Колумна

Членството во НАТО: на линијата на фронтот?

Ако една од најдолгорочните мантри на НАТО гласи дека тоа претставува безбедносна заедница, состојбата на теренот го доведува во прашање овој наратив. Сојузниците може да имаат заеднички цели, но тие никогаш не ги напуштија своите национални интереси и аспирации дури и по цена на солидарноста во НАТО.

На 27 март 2020 година, (Северна) Македонија и официјално беше примена во НАТО. Овој настан требаше да значи остварување на еден сон за генерации македонски граѓани и за политичките елити без оглед на етничките поделби. Меѓутоа, самиот чин едвај и да беше дочекан со некаква еуфорија. Отпрво се чинеше дека станува збор за ефекти предизвикани од почетниот шок и страв од пандемијата со ковид-19 (како и секаде во светот), но и месеци подоцна граѓаните не почувствуваа некаква промена во своите животи или пак гордост за членството на нивната земја во најмоќната воена алијанса во светската историја.    

На НАТО и натаму се гледа низ розови очила без поголем осврт кон реалните состојби. Тоа го демонстрира постоењето субмисивна, па дури и наивна позиција во умовите и во однесувањето на политичките елити, коишто не се променети со формалното зачленување во Алијансата.
Македонското општество беше предолго лулкано во сонот за НАТО како земја од бајките. Не само општеството, туку и државното водство предолго води аутистична надворешна политика. Во меѓувреме, светот се смени драматично: „американскиот униполарен момент“ е дефинитивно минато, додека незавршениот мултиполарен систем е во подем. Освен тоа, Македонија и натаму е соочена со предизвици за кои НАТО не е лекот.   

 

Македонија и НАТО: една љубовна приказна

 

Доминантниот наратив гласи „во Македонија отсекогаш постоел консензус околу НАТО“. Членството во алијансата зазема така истакната позиција во говорите на политичарите што неретко дури и тврдат дека и револуционерите и националните борци од 19 и 20 век биле посветени на вредностите симболизирани од  НАТО. Дури и на официјалната интернет страница на Владата го пишува следното: „Членството е нашето најголемо остварување. Го исполнивме сонот на основачите на македонската независна држава. Станавме дел на најмоќната воена и политичка алијанса која светот некогаш ја видел, како една меѓу еднаквите“ (Vlada 2020).

Секоја сериозна анализа покажува дека во македонската јавност воопшто и немало дебата околу опциите на надворешната и безбедносната  политика. Имено, набргу по стекнувањето независност во 1991 година, и претворањето во de facto демилитаризирана држава (поради повлекувањето на ЈНА заедно со сето вооружување и воена опрема во почетокот на 1992 година), македонската влада го прифати ТИНА принципот и ја изрази желбата за зачленување во НАТО и ЕУ, исто како и другите земји од поранешниот социјалистички блок. Немаше време, а ни демократска политичка култура за некаква делиберација, а констелациите беа пресложени за отворање подлабоки разгледувања на можните опции. Со тек на времето, се создаде наратив дека НАТО (и ЕУ) се единствените нешта околу кои поделеното општество може да постигне консензус и да се обедини.

 

Меѓутоа, низ годините се јавуваа осцилации во поддршката на јавното мислење, зависно од констелациите во регионот и во земјата. На пример, вкупната поддршка за членството во НАТО паѓаше за време на интервенцијата од 1999 година, за време на конфликтот од 2001 година, референдумот за општинските граници од 2004 година, по Букурешкиот самит во 2008 година. Во сите овие прилики, постоеше јасна линија на несогласување помеѓу Македонците и Албанците. За првите НАТО беше пристрасен актер и дека е на страна на Албанците во регионот, додека вторите заземаа сосема спротивна позиција. На пример, едно истражување спроведено по самитот од 2008 година покажа дека 82,5% Македонци се спротивставуваат на промената на името заради членство во НАТО – и покрај фактот што речиси ист процент од тоталната популација (85,2 %) го поддржуваше про-НАТО курсот (CRPM, 2008). Извештајот утврди дека две третини од испитаниците кои би го смениле името заради членство во алијансата биле етнички Албанци. Дури и по фијаското во Букурешт, довербата во НАТО меѓу Македонците опадна за 30 отсто, додека ставот на Албанците остана единствен со 96 отсто од испитаниците со зголемена доверба во алијансата. Две години подоцна, истражување спроведено на територијата на целата земја покажа слични резултати: поддршка за НАТО од 80,02% од вкупната популација, но дури 65% од Македонците беа против промената на името како цена за евентуалното членство. Во 2016 година, мнозинството македонски граѓани сметаа дека спорот околу името е од големо значење и дека треба да се адресира што поскоро (54%), но со голема маргина (65%) не се прифаќаше промена на уставното име во замена за членство во ЕУ и НАТО (IPRS 2016). Ваквиот став и меѓуетничката поларизација остана непроменета со години. Всушност, дури и две години пред формалното членство, македонското јавно мислење остана поделено по етничка линија: мнозинството Македонци даваа примат на зачувување на уставното име (и оттука, го бојкотираа референдумот за Преспанскиот договор на 30 септември 2018 година) пред НАТО, додека ставот на Албанците беше сосема спротивен.  

Македонскиот пат кон НАТО ги посведочи сите клучни промени во меѓународниот поредок, како и потрагата на НАТО по нов идентитет. Во период од 27 години, сите македонски влади веруваа дека секој напор и жртва се вредни и дека членството ќе дојде набрзо. Така, на пример, Македонија ги прифати барањата на НАТО да послужи како копнена база за неговите трупи во текот на воздушната кампања над соседна Југославија во 1999 година (за случај на потреба од копнена инвазија), дури и ако тоа значеше ослободување на касарните за потребите на НАТО. Откако огромниот наплив на бегалци ја притисна дополнително осиромашената земја, министерот за надворешни работи апелираше и бараше брзо членство, верувајќи дека геополитичкото значење на Македонија ќе направи алијансата да ја отвори вратата. До тоа, се разбира, не дојде. Македонската влада веруваше во партнерството со НАТО дури и кога земјата беше вовлечена во внатрешен воен конфликт со албанските паравоени формации (од кои некои влегуваа од Косово, од територијата под управа на НАТО/КФОР). Македонија беше меѓу првите земји кои го потпишаа и билатералниот договор со САД за изземање на американските граѓани и персонал од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд, дури и кога тоа беше во спротивно со директивите на ЕУ за државите членки и аспирантите за членство. Именувани од водечките експерти како билатерални договори за имунитет (bilateral immunity agreements, BIAs), овие договори предвидуваа дека сегашните или бившите официјални лица, воен или друг персонал (без оглед на тоа дали се државјани на засегнатите држави или не, т.е. дали се контрактори кои работат за САД) и американските државјани нема да бидат предадени на МКС (Human Rights Watch 2003). Amnesty International (2003) апелираше до Албанија и Македонија да не потклекнат пред притисоците на САД и да ги одбијат договорите, а Македонскиот хелсиншки комитет покрена постапка пред Уставниот суд. Покрај тоа, Македонија беше меѓу првите држави коишто дадоа поддршка и ги следеа САД во воените интервенции во Авганистан и Ирак – во вториот случај (мисијата траеше до 2009 година) против генералната политика на ЕУ (особено, Франција и другите „стари демократии“). На 27 март 2003 година, The Washington Post напиша: „Соединетите држави вчера го поздравија кралството Тонга како 49-та членка на ‘коалицијата на согласните’ за војната во Ирак, а клуб кој вклучува голем број од помалите држави од 191 држави членки на ОН. Иницијативата е обвиена со мистерија, бидејќи постојат и други земји коишто се согласиле да помогнат, но одбиле јавно да се идентификуваат, најчесто поради домашната или регионалната опозиција на војната“.

Повеќе години, сè до завршувањето на мисијата во 2014 година, Македонија беше во врвот на листата на контрибутори во Авганистан, според бројот на контингентот наспроти големината на земјата, и далеку пред полноправните членки на НАТО (вклучувајќи ја и Грција). Според некои автори, „споредено со НАТО членките, придонесот на Македонија беше значително поголем од оние со далеку поголема популација и повисоки економски можности“. (Georgieva, Naumovski, Cvetkovska 2018). Во 2011 година, македонската влада сè уште веруваше дека ќе го заслужи полноправното членство благодарени на воената поддршка на мисијата ИСАФ во Авганистан (Vlada 8 December 2011). Исходот од самитот во Букурешт се чинеше како огромен шок и за политичките елити и за пошироката јавност. Македонија беше изоставена поради ветото на Грција. Оттогаш, ентузијазмот за НАТО одеше во надолна линија бидејќи стана јасно дека членството ќе може да се добие само ако се плати агонизирачки висока цена. Од тој момент и воениот буџет почна да опаѓа. Во еден момент, министерот за финансии изјави: да знаевме дека нема да станеме членка на НАТО скоро, немаше да дозволам пренасочување на буџетските средства за одбраната.     

 

Минувањето низ дури 18 циклуси на пристапни преговори за НАТО (Акционен план за членство, АПЧ) пред конечно да се оствари целта, ја направи Македонија земја со најдолг стаж на чекање пред вратата на алијансата. Во јули 2018 година, Македонија доби официјална покана за започнување на пристапни преговори, односно веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор и промената на името. Меѓутоа, имплементацијата на Договорот зависеше сè уште од референдумот, промената на Уставот и одобрувањето од грчкиот парламент). И покрај постоењето на еуфорија кај поддржувачите на овој договор кој наводно го решил спорот, мнозина се прашуваа како беше можно токму во тој момент да се дојде до спогодба. Што се смени за да се случи „чудото“ (како што велеше министерот Никола Димитров)? Времето беше зрело за Македонија да ѝ се придружи на Алијансата благодарение на геополитичката ургентност во балканскиот мултиполарен микрокосмос, според процената на Западот. Со други зборови, сета кооперативност од претходните години и постигнатите воени реформи немаа таква тежина и значење како геополитичките констелации кои обезбедија затворање на недовршениот НАТО мозаик на Балканот (тука треба да се има во вид близината на Србија и очекувањето на „финалниот договор“ меѓу Белград и Приштина). Политиката на уцена едвај и да беше прикриена. Како што е добро познато, само 36 отсто од гласачите излегоа на референдумот, што беше далеку пред уставниот праг од 50 отсто (плус 1) за успешен референдум. Самата државна изборна комисија официјално го прогласи референдумот за неуспешен. Но, само неколку дена по завршувањето на референдумот, Столтенберг експлицитно порача: „Или ќе го прифатите договорот за името со Грција и ќе го имплементирате или ќе го отфрлите и ќе останете надвор од НАТО и нема да станете еднаков член на меѓународната заедница“. (360 степени, 2 октомври 2018). Наместо очекуваната и заслужена награда за демократизацијата и трансформација на војската (т.e. претворањето на Македонија во безбедносен провајдер наместо консумер на безбедноста), процесот на придружување на НАТО се одвиваше во доста ‘шизофрена’ атмосфера на истовремено самочеститање за успесите и поигрување со стравови за некакви опасности. Всушност, Преспанскиот договор се претвори во своевидно безбедносно прашање. Според министерката за одбрана Шекеринска, „да се чепка во Договорот од Преспа кој е склучен помеѓу два соседи со силно присуство и поддршка на меѓународната заедница, е исто како овде на Балканот да се пали буре-барут.” (Mинистерство за одбрана 23 јануари 2020). Гледано низ поширока призма, дури и академската заедница тврдеше дека без НАТО (вклучувајќи сè што е потребно за да се стаса таму) Македонија ќе биде во егзистенцијална закана. На пример, некои истражувачи споменуваа и „украинско сценарио“ (Caminski and Taneski 2015).

 

Западниот момент на ургентност беше проследен со тврдењата на владата на Зоран Заев коишто требаше да ги зајакнат позициите за НАТО по секоја цена: 1) безбедноста на земјата и нејзиниот опстанок се во прашање, и 2) дека тоа е последна можност Македонија да влезе во НАТО и ЕУ и така да ја обезбеди благосостојбата што ја посакуваат граѓаните. Оваа теза која ги комбинира ( This thesis combining (претераните) геополитички императиви за справување со небезбедноста (или поточно, манипулација со стравовите и русофобија) и просперитетот и благосостојбата на една сиромашна земја се токму во духот на орвелијанското двомислење (doublethink). Македонските експерти по меѓународни односи направија амалгам помеѓу реалполитиката (real-politik) со неолибералните идеали. Сепак, мислата на Тукидид дека „силните го прават она што можат, а слабите го трпат она што мораат“ секогаш доминираше во резонирањето при носењето на големи одлуки (Малески 2018). Бившиот министер за надворешни работи и професор по меѓународни односи, Денко Малески тврдеше дека „Македонското прашање“ и Балканот се во центарот на светската политика поради тектонските придвижувања во односите меѓу Русија и Западот. Поточно, „проблемот со името стана ургентно прашање за националната безбедност на САД и Западните сојузници“ (Малески 2019, стp. 13). Со други зборови, националните интереси на големите сили беа претставени како суштински за носењето одлуки во Македонија. Освен тоа, НАТО отсекогаш претставуваше повеќе од стратегиска цел: статусот на полноправна членка требаше да претставува доказ за цивилизациска (прозападна) ориентација. Критичарите не само што беа/се игнорирани, туку и означени како „државни непријатели“. Децата во училиштата се воспитуваат со елементи на милитаристичка култура. Години пред зачленувањето во НАТО, во рамки на невладини проекти целна популација беа децата, во духот на слоганот „НАТО, НАТО, ти си наше злато“. Во бившиот социјалистички систем, идеологијата налагаше став дека татковината е врвна вредност за која е вредно да се даде и сопствениот живот; сега тоа е НАТО (и во симболичка и во буквална смисла). По повод 70 роденден на НАТО, Воената академија и Министерството за одбрана распишаа конкурс за најдобар писмен состав во средните училишта, под генерален наслов „НАТО и јас“ (Министерство за одбрана и Воена академија 5 март 2019). Ова имплицира персонализација на поврзаноста меѓу индивидуата и една воена алијанса. Натпреварот беше реализиран преку образовниот систем, а на нејзината Фејсбук страница министерката Шекеринска потсети дека наближува крајниот рок. Главната награда беше посета на седиштето на НАТО во Брисел.

Сега кога Македонија е членка на НАТО, и покрај кусото практично искуство, потребно е да се направи објективна анализа (reality check) меѓу очекувањата и вистинските ефекти (кост-бенефит анализа).

 1) ПРИЗНАВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ СТАТУС НА ДРЖАВАТА И ДЕФИНИТИВНА ПРИПАДНОСТ НА ЗАПАДНИОТ КЛУБ НА НАЦИИ: Имајќи го во вид долгиот и проблематичен пат до меѓународно признавање на независната македонска држава, не зачудува постоењето на потреба да се најде меѓународна заштита и спонзорство. Така НАТО беше претставен како безбедно засолниште каде земјата ќе биде конечно признаена и прифатена. Премиерот Заев честопати реферира на членството во НАТО како на поседување катастарски лист за македонската држава, па дури и за македонскиот идентитет. Наводно, НАТО претставува дефинитивна воена гаранција за лилипутанската држава, а особено vis-à-vis соседите (во светлина на т.н. Македонско прашање). Во стварноста, меѓутоа, патот на Македонија кон НАТО наликуваше на самоисполнувачко пророштво. Ниту една меѓународна организација не е вечна и/или способна да гарантира постоење на некоја држава, особено ако ѝ се заканува имплозија. Во сегашниот меѓународен систем, ООН е организацијата која треба да биде ултимативен гарант на меѓународниот мир и безбедност, како и безбедност на државите-членки...

Според министерската за одбрана Шекеринска, клучната придобивка која произлегува од членството во НАТО е новостекнатото влијание врз процесот на одлучување во алијансата и подобрувањето на имиџот на земјата како одговорен актер: “Ние ќе го имаме истото право да поддржиме или дури и да блокираме одредена одлука... главната придобивка е влијанието кое го добивате при носење одлуки. Сериозни и многу влијателни земји ве гледаат како некој кој е на масата, кој носи одлуки.“ (Министерство за одбрана 27 февруари 2020). Освен тоа, таа мисли дека на овој начин Македонија полесно ќе ја гледаат и како иден партнер во европски контекст. Наводно, НАТО членството ќе ни дава и силен ЕУ ветер во грб. Вистина е дека столчето на масата каде се носат одлуките на НАТО отсекогаш била една од клучните причини за зачленување, особено меѓу малите држави и оние од бившиот социјалистички блок, кои се надеваат дека нивниот глас ќе биде слушнат во европската политика преку целосната интеграција и во НАТО и во ЕУ. Истражувањето на искуствата на земјите како Данска, Норвешка, Унгарија и Чешка ја потврдуваат оваа теза до одреден степен (Honkanen 2002). Но, за една мала држава да има влијание, самото членство не е доволно. Најнапред, секоја држава треба да има стратегија на национална безбедност, самосвест за сопствените национални интереси, но и за својата релативна тежина во внатрешниот процес на пазарење во НАТО, како и компетентна дипломатија.

Во момент кога Македонија е уценета во однос на својот идентитет и се соочува со ново вето во ЕУ (сега од Бугарија), очигледно е дека државата не е покрај масата, туку на масата, неспособна да донесе суверена одлука дури и по своите внатрешни работи (а да не зборуваме за жртвувањето на уставниот суверенитет поради Преспанскиот договор, односно за членството во НАТО). Не е никаква тајна дека во НАТО сите се еднакви, но некои се поеднакви од другите (National Defense 2014). Македонскиот парадокс лежи во фактот што заради добивање членство во НАТО, Македонија мораше да се откаже од суштинските елементи на својот меѓународно-правен статус и суверенитетот (de facto да се одрече од својот суверенитет, име, јазик, култура и историја заради една воена алијанса). Другиот парадокс е дека Македонија е оспорувана токму од држави на НАТО, нејзини соседи, додека официјалните претставници на НАТО вообичаено испраќаат иста порака: ве молиме решете ги заемните спорови без да ја инволвирате алијансата. Тоа се случи и откако Меѓународниот суд на правдата на ОН ја донесе пресудата со која утврди дека Грција ја прекршила Времената спогодба кога ја блокирала Македонија да влезе во НАТО. Таа пресуда беше игнорирана и не одигра никаква улога во однос на грчката политика на отворени уцени. И Албанија имаше некои идеи да наметне свои услови во поглед на имплементацијата на Охридскиот договор, но беше премногу слаба за да изврши вистински притисок. Моментално, Бугарија е таа која наметнува свои услови. Очигледно, Македонското прашање е сè уште отворено и продуцира негативни ефекти и за регионот и за внатрешните состојби. Членството во НАТО не ги промени старите ривалитети околу Македонија. Припаѓањето на Западот е прилично апстрактна работа, особено ако се има во вид катастрофалната состојба во поглед на човековите права, демократијата, владеењето на правото, толеранцијата, итн.

2) РЕГИОНАЛНИОТ МИР И БЕЗБЕДНОСТ исто така беа замислувани како значајна придобивка од членството во НАТО. Дури и ако ваквата претпоставка можеше да биде релевантна во периодот на југословенските војни и конфликти, сега владее мултиполарен амбиент со различна динамика на регионалните односи. Од една страна, приближувајќи се до НАТО, Македонија беше принудена на зазема страна во споровите на другите држави, посебно меѓу Србија и Косово. Дека балканскиот дух на недовршени (идентитетски) конфликти сè уште е жив може да се илустрира и со зборовите на Заев: „ Не знаевме кој какви намери има да нè крчми да нè дели. Сега, членот 5 од НАТО вели „ако една земја е нападната, нападнати се сите земји членки“. (Repubika 25 June 2020). За жал, не е баш така. На пример, Грција и Турција, длабоко инволвирани во нивните воени игри, не би се сложиле со оваа теза. Интересно, договорот меѓу Скопје и Атина ја доверува контролата на македонскиот воздушен простор на грчките воздушни сили, што своевремено ја зајакна позицијата на грчкиот премиер Ципрас во домашната политика откако на домашната јавност ѝ порача дека благодарение на договорот наместо Турција, сега Грција го контролира овој дел од регионот. Според Катимерини (Kathimerini, 4 April 2019), „воената димензија на односите меѓу Атина и Скопје ќе ја стават Грција на рамна нога со Бугарија и Турција во регионот, на незадоволство на Анкара и Софија, кои имаа долгорочни воени врски со Северна Македонија“. Навистина, Турција беше водечки воен поддржувач на македонската држава од 1991 година. Јасен сигнал за зголемената загриженост на Турција во врска со новата улога на Атина во Македонија по ратификацијата на Преспанскиот договор беше и посетата на турскиот министер за одбрана, заедно со голема делегација, само еден ден по посетата на Алексис Ципрас на Скопје. Министерот Хулуси Акар порача дека Турција е подготвена да ѝ помогне на земјата да ја модернизира својата армија. Таквата динамика и реторика претставуваат само уште една илустрација за внатрешните колизии и недоверба во рамките на НАТО.

Турбуленциите во источниот Медитеран (и особено непредвидливото, а понекогаш и отпадничко однесување на Турција во рамки на НАТО, мотивирано од сопствените национални интереси и регионалните геополитички амбиции) имаат ехо во Западниот Балкан. Позиционирана на крстосницата на неколку регионални констелации, Македонија е во ранлива позиција без оглед дали заканите доаѓаат од источниот Медитеран или од триаголникот Белград-Приштина-Сараево/Пале и Белград-Софија-Атина. Уште поважно, ривалитетот околу македонскиот идентитет и припадност (‘вистинско потекло’) сè уште тлее. Ако на ова се додадат другите нерешени и замрзнати конфликти во регионот, генералната слика прикажува нестабилност. Но, обврските кон НАТО претпоставуваат заземање страна. Во ноември 2020 година, Македонија ја виде својата прва НАТО мисија: таа испрати 44 армиски офицери во КФОР на Косово. Премиерот Заев извикна „нашата Армија е еднаква членка и дел на најмоќната воено-безбедносна алијанса во светот“ (Влада 17 октомрви 2020). Медиумите веќе се огласија, веднаш по објавувањето на одлуката. Еден наслов гласеше: „Македонската армија влегува на Косово“ (360 степени 28 јули 2020). Ова е најбројната мисија моментално, а според официјални извори таа ќе расте и натаму. Логично гледано, тоа значи дека очекувањата се такви дека на Косово и натаму ќе му треба долгорочно воено присуство. Тоа ја става Македонија на линијата помеѓу Белград и Приштина, без оглед на случувањата во иднина. Македонија е заинтересирана страна во оваа мисија на чување на мирот, не само поради наследството од бивша Југославија, туку и заради оние од 2001 година, па до кумановските настани во 2015 година, како и тековните преговори меѓу Белград и Приштина со веројатен многу силен импакт на македонската безбедност.

3) ВОЕНИ БЕЗБЕДНОСНИ ГАРАНЦИИ: Македонските државни елити во континуитет тврдат дека припаѓањето на „најмоќната воена алијанса“ е клучната цел за малата држава на која ѝ се потребни моќни заштитници во свет на меѓународна анархија и самопомош. Но, надворешниот воен непријател и извор на закани никогаш не беше јасно дефиниран од перспектива на македонската национална безбедност. И одбранбените документи исто така содржат нејасни формулации за можните воени закани. Конечно, кој би нападнал лилипутанска држава која е практично без воени одбранбени капацитети кога може лесно да ја совлада и без оружје, со други средства да ја направи зависна? Тоа, всушност, беше докажано неодамна со политичките притисоци и уцени на Грција и Бугарија. Вообичаено, се верува дека виталните (есенцијалните) интереси на една држава/нација се однесуваат не нејзиниот опстанок како држава/нација – а идентитетот во меѓународната арена е дефинтивно таков интерес, да се опстане како одделен/посебен државен ентитет со сите идентитетски одлики. Благодарение на поданичката позиција на македонското раководство, државата капитулираше по прашањата за кои другите држави никогаш не би тргувале заради добивање нејасни придобивки. Како што веќе беше кажано, од говорите на политичарите индиректно може да се дешифрираат изворите на безбедносни закани (реални или имагинарни), а тие сè уште се во регионалниот комплекс. Пораките на бугарскиот министер за одбрана Каракачанов внесуваат доза на реализам во ваквите проекции. Интересно, се чини дека македонските политичари веруваат дека НАТО може да одбрани една држава членка од друга/други, претпоставка која е лишена со секоја реална содржина ако се суди од досегашните искуства. Што се однесува до другите држави коишто не се членки на НАТО, како што веќе беше кажано, Македонија се наоѓа во доста незавидна позиција на нова линија на геополитички расцеп во кој се судираат економски, политички и воени интереси (Mankoff 2017). Македонската геополитичка крстосница, од позиција на Атлантската заедница, беше опишана од претседателот на Атлантската договорна асоцијација (Atlantic Treaty Association), Франрицио Лукиоли на Денот на НАТО во Скопје (ATA 15 април 2018), кој кажа дека „слободните демократии од евроатланската заедница се опколени со закани и нестабилности кои имаат извор не само на Истокот, туку и од Југот“. Тој ги нагласи следните причини поради кои Македонија треба што поскоро да се зачлени во НАТО: 1) Приближувајќи се на седумдесетгодишнината на Атлантската алијанса, полноправното членство на Скопје ќе ја потврди политиката на отворена врата на НАТО со внесување на нова енергија; 2) Мигрантската криза е предизвик не само за македонските граници, бидејќи стабилноста на земјата е од суштинско значење за договорот меѓу ЕУ и Турција. 3) Покрај тоа, целосната имплементација на евроатлантскиот процес ќе обесхрабри секоја „голема“ стратегиска перспектива или влијание, кои евентуално би ги имале соседните земји. 4) Проширувањето на НАТО со Скопје подобро ќе го намали растечкото влијание на Русија во регионот, коешто не е во насока на подобрување на економскиот и социјалниот развој на Западен Балкан преку неговата целосна евроатланска интеграција. 5) Конечно, Скопје е на едниот крај на комерцијалниот и стратегиски автопат „Еден појас, еден пат“ кој доаѓа од Кина.

Покрај учеството во воените операции „надвор од областа“ предводени од САД и/или НАТО, приближувањето до Брисел создаде чудна самодоверба кај македонските државни претставници кои сега изгледаат толку окуражено што создаваат непријатели и кога за тоа нема потреба. Се случува повремено некои од нив (симболички) да влегуваат во заканување на други држави, со што се настојува да се потврди лојалноста и посветеноста на политиките на САД и/или НАТО. Така, на пример, премиерот Заев речиси ѝ објави војна на Северна Кореја од говорницата на Генералното собрание на ОН во 2017 година (СДК 22 септември 2017). Министерката за одбрана Шекеринска постојано испраќа силни пораки до Москва на која ѝ порачува да не се меша во внатрешните работи (META 9 August 2017), и тоа во време кога Западот е директно инволвиран како да станува збор за протекторат. Воените капацитети на Македонија се повеќе од скромни. Во 2020 година, Македонија е рангирана како 127 од вкупно 138 земји кои се анализирани во годишниот преглед на Global Fire Power (GFP 2020). Циничните посматрачи забележуваат дека воениот буџет на Македонија е еднаков со трошоците од 75 минутното трошење на Пентагон; тие сметаат дека Македонија е земја со БНП кој е понизок од американската држава Монтана, со помалку од 2 милиони жители и армија со големина на поштенска марка. Заклучокот е дека 30-та членка на НАТО не е ништо друго освен приврзок. Македонија беше покорисна како политички и симболички бенефит кога САД сакаа да демонстрираат светска поддршка за своите акции. Останува нејасно дали САД би возвратиле во случај на воена потреба. Досега Македонија имаше одредена воена полза од претходните акции на НАТО особено во поглед на стекнување воено искуство и тренинг (иако останува нејасно каде тоа искуство би се употребило во иднина). Тука се и некои воени донации. Но, отсега натаму Македонија ќе мора сама да ги покрива трошоците за своите ангажмани во НАТО. Со други зборови, воената безбедност ќе биде добиена за сметка на социоекономските потреби на граѓаните. Македонија може и никогаш да не стане цел на воен атак, но придонесуваше и ќе го чини тоа во иднина насекаде и секогаш кога тоа ќе го побара НАТО (и особено САД). Во случај на најцрно сценарио, очигледно Македонија нема да биде во состојба да одговори и да се одбрани без помошта од партнерските држави. Меѓутоа, клучен проблем останува геополитичката локација на фронталната линија на новата „Студена војна“, каде што се можни и војни со посредници (proxy).  

4) ВНАТРЕШЕН (МЕЃУЕТНИЧКИ) МИР И СТАБИЛНОСТ: Премисата дека НАТО има мисија, или дури и потенцијал да влијае врз решавање на внатрешни конфликти го сочинува еден од најголемите мотиви поврзани со членството во алијансата. Емпириски е потврдено дека ефектите на НАТО се рамни на нула кога станува збор за проблеми кои произлегуваат од внатрешните состојби во нејзините држави членки. НАТО може да се инволвира во внатрешните работи на „недемократиите“ (врз основа на доктрината Одговорност да се заштити, Responsibility to protect), па дури и со кршење на меѓународното право, но незамисливо е официјално коментирање од страна на Брисел за прашања од доменот на внатрешните работи на државите членки (доволно е како пример да се споменат случаите на Северна Ирска и Каталонија). Но, инволвирањето на НАТО во македонскиот внатрешен конфликт и неговата динамика е повеќе од очигледно, особено по 1999 година и во конфликтот од 2001 година и она што следуваше по него. Низ годините стана јасно дека клучните слабости и закани за мaкедонската држава се внатрешни, а не надворешни. Така, сосема рано, македонскиот врв заклучи дека има потреба од поголема полиција, а не војска. Сосема е евидентно и без потреба од поголема елаборација дека патот кон НАТО беше честопати во сенка на интра- и интер-етничките конфронтации. Доминантниот наратив, сепак, гласеше дека членството во НАТО е практично единствената работа којашто ги спојува граѓаните, т.е. дека тоа е лепилото што го држи заедно етнички поделеното општество. Со други зборови, НАТО (заедно со ЕУ) е една од малкуте работи во кои двете најголеми заедници (Македонците и Албанците) споделуваат исто високо ниво на поддршка – иако можеби и од различни причини. Имено, добар дел од албанските политичари говореле за НАТО и ЕУ како за геополитички простор кој ќе ги обедини Албанците без оглед на државните граници со кои се сега поделени. Како што веќе беше кажано, Албанците секогаш биле и се поподготвени да прифатат трговија меѓу евроатланските интеграциски цели и македонските идентитетски маркери. Од друга страна, многупати албанските политички партии ја користеа картата на можно вето од Албанија заради понатамошна имплементација на Охридскиот договор (Anadoly Agency 20 May 2015). Вредно е да се спомене и дека надминувањето на последната пречка на патот кон НАТО (т.е. договорот за името) не само што претставуваше најпредизвикувачко прашање за македонското општество, туку и го посеа семето на натамошна поларизација внатре, во рамките на македонската заедница. Ако дојде до најлошото сценарио, односно ако се прифатат бугарските идентитетски барања заради отпочнување на преговори со ЕУ, тогаш семето на внатрешна делба ќе почне да цвета. Во овој контекст не треба да се заборави и дека секогаш имало одредени пробни балони за испитување на реакциите околу сценариото за можна поделба на земјата меѓу Бугарија (и евентуално Србија) и Албанија, како што еден американски сенатор имплицираше пред неколку години. Имено, во 2017 година републиканскиот сенатор Дана Рохрабачер тврдеше дека Македонија „не е земја“ и дека треба да биде поделена меѓу Косово, Бугарија и некои други соседи. Тој сугерираше дека Косоварите и Албанците од Македонија треба да станат дел на Косово, додека остатокот од Македонија треба да стане дел на Бугарија и соседните земји (RFERL 9 February 2017). И покрај брзата реакција на Стејт департментот во насока на давање поддршка на територијалниот интегритет на земјата, се создаде немир поради фактот дека идеите за прецртување на границите на Балканот се појавуваат од одредени новинарски, експертски и политички центри. И покрај сите овие размислувања, круцијалната точка е дека мирот и стабилноста во една земја, по дефиниција, не зависат од членство во некоја воена или друга алијанса и од креирањето на некакви имагинарни (етнонационалистички) заедници, туку од благосостојбата на граѓаните. Македонија станува внатрешно слаба држава која тешко успева да ги обезбеди базичните потреби на своите граѓани. Консоцијацискиот политички и уставен модел (т.е. споделувањето на власта воведено со Охридскиот договор) само ги комплицира нештата и јакне тенденциите на натамошна етничка сегрегација и федерализација на државата. Очигледно, НАТО не е доволно „лепило“ кое ќе обезбеди автентична политичка заедница заснована на демократски општествен договор.        

 5) ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ – Зголемувањето на воените издатоци во една од посиромашните земји во светот (и една од најсиромашните во Европа) каде голем процент од популацијата живее на работ на сиромаштија, а задолженоста преминува 60 отсто од БНП, се чини уште понеприфатливо во време на пандемија. Интересно, пред приемот во НАТО речиси и да немаше сериозни или континуирани кост-бенефит анализи. Одредени споредби со другите земји во соседството се направени a posteriori (Парламентарен институт 2020). Невладина организација финансирана од ЕУ (Институт за европска политика) објави две публикации (Велковска 2018, Чековиќ 2018) со евидентно пристрасен став – за да докаже дека членството во НАТО е вредно за сите (материјални и нематеријални) давачки кои би биле инволвирани. Од друга страна, општоприфатената вистина гласи дека членството во НАТО по дифолт носи економски развој и благосостојба. Свесен за очекувањата на македонската јавност, и Столтенберг ја повтори истата мантра: „Пристапувањето во НАТО на Северна Македонија ќе донесе стабилност и мир во регионот, кој е од суштинско знаење за економски просперитет“ (РСЕ 30 март 2020). Домашните апологети на НАТО исто така тврдат дека членството per se значи дека Македонија ќе биде перципирана како безбедна земја за странски директни и за зголемени домашни инвестиции. Некои економисти тврдат дека членките на НАТО се гледаат како дестинации со низок ризик, но исто така дека цената на странските кредити ќе биде пониска од порано. Тоа би требало да значи поевтино финансирање на државните капитални инвестиции во иднина. Што се донесува до извозот, според претставникот на Стопанската комора на Македонија, се очекува земјата да ги искористи погодностите на пазарот за набавки на НАТО (РСЕ 31 март 2020). Навистина на македонските компании сега им е дозволено да нудат свои продукти и да се приклучат на оваа група на провајдери за потребите на НАТО. Но, клучното прашање гласи: кои и колку компании се способни да понудат конкурентни производи помеѓу НАТО конкуренцијата, и колку ќе успее Македонија да воспостави баланс помеѓу цената на чинење на членството и придобивките. Во овие трошоци влегуваат членарината за НАТО (0,08% од БНП) или околу 200 милиони евра годишно, додека 20 отсто од буџетот за одбрана треба да се вложи за набавка на воена опрема. Шекеринска веќе објави дека финансиските средства за Армијата ќе се зголемат во наредните години, а дека до 2024 година Македонија ќе го исполни стандардот од 2 отсто (дополнителни 100 милиони евра). Во пресрет на предвремените парламентарни избори во април 2020 година (кои подоцна беа одложени), владата на СДСМ и ДУИ го проектираа буџетот за 2021 година како највисок во историјата на земјата, вклучувајќи 3,1 отсто за одбраната (плус дополнителни 6,8 отсто за полицијата)… 

Пандемијата може да се користи како изговор за пропаднатите економски очекувања од членството во НАТО, што не може да се елиминира од општата анализа. Меѓутоа, владата одбива да признае дека членството во НАТО по себе не носи економски прогрес. Ефектите од меѓународната положба на земјата може да влијае до одреден степен, но од локалните бизниси зависи дали ќе ги искористат новите можности. Тврдењето дека во текот на сите други бранови на проширување на НАТО се зголемиле странските директни инвестиции во земјите кои влегле во алијансата е доста неубедлив аргумент. Најнапред, постои неубедливо тврдење за врската помеѓу високото ниво на СДИ и зголемување на животниот стандард на локалната популација. Движечката сила на капиталот е профитот, а не алтруизмот. Капиталот ги минува границите зависно од проекциите за зголемување на профитот, квалитетот и цената на работната сила, итн. Тој не води сметка за другите ефекти врз локалната економија и општество. Безбедносното окружување е само еден од факторите кои влијаат врз одлуките каде да се инвестира. На пример, соседна Србија со својата неутрална позиција успеа да привлече повеќе странски инвестиции од Македонија, и тоа германски, јапонски, кинески, и сл. Новите околности создадени од ковид-19 веќе го менуваат светот. Всушност, уште пред почетокот на пандемијата, економистите изразија загриженост дека светот го минал „пикот на глобализацијата“, па воведоа нов назив за новиот феномен: слоубализација, slowbalization (Foreign Policy in Focus 2019; The Economist 2019). ОЕЦД (мај 2020) го заклучи следното: се очекува СДИ да опаднат за повеќе од 30% во 2020 година дури и во најоптимистичкото сценарио; движењето на СДИ кон земјите во развој ќе опаѓа уште повеќе поради тоа што секторите што беа силно погодени од пандемијата, вклучувајќи ги примарниот и производниот сектор, се токму оние во кои имаше најголем прилив на СДИ отколку во развиените економии; текот на СДИ има стабилен пад во последните пет години, а во текот на 2021 година тој може да остане под нивото од предкризниот период доколку мерките на јавното здравство и политиките за економска поддршка не дадат резултати. Дури и некои постари истражувања ја докажаа врската помеѓу подобрата здравствена состојба и висината на СДИ (NBER 2005). Моментално, Македонија има највисока стапка на смртност од ковид-19 и огромен број на луѓе со коморбидитети, што зборува и за општата здравствена слика. Имајќи ги во вид катастрофалните ефекти од долгогодишниот процес на „одлив на мозоци“ (brain drain), едвај и да има простор за чудење зошто странските инвеститори ја  заобиколуваат Македонија како дестинација. Членството во НАТО тешко може да промени нешто во оваа насока, особено во светлина на мантрата за Алијансата како гарант на подобар живот и благосостојба, што ги подигна очекувањата кај осиромашената популација. Наместо остварлива економска стратегија и политика, Македонија тоне во дебтократија и фантазирање за тоа дека “НАТО ќе нè брани, а ЕУ ќе нè храни“ (да ја искористиме популарната фраза од колумна на познатиот писател Венко Андоновски). Истовремено, можностите за избор во сферата на надворешната и економската политика за членките на НАТО се ограничени (најмногу поради послушноста и лојалноста на послабите) во време кога азиската (кинеската, првенствено) економија е во подем, дури и покрај пандемијата. Познавачите на кинеско-балканските односи со право укажуваат дека тие се предмет на дискусија на дипломатите на ЕУ, кои неретко промовираат пристап на алармирање за растечката моќ на Кина во регионот и често предупредуваат дека некои од практиките развиени во кинеско-балканските односи не се во согласност со напорите за проширување на ЕУ во регионот. Според Вангели (2019), сосема е можно да се замисли дека во овој период кој посведочи на зголемени фракции меѓу САД и Кина, и одредени тензии меѓу ЕУ и Кина, македонската влада настојуваше да остане надвор од какви било компликации во релациите со своите западни партнери, а кои би израснале од евентуално од поблиските односи со Пекинг.

 6) ПОЛИТИЧКА ДЕМОКРАТИЗАЦИЈА И СТАБИЛИЗАЦИЈА: Целиот процес на проширување на НАТО беше проследен со тврдења дека тој помага во демократизацијата на земјите кандидати, додека НАТО семејството ги прифаќа само вистинските демократии. Навистина, во име на членството во НАТО, многу земји аспиранти, вклучувајќи ја и Македонија, преземаа бројни реформи, од кои најголем број во смисла на демократска контрола на вооружените сили и пошироко – во безбедносниот сектор. Всушност, и при преземање на која било друга реформа неретко доаѓаше до повикување на демократските принципи и „тоа треба да го преземеме заради членството во НАТО“. Конечниот исход од речиси тридецениската транзиција е нов (регионален) бран на стабилитократија и авторитаризам. Заради зачувување на стабилноста и геополитичките интереси, западните центри на моќ поддржуваа елити без демократска провениенција. Резултат на тоа е двонасочна улица. Во зборовите на Срѓа Павловиќ, кој го смисли поимот (2017) суштината на оваа дијагноза лежи во тоа што „суштинската вредност на стабилитократијата е уверувањето дека заштитата и промоцијата на западните интереси е од најголемо значење... Режимите кои ја разбираат оваа работа и се подготвени да ги заштитат и одржат западните геополитички, безбедносни, воени, економски или енергетски интереси во една земја се обично поштедени од гневот на големите сили како САД, Велика Британија, или Европската Унија. Локалните автократи, затоа, можат да чинат сè што одговара на нивните интереси во нивните приватни домени. Секоја критика насочена кон нив вообичаено се отфрла или со образложение за „киселото грозје“ од политичкиот губитник или како обид на ретроградни недемократски политички сили кои сакаат да стекнат предност“. Низ тек на времето, не само што либералните принципи и институционалната демократија беа заобиколувани заради „повисокото добро“ и со благослов на „меѓународната заедница“, туку дури и човековите права доживеаја ерозија. Така, секоја критика кон НАТО или она што се презема во име на НАТО се етикетира како предавство, додека притисокот врз слободата на мисла и говор станува огромен и покрај тоа што Западот (вклучувајќи ги и Париз и Вашингтон) отворено зборуваат за „клиничката смрт“ на НАТО. Патот на Македонија кон НАТО беше поплочен со потези кои демократијата ја направија колатерална жртва, особено во текот на Преспанскиот процес. Она што преостана од демократскиот поредок сега се жртвува во име на процесот на отпочнување преговори со ЕУ.  

Другата страна на паричката го содржи другото суштинско прашање: што добива НАТО од членка како Македонија? Очигледно, земјата не е способна (иако е желна) да потроши многу пари на шопинг тура за набавка на оружје. Според Defence News weekly, Македонија е веќе вклучена во програмата  ERIP (European Recapitalization Incentive Program) предводена од САД. Ова е мултимилионски американски план за давање иницијативи кај сојузниците да се откажат од купување руска воена опрема. Даглас Бари (Douglas Barrie) од Меѓународниот институт за стратегиски студии со право укажува дека програмата  „штиклира две квадратчиња, отстранувајќи ја опремата од советскиот период од залихите на НАТО и обезбедувајќи победа за американската индустрија“. На Македонија ѝ е обезбеден грант од 30 милиони долари за набавка на борбени пешадиски возила под услов да се ослободи од руски оклопни возила и да вети дека нема да склучува договори со Москва. Се разбира, договорот не доаѓа како подарок. Началникот на Генералштабот бил виден на воениот саем во Лондон. Сепак, вредноста која Македонија ја внесува во Алијансата е геополитичка: политичките аналитичари за The New York Times изјавија дека влегувањето на Македонија во НАТО е неуспех за претседателот Путин кој во НАТО гледа експанзионистичка воена сила на портите на неговата земја.

Малку поопиплив придонес што Македонија може да го даде е воениот тренинг центар Криволак. Тој не само што е еден од најголемите во југоисточна Европа, туку е и извонредно лоциран за акции кои ги надминуваат тренинзите. Таа веќе беше домаќин на одреден број американски и други НАТО војници и послужи за вежбовни активности со американско оружје и опрема. Македонските официјални претставници постојано ја нудат оваа територија за постојана воена база. Притоа, во општеството не е водена никаква дебата или понудена каква било анализа за отворање воена база на својата територија, а ако некогаш и се спомене таквата идеја се користат вообичаените фрази за зголемена воена и економска безбедност. Досега не се земени предвид никакви компаративни искуства, особено во поглед на економските трошоци и еколошките штети. 

Клучните безбедносни предизвици за Македонија, сепак, остануваат во внатрешната сфера (политичките, економските, социјалните, еколошките и социеталните/етнички дилеми), но и зависноста од регионалните случувања. Најголемите стравови се поврзани со поделбата на територијата на Косово (but also to the регионална developments. The worst fears bear on a possible division of Kosovo territory (гласини за едно такво сценарио циркулираат меѓу некои центри во Приштина и Белград, заедно со контрадикторните реакции на Вашингтон и Брисел), како и кошмарното сценарио од хипотетичкото обединување на Косово и Албанија (нешто што беше споменато и од премиерот Албин Курти за време на неговото кусо владеење). За жал, членството во НАТО (или дури и зголемената воена безбедност) не е вистинскиот лек за македонските (невоени) болни точки. Дури и гледано од воен и геополитички аспект, треба да се има во вид дека ни Pax Americana не е она што некогаш беше, особено во регионот во кој се судираат американските и европските интереси.

Цената платена за безбедноста која се потпира на НАТО (т.е. отстапките направени во договорите со Бугарија и Грција заради членство во евроатланските и европските интеграции) генерираат самоисполнувачко пророштво: сè што беше преземено за да се избегне евентуална катастрофа само ја влоши (веќе лошата) постојна ситуација. Интересно на една тркалезна маса за ЕУ интеграцијата на Западен Балкан којашто беше одржана во Њујорк, Заев кажа дека договори како Преспанскиот обично се потпишуваат после војни (односно, после воени порази) (YouTube September 2019). Ехото во националните медиуми беше во духот на една фаталистичка теза: „Без Северна, Македонија ќе капитулира“. Накусо, Преспанскиот договор беше претставен како прашање на живот и смрт, и покрај симболичката смрт и политичката капитуалција и жртвувањето на независноста и суверенитетот заради членство во воена алијанса.  

Покрај длабоките етнички поделби, постојат и други, интрамакедонски процепи. Политичкиот процес стана антагонистички, како што може да се види од параноидната реторика налик на таа од Студената војна: секој што е критичен кон власта и нејзините договори (особено Преспанскиот) се портретира како антизападен и проруски непријател на државата. Великодушната поддршка што ја доби владата на Заев за време на Преспанскиот процес направи политиката да излезе од границите на пристојноста и на правото. Државата остана потресена од корупциски скандали во кои се имплицирани не само поранешната специјална обвинителка, туку и други високи политички личности. Единствените економски активности кои цветаат се бизнисот со марихуана и градежништво, сите во рацете на блиски роднини и пријатели на премиерот. Сите национални ресурси се распродадени (или се на продажба) на странски корпорации, вклучувајќи и сомнителни зделки за увоз на токсичен отпад од други земји во замена за профит. Тоа е состојбата во земјата која тукушто го „остварила сонот на сите генерации“.

Наместо заклучок: поглед кон иднината

Македонија е 30 држава-членка на НАТО – и тоа е фактот од кој треба да почне и заврши секоја анализа! Времето за консидерации и анализи на надворешната и безбедносната политика е завршено. Според правилата на Алијансата, една држава членка не може да ја напушти пред истекот на периодот од една година од денот на објавувањето на својата намера до САД. Во македонскиот случај таквата идеја се перципира не само како невозможно и опасно сценарио, туку и како бласфемија. Со други зборови, дури и во случај на (очекувано) национално разочарување, ова не е веројатна опција. Илустративен пример се и парламентарните избори во Црна Гора. Имено, една од трите партии кои ја чинат победничката коалиција имаше во својата програма запишано дека ќе се залага за напуштање на НАТО, но по завршувањето на изборите ова веќе не се ни спомена. Новата политичка елита ја тргна старата гарда на прозападниот автократ Ѓукановиќ, но речиси истовремено стори сè за да ги увери западните центри на моќ дека нема да го смени курсот и измени геополитичкиот баланс во регионот на Балканот.    

Македонското водство влезе во приказната за членството во НАТО без двоумење и дури и со кусогледост: Aut Caesar Aut Nihil, или НАТО или смрт. Всушност, уште пред Преспанскиот договор, поуката од приказната за НАТО беше дека тоа е само нужен чекор кон главната цел, т.е. членството во ЕУ. Во текот на кампањата во врска со Преспанскиот договор (пред референдумот од 30 септември 2018 година) двете цели беа спакувани во манипулативното референдумско прашање: „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција?“. Една година подоцна Македонија доби студен туш од ЕУ (благодарение на резервираноста на Макрон кон натамошното проширување на ЕУ), па така одеднаш членството во НАТО стана главната награда. Претседателот Пендаровски го кажа тоа експлицитно: членството во НАТО не е утешна, туку главна награда (RTS 1 ноември 2019). И беше во право од една едноставна причина: Преспанскиот процес никогаш и не беше смислен да ја донесе (Северна) Македонија до ЕУ, туку да ја комплетира западната геополитичка агенда преку НАТО. Меѓутоа, се појави и инаква варијанта. Имено, според Шекеринска, токму НАТО (а не ЕУ) го спасиле Преспанскиот договор! (Euroactiv 6 June 2019).     

Дури и пред денот на прием во март 2020 година, земјата плаќаше превисока цена за идното членство во надеж дека тоа еден ден ќе се исплатува. Сега би с еочекувало елитите да научат дека во меѓународните односи не постои такво нешто како бесплатен ручек; и во алијансите е исто. Една држава членка може да добие некаква придобивка, но треба да биде подготвена и за високи цени и загуби, бидејќи членството носи и обврски и одговорности.

Според една изрека на еден стар британски државник, неговата земја нема вечни пријатели, туку вечни национални интереси. На малите и слаби држави им недостасува државништво, лидерство и визија. Од македонските елити се очекува најнапред да ги бранат националните интереси, односно да се обидат да ги користат придобивките од Алијансата повеќе отколку да ги исполнуваат желбите на помоќните играчи. Празен мит е тезата дека алијансите се едногласни и ослободени од внатрешни тензии. Во нив постојат конфликтни интереси, и онака како што се формирани, можат и да престанат да постојат доколку нивните членки не гледаат полза од нив (во случајов, доколку клучниот играч, САД, не смета дека алијансата служи на нивните национални интереси). Зависноста од состојбите во клучната држава, и особено од администрацијата во Белата куќа, ги чини работите уште посложени.      

Македонија се чини дека ги занемарува драматичните промени во светот и внатре во НАТО, или барем се претвора дека не ги забележува. Денешното НАТО дефинитивно не е истата организација која излезе триумфално од Студената војна. Нејзината непрекината потрага по воена мисија и raison d’etre не доведува до одговор на дилемата дали е повеќе воена алијанса или повеќе политичка организација. Таа е веројатно по малку од двете, иако помилитантните кругови се жалат дека станала алијанса која повеќе не може да војува (некои ја преведоа кратенката НАТО во Нема акција, само зборување, No Action Talk Only).

Од македонска гледна точка би требало да се посвети повеќе внимание на сразмерот на придобивките и на трошоците кои произлегуваат од членството. Иако е прерано за да се дојде до конечен заклучок и да се прават засновани предвидувања, сепак акцентот треба да биде на она што е нужно да се стори во моменталните околности.Може да звучи како post festum расправање, се разбира, бидејќи многу важни работи не беа остварени или земени предвид пред влегувањето во НАТО.

Македонското раководство и пошироко – македонската стратегиска заедница – треба да ја преобмисли националната стратегија во светлина на сегашниот статус на државата. Досега не е познат случај некоја држава да била исфрлена од НАТО – т.е. членството во НАТО не може да биде одземено. Дури и малите држави можат да ги штитат своите витални интереси пред да дадат согласност за нешто што го сметаат за погубно за нивниот опстанок. Досега Македонија се коцкаше со своите витални национални интереси заради остварување на еден посебен политички интерес (влез во НАТО). Покрај тоа, таа не успеа да изгради професионална и компетентна дипломатија, а токму дипломатските активности ќе бидат од значење и во иднина. Државата мора да го преиспита нонсенсот наречен 2 отсто и повеќе да посвети внимание на другите буџетски приоритети. Ова станува ургентно во контелст на панедмијата со ковид-19. Исто така, треба да се преиспита употребата на Криволак, во светлина на можните политички, социоекономски и еколошки реперкусии, особено ако се претвори во воена база. Зелената економија и земјоделието се една од ретките компаративни предности од кои Македонија не смее да се откаже.

Накусо, Македонија конечно треба да порасне и да престане да игра според барањата на другите. Наместо тоа треба да се обиде да ги искористи предностите од членството за сопствени („себични“) национални интереси. Очигледната пречка за ваквиот предлог е во фактот дека, во висок степен, истите западни сили коишто седат во НАТО се и моќни членки на ЕУ. За да ги задоволи сите нив и да ја држи вратата отворена, Македонија ќе остане и натаму ранлива на уцени од различни страни во релативно долг временски период (веројатно подолг од една деценија). Доколку целта на членството во ЕУ е зачувување на државноста и нацијата, тогаш елитите ќе треба внимателно да го прочитаат романот „Старецот и морето“ на Хемигвеј. Македонскиот пат кон ЕУ не смее да заврши како рибата од романот. Членството во одредена меѓународна организација не е цел за себе, туку средство за постигнување на круцијалните национални интереси – или барем, не пазарење со нив.

Што се однесува до внатрешниот мир, важно е да се напушти митот дека НАТО помага во разрешување на внатрешните конфликти во поделените општества. Ова е евидентно лажна претпоставка, бидејќи токму примерите на Каталонија и Северна Ирска покажуваат дека постоењето на НАТО нема никаква врска со внатрешните работи во државите членки, па ни со нивниот територијален интегритет доколку дојде до поголеми турбуленции однатре. За жал, Македонија и натаму останува поделено општество со длабоки внатрешни контрадикции. Луѓето нема да можат да живеат од НАТО еуфоријата, а судирот со стварноста нема да биде нежен.    

 

Билјана Ванковска

 

  (Oд книгата „Членството во НАТО: на линијата на фронтот?“, Филозофски факултет, УКИМ, 2020. Рецезенти: Д-р Јан Оберг, Директор на истражувањата и соосновач на Транснационална фондација за истражување на мирот и иднината Лунд, Шведска и Џејмс Петифер, Универзитетот на Оксфорд Велика Британија.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе

Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе