Колумна

Бојан Главашевиќ: Политичар, пиштол и злато ја туркаат Македонија во кал

Хрватска и Северна Македонија имаат јаки културни и историски врски и традиционално добри односи. Заради тоа, но и заради хрватското искуство со пристапните преговори, Хрватска треба да биде најдобриот пријател и бранител на нејзиниот европски пат, особено откако Северна Македонија е изложена на токсичен национализам и на неправда, нешто за што во Европската унија не смее да има место, пишува во колумна за Аутограф хрватскиот пратеник Бојан Главашевиќ анализирајќи ги бугарските условувања, но и предупредува дека Хрватска засега молчи..

По повеќе од седум години од приемот на Хрватска во Европската Унија, денес пошироката јавност главно заборави како изгледаше тој процес на пристапување.

Не беше ниту лесен, ниту едноставен, а во одисејата која траеше повеќе од десет години (ако се гледа од денот на поднесувањето на барањето за пристапување) се среќававме со многубројни сцили и харибди и, поминавме низ нив - од неславниот „замор на проширувањето" до долготрајата блокада од Словенија.

Денес сето тоа делува како некој тежок и напорен сон, делумно заборавен во вревата на секојдневието.

Но, важно е да не заборавиме како изгледаше нашиот пат кон Европа, важно е поради повеќе причини.

Пред сѐ, во тој период нашата политика често пати беше принудена да бара заеднички јазик и да носи одлуки со консензус со кои се надминуваат меѓупартиските поделби.

Консензусот не е нужност во дневната политика, напротив, понекогаш е и штетен, но кога во прашање се клучните и долгорочни интереси на граѓаните, добрите политичарки и политичари мора едни на други да си подадат рака и заедно да ја определат насоката по која земјата ќе се движи.

Немањето на таков консензус е нешто што во овие пандемиски времиња се покажа како една од главните слабости за неуспехот на Хрватска во борбата за безбедност и здравје на граѓаните.

Втората лекција на која нѐ научи нашиот пристапен процес е тоа колку е горчливо да се биде во позиција на послаб кога некој ти нанесува неправда.

Притоа мислам на блокадата на преговорите и на притисоците од страна на Словенија, со цел прашањето на границата во морето и на копно - значи едно билатерално прашање помеѓу две земји - да го реши во рамки на пристапните преговори.

Словенечката страна, како полноправна членка на ЕУ, имаше право да ги блокира преговорите. Меѓутоа, тој механизам не е замислен како алатка со која се решаваат билатерални прашања, туку како привремено запирање на преговорите со цел земјата која сака да ѝ пристапи на Унијата да добие на време заради усогласување на своето законодавство со законодавството на Унијата.

Со други зборови, пристапните преговори се заеднички, колективен и делиберативен процес, а не можност со употреба на сила и со уцени да се стекне полза.

Конечно, нашето искуство со пристапните преговори е важно, бидејќи денес и Хрватска ја има улога во одлучувањето кои земји можат да станат членки на Европската Унија и се очекуа од неа да има активна улога во оценувањето на успешноста на земјите кандидати во имплементацијата на законодавството на ЕУ.

Нашето искуство мора делумно да го обликува начинот на кој ние се поставуваме кон земјите кандидати иако и самите почувствувавме неправда во тој процес. Сепак, сметам дека е одговорно и праведно да бидеме будни и да застанеме во заштита на земјите кандидати доколку видиме дека некоја членка ги злоупотребува инструментите за блокада на преговорите на штета на земја кандидат.

Токму со таква неправда од страна на Бугарија во моментов се соочува Северна Македонија, а Хрватска, барем засега, молчи.

Имено, Бугарија неодамна го блокираше преговарачкиот процес со Северна Македонија на крилјата на најлошиот национализам со негирање на македонскиот јазик, идентитет и со реимагинацијата на македонската историја.

Разни бугарски официјални личности, политичарки и политичари изјавуваа фрази во стилот на тоа дека Македонците се „Бугари со испрани мозоци", дека „Тито ги натерал да се изјаснуваат поинаку", а пак во документот кој официјална Софија им го прати на сите земји членки на ЕУ наведува дека од Северна Македонија бара во својот Устав да напише дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и дека „македонскиот идентитет има бугарско потекло".

Со други зборови, во прашање е класичен национализам и реторика која Хрватска и тоа како може да ја препознае во говорите на Слободан Милошевиќ, Воислав Шешељ и на други носители на големосрпската политика од деведесетите години.

На таквата реторика и идеологија местото им е во ограбената историја, а не во преговорите за пристапување во ЕУ, заедница втемелена на вредностите на мирот, демократијата, почитувањето на разликите и на меѓусебното почитување.

Нема никака потреба за контра аргументирање на бугарската позиција; така само би се дал легитимитет на една политика и реторика за која никако не смее да има место бидејќи е во потполна спротивност со начелата на кои е втемелена Европската унија.

Во Бугарија наближуваат изборите. Актуелниот премиер Бојко Борисов е соочен со низа на обвинувања за корупција и, на авторот на овие редови му е сосема јасно дека „аргументот на национализмот" е неговиот начин да го сврти од себе вниманието на граѓанките и граѓаните.

Неодамна, Борисов во разговор за угледниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг" одби да одговори на прашањето за обвинувањата за корупција, но затоа пак за блокадата на преговорите со Северна Македонија го кажа следново:

„Можен е компромис, но мора да знаете за што станува збор. По Втората светска војна бугарските комунисти и Коминтерната, под контрола на сталинистичка Москва, поради идеолошки причини сакаа со сила Бугарите во Македонија да ги претворат во Македонци. Бугарите беа присилени да се наречат Македонци".

Со други зборови, класични националистички фантазмагории во кои комунистите се виновни за сѐ.

За тоа колку Борисов беше уверлив доволно зборува фактот дека насловот на интервјуто беше „Политичар, пиштол и злато", заради една од тајно снмените фотографии од спалната соба на Бојко Борисов на која, во фиоката на неговото спално шкафче, се гледаат пиштол, банкноти од 500 евра и златни плочки.

Хрватска и Северна Македонија имаат јаки културни и историски врски и традиционално добри односи. Заради тоа, но и заради хрватското искуство со пристапните преговори, Хрватска треба на Северна Македонија да ѝ биде најдобриот пријател и бранител на нејзиниот европски пат, особено откако Северна Македонија е изложена на токсичен национализам и на неправда, нешто за што во Европската унија не смее да има место.

Како што словенечката блокада ѝ наштети на довербата на нашите граѓани кон ЕУ, така и оваа блокада може да предизвика штета во довербата на граѓанките и граѓаните на Северна Македонија.

Молчењето на официјален Загреб долгорочно, е лошо за Хрватска: за нас е важна стабилноста на Западен Балкан, почнувајќи од безбедноста и слободата на движење, па сѐ до трговијата, а најдобар и најодржлив начин таа стабилност да се постигне е токму во Европската Унија.

Северна Македонија постигна огромен напредок на сојот европски пат во последните неколку години. Немањето поддршка од Европската Унија, а тоа значи и од Хрватска, би можело да ја отвори вратата за враќање на корумпираните националисти кои Северна Македонија со години ја кочеа.

На крајот на краиштата, со отворањето на преговорите, Европската Унија ѝ даде ветување на Северна Македонија дека ќе го награди нејзиниот напредок. Со молчењето ние го кршиме тоа ветување.

A, доколку ја познаваме културата на Балканот, тогаш знаеме дека од човекот се бара да се држи до дадениот збор. Доколку еднаш изневериш, повеќе никој нема да ти верува.

Јас не сакам Хрватска да биде држава која ги крши ветувањата дадени на добри пријатели.

Бојан Главашевиќ е независен пратеник во хрватскиот Сабор, член на Зелено-левиот пратенички клуб. Тој е дипломиран лингвист и дипломиран социолог.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе