Чиј е Коста? Чиј е Гоце?

Коста Абрашевиќ, Гоце Делчев... и десетици илјади современици кои потпишале дека „по род се...", за да можат да патуваат и да работат во ЕУ државите.

Со внимание, преку медиумите, ги следам изјавите на политичарите од Р. Бугарија и членовите од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историските и образовните прашања (ако е точен називот?) формирана врз основа на Договорот (Спогодбата) за добрососедски односи мегу Скопје и Софија потпишан на 1 август 2017. Досега биле постигнати договори за определени историски личности и „заедничко чествување“). Веќе неколку месеци „нема напредок“ по прашањето на националната припадност на Гоце Делчев (1872-1903). Да беше денеска жив, самиот Гоце ќе кажеше што е, Македонец или Бугарин и Комисијата лесно ќе дојдеше до тој толку спорен одговор. Конечно, националната припадност е лично чувство (во одделни европски држави на попис малку ексцентрични лица се запишуваат како „вонземјани“ и така се запишуваат). Но, тој живееше во времето кога на овие простори постоеше Отоманска империја, а не (денешните) суверени и самостојни држави. Иако после (Руско – Турската војна и) Берлинскиот конгрес Бугарија се стекна со автономија (Источна Румелија), таа сепак до 1908 остана во рамките на Отоманската империја. А Гоце почина во 1903 година.  Се роди, живееше, дејствуваше и почина во разни делови на Отоманската империја. 

И денеска во цивилизирана Европа (независно од ЕУ членството) постојат лица кои се откажуваат од дотогашното државјанство, од разни причини (во некои држави мораат ако сакаат да се стекнат со државјанство на друга држава) и се декларираат како државјани на некоја друга држава. Ако се значајни личности, како подоцна историјата (комисија) ќе ја декларира нејзината/неговата национална припадност?   

Сведоци сме, веќе со години, дека десетици и десетици илјади државјани од РМ, денеска РСМ, доброволно потпишуваат изјава дека „по род“ се Бугари и така се стекнуваат со (ЕУ) патна исправа и можност да бараат работа во ЕУ земјите. Ако некој од нив се стекне со светска слава, како после сто години (идната) Комисија ќе се договори дали тоа лице било Македонец или Бугарин, или пак Албанец, Турчин, Влав, Ром, Србин, Бошњак... од (денешна) РСМ? Дали не е доволно неговото име и презиме и тоа што го направил?

Погоре изнесените „размислувања“ иницирани се во контекст на една конкретна личност – Коста Абрашевиќ (мај 29, 1879 – јануари 20, 1898).   

Деновиве ми се појави некаде заборавениот српски неделник „NEDELJNIK“ (бр. 402 од 26. 09. 2019). Особено внимание ми привлече рубриката „Фељтон - Највечи Шапчани“ под наслов „Коста Абрашевич – Први пролетерски песник“.

Иако долги години сум живеел во Белград, иако често сум го слушал неговото име сврзано со училишта, културно–уметнички друштва, споменикот во (епи)центарот во Белград, во паркот Мањеж, признавам дека после читањето на овој фељтон имам „мешани чувства“.      

Најпрвин за убавата страна. Во фељтонот пишува (слободен превод): ,,Коста Абрашевиќ беше шапчанин по убедување, но не и по место на раѓање. Неговиот татко Наум (Христич), Македонец, и мајка Сотира (Гркинка), се доселиле од Охрид во овој град (Шабац), познат и тогаш по трговија и нешто подобри услови како би преживееле и го одржале семејството. Наум најпрвин се занимавал со бакалук, за да подоцна отвори кафеана. Во првото одделение на основното училиште – кое мораше да го посетува со девет години бидејки првите три одделенија завршени во Охрид, на грчки јазик, не му биле признаени, Коста ќе стане Абрашевиќ. Абраш бил прекарот на татко му. Набргу ќе остане без татко и со помош на постариот брат Климент, туркале натаму. Во гимназија пишувал преубави песни, преведувал германски песни... Бидејќи починал пред да наполни 20 години живот, Коста не бил сведок дека неговите дела подоцна биле преведени на руски, албански, романски јазик... Често го споредувале и ставале во исто рамниште со (големите социјалисти) Мајаковски, Јефтушенко, Есенин...

Во 1894 Абрашевич ја напишал својата најпозната (социјалистичка песма) „Crvena je krv (Red is the blood)“. Истата може да се најде на јутјуб во интерпретација на Зафир Хаџиманов. Во Србија може да се купи збирка на негови поеми под наслов „Svet je naša otadžbina“ (тука ледам голема сличност со познатата изјава на Гоце „светот како поле за културен натпревар“).

А сега и за неубавото чувство поврзано со Коста Абрашевиќ. Пребарував на интернет (можеби недоволно), но во РСМ не најдов какво било реферирање за Коста Абрашевиќ (освен една улица во Охрид каде е лоциран еден хотел). Секако, со ова не барам да отвориме „спор“ со Србија чиј е Коста (во најголем дел, освен на неколку каде е наведено дека бил Македонец, српски сајтови го нарекуваат Србин). Не верувам дека некој од амбасадата на РСМ или делегација која го посетила Белград нашла за потребно да однесе венец на споменикот во центарот на градот. Не верувам дека некому му текнало во Охрид (каде што е роден Коста) да постави спомен плоча или некое друго обележје.

За жал денеска младите и во Белград исто така многу малку знаат за Коста. Во една анкета „кој бил Коста“ од 15 млади, 4 ништо не знаеле за Коста, 8 само слушнале за него и 3 слушнале и знаеле за Коста.

Се плашам дека таква анкета во Скопје или Охрид би била многу попоразителна (и не само кај младите). 

Уште еднаш да бидам јасен:  не барам спор со Србија „чиј бил Коста“, не барам формирање на комисија за..., не мислам дека Владата и Собранието треба да донесат (уценувачка) декларација, и тоа во контекст на добрососедски односи...                                                                   

П.С.

Можеби, само при „хирингот“ на идниот амбасадор на РСМ во Белград да му биде поставено  прашање за животот и делата на Коста.

Александар Тавчиовски     

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Вчера оправдано доминираше веста дека „Макрон ќе поддржи преговори за Македонија и Албанија ако ЕК препорача во март“.

повеќе

Албанија мора отворено да каже, дека обидите на Софија за асимилација на Македонците во Албанија како Бугари не се добрососедство, туку отворен напад.

повеќе

Перењето пари преку трансакции со недвижнини ги интегрира црните фондови во економијата, притоа обезбедувајќи сигурна инвестиција.

повеќе