Буџетско партиципирање: граѓанско учество во создавање на буџетите

Граѓаните можат да побараат од општината да учествуваат во дискусијата на Советот преку различни форми и иницијативи, кога ќе се дискутира за предлог-планот за развој пред неговото одобрување.

На тој начин, во периодот од октомври до декември, граѓаните имаат шанса да го искажат својот став во нивната општина за програмите за развој кои се предложени за одобрување.

„Граѓанското учество е од суштинско значење да ги задржи институциите во континуирана работа и да го поттикне економскиот раст“, вели Дарон Ацемоглу, ко-автор на книгата „Зошто нациите не успеваат“. Оваа изјава е поттикната од идејата дека јавните институции кои обезбедуваат граѓанско учество во креирањето на буџетските програми и јавните политики во една држава се инклузивни и се клучни за економскиот раст и развој. Со поттикнување на граѓанското учество се создава основа за одговорна, отчетна и транспарентна локална власт. Создавањето инклузивни институции на локалната самоуправа може да поттикне и создавање инклузивни институции на централната власт. Инклузивноста на јавните институции се заснова на тоа колку тие ги поттикнуваат граѓаните и засегнатите страни (невладиниот сектор, бизнис секторот, граѓанските здруженија, месните и урбаните заедници, итн) да се вклучат во дебата која ќе им овозможи да ги искажат нивните потреби, проблеми и идеи за подобрување на средината во која живеат, а со тоа и да се зголеми социо-економски раст и развој.

Што е граѓанско учество

Британика го опишува граѓанското учество како широк сет на пракси и ставови на вклучување на граѓаните во општествениот и политичкиот живот со цел зголемување и поттикнување на демократизацијата на општеството. Според Американската асоцијација на психолози, граѓанското учество вклучува индивидуални и колективни акции кои се дизајнирани да ги идентификуваат и решаваат прашањата од јавен интерес. Целта на граѓанскиот ангажман е да поттикне соочување на општинската и централната власт со грижите на јавноста и да се промовира квалитетот на заедницата. Граѓанското учество се занова на тоа дека кога граѓаните учествуваат преку значајни активности, многу проблеми можат да бидат решени или рано идентификувани.

Законот за локална самоуправа (член 25) предвидува инклузивен процес на донесување одлуки. Имено, членот дефинира дека непосредно учество на граѓаните е поединечно или колективно вклучување во донесувањето одлуки за работи од локално значење во општината. Законот ги предвидува следните облици на непосредно учество: граѓанска иницијатива, собир на граѓани, референдум, претставки и предлози, јавни трибини, анкети и предлози. Тоа значи дека на граѓаните законски им е обезбедено правото да учествуваат во процесот на создавање на јавните политики и буџетот на општините.

Иако законот јасно го дефинира учеството на граѓаните, тој не наведува и не им наложува на општините да создаваат, организираат и да поттикнуваат учество на локалните засегнати страни во процесот на донесување одлуки. Ниската свест, малата информираност и незаинтересираноста на граѓаните овозможува процесот на креирање на јавните политики и буџетот да бидат креирани единствено од општинската администрација, наместо со вклучување на пошироката јавност.

Што е буџетско партиципирање

Една од карактеристиките на граѓанското учество е буџетското партиципирање. Буџетското партиципирање овозможува креирање ефективни, ефикасни и општествено корисни политики пришто граѓаните ќе имаат шанса и можност да ги искажат потребите, желбите и проблемите во општината или во институциите од централната власт. Со него се обезбедува поголемо и значително влијание на граѓаните врз животот на својата заедница, се градат мостови на доверба и на соработка меѓу локалната власт и граѓаните и се зголемува транспарентноста и отчетноста на локалните институции. Потребата од буџетско партиципирање е да се намали заканата од нетранспарентното, неинклузивното и неодговорното трошење на јавните пари.

Пример на ваквата пракса е проектот Скопје 2014, за кој јавноста не беше консултирана и се` уште не е информирана за вистинскиот трошок на проектот, иако се претпоставува дека целиот проект изнесува повеќе од 634 милиони евра. Нетранспарентното и неинклузивното креирање на буџетските програми може да доведе до спроведување на неефективни и неефикасни јавни политики кои ќе имаат негативно влијание врз трошењето на јавните пари.

Буџетското партиципирање ги ангажира жителите и групите на заедницата да разговараат за приоритетите за трошење на јавните пари, да даваат предлози за трошење и да гласаат за нив, но и му дава на локалното население улога во следењето и во надзорот на процесот. Примарната цел на буџетското учество, и тоа што го прави важно, е стремежот да ги вклучи сите кои се исклучени или изоставени од граѓанското учество, како што се ранливите категории граѓани (жените, младите, сиромашните, малцинствата итн.).

Еден од примерите за буџетско партиципирање е формирањето на Граѓански парламент во Прилеп, преку кој граѓаните учествуваат во идеите и спроведувањето на јавните политики на општината. Преку овој јавен настан, граѓаните во соработка со Општина Прилеп одлучија дека треба да се отвори Дневен центар за церебрална парализа.

Според Институтот за развојни студии, буџетското партиципирање ги овозможува следните позитивни страни за заедницата:

  • Се олеснува учеството на жителите во процесот на донесување одлуки на локално ниво со цел подобрување на локалната одговорност, квалитетот на локалните услуги и квалитетот на животот;
  • Ја зголемува кохезијата на заедницата и овозможува да се соберат различни луѓе;
  • Го зголемува развојот на општествениот капитал;
  • Го подобрува односот меѓу жителите и локалните власти;
  • Ја зголемува свеста и информираноста на населението за тоа како работи општината и како го подготвува буџетот;
  • Го подобрува разбирањето кај граѓаните на тоа како се трошат јавните пари;
  • Развива ефективни механизми за поддршка и за планирање проекти;
  • Воспоставува јасни процеси и линии на одговорност, транспарентност и отчетност на локалните власти.

Како да се учествува

Граѓаните можат да побараат од општината да учествуваат во дискусијата на Советот преку различни форми и иницијативи, кога ќе се дискутира за предлог-планот за развој пред неговото одобрување. На тој начин, во периодот од октомври до декември, граѓаните имаат шанса да го искажат својот став во нивната општина за програмите за развој кои се предложени за одобрување. Тие можат да дадат предлози за подобрување, критики, идеи и приоритети на заедницата. Ваквата инклузивна средина ќе овозможи креирање политики кои ќе бидат корисни и за општината и за нејзините граѓани. Дополнително, заедницата може да коментира дали насоките од буџетскиот циркулар соодветно се следат и имплементираат, што е од особена важност за транспарентноста и отчетноста на локалните власти.

Целта на петте членки на мрежата FISCAST, како ѝ на невладината организација Finance Think е да го поттикнат ваквото граѓанско учество во креирање на буџетите на општините Кавадарци, Неготино, Росоман, Сарај, Ѓорче Петров, Крива Паланка, Куманово, Старо Нагоричане, Прилеп, Кривогаштани и Крушево преку проектот „Мои пари, моја одговорност: Партиципативно буџетирање во општините во Македонија“,  поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. FISCAST создаде и прирачник за учество во буџетскиот процес во општините, кој треба да им помогне на локалните власти и на сите заинтересирани страни (месни заедници, невладин сектор, бизнис сектор, здруженија итн.) за спроведувањето на буџетското партиципирање во нивните општини, како ѝ за подигање на свеста и информираноста на локалното население за буџетскиот процес и трошењето на јавните пари.

м-р Иван В'чков

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Напредокот и оптимизмот што ги обележаа децениите по 2. Светска војна се гледаа во создавањето на средната класа, составена од луѓе што, иако родени во куќи со земјени подови, завршија со факултетски дипломи и добри работни места во големите градови. Поседуваа автомобили и викендички, летуваа на море и патуваа во странство без визи.

повеќе

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе