Бугарската последна битка

Навистина е тешко да се разберат бугарските реагирања во последно време - зошто самите сакаат да си стават трн во здрава нога. Зошто толку им и важно да докажат дека Гоце Делчев бил Бугарин?

Во одговорот на колумната на Љубица Спасковска „Сите нации се конструкти", бугарскиот историчар Наум Кајчев тврди дека бугарската нација не е конструкт затоа што таа за основа го има бугарскиот народ кој, спрема Кајчев, има континуитет сѐ од среден век па до денес.

Македонската нација не може да биде нација, спрема Кајчев, затоа што не постои такво нешто како македонски народ и затоа е логично дека не може да постои ни нација. Народот во сите делови на Македонија се Бугари, спрема Кајчев. Тука ставовите на научникот Кајчев се идентични со официјалната бугарска политика - две држави, еден народ.

За непостоењето на македонскиот народ , Наум Кајчев, наведува податоци од среден век па наваму каде населението во географското подрачје Македонија, во различни извори, се нарекуваат Бугари. Но, тука тој ги  премолчува сознанијата, и покрај тоа што како на историчар мора да му се познати, дека во среден век името Бугари за славјанското население во Македонија беше повеќе ознака за државна припадност, а за време на османлиското владеење припадност на црква според кое и се правеше пописот на населението на т.н. милет-системот.

Создавањето на бугарската држава при крајот на седмиот век од нашата ера се случи со покорувањето на седумте славјански племиња од страна на волготатарскиот хан Аспарух. Таа  држава се наоѓаше на исток кај Црно Море. Волготатарите беа наречени влгари, а подоцна ја добија крајната јазична форма блгари. Процесот на асимилација на седумте славјански племиња со новите владетели се одвиваше со методи како камшик и морков, а за тоа беше потребно подолг временски период. Затоа на почетокот на првото бугарско царство не можеме да зборуваме за бугарски народ, туку само за припадници на бугарската држава. 

Подоцна, со експанзијата на бугарската држава на југ и запад се покоруваат и други племиња кои постепено заедно со првобитните седум племиња и волготатарите ја поставуваат основата на бугарскиот народ.

Но, не сите славјански племиња што беа покорени од бугарската држава прифатија да се дел од бугарскиот народ. Еден мој познат кој живее во околината на Софија и покрај фактот што неговите претци со столетија биле дел од бугарската држава за себе кажува: јас не сум Бугарин, јас сум Шоп. Истите чувства ги имаше и кај славајанските племиња во Македонија: Брсјаците, Струмјаните, Мијаците, Смољаните никогаш целосно не прифатија дека се дел од бугарскиот народ. Езераните, едно од најјужните славјанските племиња, кое ја имаше населено Мореа (Пелопонесос), никогаш во текот на своето постење не се нарекувале Бугари. Чисто затоа што не беа дел од бугарската држава. Езераните постепено беа хеленизирани и тоа што е останато од нив на Пелопонесос се само неколку имиња на топоними како Горица до Спарта или Пепеленица на северениот Пелопонесос. 

Наум Кајчев ги премолчува и сознанијата дека свеста кај населението во Бугарија за тоа дека се бугарски народ за време на повеќевековното владење на Османлиите беше изгубена. Благодарение на попот Пајсие Хиландарски и ред бугарски преодбеници во 19 век таа врска успеа постепено да се воозобнови. 

Ситуацијата кај славјанскитге племиња во Македонија беше иста, врската со минатото кај главно неописменото население беше избледена. Но, на крај се појави и македонскиот Поп Пајсие. Како што нагласува Горан Стојанов во неговиот одговор до Наум Кајчев, македонскиот Пајсие се појави во форма на митрополитот Гологанов, во форма на Пулевски и други, за на крај тоа да добие и идеолошка основа во статиите на Крсте Мисирков. 

Некојпат разликите меѓу Бугарите и Македонците полесно се согледуваа од странски набљудувачи. Карл Хрон во своето дело "Das Folksthum der Slaven Makedoniens", Виена 1890 година, пишува: Македонците не се ниту Срби, а уште помалку Бугари, туку се посебен народ, имено директни потомци на онславјански прадоселеници, кои го населувале Балканскиот полуостров уште долго пред српската и бугарската инвазија и кои не се измешале ниту со еден од овие два народа“.

Фактот дека народот во Македонија го избра името за себе по територијата, а не по некое племе кое имаше успеано да ги покори соседните племиња, е можеби само случајност. Пример за народи кои на таков начин го имаат добиено своето име се Французите по Франките и Швеѓаните по Свеите. Да потсетиме дека првиот предлог на Грција во почетокот на 90-те години беше Република Македонија да се нарече Драговитија по славјанското племе населено сѐ до Тесалија. Но во Македонија никое од  племињата не успеа да ги покори другите племиња и со тоа да го наметне своето име. Затоа изборот за името на народот по територијата беше нешто природно.

Дали притисокот што се врши од бугарска страна овие месеци е бугарската последна битка пред Република Македонија да добие датум за преговори во ЕУ? Чувствуваат ли Бугарите дека ако сега не го искористат орудието наречено вето дека тоа е нивната последна шанса да докажат дека Македонците се Бугари? А можеби ова е само една битка пред да се добие целата војна чија цел е остварувањето на идејата за еден народ ,една нација, една држава - Сан Стефанска Бугарија. Тука треба да се запрашаме кои ќе бидат понатамошните орудија на Радев и Каракачанов за остварување на бугарската национална идеја? Референдум или војна? Има ли други начини? Дали Бугарија, доколку го добие референдумот или војната, ќе сака  да ги приклучи и деловите од Македонија каде Албанците се во мнозинство или ќе се задоволи со источните делови до Вардар. Ако тоа се случи, што со тие Македонци што живеат во Тетово и Гостивар, зарем не се и тие Бугари?

Што ако при едно такво спојување на територија и население Македонците  уште еднаш се организираат како тоа што го направија во Втората светска војна и се побунат против туѓата власт. Која е анализата на Бугарија за тоа?

Навистина е тешко да се разберат бугарските реагирања во последно време - зошто самите сакаат да си стават трн во здрава нога. Зошто толку им и важно да докажат дека  Гоце Делчев бил Бугарин? И зошто не прават подобра анализа околу тоа. Ако Делчев бил Бугарин, а бил член на организација која работеше за создавање на независна македонска држава, тогаш Бугарите треба да го прогласат него за велепредавник наместо да трчаат со венци во црквата Свети Спас во Скопје. А можеби и биле свесни за тоа, барем во 1903 година, и баш и затоа тој бил и отстранет.

Напорите на Република Бугарија да создаде етничка чиста држава само го валка нејзиниот интернационален имиџ. Пресудата на Судот на Европа во Стразбург, Бугарија да го признае македонското малцинство е отфрлена од бугарска страна.  Тоа е всушност само продолжение на политиката од крајот на 80-те години кога Бугарија не успеа со сила да направи Бугари од Турците. Како алтернативно решение за тоа беше протерувањето на стотици илјади бугарски Турци за Турција. Бугарските власти тврдеа дека Турците тоа го направија по своја воља и истото беше, од бугарска страна, цинично наречено за „гољамата екскурзија". 

Прикладно би било бугарските политичари да се позанимаваат повеќе со тоа како ќе ги обезбедат правата на малцинствата во нивната земја, членка на ЕУ, и како ќе ги вклопат во една модерна бугарска нација. А не, како деновиве, на секаков начин да ја испробуваат можноста за експортирање на тесноградната етничка политика на Тодор Живков од 1984 до 1989 година.

 

Јован Христовски

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе