Боснизација и на Македонија

Слепото прифаќање на сите препораки на меѓунариодната заедница во однос на решавање на проблемите во Македонија може да биде кобно за земјава.

Што се случува во Македонија? За какво сценарио зборува Никола Груевски по загубените локални избори од ВМРО-ДПМНЕ? Што сака Груевски да каже со тоа дека сега следува фазата за промена на името на Македонија и на македонскиот идентитет?

Кога ваквите обвинувања доаѓаат од губитник на избори и човек кој е сериозно осомничен за корупција и криминал како поранешен премиер на Република Македонија, навистина резервите треба да бидат големи.

Но, ако на купче се стават сите работи кои новата власт на чело со премиерот Зоран Заев ги направи за само четири месеци, и ако се соберат сите нивни најави во однос на името, тогаш не треба да се исклучи тезата за некакво сценарио на меѓународната заедница, а тука особено е истакната улогата на дипломатијата на САД.

Иако претходната власт се надеваше на некаква промена на курсот на надворешната политика на САД по доаѓањето на Доналд Трамп за претседател на оваа држава, тоа барем засега не се случува. Теоријата дека Трамп сѐ уште не ги пофаќал сите конци во американската државна администрација некако не се исполнува.

САД силно притискаат конечно да се реши проблемот со името. Тие силно ја притискаа и Владата на Груевски, но очигледно таму многу потешко им одеше во споредба со прифаќањето на тој притисок од страна на новиот македонски шеф на дипломатијата Никола Димитров и премиерот Заев. Се разбира притисокот е еднакво насочен и кон Грција, но од таму не доаѓаат меки и помирливи изјави како што тоа се случува од Македонија. Сите досегашни изјави на грчките политичари се сведуваат на позитивните оценки за промената на власта во Македонија, за кооперативноста на Скопје, но нивниот став останува - ерга омнес, ново име за Република Македонија за целосна употреба.

Нема ни барем некаков позитивен знак за тоа дека Македонија би можела да стане членка на НАТО и со привременото име во ОН, БЈРМ. Веќе се лицитира и со можно брзо решение за името, до пролетта наредната година, кога во Грција се очекуваат нови избори.

Дека новата македонска власт слепо ги следи препораките на дипломатијата на САД покажуваат и потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, иницијативата за потпишување на сличен таков договор со Албанија, отстапките на домашен терен на барањата на партиите на Албанците во Македонија, законот за јазици, најавата за промена на финансирањето на општините... Срдечните реакции на американската дипломатија на овие владини потези ја покажуваат сервилноста на оваа Влада. Откажувањето од грижата за македонското малцинство во Бугарија (според Договорот) ќе остане како еден сериозен пропуст на СДСМ во одбраната на националните интереси на Македонија.

Информациите за тоа дека иден амбасадор на САД во Македонија можеби ќе биде Хојт Брајан Ји, еден од главните оперативци на САД за Балканот, само го докажуваат интересот на оваа земја за една поинаква разврска на балканските проблеми.

Интересот на САД во однос на Албанците и Албанија во регионот само го потврдуваат она што се случува во Македонија и односот на СДСМ во однос на нивните барања. Најавата на Зијадин Села, првиот човек на коалицијата Алијанса за Албанците, за формирање на некаков сојуз на општините каде што градоначалници се Албанци, остана без никаква реакција од премиерот Зоран Заев. Алијансата е дел од владината коалиција.

Иако сите овие работи не се ни најмалку компатибилни со стандардите кои самата меѓународна заедница ги дефинира и постави, ЕУ и САД за сите овие т.н. унапредување на човековите права и на правата на заедниците, молчи. Немаат никаква реакција. Напротив тие тоа само го поттикнуваат, а со тоа и ја разгоруваат атмосферата, генерално на Балканот и како да сакаат „боснизацијата“ да ја прошират во регионот.

Сите овие работи, ако некој не ги гледа или не сака да ги види, можат да бидат кобни за Македонија. Одамна се предупредува на ова, но за жал засега нема никаква посериозна реакција од кој било позначаен политички субјект во Македонија.

Александар Стојановски  

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Определуваќи се за европските вредности на демократијата се наоѓаме пред историска шанса која не треба и не смее да се пропушти не само во односите со Бугарија.

повеќе

Македонија сѐ повеќе заглавува во сиромаштија чија стапка изнесува скоро 22 отсто од вкупното население, речиси една третина од децата живеат во сиромаштија.

повеќе

Дали поновите, посјајните и посложените нешта автоматски значи дека се подобри? Всушност, најчесто вистината е спротивна на тоа.

повеќе