Блаже Ристовски – посветеник на македонската историска вистина

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

Академик Блаже Ристовски (Гарниково, Кавадаречко, 1931–2018, Скопје) е автор на импозантен научно-истражувачки опус што има капитално значење за македонската историографија, фолклористика, филологија, литературна историја и славистика. Континуирано, со многу љубов, трпеливост и темелна подготвеност, шест децении ги проучуваше појавата, развитокот и афирмацијата на македонската национална мисла. Како верен и доследен следбеник на Mисирковите идеи, се придржуваше до фактите и во своите текстови секогаш поаѓаше од нивната изворност, автентичност и непорекливост. Автор е на 70 одделни публикации со над 36.000 страници и на мноштво одделни прилози во зборници, списанија и во периодичниот и дневниот печат.

Овие податоци покажуваат дека во лицето на овој наш посветеник на историската вистина, ние имаме научник од голем формат, кој со фанатична работливост и упорност, во светските архиви ја истражуваше и ја афирмираше долговековната историска слика на Македонија. Кон наведениве факти и констатации за научниот профил на Блаже Ристовски, треба да се одбележат и неговите работни ангажмани на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана, во Институтот за фолклор, во Институтот за национална историја, во Институтот за старословенска култура и во Македонската академија на науките и уметностите, каде што под негово раководство се реализирани крупни научно-истражувачки проекти.

Од бројните наслови на акад. Блаже Ристовски, посебно треба да се издвои „Историјата на македонската нација“, во која тој пишува за појавата, развитокот и афирмацијата на македонската нација, задржувајќи се посебно на трудовите што се однесуваат на темите: Македонија како етно-историски субјект, Унијатското движење и македонската свест, Национално-политички и револуционерни борби, Лозарството како национално движење, Македонската национално-политичка свест во илинденскиот период, Македонското научно-литературно другарство во Петербург и првата национална програма, Националните аспекти на Мисирковото дело, Борбата за автономија пред новото распетие на Македонија, Манифестации на македонската свест по Првата светска војна, Нова епоха на борбата за национална и државносна афирмација, Оружената борба за ослободување и обединување и создавањето на првата македонска држава итн. Со овие текстови Ристовски презентира јасна слика за реалноста на македонскиот континуитет низ вековите и притоа го поставува прашањето: Зошто Македонците последни на Балканот дојдоа до полна национална афирмација?

Во исклучително плодните творечки години, Блаже Ристовски темелно ги истражи и научно ги согледа централните пројави во нашата историја: словенската писменост и христијанизацијата, државните формации во Македонија во средновековието, почетоците и развитокот на преродбенскиот процес и борбата за обнова на Охридската архиепископија. Голем е неговиот влог во афирмирањето на Македонското научно-литературно другарство во Петербург, што претставува основа на новата епоха во македонската културно-национална мисла и акција. Исто така, неодминливи се неговите прилози, во кои со изострено чувство за научна аргументираност пишува за македонскиот културно-национален развиток, конкретно за првите писатели на родниот збор: Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, за Браќата Димитрија и Константин Миладиновци, за Рајко Жинзифов и Григор Прличев, како и за учебникарите Анатолиј и Партенија Зографски, Димитар Македонски, Димитар Узунов, Кузман Шапкарев, Венијамин Мачуковски и Ѓорѓија Пулевски. Посебно внимание заслужуваат студиите за македонскиот фолклор.

Благодарение на повеќедеценискиот истражувачки и научен ангажман на академик Блаже Ристовски, ние денеска ги имаме најкомплетните монографски изданија, посветени на стожерниците на македонската национална свест: Ѓорѓија Пулевски, Васил Икономов, Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски, Кочо Рацин и Никола Вапцаров. Неговите монографии се богат трезор на факти, согледби, истражувања и коментари за личности од нашето историско, книжевно и јазично наследство и сведочат за една стаменита и енергична личност, која целиот свој животен и работен век го посвети на Македонија и Македонците. Текстовите на акад. Ристовски ги краси лапидарен јазик, прочистен до степен на исцизелираност, што е реткост кога се работи за творби од овој вид.

Круна на блажевата посветеност на објавување круцијални дела е првата „Македонска енциклопедија“ во издание на МАНУ, за чија комплетна реализација тој беше иницијатор, осмислувач и главен и одговорен редактор. Во подготовката на ова капитално дело со девет илјади одредници, учествуваа 260 соработници од сите области, а свечената промоција се одржа во 2009 година во преполнетата сала на Македонскиот народен театар во Скопје. На овој голем чин, тогашниот претседател на МАНУ, академик Георги Старделов  во промотивниот говор истакна дека. „Таа не е само енциклопедија на македонскиот народ, туку и на македонската држава.“ А, академик Гане Тодоровски констатира дека нејзиното објавување „ќе успее троа од троа да ги смири инертните наши непромислени противеља и традиционални противници, на кои им сме до ден денешен трн во окото.“ Веднаш по  нејзиното промовирање „Македонската енциклопедија“ предизвика бурни реакции на одредени влијателни личности и под притисок на политиката беше забранета и сега фаќа мувла во депоата на Македонската академија на науките и уметностите. Со овој чин, ние можеби станавме единствената земја која лесно се откажува од научните факти и од вистината.

Ставовите на овој научник се актуелни, како и во периодот на нивното појавување. Без разлика на политичката конјунктура, неговите полемички текстови и како научник и како граѓанин имаат иста тежина. Тоа е така, бидејќи тој не отстапуваше од македонската кауза. Оттука и констатацијата дека ставовите на Ристовски беа принципиелни и во полемиките со српски, бугарски, албански, грчки и македонски општественици, публицисти и научници. И денес се актуелни текстовите, како што се „Обиди за дестабилизација на Македонија“, „Каде оди Македонија?“, „Ја федерализираме ли Македонија?“ и многу други, независно што се пишувани пред триесет или пред дваесет години.

Влогот на Блаже Ристовски во историската научна мисла, во лингвистиката и книжевноста, во фолклористиката, во мемоаристиката и публицистиката е од посебно значење за целокупната македонска научна мисла. Неговите дела се неисцрпен извор за читателите и за научниците, како и за љубопитните странски хроничари и толкувачи на македонските историски процеси.

Опонентите на Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

 

Раде Силјан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе