БиХ: медиумите оградени со политички и етнички фрустрации

Постоењето на три етнички јавности и една, условно речено граѓанска, која постои само во поголемите градови каде што Бошњаците се мнозинство, предизвикува длабоко поделен медиумски простор.

Една од клучните потреби на универзитетското образование за новинарите е да се воведат повеќе практични лекции од искусни професионални новинари, а од професорите е потребно да ја намалат дозата на политички ангажман и да развијат дебатни предавања.

Длабоко поделената јавност, етнички и територијално, влијае на известувањето на медиумите. Повеќето медиуми и новинари известуваат на начин што одговара на нивната целна група. Она што во еден дел од земјата е предмет на критика, во друг дел не е. Секој има свои национални фаворити и свое гледиште на историјата и иднината на државата. Затоа слободно може да кажеме дека однесувањето на повеќето медиуми во голема мера е условено од политичките елементи, а земајќи предвид дека етничките фрустрации и конфликти во БиХ никогаш не биле поголеми во последните 20 години, следствено и медиумската фрустрација е огромна.

Автоцензура, лидер во ограничувањето на слободата на медиумите

Елементите кои влијаат на слободата на медиумите се повеќе или помалку стандардни за секое општество, но она што има посилно влијание, и тоа токму поради оваа етничка поделба, е автоцензурата. Таа се манифестира кај сопствениците, уредниците и кај новинарите. Од врвот до дното. Автоцензурата во значителна мера е резултат на уверувањето на поединците дека ставот на сопствениот народ е точен. Таквото уверување во новинарската професија може да се одрази со непрофесионален начин на медиумска продукција - изборот на информации, акцентот на теми што ги потврдуваат ставовите на таа група, негативни коментари кон оние кои, според доминантната национална политика, се противници. Овие методи понекогаш не се лесно забележливи и за разлика од неточните информации, тие некогаш тешко може да се уредат со регулативи или со саморегулирање на медиумите. Затоа многу медиуми во БиХ тврдат дека се објективни бидејќи, на пример. на сите им дале можност да кажат нешто. Но, она што е спорно е на кој начин го сториле тоа и во каков контекст.

Новинарот од Сараево, Алмир Пањета, во едно истражување на „Медиа центар“ од Сараево за слободата на медиумите вели дека цензурата е еден од главните проблеми што ја ограничува слободата на медиумите. „Не само кај новинарите, туку и кај многу граѓани, постои страв од тоа јавноста да не те разбере и да те осуди, Автоцензурата ги „изеде“ речиси сите автори кои слободно размислуваат. Се пишува на начин на кој никој нема да може да ти замери или така што замерките ќе бидат што е можно помали“.

Амир Сужањ, уредник на јавното Радио 1 БиХ, во истражувањето за кредибилитетот на медиумите изјави дека медиумскиот простор во БиХ главно претставува огледало на општеството. „Кадровската политика во медиумите е сериозно нарушена, така што во медиумите дојдоа многу луѓе кои „залутале во новинарството“. Целосно свесни за своите сериозни недостатоци, тие се согласуваат да бидат политички играчки на оние на кои им служат. Во таква ситуација, автоцензурата е клучен елемент во нивната работа, што во голема мера се одразува на квалитетот на медиумските содржини".

Автоцензурата најмногу е изразена во гледиштето на клучните национални и „квази-национални“ интереси. Тие не смеат да бидат доведени во прашање. Доколку нешто што е самопрогласено или политички зададено и прифатено од страна на мнозинската јавност е доведено во прашање и се оспорува, постои закана за губење на работното место, замерки од околината, па дури и физички напади.

Закани и напади врз новинарите

Многу е тешко да се процени бројот на закани, па дури и отворени напади врз новинарите, бидејќи во БиХ не постои единствена евиденција од ваков вид. Според Линиите за помош на новинарите, до крајот на 2017 година заведен е 41 напад на новинари. Од оваа бројка, најголемиот број закани, вкупно 21, од кои тринаесет (13) се вербални и осум (8) се закани по живот, додека останатите се однесуваат на физички напад (6) и политички притисок (14). Здружението на новинари на БиХ нагласува дека државните институции и политичките актери не преземаат одговорност за заштита на новинарите. Напротив, политичарите често се оние кои напаѓаат новинари. Причините за овие напади се примери за известување на новинарите кои не им одговараат на политичарите. Овие напади обично не се санкционирани. Во базата на податоци за водење случаи во правосудниот систем не постои можност за евидентирање случаи кои се исклучиво поврзани со закани или напади врз новинари. Податоците за 2018 се уште не се објавени, но од здруженијата на новинари на БиХ добивме информации дека има околу 50 пријави. Овие бројки се она што самите новинари ги пријавиле. Проценка на Институтот „Медиа план“ од Сараево, врз основа на новински исечоци на темата на притисок врз медиумите (2013), е дека бројката на закани и напади е пет пати повисока, но новинарите молчат за тоа, особено во помалите заедници, поради страв за себе, за своите семејства, да не ја изгубат работата, или не ги сметаат за премногу сериозни.

Во извештајот на Народниот правобранител во БиХ за ситуацијата и заканите кон новинарите во Босна и Херцеговина се наведува дека во случаи на напади врз новинари не станува збор само за нарушување на физичкиот интегритет на една личност и кршење на законот, туку тие случаи испраќаат јасна порака, како до новинарите така и до јавноста. Во овој контекст, новинарите обично испраќаат слика дека ако ја вршат својата професија на начин што може да биде оспорен од страна на поединец или група, тие ќе ги сносат последиците, а сторителите остануваат неказнети. Пошироката јавност, ако забележи дека одредени јавни личности (вклучувајќи ги и новинарите) можат неказниво физички да се нападнат, ќе го сфатат ова како отсуство на владеење на правото во државата и ќе се плашат да ги изразат своите ставови и мислења.

Небојша Вукановиќ, поранешен новинар на телевизијата БН и блогер, во едно интервју во истражувањето наречено „Медиумски иницијативи во борба против корупцијата“ (2019 година), рече дека секојдневно претрпува закани. „Во изминатите шест месеци, добив 7 тужби за надомест на ментална болка, секоја во вредност од 10 илјади конвертибилни марки. Спорно е тоа што ја наоѓам врската меѓу властите и матни зделки и милионски злоупотреби. Верувајте ми, денес е храброст со мене да излезе човек на пијалок. Доволно е да седнеш со мене во кафеана за да бидеш сослушуван за тоа. Значи, притисокот е навистина голем за секој кој се бави со истражувачко новинарство“.

Во процепот помеѓу профитот и јавниот интерес

Во новинарството секогаш ќе има тензии помеѓу желбата за профит и етичкиот мандат да се работи во полза на јавниот интерес, при што професијата понекогаш мора да тежнее кон компромис помеѓу овие две обврски. Идеалното општество е компромисно општество. На тој начин, лојалноста кон финансиерите може да дојде во конфликт со обврските кон други интереси.

Кога зборуваме за притисоците врз медиумите во БиХ, постои уште еден во низата парадокси. Економскиот притисок врз медиумите во БиХ во суштина е инструмент за постигнување на одредени политички цели. На Запад, ова е обратно. Политичките притисоци се инструмент на економска доминација и подреденост, односно стекнување профит и богатство. Според пишувањата на медиумскиот аналитичар од БиХ, Душан Бабиќ, главниот инструмент за постигнување одредени политички, економски и други интереси е манипулација и инструментализација на јавното мислење, со цел да се добие легитимност и законитост за конкретни политички програми. И ова е најефикасно артикулирано со посредство на медиумите, но проблемот е секогаш отсуството на политичка коректност во артикулацијата на таквите интереси. Современата историја потврдува дека економската и финансиската моќ се далеку поефикасни од простата физичка сила и принуда.

Во врска со ова, уредникот на онлајн списанието „Журнал инфо“, Елдин Кариќ, во истражувањето на „Медиа центар“ за слободата на медиумите, вели дека најголемата закана за слободата на изразување и за медиумите се токму парите условени со политички интереси. „Проблемот се пари под контрола на власта и институциите на системот. Во Босна и Херцеговина, 30 милиони КМ се пласираат во медиумите на годишно ниво преку различни нивоа на власта. Ниту еден фенинг не завршил кај независни медиуми, туку тие се потрошени со политичка позадина“.

Во исто време, од друга страна, меѓународните донатори ги поддржуваат домашните таканаречени независни медиуми (понекогаш и опозициски) кои треба да ги промовираат западните вредности и да се борат против национализмот и етничките поделби. Идејата е прогресивна и благородна, но таквите граѓански медиуми не секогаш ја добиваат поддршката од етничките мнозинства во БиХ, а со тоа имаат помало влијание. Значи, иако тоа се официјални донации, и тие се програмски условени, инаку не би биле ни добиени.

Исто така, со економски притисоци, приватните медиуми најмногу се изложени при изборот за рекламирање од страна на државните институции, државните фирми и политичките партии. Очигледно е дека секоја етничка заедница дава на „своите“ медиуми, а потоа во рамките на оние што се „нејзини“ се бара оној медиум што е политички најсоодветен. Дневниот „Дневни аваз“ со години добивал огромни средства од државните огласувачи. Откако неговиот сопственик Фахрудин Радончиќ ја основал својата партија, дел од тие средства исчезнале. Исто така, јавниот радиодифузен сервис РТВ ФБиХ постојано морал да балансира меѓу фирмите што се блиски на двете најсилни партии со седиште во Сараево - СДА и СДП, да ги задржи договорите за маркетинг.

Комерцијалните компании го прават тоа не само преку уцени за рекламирање, туку често ги наведуваат самите новинари, поради ниските плати, да се согласат да пишуваат текстови или да прават прилози со промотивни елементи, за мала надокнада. Тоа е тешко да се открие и тешко е да се докаже.

Една од најниско платените факултетски професии е дипломиран новинар, со 680 марки (340 евра). Сепак, платите многу варираат од еден медиум до друг, па дури и внатре во самите медиуми. Најдобро платените новинари се новинарите во странските медиуми во БиХ, особено Ал Џезира, која има голема редакција за поранешна Југославија во Сараево. Платите во поголемите приватни медиуми се движат од неколку илјади марки за луѓе од голема доверба (или квалитет) до лица кои воопшто не се платени, главно млади новинари. Инаку, просечната плата во БиХ е 840 КМ (430 евра). Кога платите би биле повисоки и околностите за работа би биле подобри, тоа би имало позитивно влијание врз новинарството.

Како да се промени реалноста

Постоењето на три етнички јавности и една, условно речено граѓанска, која постои само во поголемите градови каде што Бошњаците се мнозинство, предизвикува длабоко поделен медиумски простор. Постојат телевизиски станици кои имаат национална фреквенција (БХТ, РТРС, ФТВ, ОБН, Пинк БХ, кои ја покриваат терестријално цела БиХ и Н1 и Ал Џезира, кои се емитуваат со посредство на ТВ-оператори), но нивната прифатеност е многу ограничена, бидејќи е речиси невозможно да се има непристрасен став според дијаметрално спротивставени опции во држава со поделен суверенитет. Решавањето на овој проблем е можно само со елиминирање на целосните етнички и политички спротивставености во БиХ. Но, работите во моментов не се движат во таа насока. Сепак, она што е можно е да се претстават сите страни и да се прикажат нивните ставови. Долго време имавме ситуација во која медиумите правеа негативна селекција на информации. Сепак, дел од медиумите во последно време ги прикажуваат страните без политичка селекција.

Неопходно е да се прифати фактот дека медиумите имаат сопствен став, односно лицата и опциите што ги поддржуваат, но и оние кои ги критикуваат, главно поради различни политички и етнички верувања. Но, во медиумскиот простор на една поделена држава, барем треба да се инсистира на одвојување на фактите и ставовите, што не е секогаш случај во медиумите во БиХ.

Општо прифатен став за професионализмот на медиумите е квалитетно образование на студентите по новинарство кои ќе влезат во професијата со поголема свесност и одговорност по завршување на факултетот. Во БиХ, постојат 6 јавни катедри и две приватни училишта кои ги едуцираат комуникаторите. Овој број катедри по новинарството не е резултат на реалните потреби на медиумите и институциите за комуникација, туку е резултат на атомизацијата на државата на ентитети и кантони, но е уште повеќе последица на етничката парцелизација на државата. Може да се каже дека секоја влада или етничка политичка структура си едуцира за себе „свои“ новинари. Една од клучните потреби на универзитетското образование за новинарите е да се воведат повеќе практични лекции од искусни професионални новинари, а од професорите е потребно да ја намалат дозата на политички ангажман и да развијат дебатни предавања.

Трето е да се инсистира на санкционирање на сите напади и притисоци врз медиумите. Дел од новинарските здруженија и невладини организации работат на ова, но има забележително отсуство на новинарска солидарност, како во борбата за економски права, така и со игнорирањето на притисоците врз медиумите, ако тие се прават врз некој медиум кој не е политички близок. Неопходно е повторно да се влезе во процесот на зближување на новинарите. И тоа по принципот да не се покануваат само истомисленици на состаноците и разговорите, туку да се зајакне продукциската, правната и економската соработка на новинарите и медиумите од различни делови на земјата, бидејќи барем околу овие прашања има помалку несогласувања.

Раденко Удовичиќ (Radenko Udovičić)  

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Кој беше против осудата на комунизмот. За работите да станат појасни.

повеќе

Со потпишувањето на Преспанскиот договор се чинеше дека се отстрани единствената пречка за македонската интеграција во ЕУ и НАТО.

повеќе

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе