Колумна

Бугарите сакаат повторно да го решаваат тоа што веќе историјата го решила неповратно, рече Конески во '48. А да го послушаме?

Како што тргнало, на крај, кога ќе го оствариме сонот и конечно ќе влеземе во ЕУ, ќе бидеме нација X, со јазик Y, со националност Z? Кој ќе се радува на тоа?

И бугарската страна почна да ја проблематизира употребата на придавката македонски и се надеваме дека ќе се најде решение, изјави Драги Ѓоргиев, копретседателот од македонска страна на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања. Како тоа може да се најде „решение“ за придавката македонски, за нешто што одамна е решено? Како тоа го замислуваат историчарот Ѓоргиев и неговите колеги и оние што ги избраа нив во таа комисија?

Таман почна да попушта гневот од сите оние егзибиции со Преспанскиот договор и жонглирањата со придавката македонски, со Македонците во Грција (ама тие Македонци не се ТИЕ Македонци), со цртичките во „северномакедонската“ припадност, со употребата на (славо?)македонскиот јазик... Вчера Бугарија уште еднаш нѐ потсети дека може уште, дека уште има место да се „работи“ на бришењето на македонското во оваа држава и пошироко.

Затоа сега, во бугарската епизода од серијалот, имаме дека бугарскиот фашистички окупатор во Македонија бил само еден обичен Хитлеров административец. Дека пред 1945 не сме биле Македонци, туку неосвестени Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а не два рамноправни јазици. Кога ќе видиш, сѐ одамна решени работи.

Сега од Мешовитата комисија доаѓа нова порака - дека Бугарија има уште цртички, запирки, фусноти за додавање на оние грчките, дека Бугарите сметаат дека нема што ние кога сакаме и каде сакаме да ја употребуваме придавката македонски.

А Македонецот Ѓоргиев ни вели дека и за тоа ќе се најде РЕШЕНИЕ.

Да, до тоа „решение“ требаше да дојде вчера, за време на онлајн-средбата, кога нашите историчари требаше да кажат дека ги напуштаат разговорите. И самите велат дека бугарската страна еднострано гледа на сите работи, дека се обидува да ја наметне само својата гледна точка, дека Гоце Делчев бил бугарски револуционер... Е па? Што е дилемата?

По срамот и понижувањето што Македонија го доживеа со Преспанскиот договор, по сите последици што произлегоа од него (на пр. општото прифаќање на именката „Северномакедонци“, спротивно на договорот), сега ќе се ценкаме и за она малку што ни остана?

По заедничката историја, термин прифатен од македонската влада во преговорите со Бугарија, сега владиниот специјален претставник во Бугарија Владимир Бучковски ни најавува и заедничка иднина. На каква иднина мисли Бучковски по вчерашните најави на бугарските историчари што велат дека имаат сериозни забелешки на употребата на придавката „македонски“?

Како што тргнало, на крај, кога ќе го оствариме сонот и конечно ќе влеземе во ЕУ, ќе бидеме нација X, со јазик Y, со националност Z? Кој ќе се радува на тоа?

Не ли е доста од ова понижување, од ова поданичко однесување на поединци од власта? Каде е Брисел со неговите вредности и зошто молчи на неофашизмот на своите членки? Излегува дека маката е само да влезеш во ЕУ, а потоа може да правиш што сакаш неказнето погазувајќи ги нејзините темелни принципи?

„Бугарите сакаат да го ревидираат и повторно да го решаваат тоа што веќе историјата го решила неповратно“, напиша Конески уште во 1948.

Ако веќе самите сме ја загубиле способноста да бидеме достоинствени, треба само да ги послушаме големите Македонци во нашата историја. Ако ништо друго, им должиме ним.

Александар Дамовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

повеќе