Целта не е досегашната Македонија, туку НАТО-вска Македонија

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

„И порачувам на добар дел од политичката елита во Македонија да престане со натпреварувањето кој е поголем Бугарин, затоа што Белград во меѓувреме повторно стана главен град на регионот или подобро речено регионален центар кој ќе биде локомотива за сите земји во опкружувањето во следниот период“. Оваа изјава беше дадена на 19 октомври на опозициската ТВ Алфа, од пратеник на опозициската ДПС од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот на Центар викендов се венчаше во косовска Грачаница, проследија медиумите. Владата и јавноста реагираа на здравствениот аспект низ призмата на пандемијата, но провокацијата на игнорирањето на МПЦ-ОА и медиумските пораки останаа спорадично третирани од премиерот, кој му е партиски шеф. Или, според изјавата на Заев „ако имало провокации, ги осудувам“, повеќе личи дека е негов партиски покровител кој и нема баш некакво влијание врз својот партиски функционер.

Овие пораки покажуваат и каков е распоредот на дел од политичките сили на Србите во Македонија. Сеедно дали се олицетворени преку надобудниот водач на навивачите на „Работнички“ на привремена работа градоначалник во срцето на Скопје или на другарчето на Додик со (најдолг) мандат во Собранието. Според функциите на цитираните – и распоредот на овие политички сили во најголемите партии (на Македонците).

Иако одделни, поракиве упатени во временско-концентриран манир покажуваат дека не се случајни. Ако игнорирањето на МПЦ и кокетирањето со ПОА на Вранишковски е потсетување на југо-српството дека следното прашање за Македонија е црковното, НАТО-вска Македонија го загрозува јужното одбранбено крило на анти-западното ориентирање на Србија кое Скопје го сече од југ во моментот кога ги затвора отворените прашања со соседите.

Нелагодноста на нивните промотори произлегува од тековниот процес на уредување на македонско-бугарските односи согласно Договорот за добрососедство. Исто како што добродојдено им е комплицирањето на дијалогот меѓу Софија и Скопје во однос на историските прашања и шокирањето на македонската јавност од Меморандумот на Софија до Брисел. Ретро-структурите имаат потреба од застој на дијалогот Косово-Србија и обезвреднување на и онака не баш јасниот договор Вучиќ-Хоти под покровителство на американскиот претседател Трамп. Кој за две недели се бори за реизбор.

Сепак, со аферата Живаљевиќ во вид, се покажува дека ова е само продолжување на вознемирувањето на ретро-белградските струи започнато со 27 април 2017. За кои:

-          Тиранската платформа и нејзиното инсистирање на расчистување со репресијата на југословенскиот режим во Македонија до 1960-те покажува дека предмет на интерес се режимските инсталации на поранешните југословенски служби, а не Србија, српскиот народ или Србите во Македонија, што ги уредува односите меѓу Македонците и Албанците во Македонија, но го трасира и уредувањето на односите на Србите и Албанците и во Македонија и во Косово и во Србија.

-          Уредувањето на историско-политичките односи на Скопје со Атина значи расчистување со титоистичките аспирации за излез на Егејското Море кои историски ги сублимираа митовите на Караѓорѓевиќ од почетокот на ХХ век и

-          Барањето на Софија за расчистување на соработниците на екс-ју службите од македонскиот безбедносен апарат значи последично отстранување на елементите на конфликтност на Македонците не само кон Бугарија, туку и меѓу Македонците и нашиот политички и медиумски простор.

Toa на површина вади две непосакувани теми. Првата е за Македонците – какви сѐ инсталации има во партиите во Македонија и кои се нивните (не)свесни изданоци?! Интересно, ако се погледне од страна, личи дека и ВМРО и СДСМ и ним блиските медиуми се најдени во триаголник, во кој југомакедонистите се третиот заеднички содржател во двете партиски структури и нивните медиумски антени.

Втората непосакувана тема е за Србите во Македонија: дали ваквите талози во партиското, коалициското и јавното дејствување во политиката и институциите во Скопје вистински го помагаат процесот на решавање на отворените процеси на денешен Белград? Односно, дали одржувањето на југомакедонизмот, носталгијата и романтизмот на Скопје кон југословенски Белград од пред три-четириесет години, било преку политичарите Срби или преку политичарите Македонци, денес воопшто е посакуван во Србија?

Со оглед на процесите на рекалибрирање на српската домашна економска, финансиска, одбранбена, безбедносна и надворешна политика кои постепено, но очигледно се ладат од Москва и Пекинг, смешно би било политиката во Скопје да го држи Белград во заложништво. Еднакво е легитимно Скопје да не дозволи пресметките во Белград да го држат во заложништво. Западниот пресврт во Белград (конечно) настапува. Секако, не е извесно колку тој ќе се ефектуира, но почетокот е задоволителен. Ротациите во Владата најавуваат дека расчистувањето на источната ориентација во цивилните служби е на ред, откако армијата стои во линија со претседателот Вучиќ. Неговата порака до социјалистите на Дачиќ е политички коректна, но и прецизна: „Поддршката на владата не е неопходна, но секако е добродојдена“ во спроведувањето на процесот.

Или попрецизно: Де-натоизација на Македонија е целта

Додека спорот Софија-Скопје се движи кон отворен билатерален спор што може да предизвика бугарско вето на македонските евро-интеграции, левичарите поднесуваат декларација до Собранието со која се повикува не само на отфрлање на софискиот меморандум, туку и на повлекување од мешовитата комисија за историските прашања. Ако предлагањето декларација што ќе ги лоцира спорните точки во меморандумот на Софија е потребно за ВМРО како факторизација на опозицијата во корекција на спорот, сега е редно да предупредам за неколку аспекти што Мицкоски не смее да ги премолчи или тивко да ги прифати во левичарското подметнување.

Доколку Македонија ја напушти заедничката комисија за историјата според замислата за целосно отфрлање на документот на Софија во вака предложениот собраниски документ, последиците се поголеми од привремен застој на интеграциите:

-          тоа ќе значи државно напуштање на договорот за добрососедство и пријателство од македонска страна, со сите последици на таквиот чекор,

-          непознаниците во нашата и историјата на нашиот сосед ќе останат, а со тоа ќе ја потхранат манипулацијата со историските факти или нивното сокривање и во следните шест, седум децении и

-          ВМРО-ДПМНЕ станува заложник на туѓа реторика, затоа што практично ќе биде воведена во позиција на кочничар на декомунистикацијата и дејугословенизацијата на македонското општество, политика и јавна реч.

А тоа е последната мисија што опозицијата би сакала или би смеела да си ја дозволи. Или слободно може да се запише во редот на антизападната партиска камарила во Македонија.

Во таков случај во Алијансата нема да се случи првиот спор меѓу земји-членки. Веројатно нема да биде ниту последен. Но нам непресметливост не ни е од корист, особено што интегративните процеси ни се половично завршени.

Истовремено, интеграциите за нас се прашање и на национален, но и на меѓуетнички консензус. Тоа е засега најкревката точка на НАТО-вска Македонија во која Заев и СДСМ го исцедија „едното општество за сите“ за пар политички поени, а Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште немаат сила да излезат од етно-македонските рамки и да градат позиција на национален консензус не само со СДСМ, туку и со ДУИ, АА и сл.

Неколкумина аналитичари навреме предупредуваа пред изборите дека источното влијание допрва ќе го чувствуваме после изборите. Нивните предупредувања се покажуваат како точни. Единствено не личеше дека толку евтино ќе можат да го спроведат проектот.

А за да не биде така – и Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми согласно такстативно наброени постапки.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе

Јас, Ангела Илиевска , учесник во повеќе протестни движења низ годините наназад, со себе го носам товарот на мојата личност и идеалите кои ги застапувам низ сите тие движења.

повеќе

Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

повеќе