Колумна

Црна Гора - марихуана, тродон, пуч и знаме во Брисел

За една недела е годишнина на наводното спречување на крвопролевањето во Црна Гора и на уште една победа на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на парламентарните избори одржани лани на 16 октомври.

Тој ден граѓаните на Црна Гора избираа кој ќе решава за нивните судбини во наредните четири години. Неколку часа по отворањето на избирачките места, граѓаните беа информирани дека ноќта пред гласањето бил спречен државен удар.

Приведени се 20 српски државјани, со кои наводно командувал пензионираниот генерал на српската жандармерија Братислав Дикиќ.

Домашните и странските новинари, фоторепортери и камермани веднаш се стрчаа позади зградата на Специјалното државно обвинителство за да ги чекаат терористите.

Сѐ и сешто очекувавме кога полицајците почнаа да ги носат приведените лица, најголемиот број без лисици на рацете, главно постари лица, неколкумина помлади мажи и две жени. Терористи. Без лисици!? Најголемиот дел од нив се во поодминати години.

Адвокатите веќе истиот ден дадоа изјави дека приведени се невини луѓе, опозициските партии изјавуваа дека лидерот на ДПС Мило Ѓукановиќ се обидува да ги добие изборите, a за државниот удар дознал од медиумите.

Тој ден „терористите“ беа сослушани до доцна во ноќта, во Црна Гора беше забранета комуникацијата преку вибер, а победи ДПС.

Полицијата и обвинителството ја спасија Црна Гора од српските терористи - тоа беше сѐ што тогаш црногорскиот граѓанин можеше да заклучи. Никој никогаш не може да потврди дали е точно дека тоа влијаело на изборното расположение, иако лидерите на опозицијата тоа се обидуваа да го поврзат.

Истражителите соопштија дека еден од организаторите на обидот насилно да се преземе власта во Црна Гора успеал да избега - Aлександар Саша - Синѓелиќ. Платеник од фронтот во регионот Донбас, Украина.

Го повикав два дена подоцна, за да можат читателите на „Вијести“ да ја дознаат и другата страна. Тврдеше дека не бил во Црна Гора, дека не знае ништо за некаков обид за државен удар, најави дека ќе ги тужи државата и медиумите и рече - „Ѓукановиќ си пали марихуана и лупа глупости“.

Десетина дена подоцна Синѓелиж го смени дресот и заигра за тимот на обвинителството. Сега како сведок, соработник, под заштита на Црна Гора избегнува казна од 20 години затвор заради убиство во Хрватска.

Во неговата нова изјава ја нема марихуаната на Ѓукановиќ, туку само Руси кои го ангажирале да ја падне власта во Црна Гора, а кога тој план пропаднал и да го убие лидерот на ДПС.

Неинформираниот Ѓукановиќ неколку дена по приведувањето на српските терористи го таргетираше опозицискиот Демократски фронт, како „третата карика“ во организацијата на пучот. Сериозноста на подготовките за крвопролевање ја засили и тогашниот премиер на Србија Александар Вучиќ кој тврдеше дека „со своите очи видов што се подготвува во Црна Гора“. Во почетокот на ноември главниот специјален обвинител Миливое Катниќ рекол дека планот бил да се запре Црна Гора на евроатлантскиот пат, особено да се спречи нејзиниот влез во НАТО.

Обвинителот веднаш се најде на удар на лидерот на ДФ, а една година пред тоа го креваа до небо. Речиси секојдневно се организираа конференции за медиуми. Тврдеа дека пред 25 години обвинителот ја силувал Хрватицата Јулка, ѝ украл пари, дека работел по наллог на браќата Ѓукановиќ, дека сакал да киднапира сведок... Им одговори со обвинение.

Една година подоцна, на обвинителна клупа се двајцата лидери на ДФ - Милан Кнежевиќ и Андрија Мандиќ, на потерница се и двајца агенти на руската тајна служба Едвард Шишмаков и Владимир Попов, државата е во потрага по наводниот соработник на Ананије Никиќ од Подгорица, a Србија, наспроти „братските“ односи со Црна Гора, одбива да ни го предаде Предраг Богиќевиќ и Немања Ристиќ. Наводните организатори на обидот за тероризам.

Судењето на „терористите“, чиј број наеднаш се преполови од бројот на уапсените меѓу 15 и 16 октомври, во живо се пренесуваат на црногорската телевизија. Одамна граѓаните на Црна Гора не беа воможност да гледаат подобро шоу.

Мнозинството од обвинетите тврдат дека ништо не знаат за подготовките на државен удар. Петиот ден од судењето еден од обвинетите во судницата рече дека нема поим зошто е тука.

Солзите на обвинетите, караниците на дел од бранителите и судијките станаа секојдневие во судницата. Облечена во црната тога, судијката Сузана Мугоша ги казнува адвокатите, ги одбива речиси сите нивни предлози, не дозволува да се одговара голем дел од прашањата, им го зема зборот на бранителите... Тоа е тоа што може да види просечниот гледач, неверзиран во кривични постапки.

За време на паузите адвокатите виделе сѐ и сешто - сведокот Милош Јовановиќ, човекот кој наводно требал да ги запали просториите на на ДФ, им побарал тродон. Рекол дека биллечен во Смедерево, дека е зависник...

Судијката го одбила предлогот на бранителите вештаци психијатри да ја проверат способноста на овој сведок. Јовановиќ призна дека е платеник во апстиненција, а во Црна Гора два пати гопратил Синѓелиќ, првиот пат да ги запали просториите на опозициската коалиција, a вториот пат да ѝ признае на полицијата што направил.

Иако тогаш полицијата водела потрага по него, на граничниот премин никој не го уапсил. Граноцата ја поминал како и сите негови сопатници од автобусот, a во Подгорица, како што изјави, го чекал агент на Агенцијата за национална безбедност, некој си  Драган Марковиќ и го однел во канцелариите на тајната служба. Никој сѐ уште не побарал Марковиќ да каже со кого го договорил предавањето на Јовановиќ - со обвинителството, со ДФ или со ДПС.

А некој морал да го напише и сценариото за сето ова - планот бил подготвуван во некоја кујна. Политичарите се обвинуваат меѓу себе, граѓаните молчат, како што молчат и за дводецениската кражба на државата и чекаат крај на судењето кое не се ни наѕира. Така е секогаш во општествата каде што се живее на рати.

Кога Мугоша, или некоја друга судијка, ќе ја прочита пресудата, каква и да е таа, мнозинството ќе одлучи да биде на страната на победникот. Малцинството во главите ќе ги подредува коцките и ќе ги бара доказите кои на тричлениот судски совет можеби им промакнале. Ќе заборавиме на нив до наредните избори и новите непријатели од Србија и Русија, oд кои сега може да нѐ чува НАТО, затоа што групата терористи од еден кројач, рибар, керамичар, таксист, бравар, музичар, градежен работник, возач, сервисер на технички апарати, сценографка и доктор на криминлистички науки, не успеале во намерата црногорското знаме никогаш да не се крене во седиштето на НАТО во Брисел. Во тој воено-политички совет влеговме!

Јелена Јовановиќ, новинарка на црногорскиот весник „Вијести“

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Дипломатијата е уметност невозможното да го направите возможно (Ш.-М. Талеиран).

повеќе

Односите меѓу Грција и Македонија се на клучна точка, вели Катимерини и со ѕвездички дообјаснува дека употребата на терминот „Македонија“ е на авторот и дека не го одразува ставот на весникот. Сепак се чини ова е првпат грчкиот весник да нè напише со уставното име.

повеќе

И ако граѓаните или Владата очекуваа дека Јункер на Заев ќе му даде покана со датум за влез на Македонија во ЕУ, тогаш живееме во илузии.

повеќе