Иван Крастев за Гардијан

Ако спорот за името не биде решен до мај, ЕУ ќе доживее двоен пораз

Брисел не мора да има шпион во Кремљ за да дознае дека Москва ќе стори сè што може за да ја спречи Македонија да се приклучи во НАТО - не поради нејзиното стратегиско значење, туку поради симболичната вредност на потегот, вели политичкиот експерт Иван Крастев за Гардијан.

Ветувањето за членство во ЕУ за државите во регионот е добредојдено, но Русија, Кина и Турција би можеле да создадат нестабилност.

„Втората светска војна заврши, но првата светска војна сè уште не е завршена“. Ова беа зборовите на еден висок претставник на Турција со кој неодамна се сретнав во Анкара. Тој зборуваше за Блискиот Исток, но ист таков коментар можев да слушнам и во Москва, во Киев или на Балканот, за состојбата на европскиот континент.

Единственото место на кое не може да го чујам ова е Брисел. Тоа е затоа што Европската Унија сè уште е неподготвена да живее во свет во кој е вратена геополитиката - во кој владите, како и голем дел од јавноста, се опседнати со граници и територии, и тежнеат да го дефинираат успехот не толку со економски раст колку со национална гордост.

Ова денес е во игра на Западен Балкан, каде што капацитетот на ЕУ да размислува и да дејствува како геополитички играч е сериозно ставен на тест. Претходно месецов ЕУ ја претстави својата нова стратегија за Западен Балкан. Нејзината декларирана цел е да ги охрабри реформите во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Албанија, со обновување на можноста за членство. Тоа што институциите во Брисел, кои се најдоа во екот на популистички пораст што ги погодува повеќето земји на ЕУ, сега се чини дека имаат храброст да го повторат тоа ветување за членство не е мало чудо.

Еден балкански виц најдобро го доловува начинот на размислување за луѓето што сметаат дека се оставени да чекаат премногу долго: кога станува збор за членството во ЕУ, разликата меѓу песимистите и оптимистите е тоа што оптимистите веруваат дека Турција ќе ѝ се приклучи за време на албанското претседателствување во ЕУ, додека песимистите веруваат Албанија ќе се приклучи за време на турското претседателствување со ЕУ. Што значи: никогаш.

Брисел е во право што јасно дава на знаење дека статус квото е неодржливо. Но без никаков чекор понатаму, оваа најава ризикува да произведе нестабилност во регионот. Она од што ЕУ најмногу се плаши е повторување на украинското сценарио, во кое владината поддршка на европските аспирации предизвикува реакција од противниците на проширувањето (читај Русија), наместо да ги собере европските влади околу проектот.

Многу фактори го вратија Балканот наназад - не само последната бегалска криза, која длабоко го потресе регионот. Сега постои растечки импулс за поголема интеграција, по еден период во кој ЕУ стана позната како организација што дава малку пари, а бара многу обврски.

Еден охрабрувачки, иако малку забележан чекор напред е неодамнешната ратификација на Договорот за пријателство помеѓу Бугарија и Македонија, две земји чии односи одамна беа проблематични, главно поради малцинските прашања. Со постигнувањето на овој успех, тие сигнализираа дека дојде време да се бараат решенија за некои проблеми во регионот.

Но за ЕУ да успее во својата амбиција да го трансформира регионот, мора да биде свесна за значајните геополитички промени што се случија. Во 2003 година, кога ЕУ првично го вети членството, се чинеше дека таму има малку сомнежи дека иднината на регионот ќе биде европска. Русија гледаше на Балканот првенствено како на транзитна област за нејзиниот извоз на енергија на западноевропските пазари. Амбицијата на Москва тогаш беше да се зачува одреден степен влијание, наместо да се натпреварува со Брисел.

Пред петнаесет години Турција беше ентузијастична во врска со своите шанси за пристап во ЕУ. Како резултат на тоа, таа своите балкански политики ги обликува така што да ја покаже сопствената стратегиска вредност за Европа. Тогаш никој не зборуваше за Кина на Балканот.

Денес, геополитичката конкуренција е распространета. Кина годинава ќе стане најголемиот странски инвеститор во Србија. Плановите за изградба на брза железница меѓу грчкото пристаниште Пиреја и Будимпешта, преку Белград, се од огромна вредност за Кина, бидејќи ја остварува нејзината трговска рута „еден појас, еден пат“ меѓу Азија и Европа. Кинезите се надеваат дека Западен Балкан на крај ќе биде интегриран во единствениот европски пазар, иако Кина не се брза нејзините инфраструктурни проекти да ги почитуваат правилата на ЕУ.

Ова покренува многу прашања. Дали ЕУ треба да почне да ги притиска земјите од Западен Балкан да ги прифаќаат нејзините правила за јавни набавки сега или подоцна? И дали ЕУ е подготвена да понуди надомест ако овие држави на крај ги загубат кинеските инвестиции како последица на интеграцијата во ЕУ? И пристапот на Русија е сменет. Брисел не мора да има шпион во Кремљ за да дознае дека Москва ќе стори сè што може за да ја спречи Македонија да се приклучи во НАТО - не поради нејзиното стратегиско значење, туку поради симболичната вредност на потегот.

И креаторите на европската политика треба да бидат свесни дека ако долготрајниот спор меѓу Грција и Македонија (поради името на вторава) не биде решен пред следниот самит на ЕУ за Западен Балкан во мај, тогаш тоа ќе резултира со двоен пораз: амбициите на Македонија ќе бидат обесхрабрени, а напорите на Брисел да биде сериозно сфатен во регионот ќе пропаднат.

Балканскиот регион е местото каде што Русија може да работи на дестабилизација на ЕУ со многу мали политички трошоци за себе, и од аспект на парите и од аспект на ризикот од судир со САД. Значи, европската дипломатија мора да ја убеди Москва дека ескалацијата на тензиите нема да биде во најдобар интерес. Дали ЕУ е подготвена за ова?

Потоа, тука е Турција, земја чии односи со ЕУ се на историски ниско ниво. Сè уште не е јасно како нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе ги мести своите карти на Западен Балкан. Додека Анкара се обидува да стане влијателна кај муслиманските заедници на Балканот, Москва го користи своето влијание врз православните христијани. Можат ли Русија и Турција да ги координираат своите политики, исто како што се обидоа да направат во Сирија?

Ако ЕУ бавно се буди во оваа нова геополитичка реалност, нејзината стратегија за Западен Балкан ќе заврши со пораз.

 

Иван Крастев е претседател на Центарот за либерални стратегии, аналитички институт во Софија

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе