Чичко, ништо од бизнисот

Струјата константно нè дрма веќе 9 месеци, а ќе нè дрма и натаму.

Сoстојбата како и секогаш - лесно дефинирана

На 4 октомври 2021 година во една колумна јавно го отворив прашањето за тоа што се случува со струјата по напливот на информации во Комората за масовно откажување на договорите за снабдување. Причините сега се минато: зелената агенда во Европа и намалувањето на енергијата; релативно ниското производство од ветерните централи; брзиот пораст на пазарите во изминатиот квартал; огромниот пораст на цената на природниот гас на светските берзи. На тоа се надоврзаа и војната во Украина и инфлацијата, па започнаа проблемите, кои, веројатно, ќе траат подолг период. И уште еднаш, констатацијата изречена по стоти пат, упатена до Владата и до надлежните органи: слушајте го гласот на бизнисот, тој е шест недели пред статистиките.

И за да нема дополнителни прашања, предлози во шест точки

Прво, подигнување на домашното производство на електрична енергија е, сигурно, основната мерка која може да изврши најголема превенција.

Второ, Регулаторната комисија за енергетика мора да биде на висина на задачата и енергично да дејствува за да се престане со манипулативното откажување на договорите, со конкретни мерки, кои ќе вклучуваат јавно објавување и одземање на лиценците, не само на компаниите туку и на нивните сопственици, со трајна забрана за вршење ваква дејност.

Трето, бидејќи се наоѓаме во период кога компаниите ја проектираат својата позиција за наредната година, што побргу мора да се излезе со јасна прогноза како ќе се одвиваат работите натаму, за да може тоа да биде вградено и во проекциите на компаниите.

Четврто, и на обичните луѓе совршено им е јасно дека цената на енергенсите директно влијае врз цената на производот и на услугата, а со неконтролираниот пораст на цените на производите и на услугите лесно може да настанат проблеми и на макроекономски план.

Петто, оваа наша иницијатива никако не смее да се сфати како некакво драматизирање за состојбите, туку како транспарентност неопходно потребна за вакви појави, кои не зависат од нас, туку од случувањата кои се надвор од нашата моќ.

Шесто, искуствата од пандемијата нѐ учат дека во вакви кризи секој се ориентира спрема себе и дека меѓународната солидарност е второстепена.

Резултатот, како и секогаш, проблематичен

Преку Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ) добиени се податоци за цената на електричната енергија во регионот на Западен Балкан. Во Босна и Херцеговина цените се разликуваат во зависност од тоа дали станува збор за Република Српска (53 EUR/MWh) или за Федерацијата БиХ (74 EUR/MWh). Се очекува цената во Република Српска да се зголеми за 50 %, така што би дошло до своевидно изедначување на цените на целата територија на БиХ. На Косово цената на електричната енергија за стопанството се движи од 7 до 9 евроценти за KWh, во Црна Гора околу 5-6 евроценти за KWh, а во Србија околу 7,5 евроценти за KWh. Во Северна Македонија цената е врзана за HUPEX (Hungarian Power Exchange), па различни фирми, во зависност од потрошувачката и од големината, добиваат различни пакет-понуди од снабдувачот, но просекот на цената е цената на ХУПЏ-маржата (3-5 %).

Врз основа на контактите на Стопанската комора на Србија со домашните трговци на електрична енергија, кои ги следат пазарните цени на европскиот пазар, цената на струјата на пазарот за референтните берзи во евра по мегават час се следниве: Унгарија – 241 евро за третиот квартал од 2022 г., 275 евра за четвртиот квартал од 2022 г. и 232 евра за цела 2023 г.; Германија – 207 евра за третиот квартал од 2022 г., 254 евра за четвртиот квартал од 2022 г. и 221 евро за цела 2023 г. Ова се податоци за market price – продажба на големо.

Сега повторно ли по охридски ќе викаме „ај нека си ја пули работата“ или ќе направиме нешто со што ќе се изедначиме со компаниите од другите земји од Западен Балкан во однос на ова клучно конкурентско прашање?

Знам и за депресираната цена на електричната енергија во изминатите 30 години; знам и за пропустите во раководењето со електроенергетскиот систем; знам и за внатрешните проблеми. Но знам дека компаниите не се виновни за ништо од тоа. Затоа, без разлика на сите овие оправдувања, мора да се впуштиме во акција, бидејќи ова станува клучно прашање за опстанокот на македонскиот бизнис. Зошто? Затоа што и врапчињата знаат дека цената ќе оди нагоре, а со тоа ќе се намали и онака слабата конкурентност на македонските производи.

П.С. Да влијаеме врз цените на суровините на светскиот пазар не можеме. Да измислуваме топла вода со нов модел на јавни набавки, исто така, не можеме. Но да ги промениме работите во Министерството за транспорт и врски и во локалните самоуправи околу постапките за издавање фотоволтаици, тоа сигурно можеме, исто како што можеме да ги намалиме и трошоците во работењето на ЕСМ и да го подигнеме производството. Во тие рамки треба да ги бараме и модалитетите за помош на компаниите. Без тоа нема ништо од бизнисот.

 Бранко Азески,

претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

повеќе

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе