Колумна

Баш сме Дивјаци!

За сeло Долно Дивјаци, селскиот туризам и лошите навики на фрлање отпад насекаде.

Крушево е познато по својата архитектура, култура, историја, по зимувалиштата и прославата на Илинден, по Светското првенство во параглајдерство кога небото станува шарено. Крушево е опеано, опишано, снимено, но колку знаеме што се случува во неговата околина, на падините на планините и околните села?

Ако се спуштите малку подолу и тргнете по патот кон Демир Хисар, ќе наидете на заборавените села на падините на Бушева Планина. Прво, ќе ве пречека напуштеното село Арилево, некогашен „центар“ каде што се собирале луѓето од околните села на прослави и фудбалски натпревари, а сега ве пречекува звукот на моторните пили и возила од „ЈП Македонски шуми“. Во муабет со локалните мештани се дознава дека сѐ е легално, се врши „гола сеча“ која за нив е сосема нормален процес. Но, ако погледнете кон падините на планината, делови од неа изгледаат како да преживеале шумски пожар, сосема оголени. Сепак, ве уверуваат дека нема проблем, шумата ќе се обнови... „за педесетина години“.

Ако продолжите понатаму, ќе стигнете до село Долно Дивјаци, кое се наоѓа на надморска височина од 860 метри, низ кое поминува реката Жаба, така наречена бидејќи од горе гледана наликува на нозе од жаба. Но, многу жаби тука нема да најдете. Ама затоа, малиот број од преостанатите жители можат да ви понудат печурки (вргањ), мед, ракија, јајца, путер и други производи кои се несомнено природни. Ако се упатите нагоре или најдолу по падините на Бушева Планина можете да наберете мајчина душица, ајдучка трева, капини, малини, сливи џанки или дренки. Интересни појави, како бункери од камено доба, се и „варниците“ во кои некогаш се правел вар, но денес законот го забранува тоа.

Селски туризам со ѓубре насекаде - тешко!

Дали досега ви се чини како интересно место за селски туризам? Примарните мотиви заради кои туристите одат на село се природата и културното наследство, гастрономијата, разни активности и специјални интереси (берење на лековити билки, планинарење, тури, едукација, учество во рурални активности...).

Агротуризмот (учество и едукација во земјоделски работи) и екотуризмот (престој во недопрена природа) се дел од селскиот туризам. Екотуристите се еколошки освестени патници кои бараат природни убавини, не сакаат скапи хотели, спа и полни пансиони, тие сакаат да бидат дел од романтичната претстава за селото во неговата старинска и природна убавина. Токму овој вид селски туризам има најголем пораст во светот, а тоа би можеле да го понудат и нашите краишта.

Во една од репортажите за селскиот туризам во Србија, се зборува за луѓе од Швајцарија, Словенија и други места кои патуваат да посетат една „стара“ куќа од 1964 година (изградена од цигли) за да го пробаат лебот на „баба Милојка“. За споредба, Долно Дивјаци (како и повеќето села од овој крај) има преубави старински камени куќи со дрвени греди во традиционален стил. Жителите ќе ви понудат селски јајца со жолта боја како македонското сонце, ракија од која руската вотка се чини како вода, планински мед од пчели кои собирале нектар од цвеќиња растени на најдобриот воздух во Македонија, путер кој се топи во устата и мириса на млеко, печурки од кои возилото по пат назад ќе ви мириса како италијански ресторан, а капините… ах, најубавите планински капини! Се поставува прашањето: зошто нашите села се помалку вредни од селата на нашите соседи? Одговорот е дека не се.

Во Долно Дивјаци нема селски туризам, во некогашното основно училиште „Мише Ефтим“ кон средината на минатиот век учеле и до 350 ученици, а сега „учат“ кози, додека „сред-село“ жителите фрлаат отпад. Отпадот се фрла и „на патот“ кон Горно Дивјаци, а и на другите патишта по падините на реката. Минатата година, преку активностите на групата „Не фрлај, не загадувај“ се обидовме без успех да апелираме кон Општина Крушево да постават еден контејнер во селото. Од нив добивме дипломатски одговор во кој „ја поздравуваат нашата активност“ со која е запознаено и Јавното комунално претпријатие, но не ветуваат ништо конкретно. Согласно на тоа, практично не е сторено ништо.

Што може да се стори?

Прашањето е - што можат да сторат надлежните да се реши овој проблем и уште побитно - зошто воопшто да се реши? Замислете дека имаме едно село од триесеттина жители кое има селско-туристички потенцијал, може да понуди природни производи, природа, за воздухот и климата да не зборуваме воопшто, на небото Млечниот пат е просто „пролеан“ пред вашите очи, стотици, илјадници ѕвезди се гледаат со голо око, нешто незамисливо за урбаната средина, а поголемиот дел од куќите изгледаат како недопрени од 19-от век.

Долно Дивјаци е едно такво село кое, како што се дознава од селаните, има само еден подмладок, девојче на три години, кое во недостаток на други деца ги посетува осамените старци во околните куќи и им го развеселува денот. Но, оваа година и тоа семејство со подмладокот ќе го напушти селото. Не е грешно да се процени дека во следните една до две децении селото ќе биде сосема напуштено. Ете зошто е битно да се реши ова прашање - затоа што со запоставување на селата ја губиме врската со исконското, природното, го запоставуваме потеклото и така се лишуваме од иднина изградена на цврсти основи.

Еве што може да направат надлежните. Прво и најбитно, да им обезбедат еден контејнер на селаните кој ќе го празнат еднаш неделно. Така ќе се спречи појавата на фрлање отпад во селото и во околната природа. Тоа е првото нешто што туристите го забележуваат. Потоа, да им се понудат субвенции за сочувување на постоечките активности во селото за сите кои одгледуваат или произведуваат нешто. Значи, не зборуваме само за субвенции на туристички цели на селски домаќинства (кои се, патем речено, премногу мали, околу 3.000 евра, и условувачки - ако се откажете од проектот по една година мора да вратите 80 проценти од парите), туку за субвенции за негување и развој на автентични активности во селото.

Трето, треба да се зачуваат постоечките куќи затоа што дел од нив веќе се урнати од забот на времето. Можат да се направат уште многу нешта, на пример да се одржува патот кон Демир Хисар кој е зарастен од двете страни и автомобилите се изложени на вистинско „шибање“ од околните грмушки, или да се асфалтира делот од патот кој се наоѓа помеѓу општините Крушево и Демир Хисар. Децениската дупка помеѓу двата дела од асфалтот потсетува на сцена од некој скеч на Монти Пајтон, или уште повеќе од Топ Листа Надреалиста, каде што двете општини не можат да се договорат (поточно, не сакаат од инает) да го асфалтираат делот кој припаѓа на другата општина.

Но, дури и да се поправи патот, може да биде и дел од урбаните легенди кои мештаните ќе им ги раскажуваат на туристите, како Тури-камен, една исправена карпа на патот кон Горно Дивјаци, под која има провалија, од каде пред многу години еден жител се има фрлено. Некои велат заради невозвратена љубов, но пред тоа уредно ја оставил капата врз карпата. Денес, од туристичкиот куриозитет на тоа место останува само ѓубрето и градежниот шут фрлен до карпата. Значи, прво да се исчисти отпадот (групата „Не фрлај, не загадувај“ веќе почна со акција), а потоа да се постави контејнер. И тоа е некој почеток, нели?

Екотуризмот, како добра основа за идна еколошка држава

Село Долно Дивјаци го земавме за пример, а вакви примери во нашата држава има безброј. Но, за повеќето проблеми има решенија. Сите предлози можат да се остварат по цена на една нога од кој било споменик во главниот град, зашто и селата се културно наследство и без кои иднината ќе нема нозе на кои би можела цврсто да стои. Ако градиме еколошка држава за здравјето и долговечноста на овие и на идните генерации, а лично ми се чини дека поголемиот број од граѓаните го сакаат тоа, државата мора да се вклучи во градењето на еколошката свесност и со практични активности, дури и со нешто толку банално како поставување контејнер за отпад во едно село.

Бранко Прља

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе