Бугарите можат да ја забрзаат македонската еманципација

Сега, кога нашата држава ја предводат анационални лидери, кога супериорната бугарска власт смрди од агресивен национализам, ќе биде тешко да се изгради цврсто пријателство.

Пред рамно половина век, кога се основаа најзначајните духовни институции во Република Македонија, Бугарската академија на науките (БАН) објави обемна негаторска книга со мото: „Македонската нација се појавува на секои илјада години”.

Ние, тогашните млади интелектуалци, не знаевме дали треба да се смееме или да плачеме. Или во исто време да плачеме и да се смееме.

Затоа што тој нивни цинизам содржеше и дијагноза, но и терапија.

Излезени од сите можни ропства само пред неполни две децении, кутрите ние, бевме упатени на 90 проценти српски книги и публикации. Доколку и Бугарија беше во состав на Федерацијата, сосема веројатно дека ќе се служевме и со бугарски книги. Едната блиска духовна средина, српската, имаше зад себе 150 години континуиран развој на националните институции со вреднувани дела. И Нобеловец во своите редови.  Другата блиска духовна средина, бугарската, имаше зад себе близу 100 години непречен развој и многу вредни дела.

И сите три духовни средини во комуникациите ја користеа истата славјанска лексика, збогатена со изобилство турцизми, нормирана и кодифицирана во рамките на својот национален ентитет и идентитет (дури и денес Македонец, Бугарин и Србин можат лесно да се разберат без преведувач. Нешто слично како Италијанците од северот и југот на нивната татковина. Или Хрватите, Србите, Бошњаците и Црногорците).

Ете, судбината посака ние Македонците да се убедуваме со Србите во заедничка држава, додека со Бугарите да развиваме бесмислен антагонизам зад своите граници со пушкарници. Негација и примитивно оддалечување.

Од над илјада наши книги преведени на други јазици, половината се на српски јазик, но во исто време на македонски јазик беа приопштени највредните дела од српската духовна ризница.

Сега, кога нашата држава ја предводат анационални лидери, додека супериорната бугарска власт смрди од агресивен национализам, изгледа дека ќе биде тешко дури невозможно да се изгради цврсто и достоинствено пријателство. Но можеби сепак ќе превлада разумот. Да се извлече поука од релациите со Србите, дека е покорисно да се храбри и поддржува наместо да се негира и потценува. И бугарските духовни вредности да зрачат во обединетиот европски простор, се разбира двонасочно со македонските.

Зошто очекував во Резолуцијата на БАН да има повеќе светлина одошто паника?

И каква е таа наука што си зема слобода да му го негира духовниот развој на еден народ кој живее и твори на сопствената територија?

Во овие 75 години слобода Македонците го усовршија својот јазик, во нивните библиотеки се приопштени највредните дела на оваа цивилизација (70.000 наслови на книги и публикации на убавиот македонски јазик признат од целиот свет, непризнат од два агресивни соседи со кои треба да градиме соживот и хармонија).

Земам слобода да тврдам дека таа недолична паника во Резолуцијата е со плитки корени. Во ера кога човековите права се издигнати високо, бесмислено е да се негира и потценува духовниот живот на поединецот, особено ако си ги цени и сака своите традиционални вредности.

Не верувам дека некој во светот би поддржал ваков старомоден документ.

Мислам дека вистинскиот проблем е како да си простат меѓу себе Македонците со бугарска свест, кои се повеќе од два милиона, и Македонците кои низ трње се изборија за своето постоење на планетава, кои се помалку од два милиона. Ако овие вториве имаат во своите трезори 70.000 книги и публикации, тогаш првите можат да се пофалат со 170.000 книги и публикации натопени со романтизмот на Бугарија кон Македонија.

Во тој неудобен простор живее паниката, можеби и од двете страни на државната граница. И бугарските Македонци и ние останатите ги пееме истите македонски песни, ги играме истите ора. Ете тоа е за плачење и за смеење. Што се однесува до книгите и публикациите натопоени со афирмација или негација, во глобални времиња како овие, глувците ќе им се гостат...

Академик Божин Павловски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Интернационалистички, универзалистички и солидарен пристап е единствениот начин да се надмине еколошката и климатска криза, во регионот и пошироко.

повеќе

Мора да се пристапи кон воведување нови мерки за поголема контрола на лицата кои поседуваат нелегални пари.

повеќе

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе