Бришење на македонството е ограбување на космополитството на Албанците

Промената што треба да се случи веднаш е народот да испрати порака до ВМРО и СДСМ за тоа дека платформата на Албанците не е платформа за соживот и напредок на Македонија.

Првиот политички конфликт во историјата на човештвото се случил околу 6-8 илјади години во минатото. Во тоа време, во плодните области на реките Тигар и Еуфрат, еден дел од луѓето започнале да го практикуваат земјоделството како организиран начин на живот. Ова подоцна резултирало со прогонство на луѓето што го претпочитале номадскиот начин на живот и не сакале ја обработуваат земјата. Овој заклучок може да се протолкува од првите страници во Библијата, од приказната за децата на Адам и Ева - Каин и неговиот брат Авел. 
 
Во приказната, Каин е земјоделец, а Авел е сточар. Двајцата му принесувале жртва на Бог, но тој не сакал да го погледне Каин и поради тоа, овој го убил својот брат. Господ го проколнал Каин со зборовите: „Ќе ја обработуваш земјата, но таа веќе нема да ти го дава нејзиниот род“. 
 
Пред да стане колевка на цивилизацијата, земјата по течението на реките Тигар и Еуфрат прво била колевка на земјоделството. На еден дел од луѓето земјоделството отпрвин им се чинело како примамлив животен предизвик и извесен извор на храна, но по само неколку генерации тоа се претворило во опасна замка. Тенденцијата на племето на Каин била да произведува што повеќе храна, да има што повеќе деца и да се шири што повеќе, за да обезбедува повеќе земја за да не умре од глад (ова се нарекува „малтузиска замка“ според Томас Малтуз, кој тврди дека растот на населението резултира со раст на земјоделскиот производ).
 
Првите земјоделци ја загубиле човековата невиност затоа што станале свесни дека можат да раководат помеѓу „доброто“ и „лошото“, што е симболизирано во делот од приказната каде Ева посегнува по плодот од „дрвото на животот“, кое исто така во книгата се нарекува и „дрвото на знаењето за доброто и лошото“.
 
Замката во која западнале првите земјоделски племиња значела загрозување на племињата што живееле полуномадски живот. Номадите, олицетворени во симболиката на Авел, ги напасувале своите стада овци и кози и се служеле со плодовите што растеле во изобилство по теченијата на големите реки. 
 
Тие живееле совршено одржлив начин на живот, без депресија, без организирана агресија и убиства (види D. Fry: Beyond War). Антропологијата (види M. Sahlins: Stone Age Economics) нѐ учи дека домородните племиња овој начин на живот го практикувале од појавата на хомо сапиенс, па сѐ до појавата на земјоделството. На териториите што биле освоени од страна на Европејците во Јужна и Северна Америка, во Австралија, Југоисточна Азија, Африка и на Сибир, домородниот живот згаснува пред само неколку децении.  
 
Кога еден дел од луѓето на Тигар и Еуфрат сфатиле дека земјоделието и растот на населението резултира со поделба на трудот, употреба на оружје за решавање на меѓусебни спорови и создавање на општествени класи, тие започнале да стравуваат од „каиновскиот“ начин на живот. Овој егзистенционален конфликт најверојатно се одвивал во текот на еден или два милениума, додека на крајот „Каин“, од удобноста на првите градови, не ги прогонил номадите, кои морале да се распрснат на сите страни. Номадите биле малубројни, не биле воено-стратешки организирани и не знаеле како ефективно да комуницираат помеѓу сличните групи. Заканата по нивниот начин на живот без сомневање поттикнала создавање на нова и поинаква свест. 
 
Луѓето што морале под присила да ги напуштат своите огништа најверојатно и самите ја почувствувале потребата да се организираат за да можат да го зачуваат начинот што за нив бил докажан како начин за суштински исполнет живот. Може да се протолкува дека овие промени кај номадите поттикнале создавање на нова свест што им ги предочила предностите на одржувањето на комуникациска мрежа, организиран надзор на нивното номадско пространство, механизми за пренесување важни пораки и дипломатски односи помеѓу најмудрите мажи во племињата со цел донесување на најдобрите одлуки во случај земјоделците да тргнат во кампања на организирано протерување на номадите и преземање на нивната земја.
 
Оваа тема од човековата историја се провлекува низ вековите на минатото, каде што оние со „план“ за животот ги бркаат оние што едноставно, живеат. Може да се каже дека приказната за Каин и Авел се поклопува со приказната за Македонците и соседите, но ако ја гледаме историјата на Македонците низ таа призма, треба да воочиме кои суштински тенденции нѐ довеле до сегашната состојба.
 
Поради тоа што ова не е научен труд и нема простор, ќе се ограничиме на неколку и тоа на кратко. Прво, ширењето на христијанството на она што претставува географска, а своевремено и етничка Македонија резултира со хуманизирање на населението. Познато ни е дека Охрид имал 365 цркви, дека скопска Црна Гора порано се нарекувала Света Гора, дека низ земјава има безброј мистериозни цркви, манастири, карпести келии на богомили, пештерски цркви и многу други докази што сугерираат дека извесен период во историјата, Македонија била Тибет на Балканот, а влијанието од овде се ширело и подалеку. 
 
Дека продуховените луѓе не се наклонети да војуваат може да се види во примерот на Кина. Кога колонистите дошле во Кина, таму речиси и немало отпор, иако тамошниот народ бил надмоќен во бројки. Дека древната духовност им овозможила на туѓинците економски да ја потчинат Кина може да се види од најголемиот зафат во периодот наречен „Културна револуција“, за време на комунистичкиот диктатор Мао Це Тунг. Во овој период Мао наредува „бришење“ на сите традиционални вредности, на чело со конфучијанизмот и таоизмот. Диктаторот наредува јавно критикување на конфучијанизмот и негово системско дискредитирање, што доведува до присилна замена на неговите доктрини со далеку попрагматичните комунистички максими за трудот, производството и единството на народот. Културната револуција на Мао всушност имала за цел да ги истера оние елементи на кинеската култура што ги хуманизирале Кинезите, бидејќи луѓето што се свртени кон себе имаат илјада причини за избегнување насилство и конфликт. За жал, (де)еволуцијата на човештвото не остава во една Европа каде што народите се принудени да се бранат или да напаѓаат – на крајот на краиштата, тоа е всушност сеедно. 
 
Дали жителите на Македонија биле хуманизирани до таков степен од страна на христијанството и богомилството, што дошло до отфрлање на доктрините на војната, на сметка на силно влијание на културата? Остануваат многу необјаснети прашања за состојбите на Балканот во тоа време, или барем на оние површини околу Македонија, но како да го објасниме присуството на огромен број македонски топоними во денешна Грција, сѐ до пределите на Пелопонез и на островот Крф? Како да го објасниме присуството на македонски топоними во Албанија, кои се појавуваат врз целата територија? И што значи ова за Македонците денес кои се борат да го прекинат ѓаволскиот круг на долгогодишното политичко и социјално измачување? 
 
Денес имаме платформа на Албанците во која се наведени барања што доколку станат дел од политичкиот дискурс, ќе го продолжат кругот на политичко и социјално измачување. Платформата е засилена од тезата дека Македонците окупираат албански територии и дека во минатиот век Албанците биле подложени на геноцид, иако историјата ни кажува поинаку. За да се разбие митот дека Албанците се жртва на Македонците, потребно е да се востанови ЕДНАКОВ однос на дијалог и разбирање помеѓу двата народи.
 
До еднакво разбирање можеме да дојде преку согледување на топонимите во Албанија што носат македонски имиња. 
 
Да се запрашаме сите, Македонци, Албанци, што се случило со жителите што им ги дале имињата на местата Дивјак, Церковица, Граждан, Лешница, Брегас, Бистрица, Бежан, Љубојне, Каменица, Дренове, Равоник, Син, Николица, Старе, Борове, Тренешиште, Сухе, Лабове, Селцке, Горанџи, Неправиште, Глина, Пепел, Бодриште, Горишове, Селенице, Поличане, Молиште, Богове, Подгоран, Межгоран, Пештан, Либофше, Грабјан, Росковец, Високе, Сиње, Порочан, Братиле, Ѓинари, Гостиме, Драгот, Варош, Селба, Голем, Карпен, Домен, Шпиље, Спанеш, Трбуф, Шиштавец, Коловоз, Слатина, Шумат, Слова, Соходол, Зимур, Старавец, Бегунец, Черјане, Белово, Радомир, Плоштан, Трепче, Еребаре, Сопот, Шупеница, Бомово, Коњари, Ковашице, Краста, Ливадја... и така натаму. 
 
Очигледно, нешто им се случило на Македонците во Албанија, а историографијата не го покренала тоа прашање за да го одговори. Дали Македонците биле избркани или биле асимилирани или се претопиле во Албанци преку заборавање на македонскиот јазик? Дали Албанија била мултиетничка земја која за неколку генерации се претворила во хомогена, доминантно албанска земја? И дали албанската држава денес им дава гаранција на малцинствата и ги поттикнува на тоа дека можат да го прикажуваат својот идентитет без последици по напредокот во животот?
Одговорите на овие прашања во овој миг се помалку важни од потребата да се потсетиме на приказната за Каин и Авел и за тоа како една сорта луѓе предизвикала расипување на друга древна култура, односно древен начин на живот што бил мирољубив, ненасилен и самоодржлив.
 
Дали со платформата на Албанците се поплочува патот за наголемо навлегување на максималистичката политика на албанските партии во Македонија што пополека но сигурно ќе ги истурка Македонците преку веќе видени методи, како креирање меѓуетнички тензии, криење зад невладината мимикрија наречена соживот, идни случаи на масовни труења на ученици Албанци како оние во 1996, 2002, 2006 и 2014, и така натаму? 
 
Ова гледиште не е против Албанците и се надевам дека никој нема да се најде навреден од изнесувањето на податоци што се вистинити и што одат во прилог на вистинскиот напредок. Овие наводи се во полза на цивилизацијата, хуманоста и космополитизмот. Македонците не се таков народ што би си ја загадувал душата со планови како да му го загорчи животот на друг народ. Македонците се нашле во оваа положба поради повеќе фасцинантни причини - дел од кои можат да бидат лоцирани во нешто што претставува трансхуманистичко, еволутивно исфрлање на потребата да се контролираат туѓи животи. Доказ за тоа е простиот пример што Македонците во институциите, државните тела и јавните претпријатија не знаат да заповедаат задачи на работниците, што резултира со мрза, застој и неработење. Поради што Македонците не знаат ефективно да бараат и очекуваат, без тоа да произлегува од чудни внатрешни инхибиции, земјава се наоѓа во таква положба. Но тоа не е нешто што не може да се смени. 
 
Промената што треба да се случи веднаш е народот да испрати порака до ВМРО и СДСМ за тоа дека платформата на Албанците не е платформа за соживот и напредок на Македонија. Партиите треба да ја согледаат пораката дека нема ништо погрешно во нивното обединување во натпартиска согласност со цел да се заштити државноста на Македонците, што нема да биде на штета на другите народи. Обединување на ставот дека платформата е ирационална ќе испрати порака до меѓународната заедница дека Македонија е национална држава со мултинационален карактер. Сите разлики што настанаа од политичката криза потоа можат да се решат на цивилизиран начин, со ресетирање на односите и со ново ниво на дијалог преку повисока свест и со помош на добронамерните умови на народот. 
 
Јавното, активно и рационално претставување на фалшливоста на платформата може да доведе и до ресетирање на меѓуетничките односи, што може да биде импулс партиите да почнат поинаков приод кон суштинските прашања. 
 
Во спротивно, доколку биде избришано македонството, Албанците ќе бидат ограбени од една похумана, повозбудлива и космополитска верзија на историјата на народот. Историјата на Балканот не започнува со повлекувањето на Османлиската Империја и со војните за поделба на Македонија. Не треба да одиме многу далеку во минатото за да видиме дека ова парче на европското тло било неверојатно разновидно и дека овде никогаш не постоеле етнички чисти средини. 
 
Зошто албанските политичари имаат цел да го заковаат последниот клин во балканскиот ковчег е одговор што го знаат само тие. Зошто Албанците-интелектуалци молчат на овие антицивилизациски одредби, додека Македонците-интелектуалци отсекогаш ја поддржувале мултиетничноста и приспособувањето на државата со цел подобар живот за сите? Дали тие не можат да го пробијат мразот на својот страв дека да се зборува вистината е антиалбански чин, кој патем може да биде и санкциониран? 
 
Мартин Анастасовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

повеќе

Во САД и во многу европски земји, просечните плати стагнираат, и покрај тоа што многу од економиите закрепнаа од финансиската криза од 2008 година.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе