Колумна

Четворица пратеници паднаа, треба уште пет

И пред референдумот беше отворен пазарот за придобивање на опозициските пратеници за обезбедување двотретинско собраниско мнозинство. По референдумот тој пазар се отвори уште повеќе, а и цените повеќе не се исти.

Во македонското 27-годишно искуство со повеќепартиски парламент досега неколку пати се случувало пратеници да преминат од една партија во друга или да станат независни со што сосема се менуваше собраниската слика за нечие владејачко мнозинство. Тие премини во другиот табор и обезбедување на нови мнозинства во Собранието, беа проследени со шпекулации за пазарот што бил направен, за цената на еден пратеник да премине од еден партиски табор во друг, од пратеничка група на една партија во независни и за промена на гласот во решавачки моменти. Се шпекулираше дека тоа го направиле за многу пари, за позиции на нивни блиски, за некакви маркици по центрите на градовите, за добивање на некои тендери... Значи имало некаква цена.

И денес се шпекулира за некаква цена на актуелните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување на двотретинското мнозинство за уставните измени договорени со Спогодбата со Грција за промена на името на Република Македонија.

Актуелното собраниско мнозинство веќе брои 72 пратеници. Потребни се уште 8. Во јавноста веќе се шират листите кои пратеници би можеле да бидат дел од еден таков пазар. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ вели дека тие се против уставни измени и дека Спогодбата со Грција е капитулантска за Македонија. За партијата нема никаква дилема дека пратеничката група им е цврста и непоколеблива.

Но за „купувачите“ тоа значи дека треба да се бараат слабите точки кај одредени пратеници и да им се воочат предностите на некои пристојни и непристојни понуди. Во игра се и домашни и странски понудувачи, кои и пред референдумот во раце ја имаа листата на слабите точки од пратеничката група на опозицијата. Веќе се претпоставува дека овие понуди имале некакво влијание кај пратениците кои сепак излегоа на гласање на референдумот и не го послушаа повикот на претседателот на државата за бојкот или пак постапката на партискиот лидер за неизлегување на гласање. На гласачко место биле видени пратениците Јовановски, Рангелова, Данев, Иванов...

Се зборува дека некои пратеници последниве денови имале зачестени средби со домашни разузнавачи, со странски експерти за ПР и маркетинг (на пример агенцијата Стратагем интернешнел од Северна Ирска која во Македонија, преку донација на Велика Британија, ја помага ПР стратегијата на Владата). Како да помогнеме, што треба да направиме се првичните поставени прашања до пратениците, за на крај да се дојде до она најнепристојното - која е цената.

Засега сите сомневање за такви понуди се поткрепени само со неофицијални изјави на одделни пратеници. Од друга страна сите „осомничени“ веднаш се јавија по социјалните мрежи и јавно се колнат дека нема шанси да кренат два прста за промена на уставното име на Македонија. 

Останува да видиме како понатаму ќе се развива пазарот.

Од друга страна пак, на шала, пратениците од владејачкото мнозинство се лутат затоа што нивниот глас пак, како што е сега ситуацијата - нема цена!

Александар Стојановски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе