Колумна

Бугарија и нацизмот

Една од причините за влошување на релациите меѓу Република Македонија и Република Бугарија во последно време е што во Македонија постојат споменици каде се испишани текстовите „бугарски фашисти“ и „бугарски фашистички окупатор“.

Фото: ЕПА

Актуелниот македонски премиер, соочен со критиките од бугарска страна заради користењето на овие термини, неодамна за еден бугарски телевизиски канал изјави дека Бугарите не беа фашисти за време на Втората светска војна. Тој исто изјави дека, додека беше кмет во Струмица, лично се има заангажирано за отстранување на текстови на споменици каде пишувало „бугарски фашисти“.

Ред би било, пред да се прави ревизија на историјата за дневнополитички потреби, да видиме што стои зад термините фашизам и нацизам како и кои беа политичките состојби во Бугарија пред и за време на Втората светска војна.

Фашизмот, како политичко движење, се појавува во Италија во дваесеттите години во минатиот век. Како главен иницијатор на движењето е Бенито Мусолини. Основните идеи на фашистичкото движење беа создавање на силна држава каде индивидуата е потчинета на државата. Други особини на фашизмот беа презирот кон идеологиите и демократијата. Тука е важно де се нагласи дека италијанскиот фашизам во дваесеттите и триесеттите години немаше расистичка содржина.

Идеите на фашизмот од Италија беа прифатени од Адолф Хитлер во Германија, но со една голема разлика. Хитлер на фашизмот ги накалеми идеите за социјалдарвинизмот и идеите за расната биологија. Социјалдарвинизмот е учење каде народите, кои самите се сфаќаат како надмоќни од другите народи, имаат поголемо или ексклузивно право на егзистенција. Тие народи имаат потреба од „Lebensraum“ (животен простор) и затоа можат да си земат за право да ги прогонуваат и уништуваат „послабите“ народи.

Втората точка која Хитлер ја накалеми беше учењето за расната биологија. Според тоа учење, на светот постојат раси кои се совршени. Една таква совршена раса е аријската раса во која спаѓаат Германците. Несовршените раси, според идеите на расната биологија, треба да се уништат за да не ја дегенерираат совршената раса. Меѓу несовршените раси или народи беа Евреите, Ромите и славјанските народи. Овие идеи Хитлер ги формулира во неговата книга „Mајн кампф“ со што нацизмот беше оформен како главна идеологија на хитлеровата Германија.

Во 1935 година во Германија беа изгласани т.н. Нирнбершки закони со кои им беа одземени речиси сите граѓански прва на Евреите. Законите им дадоа право на нацистите да спроведат терор над еврејското население. Тука е доволно само да ја споменеме Кристалната ноќ на 9 ноември 1938 година кога 400 евреи беа убиени, 267 синагоги опожарени и преку 7.500 еврејски дуќани вандализирани.

Но нацистите не се задоволија само со тоа. На злогласната конференција во Wannsee, на 20 јануари 1942 година, која беше свикана по барање на Херман Геринг, беше донесена одлуката за крајното решение на еврејското прашање. Тоа значеше создавање на концентрационите логори каде подоцна милиони Евреи ги загубија своите животи. Записникот на таа конференција го водеше Адолф Ајхман.

Подемот на нацизмот во Бугарија

Со доаѓањето на новата власт во Бугарија во 1935 година, кога царот Борис III и во пракса го претвори парламентот и владата во орудија за свои цели, во Бугарија почнува копирањето на германската нацистичка политика. Првите чекори се прават преку генералот Христо Луков, бугарскиот министер за војна од 1935 до 1939 година. Христо Луков истовремено беше водач на нацистичката организација Сојуз на бугарските национални легии. Организацијата имаше 75.000 члена. Луков беше личен пријател со Херман Геринг и одликуван, како и Борис III, со германскиот орден Железен крст.

Во 1936 година во Бугарија беше основана нацистичката партија Ратник која воспостави тесни врски со хитлерова Германија. На 20 септември 1939 година Ратник, по примерот на Германија, ја организираше бугарската Кристална ноќ кога низ Софија беа уништени низа дуќани и имоти на Евреи. Водачот на Ратник, Петар Габровски, во 1940 година во владата на премиерот Богдан Филов е назначен за министер за внатрешни работи. Габровски од своја страна го испрати својот сопартиец Александар Белев во Германија да ги студира Нирнбершките закони. Бугарската варијанта на тие закони е наречена Закон за заштита на нацијата. Законот е изгласан во бугарскиот Парламент на 24 јануари 1941 година. Покасно Александар Белев е назначен за шеф на Секретаријатот за еврејски прашања. Задачата на секретаријатот беше спроведување на антиеврејските закони односно крајно решение на еврејското прашање. Со законите им беа одземени скоро сите граѓански права како на бугарските Евреи, така и на Евреите во „ослободените земји“ односно Вардарска Македонија, Тракија и Јужна Србија. Истиот Белев на 22 февруари 1943 година потпиша договор со претставникот на Адолф Ајхман за Бугарија, Теодор Данекер, договор за депортирање во логорите Треблинка и Мајданпек на 8.000 Евреи од Бугарија и 12.000 од „ослободените земји“.

Од горе наведеното можеме да дојдеме само до една констатација. Бугарскиот режим за време на Втората светска војна беше копија на германскиот нацистички режим и затоа не може да се нарече поинаку освен нацистички. Тука би требало да се согласиме со актуелниот премиер на Република Македонија дека текстовите на спомениците каде што пишува „бугарски фашистички окупатор“ треба да се избришат. За да нема некој што погрешно ќе сфати дека сите Бугари беа фашисти. Се разбира дека тоа не беше така. Во Бугарија несомнено постоеше движење кое се бореше против нацистичкиот режим и против договорот на Белев со Данекер. Движење кое успеа во март 1943 година да ја спречи депортацијата на 8.000 бугарски Евреи за Треблинка, а исто и на останатите 40.000 кои подоцна требаше да се депортираат. Меѓу тие што покажаа храброст да се спротивстават на нацистичкиот режим треба да се споменат политичарот од Ќустендил, Димитар Пешев, владиката од Пловдив, четириесетте парламентарци кои гласаа против депортацијата како и многубројните бугарски граѓани кои се побунија и со тоа ја спречија депортацијата.

Но, ако одиме по тоа кои личности беа на власт во Бугарија во тие години текстовите на спомениците низ Македонија, во името на коректноста, треба да се заменат со текстот „бугарски нацистички режим“. Од тие причини што баш тој режим беше крив за тоа што им се случи на битолските Монастирлиј, како што Евреите во Битола се нарекуваа самите себе. По доаѓањето на бугарската „администрација“ во Битола, како што денешните бугарски политичари сакаат да го нарекуваат периодот помеѓу 1941 до 1944 година, на Монастирлиите им беа одземени сите права, им беа одземени имотите и тие беа принудени да се приберат во битолското гето. Синагогата Арагон беше претворена во кланица за свињи. Во март 1943 година сите 3.351 Евреи од Битола беа депортирани за Треблинка. Само неколку десетици преживееја, но доволен број за да посведочат што зло им се случи.

Неодамна премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, изјави дека спасувањето на бугарските Евреи беше заслуга на целиот бугарски народ. Со тоа тој тврди дека бугарскиот народ се состоеше од само добронамерни Валенберговци. Да потсетиме дека Раул Валенберг беше шведскиот дипломат кој доделувајќи шведски пасоши на Евреите во Будимпешта спаси од сигурна смрт повеќе од десетина илјади души. Зошто тоа не се случи и со битолските Монстирлиј? Зошто ако веќе бугарскиот народ нагло тргна да ги спасува Евреите во Бугарија, кои беа бугарски државјани и имаа бугарски пасоши, не им подели пасоши и на Монастирлиите? Затоа што бугарските власти со законот за државјанство од 10 јуни 1942 година одлучи да им додели државјанство на сите граѓани во „ослободените земји“, но не и на Евреите, односно на тие кои Борис III пред Синодот на Бугарската црква ги нарече ”опасност за цивилизацијата”. Со тој закон судбината на 7.215 македонски Евреи беше запечатена.

Бугарија денес

На фудбалскиот натпревар против Англија во октомври 2019 бугарски неонацисти извикуваа расистички навреди спрема играчите на англиската репрезентација. Критиките кон Бугарија од европските држави беа масовни. Бојко Борисов беше принуден да му даде отказ на претседателот на Бугарската фудбалска организација. Борисов понатаму изјави дека Бугарија е една од нај толерантните земји во светот каде луѓе од различни етнички групи и религии живеат во мир.

На жалост изјавата на Борис Борисов не се совпаѓа со тоа што денес се случува во Бугарија и кои случувања можат да се објаснат со појавата на неонацистичките струења во земјата. Еден пример е маршот со факли во чест на Генерал Луков што секоја година се организира во Софија од страна на неонацистичката организација Национален Сојуз. Толеранцијата за која зборува Борис Борисов често се нарушува со вандализирање на еврејски гробишта и синагоги од членови на Националниот Сојуз како и со чести напади кон ромското малцинство.

Во коалиционата влада на Бојко Борисов ќе најдеме членови со искажани нацистички погледи. Така на пример во 2017 година Бојко Борисов го назначи Валери Симеонов од Националниот Сојуз за шеф на Секретаријатот за интеграција на етничките групи и покрај протестите на повеќе организации за човекови права. Протестите се засноваа на изјавите на Симеонов за создавање на „модерни концентрациони логори“ и за тоа што тој ги нарече Ромите за „диви човеколики суштества“.

Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов ги нарече Ромите за „извонредно безобразни“ и повика на „комплетно решение на циганското прашање“. Неговите повици направија неонацистите да излезат на улиците и да бараат „смрт на циганите“.

Членот на Европскиот парламент од бугарското ВМРО, Ангел Џамбаски, работеше активно на ослободување од затвор на неонацистите Николаи Јовев и Димитар Лазаров. Џамбаски ги нарече Ромите за примати и ги повика жителите на Софија да ги исчистат улиците од „непожелните елементи“.

Дали е време Република Бугарија да расчисти со нацистичкото минато и сегашност и официјално да се извини за злоделата за време на Втората светска војна? Дали е време за една отворена дебата по овие прашања во бугарското општество? Изгледа дека за тоа е прерано – кај бугарската јавност сѐ уште преовладува мислењето дека бугарската Кристална ноќ како да не се случила, законите против Евреите како да не беа донесени, логорите каде бугарските Евреи беа изложени на принудна работа како да не постоеја, а 11.323 Евреи од Вардарска Македонија, Тракија и Јужна Србија како да не беа испратени во сигурна смрт.

Но ако не можеме да бараме општо извинување и каење од владата во Софија, барем бугарскиот конзул во Битола би можел да се поклони пред споменикот за Евреите од Битола кои ги загубија своите животи во Треблинка. Да го потсетиме конзулот дека од бугарскиот конзулат на Широк Сокак до еврејската маала каде се наоѓа споменикот нема ни сто чекори.

Јован Христовски, историчар

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе