувањето на македонскиот народ останува „македонски“, и

● терминот „македонски“ ја означува нашата посебна култура, историја и наследство, согласно принципот на самоопределување.

Ист ваков член има и за Грција, со една важна разлика - за Грција термините „Македонија“ и „македонски“ имаат проширен опфат и ја означуваат и елинистичката цивилизација од антиката до денес.

Која е последицата од ваквите одредби? Со членот 7 од Договорот со Грција се признава постоењето на два паралелни македонски идентитети - нашиот и грчкиот.

Се исклучува ексклузивитет врз македонскиот идентитет, а се признава реалноста дека два народи се идентификуваат како македонски. И двата идентитети извираат од својата посебна култура, историја и наследство, со таа разлика што договорот утврдува дека елинистичката античка традиција припаѓа на Грците.

На овој начин, се помируваат суштинските „црвени линии“ на двете страни - признавање на нашиот идентитет и посебност како македонски и признавањето на елинизмот како културно наследство на Грците.

Ковачев наведува дека договорот предвидувал дека секој што ќе се нарече „Македонец“ на територијата на Грција (и во целиот свет со исклучок на територијата на Македонија), тој е припадник на грчката област, цивилизација, историја, култура и наследство од антиката до денес (член 7, став 2). Оттука, Ковачев заклучува дека секаде во светот терминот „Македонец“ ќе го означувал грчкиот македонски идентитет, а ние внатре во границите на нашата држава ќе си бидеме Македонци, ама за светот ќе бидеме Северномакедонци .

Да се разбереме, во името на некаква елементарна вистина и објективност, ова е апсолутно неточно!!! Фактите се следниве:

● Членот 7 го признава постоењето на нашиот посебен македонски идентитет и истиот може слободно да се „прелева“ преку границите на нашата држава. Не може еден идентитет да се признае дека постои, но херметички да се затвори само во една територија - тоа е бизарно и Договорот со Грција тоа ниту директно, ниту индиректно не го предвидува.

● Во членот 7 се предвидува дека терминот „Македонија“ ќе може да се употребува за територијата на нашата држава и за соодветната област во Грција. Тоа значи дека Шара е македонска планина кај нас, а Олимп е македонска планина во Грција. Со ова решение, ако кажеме „нашата македонска земја“, ќе биде јасно дека мислиме на територијата на нашата држава, а не на целата географска област на Македонија (отстранување на иредентизам).

● Уште еднаш да потенцираме - нема придавка „северномакедонци“. Такво нешто не е предвидено во договорот.

3.3. Mакедонско национално малцинство во Грција

Проф. Ковачев наведува дека со член 7, Македонците кои живеат на територијата на Грција целосно го губат својот идентитет. Сега, доколку тие се наречат „Македонци“ тоа ќе значи дека припаѓаат на грчкиот народ. Ова е исто така неточно.

Секој граѓанин на демократска држава може слободно да ја определи својата етничка припадност на попис, согласно принципот на самоопределување. Ако некој етнички Македонец во Грција се пише како „Македонец“ на попис, грчката држава ќе смета дека истиот е „грчки“ Македонец, согласно договорот. Веројатно, забуната на Ковачев настанува тука.

Сепак, професорот заборава дека Договорот со Грција признава постоење на уште еден македонски идентитет, нашиот. Ако таквиот идентитет постои и е признаен, тогаш и граѓаните во Грција можат да го изберат тој идентитет како свој. На пример, на попис во Грција, во графата „етничка припадност“, Павле Васкопулос може да запише „Македонец според значењето од Република Северна Македонија“ или „Македонец според значењето од чл.7 ст.3 од Договорот“. Впрочем, да се потсетиме дека Павле Васкопулос лично го поддржа Договорот со Грција.

Доколку Грција не им дозволува на своите граѓани слободно да ја изразат својата етничка припадност, тогаш тоа е проблем на Грција што е многу поголем од овој договор со нас. Предмет на Договорот со Грција не е решавање на малцинските прашања кај нашиот сосед, но со договорот нема откажуваме или одрекуваме од нашето малцинство во Грција.

4. Дали ќе се смени името на македонскиот јазик?

Согласно Договорот со Грција, нашиот јазик е македонски јазик. Тоа е утврдено и во член 1 и во член 7. Ковачев го поставува прашањето зошто договорот потенцира дека јазикот спаѓа во групата на јужнословенски јазици и не е поврзан со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство. Сметам дека одговорот е очигледен, а тоа повторно е помирување на „црвените линии“ на двете страни - од една страна, признавање на македонскиот идентитет и јазик, и од друга страна, заштита на античкото елинистичко наследство како грчко.

Главната меинстрим научна теорија кажува дека македонскиот јазик спаѓа во групата на јужнословенски јазици. На таа позиција е МАНУ, Филолошкиот Факултет во Скопје и тој научен факт е дел од нашето образование (ви текнува, словенските просветители Кирил и Методиј). Ако ова е научна позиција со која се согласуваме сите, зошто да не биде искористена како механизам за изнаоѓање на компромис со Грција.

Доколку утре, врз основа на нови археолошки ископини или пишани документи и со примена на признати научни методи се утврди дека македонскиот јазик не спаѓа во групата на јужнословенски јазици, таа нова научна вистина ќе биде обзнанета и прифатена. Договорот тоа не може да го спречи.

5. Дали ќе мора да се сменат МК и МКD кодовите?

Согласно Договорот со Грција, кодовите MK и MKD нема да се менуваат и Македонија ќе продолжи да го користи. Исто така, Договорот со Грција предвидува дека ознаките на регистарските таблички ќе се сменат од МК во НМК или НМ.

Доколку кодовите МК и MKD ги задржуваме во сите случаи, освен кај регистарските таблички, за каква „автодеструкција од невиден размер“ зборува Ковачев?

6. Дали државните органи и институции во јавна сопственост ќе мораат да ги менуваат своите називи?

Заклучоците на Ковачев по ова прашање се точни. Сметам дека еден практичен пример би дал подобро разбирање за последиците од имплементација на Договорот со Грција во однос на називите и именувањaтa.

Ако Милчо Манчевски повторно биде номиниран за оскар после евентуалното влегување во сила на Договорот со Грција, американските медиуми би требале да пренесат дека се работи за македонски филм од македонски режисер, поднесен во конкуренција од страна на Друштвото на филмски работници на Република Северна Македонија.

Притоа, интересно е како Ковачев заклучува дека промената на називите на институциите ќе предизвика огромни финансиски импликации врз државата. Дали ги разбираме финансиските импликации од интегрирање во ЕУ и НАТО?

7. Дали ќе мора да се менуваат имињата на топонимите кои содржат придавка „македонски“?

Ако можам да разберам, на ова прашање проф. Ковачев одговара со НЕ, но до стапувањето во сила на Договорот со Грција. Според професорот, по стапувањето во сила на договорот, сложените имиња на нашите градови ќе се менуваат??? Тоа не е точно.

Да ги расчистиме сите дилеми - Македонска Каменица и Македонски Брод ќе ги задржат своите имиња и по евентуалното стапување во сила на Договорот со Грција.

8. Дали ќе мора да се менуваат личните документи?

Заклучоците на Ковачев по ова прашање се точни.

9. Дали новото име ќе мора да се користи во комерцијалната употреба?

Одговорот на ова прашање на Ковачев се состои од негативни претпоставки, што не произлегуваат од текстот на самиот Договор со Грција. Според договорот, ќе се формира меѓународна група на експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, за решавање на ова прашање.

Ковачев наведува дека „ во новоформираната експертска група, било извесно дека Грција ќе инсистира, а експертите од ЕУ и ОН ќе прифатат дека „сега“ новото име е „Северна Македонија“ и истото мора да се користи во комерцијалната употреба.

Поради нашата слаба преговарачка позиција и економска зависност „препораката“ најверојатно ќе била прифатена.“ Реалноста е дека во работната група нема да има експерти од ЕУ и ОН, туку само претставници на двете држави. Таа работна група ќе одлучува со консензус. Не може претставниците на Македонија во работната група да бидат едноставно надгласани.

Ковачев понатаму наведува дека „ ќе било одлучено да се користи ознаката за земја на потекло “Made in RNM”, трговската марка “Northmacedonian product“, „Северномакедонско поднебје“, додека Грција ќе добиела ексклузивно право на користење на ознаката за земја на потекло “Made in Macedonia, Greece, EU”, трговската марка “Macedonian product” итн. “ Реалноста е дека Договорот со Грција јасно утврдува дека кодот на државата останува MK и МКD - нема RNM. Понатаму, како што e погоре анализирано, договорот јасно и прецизно исклучува користење на придавка „северномакедонско/ски“. Ова секако важи и за комерцијалната употреба.

Според духот на договорот, најправилно означување би можело да биде „Macedonian product from Republic of North Macedonia“.

10. Дали ќе мора да се смени нашата официјална историска доктрина?

Во одговорот на ова прашање, Ковачев го наведува член 7 став 2 од Договорот со Грција, мислејќи веројатно на тоа дека овој член регулира дека античката елинска историја, култура и наследство припаѓаат на Грција.

Не ми е јасно како ова би влијаело на нашата историска доктрина за континуитетот на македонската држава и народ. Ако се погледне преамбулата на уставот на Македонија, нашата држава влече историски континуитет од Крушевското востание и АСНОМ. Не се античка Македонија и Источното Римско Царство предалеку???

Не сум историчар и немам подлабока експертиза за овие прашања, освен општо образование по историја. Сепак, ќе си дозволам само еден коментар - ниту денешните Италијани не можат да си дозволат да помислат за континуитет од античкото Римско Царство, иако секој ден го гледаат Колосеумот во Рим. Овие мои коментари не претставуваат дел од правната анализа на договорот, туку се лаички коментари за историски прашања.

Договорот предвидува формирање на заеднички интердисциплинарен комитет. Комитетот ќе биде составен од еднаков број на македонски и грчки претставници и истите ќе одлучуваат консензуално. Идејата на комитетот не е да ја менува историјата, туку да ги исчисти нашите историски четива (и македонските и грчките) од говор на омраза и нетрпение едни за други - од меѓусебната негативна историска перцепција која креира само нетрпение кај идните генерации. Тоа го направија и германците и французите после Втората светска војна.

11. Дали ќе мораме да ги рушиме спомениците од античката македонска историја?

Ковачев повторно и кај ова прашање непотребно аргументира дека договорот не смее да регулира научни хипотези и факти и дека „никаков договор не смее да има монопол врз научната мисла! “, бидејќи науката е подложна на предизвик и менување.

Ова е апсолутно точно. Но, Договорот со Грција не регулира научна вистина, туку само декларира популарни меинстрим научни хипотези. Уште еднаш да повториме, доколку утре, врз основа на нови археолошки ископини или пишани документи и со примена на признати научни методи се утврдат нови факти за историјата на овој регион, таа нова научна вистина ќе биде обзнанета и прифатена. Договорот тоа ниту може да го спречи, ниту прави обид да го спречи.

12. Дали ќе смееме да го употребуваме симболот на Сонцето од Кутлеш?

Договорот предвидува дека во рок од 6 месеци од неговото стапување во сила, сонцето од Кутлеш ќе се отстрани од сите јавни места и од јавна употреба во Македонија. Договорот не предвидува „обесхрабрување“ за приватна употреба на сонцето од Кутлеш. Значи, секој што сака да си го користи овој симбол во својот стан, куќа, двор, ќе може да го прави или да продолжи да го прави тоа слободно.

13. Дали ќе смееме да ги употребуваме македонските топоними за местата во Егејскиот дел на Македонија?

Точно е тоа дека двете страни се обврзуваат дека согласно препораките од ОН за стандардизација на географските имиња ќе даваат приоритет на ендонимите (домашните) во однос на егзонимите (странските) топоними (член 8, став 5). Но, заклучокот дека заради оваа одредба кај нас Солун ќе станел Тесалоники е неточен. Едноставната вистина е дека ендонимот Тесалоники ќе има приоритетно прикажување, а егзонимот Солун споредно. Со други зборови, на сообраќајна табла ќе стои Тесалоники со поголеми букви и подолу Солун со помали букви.

Давање приоритет на ендонимите не значи исклучување на егзонимите.

14. Дали ќе бидеме примени во НАТО?

Последица од спроведувањето на договорот е отстранување на ветото на Грција за наш прием во НАТО. Ако ја погледнеме поблиската историја на Македонија, јасно произлегува дека единствено Грција ставаше вето на приемот на нашата држава во НАТО. Зошто сега некоја друга држава би го направила тоа? Со која причина? Дали досега некоја друга држава изразила негодување за приемот на Македонија во НАТО? Колку ова сценарио на Ковачев, дека друга држава може да го блокира нашиот влез во НАТО, има реална основа?

15. Дали ако бидеме примени во НАТО ќе бидеме побезбедна и постабилна држава?

Заклучоците на професорот по ова прашање се точни. Сепак, во името на некаква очигледна и објективна вистина, фер е да кажеме дека нашата држава ќе биде побезбедна и постабилна во НАТО, отколку надвор од НАТО.

Воедно, претпоставувам дека Ковачев разбира дека членството во НАТО би придонело за внатрешната стабилност и кохезија на Македонија, како мултиетничко општество.

16. Дали ќе бидеме примени во Европската Унија?

Со договорот со Грција не може да се утврди влез на Македонија во ЕУ - за тоа не одлучуваат Македонија и Грција, туку државите и институциите на ЕУ. Со договорот се отстранува една пречка за нашата евро-интеграција - ветото од Грција.

Значи, има два кумулативни услови за прием на Македонија во ЕУ:

● Грција да го дигне своето вето и

● Македонија успешно да ги затвори сите поглавја во преговорите преку усогласување на својот регулаторен и институционален поредок со оној во ЕУ.

За вториот услов ќе треба да поработиме. Но за првиот услов е неопходно разрешување на спорот за името со Грција преку договор како овој.

17. Дали ова е добар договор?

Ова е прашањето што секој граѓанин ќе треба да си го одговори на 30 септември. Сметам дека одговорот на професорот Ковачев по однос на ова прашање содржи сериозни маани. Најпрвин, споредбата на овој договор со Приврементата спогодба е како споредба на јаболка и портокали. Привремената спогодба е токму тоа - привремена. Токму од Привремената спогодба произлегува обврската за Македонија да преговара и да склучи договор со Грција.

Ковачев во неговата анализа наведува дека со Привремената спогодба „сме добиле прекар (референцата ФИРОМ), со кој сите не викале на шега, но ние сме имале сопствено име и презиме кое сме го користите секаде, секогаш и во секаква ситуација “. Реалноста е дека нашата држава во сите меѓународни институции и на сите меѓународни настани, било од политички, спортски или забавен карактер, беше именувана како ФИРОМ. Привремената референца е доминантното меѓународното име на нашата држава.

Како краен аргумент, Ковачев наведува дека „немаме излезна стратегија доколку ние го испочитуваме договорот и го смениме името преку промена на Уставот, а Грција одлучи да не го испочитува и не го ратификува истиот “. Тоа е ризик со кој може лесно да се управува. На пример, уставните промени може да се изгласаат со условно стапување во сила, односно да стапат во сила во оној момент кога Грција ќе го ратификува договорот во парламентот.

Доколку сметате дека промената на уставното име со додавање на географска одредница и за севкупна употреба не е прифатлив компромис заради влез во ЕУ и НАТО, тогаш овој договор не е добар. Доколку сметате дека новото име Република Северна Македонија за севкупна употреба е прифатлив компромис, само доколку не се загрозени нашиот идентитет и јазик, тогаш договорот е добар.

Сметам дека тоа е фер оценка, што произлегува од одредбите на договорот.

Иван Мишев

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе