Аспекти на прислушувањето

Eдна мудра мисла гласи – големите луѓе разговараат за идеи и проекти; просечните – за настани; ситните – за други луѓе. Чинам дека асоцијацијата на ова што ни се случува е доволно јасна.

Во „Слободен печат“ (петок, 27 февруари) пишува – „Прислушуваните новинари ЗГРОЗЕНИ И БЕСНИ, најавуваат тужби за државата“. Тука ништо не би било спорно ако истите тие (Бранко Героски, Борјан Јовановски...) не беа и главните кои капитализираат на тајните снимки на луѓето од власта! Демек, згрозени се кога се тие загрозени. Кога се другите во прашање – треба да се прислушува! Супер логика која личи токму на нив. Нивната делумна „згрозеност“ и „беснило“ можат да бидат резултат само на извртени вредности. За нормалните, важат поинакви правила - ако е тајното прислушување злочин, а неспорно - е, треба да биде за сите. Не може тоа никако да биде нешто парцијално: тебе што те прислушувале е во ред, ама мене не!

Борјан рекол дека му била „силувана интимата“ и тоа е точно и е за секаква осуда. Ама истото важи за сите прислушувани. Не можеш на други да им се ситиш и политички да го злоупотребуваш тоа што ти не го прифаќаш кон  себе. И другите имаат интима, Борјан.

Героски, пак, „со задоволство“ ќе бил дел од акција „за морално и правно санкционирање на малоумниците што наредиле грубо да се повреди приватноста...“. А паралелно, и во својот весник, и на разни телевизии, тој ужива во делото на „малоумниците“!? Како главен уредник на „Слободен печат“, тој ги велича прислушуваните „бомби“ на Заев, како некакво големо општествено достигнување! Детално ги пренесува снимените разговори на власта, без оглед дали се точни или не, за разлика од своите, кои ги чува за себе! Колку ли ќе беше тој згрозен, а можеби уште повеќе јавноста, ако Заев ги презентираше и неговите разговори. Тоа секако не доаѓаше предвид бидејќи Геро, Борјан и сличните се перјаници на опозицијата (што е нивно право!) и не треба нелегално да се дискредитираат. Ама, и без тоа, сите нив ги рушат гласачите.

За да нема никакви дилеми, нека биде кристално  јасно дека сите што се зафатиле со илегални работи, какво што е и незаконското прислушување – мораат да бидат најстрого казнети. Сите, без исклучок. Меѓутоа, за да се стигне до тоа, прво треба да се утврдат фактите, а во случајов е тоа последна желба на спомнатите. Тие не чекаат, туку максимално се обидуваат да профитираат, пред да се утврди што е што. Во секој случај, не е спорно дека, и да била странска служба носител на „проектот“ или одговорните од МВР, сите вклучени во користењето на нелегалните документи, особено јавно - се дел од криминалот. Тоа особено  важи за лидерот на опозицијата.

По логиката на нештата, ако до кој било од нас дојдат нелегални документи, законска обврска е истите веднаш да се предадат на надлежните служби. Доколку тие не преземат соодветни дејства, тогаш има простор да се анимира и јавноста. Но, не пред тоа. Впрочем, и ако најдете паричник на улица, мора да го пријавите и предадете.

Во целиот галиматијас, сепак, клучен е мотивот. А тука нема дилеми: воопшто не е спорно дека во прашање е очајнички обид на опозицијата за рушење на власта. Притоа, не им е гајле што користат недозволени средства. Според Макијавели: целта ги оправдува средствата! Во конкретниов случај, и покрај нелегалноста на целиот проект на опозицијата, основно е прашањето - дали Заев (може да) гарантира дека сите документи се – оригинални? И, врз основа на што? Што ако се (макар дел од) нелегалните снимки монтирани? Тоа денес многу лесно се прави. Со тоа, неговата одговорност станува огромна. Немерлива. Така, работите стануваат сосема јасни - интересите на државата не им се ни на крај памет и се радуваат кога Јункер откажува средба со Груевски! За нив е тоа успех бидејќи целта им е да ја дезавуираат државата на меѓународната сцена. Нека се уназади и уништи таа само за да падне власта! Народот вели – од тоа со што се гордее будалестиот, паметниот се срами.

Откако се виде дека опозицијата е без објективни шанси да ја загрози власта на легален начин, и тоа за подолг период, на најбескрупулозен начин, со нелегални чекори, се оди на нејзино уривање. Без воопшто да се води сметка за цената и за пошироките последици. А, ризиците се огромни. Важни се, нели, нивните интереси - лични, партиски... Та, нели, пред некое време, се обидуваа да не прават сите недоветни со лажно и безобѕирно ветување дека за шест месеци ќе не внеле во НАТО и ЕУ? Да не беше жалосно, ќе беше смешно. Со своето однесување, Заев и неговата тајфа недвосмислено јавно покажаа дека немаат капацитет да водат партија како СДСМ. Во интерес е и на партијата, и на државата тие што поскоро да се исфрлат од политичката сцена.

Инаку, зарем е можно „државотворната“ партија да заборавила дека сè уште сме без целосен меѓународен легитимитет, бидејќи во ООН ни е оспорено името; дека под блокада, уцена и ултиматум од Брисел – прво името, потоа членство, ни се прекинати интегративните процеси; дека, по неуспехот на војната од 2001-та, земјата се урива од внатре и со бојкотот на Собранието и со оваа афера, заедно со „консензуалниот претседател“, тие стануваат исклучително важен сегмент од тој процес; дека со своите политики ги тресат темелите на земјата и отвораат опции за нејзин распад; дека, преку странската агентура, која секако има своја улога, тие се вклучуваат во нивните игри... Инкриминираните документи секако не им ги дале за да ѝ се помогне на земјата, туку таа да се руши за реализација на нивните интереси...

Наивните во политиката, нереално амбициозни, треба да носат последици, ама зошто ја влечат и Македонија во понор?

Неспорно е и логично дека една од основните задачи на странските служби е продлабочување на расколот кој веќе постои меѓу двете главни македонски партии. Така, најлесно ќе се урниса и државата. Со овие нелегално добиени материјали, кои налагаат тешки законски казни, тие одлично ја завршуваат својата работа. Помирувањето меѓу Македонците станува практично невозможно што може да има судбински последици за овој народ. Свесна или не, опозицијата ја тера  водата во воденицата на тие што сакаат да не прекрстат и разнебитат. И – сето тоа се прави на нелегална основа. Душманите ни фрлија кукавички јајца и сега си гледаат сеир, а опозицијата ужива во нив и го спроведува нивното сценарио. Во основата многу просто, ама само за тие што можат и сакаат тоа да го разберат. Во земјава има и други политички фактори кои сакаат Македонија да не успее, за да ги реализираат своите поинакви планови. Опозицијата сесрдно им помага.

Во поранешна Југославија имаше шега за казаните за сите републики, во пеколот. Кај петте, имало и по еден ѓавол за да ги врати тие што ќе се обидат да излезат. Кај македонскиот немало бидејќи тие самите не дозволувале некој да си отиде! Така е и денес. Живееме со опасни историски синдроми кои не водат во самоуништување. Навистина е крајно непристојно кога сегашниот носител на политика на уништување се нарекува – „државотворен“.

Мора да се признае дека целосно чисти луѓе – нема. Во помала или поголема доза, сите носиме суета, амбиција, љубомора, пизма, реваншизам, самозаљубеност, себичност... Легендарниот кубански поет, Николас Ѓиљен, одамна има напишано поема со наслов – „Чистота“. Главната поента му е – како може да биде чист некој што во изгор лето јаде грав со колбаси и мисли на сосетката? А чиста власт немало, нема и нема да има никогаш и никаде во светот. Затоа, таа мора да се цени по тоа што го прави за земјата и народот. Кога би се објавиле нелегални снимки од разговорите на германски, француски, италијански, а зошто да не и американски... министри, апсолутно е сигурно дека содржините ќе бидат слични ако не и многу пошокантни од овие кај нас. Горе-долу така функционира власта насекаде, било тоа прифатливо за народот, или не. Ова е само објаснување.

Сето ова што ни се случува деновиве е многу полошо од некогашниот вербален деликт, кој беше целосно осуден и елиминиран од законите. Не се работи за нешто што е јавно искажано, туку за приватни разговори, без оглед на нивната содржина, чија тајност е законски гарантирана. Прислушувањето може дури да се сведе и на обид за навлегување во нечии (раз)мисли. А кога ќе може да се открива и што сè мислиме и помислуваме, дури тогаш ќе настане – хаос во светот!

Чинам дека беше грешка што се сруши објектот на Цаноски, и да имало законска основа. Тоа ќе беше оправдано само доколку ист третман имаа и ткн. „Кинески ѕид“, кој трајно го загрози Градскиот парк, и многу други слично изградени објекти. Законот мора да важи или за сите, или за никого. Ама, кога ваквиот однос на власта, сосема оправдано, го критикуваат Геро, Борјан и ним сличните, тие истата грешка ја прават околу прислушувањето! Пак, двојни стандарди.

Во гимназија, пред многу години, кога професорката по англиски, Ветка, беше под страшен притисок на крајот од годината да поправи една од единиците, кога немаше друг излез – ги поправи сите! И беше во право.

Правната разврска на аферата започна. Да се надеваме дека набргу и ќе заврши. Никој не треба да биде помилуван. На државата и е веќе нанесена огромна штета. Одговорноста за иднината на земјата ја делат сите политички фактори. Со бојкотот на Собранието и нелегалната афера, само се поткопуваат нејзините темели.

 

Ристо Никовски

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе