Поттик за нова Југославија

Бајденовата стратегија за Балканот

Еве го моето предвидување за Бајденовото претседателствување: поттик за нова Југославија.

Фото: ЕПА

Во меѓународната политика не е важно што сака лидерот да прави, туку што мора да стори за да ги поддржи интересите на својата земја. Разбирањето на ова е клучно за да се разбере влијанието на Бајденовата победа врз американската политика кон Балканот, пишува Тимоти Лес за Медиа центарот од Лондон.

Нема сомнение дека Бајден, во идеални околности, би сакал да ги избрише последните четири години од балканската политика со нејзиното приближување кон Србија, флексибилниот однос кон границите и очигледното занемарување на угледот на американските дипломати што го постигнаа сегашниот компромис на Балканот. Неговото инсистирање дека Србија мора да го признае Косово во постоечките граници, неговото додворување кон етничките албански и бошњачки гласачи во САД и неговата силна желба да ги врати „вредностите“ во американската надворешна политика за да го сврти трендот на ерозија на демократијата се чини дека укажуваат на заживување на пристапот од пред ерата на Трамп.

Во некои кругови се шпекулира за тоа каде би можел да води ваквиот политички пристап: нова кампања против политичката корупција, уште еден поттик за евроатлантскиот процес на интеграција, а можеби дури и отстранување на Вучиќ и Додик.

Сепак, тесното фокусирање на она што Бајден сака да го стори значи игнорирање на новата стратегиска реалност на Балканот. Американскиот договор во регионот пропаѓа: Босна всушност пропадна однатре, Косово останува во правно лимбо, Северна Македонија е погодена од етнички тензии, а односите меѓу земјите во регионот се затегнати. Источните сили како Русија, Кина и Турција се обидуваат да го зголемат своето влијание на Балканот како средство за заштита од последиците на западниот експанзионизам.

Процесот на евроинтеграција е урнат по заминувањето на Велика Британија, некогаш главен поборник за проширување на ЕУ, а тука се и тешкотиите со кои се соочуваат балканските држави во исполнувањето на илјадниците технички услови за влез во ЕУ, додека се обидуваат да ги решат примарните прашања како што се политичкото насочување и територијата на државата. Во меѓувреме, по неуспесите во 90-тите години, Србија е во процес на враќање на својата карактеристична позиција како водечка држава на Балканот и клуч за иднината на регионот.

Ова е неизбежна почетна точка за какво било преобликување на политиката кон Балканот од страна на администрацијата на Бајден. Ако новиот претседател сака да ѝ остане верен на американската цел за мир и просперитет на Балканот, кој е дел од „целовитата и слободна Европа“, тој мора да работи во рамките на параметрите на оваа стратегиска реалност.

Штом неговиот тим ќе ја спроведе анализата, неизбежно ќе дојде до истата низа заклучоци како и администрацијата на Трамп: дека САД мора да интервенираат за да го зацврстат своето решение на Балканот; дека неуспехот ефикасно да го стори тоа ја делегира судбината на регионот во рацете на моќните американски ривали; дека е потребна некоја алтернатива за неуспешната политика за членство во ЕУ; и дека Соединетите Држави мора да соработуваат со Србија, која може да ги изрази своите услови за соработка.

Администрацијата на Бајден ќе мора да се соочи и со некои тешки компромиси. Демократијата и владеењето на правото несомнено се добри работи, но нивното форсирање е контрапродуктивно ако ги отуѓува политичарите од кои САД зависат за да ги постигнат своите цели. Слично на тоа, САД може да ги сметаат лидерите како Милорад Додик за комплицирани, но мора да го одмерат продолжувањето на неговиот мандат како лидер на Србите во БиХ, наспроти потенцијалните последици од обидот да го отстранат: распаѓање на Босна, безбедносна криза во регионот и нова можност за Русија.

Значи, дали ова подразбира продолжување на политиката од Трамповата ера на Балканот со нејзино попуштање кон размените на територии и очигледната рамнодушност кон либералните идеали како што е „принципот“ на мултиетничност? Не баш: ако сменувањето на раководството на Соединетите Држави направи некаква промена, тоа веројатно ќе биде обновено инсистирање на територијалниот интегритет на регионот, што Бајден ќе го смета за суштинско за избегнување на распадот на Босна и Северна Македонија и правда за Бошњаците и косовските Албанци.

Сепак, ни тоа не подразбира отфрлање на пристапот од ерата на Трамп, кој тежнееше да ги постигне трајните политички цели на Соединетите Држави во рамките на ограничувањата диктирани од новата политичка реалност. Ако Бајден ги игнорира, на пример, инсистирајќи дека Србија мора да се откаже од Косово без обесштетување (освен нејасни ветувања за членство во ЕУ), неговата администрација оди кон сигурен политички неуспех.

Наместо тоа, веројатно е дека Бајден ќе тргне со некоја политика на администрацијата на Трамп што имаше одреден успех, а тоа е стимул за регионалната економска зона, поврзана на некој начин со ЕУ. Ова не само што спаѓа во рамките на она што го дозволува либералното гледиште на администрацијата на Бајден, туку исто така, од таа перспектива, има потенцијал да ги ублажи главните стратегиски ризици.

Со отстранување на трговските и економските бариери, Вашингтон ќе го стимулира развојот на регионалната економија, земајќи ја предвид националната огорченост и запирајќи го одливот на средната класа од која зависи транзицијата кон демократијата. Зацврстувањето на регионот во ЕУ, која може да ја оствари својата хегемонија на Балканот, може да го ограничи влијанието на Кина, Русија и Турција; во овој поглед, овие цели би биле усогласени со европските, кои го поддржуваат создавањето на регионална економска зона и е подготвен да го спонзорира преку финансиска и техничка помош.

Што е најважно, администрацијата на Бајден се надева дека изгледот на новиот регионален ентитет, кој ја зајакнува природната позиција на Србија како водечка земја на Балканот и ги вовлекува другите земји од регионот во орбитата на Белград, ќе биде доволен за да ја убеди Србија да се откаже од Косово без врзување за териториите населени со Срби како што се северно Косово или Република Српска, со самата Србија.

Од пресудна важност е и другите држави да бидат вклучени во идејата за нов регионален ентитет. Албанија може да го прошири својот економски потенцијал и да се приближи до својата регионална дијаспора во Косово, Северна Македонија и Црна Гора. А Северна Македонија може да преживее како држава што се соочува со закани за нејзиното постоење од страна на Грција и Бугарија. Воздржани се оние групи што ја водеа војната за ослободување од српското влијание, односно Бошњаците и косовските Албанци, што значи дека ако Бајден сака да формира регионална економска зона што ги вклучува сите земји во регионот, неговата администрација ќе мора да ги охрабри да го прифатат тоа.

Во рамките на оваа целокупна политичка рамка, администрацијата на Бајден ќе треба да одговори на голем број второстепени прашања, како на пример дали да се изврши притисок за членство во НАТО за земјите што сѐ уште не се членки и дали треба да се обноват напорите за уставни реформи во Босна. Конечно, ставот за потребата од централизирање на државата од 2000 година произлезе од потребата да се подготви Босна за почетокот на процесот на интеграција во ЕУ, цел што сега реално е мртва.

Но ова ќе бидат детали во една поширока стратегиска пресметка што доведува до стабилност на регионот и успех во воспоставувањето нова економска организација, која обединува различни национални групи во поголемо регионално тело и го намалува статусот на постојните граници, под целокупното управување на Белград, главниот град на најголемата држава и природно регионално тежиште.

Со други зборови, ако администрацијата на Бајден е против поместување на границите, тогаш стратегиската реалност на теренот значи дека ќе треба да го усвои мислењето на големите сили од почетокот на дваесеттиот век, додека размислуваа што да сторат со Балканот. Значи, еве го моето предвидување за Бајденовото претседателствување: поттик за нова Југославија.

Извор: Медиа центар

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

повеќе

Баталете ги овие глупости со Бугарија, а Османи нека си фати патот до Брисел да земе обрасци за членство во ЕЕО и нека ги пополнат брзо.

повеќе