Борисов на 11 Октомври да се поклони пред споменикот на жртвите од бугарскиот фашизам

Зоран Заев од позиција на премиер удира во самите темели на асномска, антифашистичка Македонија.

Неодамнешното телевизиско интервју на премиерот на Владата на РМ и  претседателот на СДСМ, Зоран Заев за црногорската Антена М со право предизвика многубројни реакции во македонската јавност. 
 
Во изминативе денови доста беше речено за несмасноста и недоветноста на неговиот во суштина фаталистички и целосно недипломатски исказ во врска со советите од неговите неименувани советници кои укажуваат дека постои сомневање дека тој, Зоран Заев, „симболот” на промените и слободата во Македонија, е следниот над кој може да се изврши атентат.  Поради тоа, овде нема да се осврнеме на таа христијанска желба за саможртва во која амбициозното момче од Муртино, би сакало да се поистовети со Исус Христос. За таа потсвесна фројдовска проекција друг пат на друго место.
Она што е повеќе од шокантно и застрашувачки во тој разговор на македонски теми, се три поразителни сознанија.
 
Според немуштиот исказ на премиерот, намерата самоволно, без претходни широки консултации и седржавен консензус да се најде како што вели тој „ново име” на Македонија и со тоа да се реши ирационално наметнатиот проблем од страна на нашиот јужен сосед во врска со уставното име на Македонија е во најмала рака опасна авантура.  Со тоа тој, Зоран Заев, покажува дека Република Македонија како своја државна стратегија нема не само своја јасна црвена линија во однос на постојаните грчки побарувања од Македонија, туку дека тој и неговиот тим, ако воопшто постои нешто такво околу него, немаат ни визија за тоа што и како понатаму. Тој лефтерен ситно-сопственички, маалски однос и бегството од јавно и јасно соочувањето со комплексниот проблем во кој е вклештена МКД од нејзиниот осамостојување до денес е во најмала рака не само неодговорен, туку е и антидржавен.
 
Инаку вреден е за потсетување и фактот дека во суштината на грчкото негирање на постоењето на Република Македонија е токму македонскиот антифашизам во текот на Втората светска војна. Не треба да се заборави дека голем број Македонци партизани  антифашисти учествуваа на страна на Грчката демократска армија во борбата против грчките ројалисти националисти во текот на бруталната Граѓанска војна во Грција од 1946 до 1949 година.
 
Вториот неодговорен исказ на премиерот Зоран Заев е комплементарен со првиот. Неговиот ноншалантен став, инфантилно христијански, наивно и неодговорно однесување во однос на последиците од договорот за добрососедски односи со Бугарија не е само застрашувачки, туку е истовремено и разорен.  Тоа е огромен чекор кон разградување на Македонија. Од него јасно се гледа дека премиерот има не само сериозни празнини во своето образование, туку сериозни проблеми и со својата идеолошка, демократска и антифашистичка определба.
 
Со својата апологија на бугарските намери срочени во договорот за добро соседство и со безусловното прифаќање на нивните настојувања за ревизија на бугарското  брутално фашистичко минато во Македонија и отстранување на  таа вистина од учебниците по историја во Македонија, Зоран Заев од позиција на премиер удира во самите темели на асномска, антифашистичка Македонија.
Нужно е се чини овде, а и не само овде туку секаде, Зоран Заев постојано да се потсетува за да научи,  дека Македонија е создадена и признаена како држава во антифашистичката борба против германската и бугарската фашистичка окупација на Македонија во текот на Втората светска војна. Таа е и конституирана како резултат на таа борба на заседанието на АСНОМ на 2 Август 1944 година. Во периодот од 1941 до 1944 година, бугарските фашистички окупатори имаат извршено во Македонија голем број брутални злочини. Листата на имињата на антифашистите борци за слобода кои се брутално убиени од бугарскиот фашистички окупатор е долга… Треба ли да се потсетуваме тука на Мирче Ацев, на Страшо Пиџур, Кузман Питу, Вера Циривири, на Цветан Димов, и на многу други.  Треба ли тука  уште еднаш да се потсетуваме на масовното бескрупулозно стрелање на младинците од Ваташа…. или пак на соработката на бугарските окупаторски власти со германските нацисти кои на 22 Март 1943 година од Македонија депортираа околу 11.000 Евреи и ги пратија во смрт во концентрациониот логор Треблинка.
Дали со Договорот за добрососедство со Бугарија, и со неговите еднострани репресивни клаузули не се оправдува и бугарската фашстичка колаборација и со погромот на македонските Евреи? Дали со тоа не се разградува до крај и не се поништува асномска антифашистичка Македонија? Дали со тоа не се дава легитмитет на ирациналните барања на јужниот сосед кои всушност негирајќи го постоењето на асномска Македонија го негира всушност нејзиниот антифашизам врз чии темели таа е изградена и постои?
 
Злочинецот и злочинот имаат име секогаш. Како инаку ќе проработи и ќе профункционира правната држава ако нема правда.
 
Во нашиот македонски случај тој злочинец и неговиот злочин извршен на македонско тло во текот на Втората светска војна имаат име. Тој злочинец се вика бугарска фашистичка окупаторска власт во Македонија.
 
И како што беше веќе еднаш посочено во исказот „Kniefall von Warschau, Kniefall von Skopje” авторот на овие редови верува во добрососедски односи, но само врз рамноправни односи и со заемно почитување.
 
„Да, надминување на судирите од минатото e предизвик и, соработка треба да има, но само врз рамноправна основа, врз почитување на меѓународното право и правда, врз основа на историските факти и со меѓусебно признавање на разликите и реалноста во која постоиме. Исто онака како што Вили Брант отиде во Варшава 1970 година и клекна на колена пред жртвите на фашизмот во Полска, и со својот Kniefall von Warschau симболично го призна злочинот, исто така Македонија треба да побара, бугарскиот „далновид” премиер Борисов да дојде во Макодонија, не на Илинден, туку на 11 Октомври, и да се поклони пред споменикот на жртвите на бугарскиот фашизам во Македонија, да појде во музејот на Холокаустот да одаде почит на единаесетте илјади депортирани Евреи од Македонија и симболично да го признае злочинот на бугарскиот фашизам во Македонија“.
 
Од овие два застрашувачки искази на премиерот Заев, многу лесно може да се заклучат уште многу други непријатни работи како на пример: наивност, некомпетентност, необразованост, и уште што не. Меѓутоа, една од нив се искажува како сериозна закана за иднината на Македонија. Односно ако според професорот и искусниот дипломат во пензија Ѓорѓи Спасов, Зоран Заев е „лидер со налудничава храброст”, кој верува дека е спасителот на Македонија, многу лесно може од таа налудничавост утре задутре да се изроди еден нов налудничав лидер. Тој утрешен водач, по сите показатели не неговото однесување до сега, може да биде авторитарен лидер апсолутист и диктатор, ништо подобар од оној, кој граѓаните на Македонија со судни маки го симнаа од власт. Нов лидер со налудничава храброст не ѝ е потребен на Македонија. На Македонија ѝ е потребен образован, искусен, мудар и стамен политичар, дипломат и водач со интегритет кој има јасна демократска, граѓанска  и антифашистичка визија. Сѐ останато е уште еден брз чекор повеќе кон комплетното исчезнување на Македонија.
Наум Пановски
(7 ноември 2017, Њујорк, САД)
(Преземено од Цивилмедиа)
 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

На Водно навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

повеќе

Неконтролираниот политички развој, кој создаде пет парламентарни партии на етничките Албанци, ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај aлбанскиот блок, туку и на ниво на државата. 

повеќе

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 се носи во екс-пост заробена држава каде тензиите помеѓу администрацијата, економските агенти, клиентите и општеството се големи.

повеќе