Ципрас од корен ја стресе грчката политичка конзервативност

Oд човекот кој успеа со сосема нова партија да го наруши целовековниот монопол на ПАСОК и Неа демократиа на грчката политичката сцена, може да се очекува буквално сѐ.

На 25 јануари Парламентот во Атина со 153 гласа за го ратификуваше Преспанскиот договор со кој се гарантира дека Грција повеќе нема да ги блокира евроатлантските интеграции на Република Македонија во замена за промена на нејзиното име и неколку члена од Уставот.

Ова е историски чекор напред на целиот регион со кој ќе почне да се затвора последното поглавје од евроатлантските интеграции на најпроблематичниот дел од Европа, Западниот Балкан.

Сепак оваа и за европско рамки ударна вест (по која Ципрас и Заев експресно беа номинирани за Нобелова награда и од европарламентарци) падна во втор план зад говорот кој го одржа Алексис Ципрас пред пратениците ден порано.

За површните познавачи навидум обично мотивациско обраќање на лидер на партија (кое се прави пред секое поважно гласање во парламентот), но за вистинските познавачи на состојбите во Атина, гром од ведро небо кој од темел ја стресе двовековната грчка политичка конзервативност. Говор кој е доволно добар и значаен да претставува почеток на едно ново време или барем да ги соголи грчките политички заблуди стари и непроменети цели 189 години.

Што е тоа што никој не смеел да го спомене во Грција уште од 1830 година, а Ципрас го истресе среде парламентот на Синтагма?

Малкумина знаат дека современата грчка држава е родена во Истанбул на почетокот на 19 век, поконкретно во квартот Фенер каде што со векови живеела и работела грчката интелектуална елита која за Османлиите ги вршела најпроблематичните дипломатски задачи со помош на познатата грчка „снаодливост” и „приспособливост”.

Како што глувците први бегаат од бродот кој тоне така и Фанариотите (Грците од квартот Фенер), кога забележале дека големата империја е сѐ поинертна и послаба одлучиле да се обидат да си направат сопствена држава.

Случајот е многу сличен со создавањето на Еврејската држава Израел во 1948 на територија која не била владеена од Евреите цели две илјади години. Пракса поради која Израел и ден денеска е постојано во проблеми.

Слично на еврејската, и грчката елита сака да направи своја држава на полуостровите Атика и Пелопонез кои во тој момент веќе 400 години се владеени од Турци, претходно 1.500 години од Римјаните и Византијците и уште стотина години од Македонците.

Значи континуитетот на грчката државност што требало да се обнови на Пелопонез и Атика во 1820 година бил згаснат уште во 338 година пред нашата ера со битката кај Херонеја. Тоа е дисконтинуитет од неверојатни 2.168 години кои морале некако историски да се покријат и оправдаат.

Па така на Фенер над Босфорот е смислена „генијалната” идеја дека современата грчка држава мора да биде идеолошки и уште пострашно генетски наследник, не само на античките хеленски полиси, туку и на целокупниот илјадагодишен континуитет на Византиската империја.

Факт кој од денешна гледна точка би изгледал исклучително смешен само ако не е екстремно трагичен од гледна точка на вистината. 

Но, ете на почетокот на 19 век поминувале и полоши работи, па и грчката држава која е формирана со помош на големите сили некако успеала да ја протурка оваа идеја која во постренесансна Европа изгледала и симпатично.

Но грчката бајка за монополизирање на целокупната историја не завршила тука. Со континуирано слабеење на Отоманската империја се создале услови за уште поголеми амбиции на грчките постфанариотски идеолози и историчари.

Така е родена „Мегали идејата” на премиерот Јанис Колетис од 1843 година, која претставува најиредентистички документ во историјата на современата европска цивилизација со кој се предвидува малата грчка држава врз база на мршата на Турција да се прошири на пет мориња и два континенти (цел Епир, Тесалија, географска Македонија, Тракија, црноморскиот брег на Бугарија, Босфор, Дарданели и Мраморно Море и целиот егејски брег на денешна Турција). Главниот град на оваа замислена творевина би требало да биде Истанбул како наследник на ромејската престолнина Бизант.

И тоа не е до толку проблематично ако во истата платформа, а особено во нејзините подоцнежни толкувања и придружни документи не се предвидува „освестување” на целото население на тие гигантски простори за нивното античко хеленско и средновековно византско потекло или поточно кажано да се спроведе погрчување на целиот Балкан и Мала Азија.

Во грчките архиви постојат и документи или поточно цели стратегии како преку Црквата и школството, а во краен случај и со помош на армијата треба да се спроведат овие идеи.

Па така кога легендарниот грчки премиер Елефтерос Венизелос за време на Балканските војни 1912-1913 успеа да го канализира трудот и жетвите на Бугарија и Србија за да присвои 58 проценти од територијата на географска Македонија, овој план почна да се спроведува активно и вез населението на овие простори.

Тој процес трае активно до 1948 година кога за време на Граѓанската војна од територијата на Грција се протерани неколку стотици илјади Македонци кои се бореле на страна на комунистите.

Е затоа Ципрас во парламентот директно ги прозва комунистите. И ги потсети дека „славомакедонците” се бореле и гинеле за нив.

Не сакам да ја критикувам КПГ врз основа на нејзината историја. Но ќе го споменам славомакедонскиот буквар, кој членовите на КПГ го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на ДАГ. Не сакам да ги споменам ниту 70.000 бегалци од Граѓанската војна, на кои грчката држава им ја ускрати репатријацијата во 1983 година. Ниту славомакедонката Мирка Гинова - комунист, која беше првата жена стрелана во Граѓанската војна во Грција. Со тие грижи што ги носите на совест ве оставам сами да се соочите“, изјави Ципрас.

Во овие само неколку реченици новиот грчки Абрахам Линколн потврди буквално сѐ што пишуваме.

1. Дека Славомакедонците од северот на Грција и Македонците од Република Македонија се еден ист народ, а не измислена комунистичка нација (како што досега се тврдеше).

2. Дека Македонците на територијата на Грција биле реалност.

3. Дека минимум 70.000 од нив се протерани и им одземено правото на сопствениот имот.

4. Дека во минатото во Грција постоеле и буквари на македонски јазик.

5. И дека Грците кои гласаат против договорот треба да се соочат со совеста на мрачното минато.

Ако Македонците од целиот свет цели 70 години го паметат и слават Ѓорги Димитров кој официјално го призна нивното постоење во Бугарија, ова што го направи Алексис Ципрас нема да се заборави во наредните 700 години.

Дали месијата по којзнае кој пат ќе биде изигран од елитите?

Но Ципрас го чека тежок предизвик. Во неделата на 20 октомври или неполни 8 месеци од сега го чека соочување со народот на редовни парламентарни избори.

Сепак Ципрас не би имал толкав проблем со народот (кого буквално за четири години го спаси од должничкото ропство спрема ЕУ), колку што ќе има проблем со грчките политички елити и династии.

Да да, кога велам „династии” мислам на вистински генерациски и аристократски династии во споредба со кои семејствата Кенеди и Буш во САД изгледаат како мали деца.

Па така клучен противник на Ципрас во моментов е лидерот на опозицијата Киријакос Мицотакис кој е четврта генерација од неговото семејство кое е на врвна политичка функција.

И тоа не би било толкав проблем ако самиот Ципрас припаѓаше на некој таков друг грчки клан.

Како на пример Папандреу семејство кое во три генерации успеа да даде дури тројца премиери и тројца министри за надворешни работи.

Или Венизелос кое пак пет генерации дава врвни грчки политичари.

Но, за жал или за среќа не. Ципрас е од мешано потекло од епирски и малоазиски доселеници, затоа веројатно и убаво ја знае сета оваа страшна историја за која зборувавме претходно. Но, и затоа нема поддршка од старите атински елити.

Дополнителен хендикеп за него е и припадноста на силната левица која во Грција после Граѓанската војна во 1948 година буквално е анатемисана и прогласена за секта надвор од општеството.

Ниту рејтинзите не се на негова страна. Па, според објективните испитувачи на јавното мислење, Ципрас и да успее да формира влада, таа ќе биде толку шаренолика и толку зависна од разни структури што тотално ќе му го намали маневарскиот простор и можноста да прави големи одлуки како договорот од Преспа.

Тоа за соседна Македонија или по ново Република Северна Македонија (без поддршка од Ципрас) може да значи сигурни нови блокади на патот кон Европската Унија, а можеби и директен обид за ревизија на Преспанскиот договор за промена на македонското име.

Ципрас секогаш знаел да изненади

Но, од Ципрас сѐ уште не треба да се откажува. Американците велат „never un estimate the underdog“. Па така, од човекот кој успеа со сосема нова партија на политичката сцена да го наруши целовековниот монопол на ПАСОК и Неа демократиа на грчката политичката сцена и од човекот кој од непријател број 1 на Брисел стана најдобар партнер и фактор на стабилност за целиот регион, може да се очекува буквално сѐ.

Дури и да ја добие и Нобеловата награда за мир.

Дејан Азески

 (Текстот е преземен од Институтот за балкански и блискоисточни студии ИФИМЕС од Љубљана)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Со потпишувањето на Преспанскиот договор се чинеше дека се отстрани единствената пречка за македонската интеграција во ЕУ и НАТО.

повеќе

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе