(Без)државјанство

Лицата кои немаат државјанство по основ на раздружување на републиките од федерацијата не се странци по никој основ оти имале државјанство на федерацијата.

Една иницијатива на коалицијата АА-Алтернатива за уредување на статусот на лицата без државјанство ги вознемири емоциите на двете најголеми политички партии  СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. И двете партии едногласно изјавија дека во основа не се согласуваат со предлозите на коалицијата лицата кои во дадениот момент се без државјанство, а имале државјанство на другите републики и државјанство на СФРЈ и до 8 септември 1991 живееле на територијата на Република Македонија да  можат да добијат македонско државјанство (синтагмата е согласно Преспанскиот договор прифатен од албанските политички партии) врз основа на сведочење на тројца сведоци.

Лошото во оваа работа корените ги има во Законот за државјанство од 1992 (Службен весник на Р.М бр. 67, од 03.11.1992 год.), поточно во член 26 на Законот, каде меѓу другото стои:

„Државјаните на другите републики на СФРЈ кои пријавиле престој на територијата на Република Македонија можат да добијат државјанство на Република Македонија ако во рок од една година после влегувањето во сила на овој закон поднесат барање, доколку имаат трајни извори за живеење, се полнолетни и до поднесување на барањето законски да престојувале на територија на Република Македонија најмалку 15 години“.

Еден таков голем временски престој ниту тогаш ниту пак денеска се предвидува во некоја европска земја, но целта на македонските политички партии, претставени од  страна на предлагачот (министерот за внатрешни работи), беше редукција на бројот на Албанците во новата независна држава Република Македонија со образложение дека лицата кои беа државјани на СФРЈ и со државјанство на другите републики со престој во Македонија поголемиот број беа косовари! Тоа Глигоров им го рекол на многумина, а посебно на Герт Ахренс. (G. Ahrens, Diplomacy on the Edge).

Ако и ден денес се анализираат законските регулативи за процесот на натурализација во многу земји членки на ЕУ и вон ЕУ, како во Бугарија, Шведска, Обединетото Кралство, Словенија... времетраењето на престојот на странците кои бараат натурализација е меѓу 3, 4, и 5 години законски престој во тие земји.

Тоа што тогаш се бараше 15 години со предлог Законот за државјанство претставен од тогашниот министер за внатрешни работи, ПДП одлучно го отфрлаше и го проблематизираше во меѓународните инстанци.

И ден денеска не ми е јасно и не знам од каде идејата на министерот и на тогашната Влада за тие фамозни 15 години престој и една година рок на пријавување?

Согласно овој член на арбитрарен начин им се негираше правото на голем број на Албанци кои со децении живеја, работеа, се школуваа, служеа војска, имаа куќи во Република Македонија, а имале државјанство на СФРЈ и државјанство на други републики.

Тука не се работи за законски престој во друга република, туку за децениско живеење во една од републиките на југословенската федерација.

Усвојувањето на овој закон со консензус меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и острото спротивставување на ПДП беше продолжение на рестрикциите од Уставот од 1991 година кој ПДП не го гласаше и перманенто го оспоруваше пред меѓународни инстанци.

Во член 11 од овој закон стоеше следното: „....По исклучок на член 7 од овој Закон, странецот кој наполнил 18 години може со натурализација да го добие државјанството на Република Македонија ако ова претставува посебен научен, економски, културен и национален интерес, посебно за сите Македонци од потекло кои живеат вон границите на Република Македонија“.

Врз основа на овој член еден министер за внатрешни работи во Владата на Георгиевски во годините 1988-2001 има даде автоматски македонско државјанство на неколку илјади Македонци кои живеат и работат во Австралија, Канада, Америка...

Овој дискриминаторен член е избришан со измените и дополнувањата на Законот во 2004 година.

Со измените и дополнувањата на Законот за државјанство во 2004 година изгледа дека се создадоа олеснувања за добивање на македонското државјанство (секогаш согласно Преспанскиот договор!) во основа некои олеснителни клаузули беа драстично злоупотребени од службите при разгледување на барањата за државјанство одбивајќи ги барањата на апликантите без некој суштествен повод.

Во член 14 од Законот (Службен весник на Р.М бр.08 од 23.03.2004) стои следното: „Државјаните на другите републики од бившата СФРЈ како и државјаните на бифшата СФРЈ кои до 8 септември 1991 пријавиле престој и до пријавувањето на барањето живеат на територијата на Република Македонија и имаат вистинска и ефективна врска со Република Македонија можат да го добијат државјанството на Република Македонија ако во рок од 2 години од влегувањето во сила на Законот поднесат барање, ако против нив не е покрената кривична процедура во Република Македонија, и ги исполнуваат условите на член 7, став 1 точките 1 и 6 на овој закон“.

Иако со вториот дел од членот јасно се ограничува на „покренати кривични пријави“, органите кои одлучувале по ова прашање одбивањето на барањата го образложиле врз основа на нивната квалификација за „закана за безбедноста на државата“! 
И за чудење, по овој измислен основ неколку илјади баратели со години не можат да го искористат  нивното право за стекнување на државјанство.

Предлагачите од АА-Алтернатива кои бараат измени и дополнувања на Законот за државјанство, наместо да излезат со чудни правни квалификации, можеле да го ископираат член 14 од измените на Законот во 2004 година како основа за измени и дополнувања со одредување на еден нивен рок за поднесување на барања за државјанство.

Потребата за добивање на државјанство слично „на склучување на брак пред матичарот“ (Зоран Заев) не држи и нема правни образложенија затоа што согласно член 22 од Законот „евиденција за државјаните на Република Македонија и другите државјани кои се родени на територија на Република Македонија води Министерството за внатрешни работи“.

Во врска со ова сите генерации кои се родени во бившата СФРЈ, нејзините републики и покраини се запишани во матичните книги на министерствата за внатрешни работи и за сите постојат прецизни податоци за датумот и местото на раѓањето, местото на нивното школување, името на школото, служењето на воениот рок, стеблото на семејството, катастарските парцели, плаќање на разни такси кон федерацијата...

Лицата кои немаат државјанства по основ на раздружување на републиките од федерацијата не се странци по никој основ оти имале државјанство на федерацијата и грешка е што Бадентеровата комисјија за раздружување на Југославија не ги обврзала републиките да го решаваат ова прашање напоредо со раздружавањето.

Ова прашање е настанато со прогласувањето на независноста на Република Македонија присутно е и денес и претставува сериозен проблем во уживањето на човековите права и слободи за голем дел немакедонци.

Според податоците на УНХЦР Република Македонија нема прецизни бројки на лица без државјанство. Но, според нивните податоци Ромите се на чело на листата без државјанство, некаде над 13.000, поради многу причини, освен југословенската причина - номадскиот начин на живот, лошите услови за живот, пречките на администрацијата при упис на новородени, непријавување на престој, негрижата на држава кон нив, дискриминацијата од страна на институциите на државата...

Гледајќи ги работите од овој агол Владата требала да направи оперативен план за намалување на  бројот на лицата без државјанство онака како што тоа го праваат земјите членки на ЕУ во согласност со Конвенцијата од 1954 за статусот на лицата без државјанство, потоа Конвенцијата од 1961 за намалување на бројот на лицата без државјанство. Овие  конвенции ги одредуваат минималните стандарди кои треба да ги уживаат  лицата без државјанство во областа на нивното образование, вработување, вдомување, административна помош, документи за патување и др.

Ако внимателно се анализира акцијата на комесарот за бегалци на ООН за намалување на бројот на лицата без државјанство во 10 годишниот период од 2014-2024 година, може да заклучиме дека Владата на Република Македонија има должност до 2024 година да презема соодветни мерки за намалување на бројот на лицата без државјанство, сé до целосното решавање на проблемот.

Согласно цитираните регулативи политичките партии со нивните пратеници во законодавниот дом треба да се грижат да се реши овој проблем кој не е уникатен само во нашата земја и кој постои речиси во сите земји.

Дури тие треба да водат грижа и за уживањето на нивните човекови прави и слободи кои им се оневозможуваат од државните органи и институции.

 

Mухамед Халили

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе