Претседателски избори

„Ако утре Ѓукановиќ победи во првиот круг, тоа ќе биде чекор напред во путинизацијата на Црна Гора“

Кој од седумте претседателски кандидати ќе ја води Црна Гора во наредните 5 години? Предизборната кампања никогаш не траеше пократко, а не беше ни жестока во споредба со оние во изминатите три децении.

Граѓаните имаат шарен избор, но еден ден пред изборите дел од 532.599 гласачи не знае дали кој било од седумте кандидати го заслужува нивниот глас.

Сѐ погласна е оценката дека Мило Ѓукановиќ, лидерот на најсилната црногорска партија уште во првиот круг би можел да дојде до убедлива победа. И во оваа кампања тој се претставува како гарант за стабилноста во регионот, партнер на најмоќниот воен сојуз НАТО и човекот кој ќе ја внесе државата во ЕУ. Победата во првиот круг најмногу ќе зависи од бројот на излезени граѓани на гласање. Според проценките, на Ѓукановиќ најмногу му одговара да има што помала излезност.

Под број два на гласачкото ливче е кандидатот на мнозинската опозиција Младен Бојаниќ. Неговата кандидатура е поддржана од сите партии на опозицискиот сојуз - Демократски фронт, Демократска Црна Гора, Социјалистичката народна партија и граѓанското движење УРА. Бојаниќ е најсериозниот противник на кандидатот на Демократската партија на социјалистите и долгогодишен црногорски премиер Мило Ѓукановиќ, кој е под број 7, последен на гласачкото ливче. Дел од противниците на Ѓукановиќ нема да гласаат затоа што за време на кампањата еден од лидерите на Демократскиот фронт, Небојша Медојевиќ, одмогна со изјавата дека гласачите на Ѓукановиќ се потурци, што пак ги налути црногорските муслимани. На неговата изјава реагираше и Советот на Муслиманите на Црна Гора, Демократската партија на Албанците...

Иако Бојаниќ му е најсериозен противник, Ѓукановиќ за време на кампањата отровните стрели главно ги усмеруваше кон првата кандидатка за претседател на Црна Гора, Драгиња Вукасановиќ. Таа, како шеста на гласачкото ливче, е предложена од Социјалдемократската партија. Социјалдемократите речиси две децении, до 2016 година, беа во коалиција со ДПС на Ѓукановиќ.

Иако популарноста на Вуксановиќ расте во предизборниот период, а и самата вели дека во вториот круг ќе биде единствениот противник на Ѓукановиќ, аналитичарите веруваат дека таа не може да добие повеќе од 10 отсто од гласачите. Тоа, според нивните проценки, би можело само да ѝ користи на партијата од каде што доаѓа, која по „разводот“ со ДПС стана речиси невидлива.

Марко Млачиќ, кандидатот на Права Црна Гора е на прво место на гласачкото ливче. Некогашниот новинар и граѓански активист од неодамна влезе и во политиката. Доброинформирани извори од дипломатските кругови велат дека пред кандидатурата ја побарал и ја добил поддршката на Русија. Тоа се потврди и за време на кампањата - неговиот штаб е сместен во куќата која со години ја користеше почесниот конзул на Руската Федерација Боро Ѓукиќ. Но, и покрај поддршката на Русија и блискоста со црногорскиот митрополит Амфилохије, познавачите на политичките прилики во Црна Гора на Млачиќ не му предводуваат посериозен резултат на утрешните избори.

Посериозен резултат не се очекува ни од Хазбија Калаќ, кандидатот на Партијата на правдата и помирувањето и на група избирачи „Граѓанска акција“, ни на кандидатот на Партијата на пензионерите Василије Миличковиќ, ниту пак од кандидатот на Српската коалиција Добрило Дедеиќ.

Утрешните избори се седми по ред претседателски избори по воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора и трети по независноста.

На првите и вторите непосредни избори во 1990 и 1992 година победи Момир Булатовиќ. Потоа победи Мило Ѓукановиќ (1997), а 2003, 2008 и 2013 година Филип Вујановиќ.

Во Црна Гора претседателскиот мандат трае пет години, а наследник на Вујановиќ ќе стане оној кандидат кој утре ќе добие половина од важечките гласачки ливчиња. Aко ниту еден кандидат не го добие тој број, за 14 дена се оди на втор круг во кој можат да учествуваат само првите двајца кандидати со најголем број гласови.

Ако дојде до втор круг за претседател на Црна Гора се избира оној кандидат кој има повеќе гласа од излезените гласачи.

Лидерот на УРА Дритан Абазовиќ за МКД.мк вели дека во Црна Гора има сериозни шанси за втор круг.

„Мислам дека постојат сериозни шанси за втор круг затоа што го имаме Бојаниќ, кандидат на голем дел од опозицијата и Драгиња Вуксановиќ која претендира на процрногорското гласачко тело. Тоа е всушност она тело на кое смета и Ѓукановиќ и многу ќе зависи од тоа чија кандидатура во првиот круг успеа со својот шарм да го привлече токму тој дел од гласачкото тело", вели Абазовиќ.

Сепак, тој вели дека евентуалната победа на Ѓукановиќ во првиот круг ќе биде потврда на тоа дека Црна Гора сигурно чекори кон путинизација и ердоганизација.

„Доколку се случи Ѓукановиќ да победи во првиот круг мислам дека тоа ќе биде голем пораз за демократијата на Црна Гора затоа што тоа ќе значи уште една потврда и печат дека Црна Гора полека, ама сигурно оди кон путинизација и ердоганизација. Со тоа ќе се потврди дека демократскиот систем на смена на власта тука не функционира. Со тоа Црна Гора ќе остане единствената држава во Европа која никогаш не ја сменила власта во својата историја, ниту пак успела својата транзиција да ја изведе до крај“, рече Абазовиќ.

Лидерот на УРА вели дека целата кампања на Ѓукановиќ беше базирана на создавање штит и себеприкажување како проевропски и демократски кандидат наспроти противкандидатите кои ги нарече издаици.

„Тоа е лажен исказ. Демократски и проевропски кандидат не може да биде некој кој не се грижи за вредностите на едно елементарно демократско општество, а тоа е волјата на граѓаните да се остварува преку слободни и фер избори. Знаеме дека севкупно атмосферата во политичката клима во Црна Гора е катастрофална, дека нема доверба во изборниот процес, дека парламентот настана од она што се вика наводен државен удар и од наводниот терористички напад дента за време на парламентарните избори во 2016 година. Таквите институции, Државната изборна комисија мирно ги следеше аферите со нерегеуларноста и фалсификувањето на потписите за кандидатите. Ако се случи Ѓукановиќ да пројде низ иглени уши, тоа ќе биде доказ дека тука не владеат никакви демократски норми. Напротив. Тоа ќе биде доказ дека постои авторитарен режим налик на оние во Кавказ каде еден човек и една партија ја контролираат целата држава“, вели Абазовиќ.

Коментирајќи ги противкандидатите на Ѓукановиќ, Абазовиќ вели дека Бојаниќ се обидел да се претстави како неутрален кандидат кој не е близок до ниту една партија и дека води умерена политика со реторика која не беше толку силна и нападна кон кандидатот на власта.

„Добра работа е тоа што кандидатите на опозицијата меѓусебно не се напаѓаа. Речиси и да немаше меѓусебни напади. Тука треба да се спомене госпоѓата Вуксановиќ која успеа да се наметне на подобар начин од партијата од која доаѓа. Во недостаток на енергични противкандидати, таа може да очекува подобар резултат од оној што на почетокот го очекуваше. Другите кандидати се аутсајдери. Дел од нив се кандидирани од Агенцијата за национална безбедност за да ја поремети математиката меѓу опозициските кандидати. Значи овде останува само прашањето дали ќе има втор круг. Ако има втор круг, мислам дека тоа ќе биде голем пораз за Ѓукановиќ и доказ дека најсилната алка во ДПС веќе ја нема таа хомогена сила и дека е тоа вовед во сѐ поприсутната криза во партијата, па и на неговата личност“, рече Абазовиќ.

Тој додаде дека ако Ѓукановиќ сепак во првиот круг ја надмине бројката од 50 отсто плус еден глас, на граѓаните на Црна Гора како утеха им остануваат локалните избори во Подгорица и неколку други општини закажани за крај на мај.

„На тие ибори ќе се види силата на ДПС. Локалните избори се наскоро и тоа ќе овозможи да се спроведе и поправен испит. Лошо е тоа што опозицијата не успеа и порано да се обедини и сите сили да се концентрираат на еден кандидат, во тоа што и порано не се пронајде кандидат за да биде и кампањата многу поефектна“, рече Абазовиќ.

Специјално за МКД.мк

Јелена Јовановиќ, Вијести

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Универзитетите повеќе не се место за натпревар помеѓу кандидатите во креација, научна продукција и сл., туку место за „вдомување“ на партиски активисти.

повеќе

Спортските организации својата активност премногу ја имаат насочено кон дејноста спорт како игра, тренирање или бизнис, а не кон спортот како социјална потреба во функција на подобрување на општествените состојби.

повеќе

Н е јасно како оваа одложена покана е поразлична од онаа од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.

повеќе