Еден универзитетски професор во пензија, познавач на десетина јазици, сега во пензија што си ја ужива на својата фарма во Хантер Вали, кој беше чест гостин на Семинарот за македонски јазик, иако не сака да се експонира јавно, многу е загрижен поради ова што се случува со и околу Македонија.
Телефонираше во редакцијата на „Австралиско-македонски неделник“ (Аustralian Macedonian Weekly) и рече: „Со гаранција Бугарите ќе се согласат доколку им понудите компромис дека Самоил бил Бугарин додека сите три илјади ослепени војници кај Водоча близу до Струмица биле Македонци”.
Го прашав зошто мисли така. Рече: „Затоа што се свесни дека народот македонски нема да прогледа во наредните илјада години. Без куршум ќе го утепаат и него и бројното македонско малцинство во својата земја, на кое со пресија и негација му се одземени сите права”.
Професорот во пензија ја посетил клисурата до Водоча, во подножјето на Беласица и бил фасциниран од звуците што ги емитувала природата. И тој знае дека народот од векутума областа ја нарекувал Вадиочи.
Зошто да не му веруваме на лидерот кој е на чело на колоната запатена кон ЕУ, Зоран Заев, кога се колни дека и тој е Македонец и го зборува македонскиот јазик? Тој не е глупав, уште помалку ретардиран, како што го пцујат некои. Многу добро ја знае народната „човекот се држи за зборот, волот за роговите”. Најблизу до вистината е Ахмети, кој речиси сожаливо изјави дека Заев ја ризикува својата политичка кариера.
Доколку постои начин да се ограничат условите што ги поставува моќниот Каракачанов, тогаш Заев ќе стои на зборот. Во спротивно и таа „света” изјава ќе заврши како неговото колнење во целата своја фамилија, дури и во децата, дека “„името на Македонија нема да го менува”.
Божин Павловски