Цароска, Рушити, Камбовски, Митреска... поднесете оставки и спасете го високото образование

Тие се виновни за криминалите и состојбите во високото образование.

Дека состојбите во високото образование во Република Македонија се алармантни и загрижувачки пишував во повеќе мои написи во последниве неколку седмици. Се откри меѓународниот скандал на Универзитетот во Тетово, односно на Медицинскиот факултет, преку истражувачката сторија на „Веритас“ за разни докторати, плагијати кај одредени професори на Медицинскиот факултет, каде се наведени примери од седум лица, наставен кадар на овој универзитет, за чии научни трудови е утврдено дека се плагијат. Но, и покрај ова, и уште многу други неправилности и други незаконитости, ректорот на Универзитетот во Тетово бара да се „протуркаат“ 15 докторанти со докторски плагијати. Откако е одбиено барањето од страна на деканот, ректорот го суспендира од деканското место. Овој меѓународен скандал доби пошироки размери на Балканот и пошироко, спомнувајќи го тетовскиот и крагуевачкиот универзитет од Република Србија. Додека во Србија, министерот за образование и наука го разрешува тамошниот ректор и се отвори истрага за откриени незаконски добиени докторски титули од Косово и Македонија, кај нас се молчи. Молчат од Владата на Р. Македонија, сите надлежни органи и институции (премиерот има специјален советник за образование професор д-р Татјана Стојановска Иванова, министерката за образование и наука Мила Цароска и нејзиниот заменик министер). За откриениот меѓународен образовен скандал изјавуваат дека не се надлежни. Таков ноншалантен однос демонстрираат и првите луѓе од Агенцијата за квалитет во високото образование и нивните органи, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација на високото образование, Не реагираат.

Како што вели народот „кучињата лаат, караванот си врви“. Тоа е со нашите надлежни институции. Но, ајде да се одиме со ред.

Согласно Законот за високо образование (Сл.весник на РМ бр.08.05.2018), се формира Агенција за квалитет за високо образование, со два органи кои се во составот на Агенцијата и тоа Одбор за акредитација и Одбор за евалуација на високото образование. За формирањето на Агенцијата за квалитет на високото образование тогашниот заменик министер за образование и наука професор д-р Пeтар Атанасов ќе изјави: „Со формирањето на Агенцијата за квалитет во високото образование нема повеќе да се говори политичарите се виновни, туку ќе се стави ред во оваа област“. Дали е така?

Агенцијата за квалитет на високото образование има ингеренции да утврдува дали со  проектот за основање на високообразовни установи и поднесената документација се исполнети условите за вршење на високообразовна дејност. Агенцијата носи решенија за акредитација, за основање на самостојни приватни или приватно јавни високообразовни установи. Агенцијата утврдува исполнетост  на условите за организирање на студии за нови студиски програми во високообразовните установи и го утврдува капацитетот за студирање на високообразовните установи, а потоа треба постојано да следи дали се исполнуваат барањата, а има овластување и да одзема акредитации. Ова теоретски е многу убаво срочено во ЗВО. Исто како што е убаво срочен и законскиот рок за формирање на оваа Агенција (една година од стапувањето во сила на новиот ЗВО од 2018 година), рок кој длабоко го прегазија надлежните кои возбудено и со фанфари ја најавуваат новата зора во високото образование во нашата земја.

Што покажува практиката, некои примери

Со Агенцијата за квалитет во високото образование раководи директорот Агим Рушити, кој треба да ги  проверува универзитетите во Македонија. Доаѓа од секторот за високо образование при МОН. Докторски студии завршил по математички науки на Факултетот за информатички науки на универзитетот во Нови Пазар, Р. Србија (овој универзитет  е познат по многу образовни меѓународни  скандали на магистри и докторати и затоа е потребно  независна експертска комисија да ја провери точноста на докторската титула на Агим Рушити, како и стекнатите наставно-научните звања на градоначалникот на Струга - Рамиз Мерко и нотарката Беса Кадриу на Струшкиот универзитет без нострификација од МОН, а чии дипломи и покрај законската обврска, остануваат ненострифицирани од страна на МОН). За ова треба да се ангажираат одделението за нострификација во МОН, но исто така и МВР. Агим Рушити со титула доктор на педагошки науки се стекнал на Филозофскиот факултет на УКИМ-Скопје. И тоа во време кога  бил раководител во секторот за високо образование при МОН. Истиот го ангажираат на Педагошкиот факултет„Свети Климент Охридски“ во Скопје, како насловен вонреден професор (извршен му е избор во наставно-научно звање), истовремено, е и насловен вонреден професор и на Факултетот за информатички науки при при Универзитетот„Мајка Тереза“ во Скопје. Може ли да се констатира дека има судир на интереси и злоупотреба на службената должност? Дотолку повеќе што според новиот Закон за високо образование, „едно лице не може да биде избрано во насловно звање на повеќе од еден универзитет“.  Тогаш како да очекуваме дека Агенцијата за квалитет под раководство на именуваниот Агим Рушити може да врши контрола на универзитетите каде се откриени и има доста незаконитости, кога самиот Агим Рушити ги прекршил правилата и стандардите кои треба да ги контролира и спроведува. Да не се заборави и фактот дека директорот Агим Рушити е активен член на политичката партија ДУИ, дел од Владата на Република Македонија. Јасно е зошто директорот Агим Рушити молчи и не дава никакви изјави за скандалите во високото образование, поконкретно на Универзитетот во Тетово со плагијати, докторски плагијати на научни трудови, докторски дисертации и слично, кои претставуваат најголем срам за академската фела. Чин со кој се гази по  професионалната етика, моралноста и високото образование во Република Македонија.

Затоа г-дине Рушити, и тоа како сте должни да одговорите на актуелните скандали кои го тресат македонското образование. Дали ќе го  преиспитате Универзитетот во Тетово, втор и трет циклус и нивните дипломи добиени од други замји? Дали ќе го преиспитате Универзитетот во Битола, каде што има голем број студенти за постдипломски студии од Косово, но и на други универзитети? Tреба да одговорите и како функционираaт факултетите на приватниот Европски универзитет, Струшкиот факултет, ФОН-универзитетот, Битолскиот и Тетовскиот универзитет, Факултетот за Безбедност, Ветеринарниот факултет во Битола… и други, кога немаат соодветен кадар (согласно ЗВО) или оној Струшкиот на Рамиз Мерко, каде има и имаше влијателни судии од Управен суд и од Апелацискиот  суд од Битола. А секако да не се заборави и приватниот универзитет МИТ-Скопје каде има кривична пријава за сериозни прекршувања на ЗВО, а за кои дури се вмеша и една странска амбасада. И таа пријава очигледно е затурена во некоја фиока. Очекувам да одговориш, како глава на институцијата која треба да го обезбеди редот во високото образование кој согласно законот очигледно е прекршен.

Академикот Владо Камбовски го води Одборот за акредитација за високо образование. За неговата работна активност како професор по Кривично право и правни науки нема да говорам. Но, може да се каже дека по пензионирањето зема активно учество во разни матични комисии за формирање на приватни универзитети, а е и ректор на приватниот ФОН универзитет. Па со право академската фела го поставува прашањето дали академикот Камбовски има контрола врз акредитирање и реакредитирање на студиски програми на универзитетите (факултетите). Ќе поставам конкретни прашања: Зошто господинот Камбовски го штити приватниот универзитет ФОН-Скопје? Дали се акредитирани студиските програми на англиски јазик на овој универзитет? Да, треба да одговорите лично вие. Што сте презеле за незаконитостите на овој (твој) универзитет? Дали има соодветен наставен кадар согласно ЗВО? Јас велам дека нема. Кои се странците на овој твој универзитет? Понатаму ве прашувам: Што е со огромниот број студиски програми кои се заглавени во постапките за (ре)акредититација во Одборот, а со кои безочно се блокира работата на некои  од непривилигираните факултети? Како ќе се акредитира новиот Правен факултет на универзитетот „Мајка Тереза“- Скопје, кои немаат соодветен наставен кадар или Студиска програма по Царина-шпедиција и осигурување, на овој политички универзитет? Академик Камбовски, треба за ова да одговорите. Дали со ова сте соучесник во овој образовен криминал во високото образование во Македонија? Јавноста бара јасни одговори. Ова од вас и се очекува како член на МАНУ. Во спротивно ги кршите правилата и етичките принципи и на академијата како највисока научна институција во државата.

Претседателка на Одборот за евалуација на високото образование, односно вреднување на акредитираните студиски програми на јавните и приватните универзитети е професор д-р Марина Митреска. Претходно беше член на Одборот за акредитација, но лично со поддршка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е поставена за претседателка на Одборот за евалуација за високо образование. Активен член на политичката партија СДС. Оваа професорка, која многу љуби да биде на функција ќе треба да одговара пред судот на правдата затоа што со несторување не ги извршува надлежностите од Законот за високо образование во делот на евалуација и со подзаконските акти кои самата ги има донесено. Да, нејзиното непреземање активности, значи неизвршување на дејства, што е казниво со КЗ.

Сакам да ја запознам домашната и меѓународната јавност дека по донесувањето на Законот за високо образование, овој Одбор за евалуација на високото образование, што го води професорката Митреска, нема извршено ниту една евалуација (вреднување) на ниту еден јавен и приватен универзитет во Македонија. Во нормална и правна држава веднаш после вакви образовни скандали во високото образование носител на таква функција веднаш поднесува оставка. Ама таму постои високо развиена свест и чувство за одговорност и при помали аномалии во високото образование. А кај нас! Кои се одговорни за ваквите аномалии во високото образование. Како го оправдуваат нивното постоење како орган, кога ништо не сработиле, а се платени да сработат. Самиот овој чин доволно говори за учество и самоучество во образовниот криминал во високото образование, состојби кои се загрижувачки и алармантни.

Ги повикувам, Агим Рушити, академик Владо Камбоски, Марина Митреска, не изоставајќи ја и Мила Цароска, да поднесат неотповикливи оставки од морални причини. Тие се виновни за криминалите и состојбите во високото образование. Заради нив образованието е таму каде што е. На дното. Ако имате малку доблест, и не сте отуѓени од разумот и свеста, веднаш треба да си одите. Ги очекувам вашите оставки. Одговорете.

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор

 

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе