Ах тој Макијавели

Македонија има доволно историско искуство да се справи со предизвиците и од ваков тип. Излезот не е надвор од нас самите, како што не е и изворот на проблемот. Нема никаква странска конспирација за увоз на некакви замислени револуции од политичките крими-романи или теории на заговор, според кои тие ѝ се накомиле на Македонија со намера да ѝ нанесат зло. Тоа се само измислици за заплашување и спинување на гревовната македонска стварност на владеење.

„Власта корумпира, апсолутната власт – апсолутно корумпира“ - Лорд Актон

 

„Несомнено, најнедвосмислената експресија на претпочитање на републиканската слобода над која било друга форма на влада е таа на италијанскиот мислител Латини (Latini, 1220–1294) во делото „Книги од ризницата“ (“Books of Treasure”). Тој особено внимание посветува на вредностите (доблестите) и се обидува да анализира за исправноста на аргументите во врска со прашањето: ’...дали е подобро за владетелот, тој да биде повеќе сакан, отколку да му се плашат...’. Второво за него е еден вид на морална грешка. Тој ја оправдува максимата на Цицерон (Cicero), според која ’најголемата доблест на еден император треба да биде добрината, благоста, милоста и побожноста, сè до тој момент до кога истите останат на страната на она кое е исправно’... ’владеење со страв нема долго да ве задржи на власт... и нема ништо посигурно, но и подобро да ви помогне да останете на власт, од тоа да бидете сакани’ (стр. 47). Највисоката должност на секој владетел, според Латини, мора секогаш да биде кога тој служи како модел за чесност, избегнувајќи ја цената на искушенијата од измама и лукавство. Одржување соодветна вера во Бога и доверба кон блиските околу него - продолжува со анализата - претставува најголемата доблест над сите доблести... затоа што без цврста вера во Бога и без лојалност кон Бога и ближниот, не постои можност за да се поддржи тоа кое е исправно, ниту пак сериозна можност за чекорење напред. Токму оваа концентрација на политички доблесна мисла прерасна во централна тема на подоцнежната ренесансна политичка мисла. Два и пол века подоцна, Макијавели (Machiavelli), во делото Владетелот (The Prince, 1532), анализира токму околу овие доблести на владетелите, за што всушност и бива најмногу оспоруван, дури и озлогласен, поради неговиот обид да направи сериозна дистинкција во делот на практикувањето на овие доблести од страна на владетелот и неговите достигнувања во владеењето, а како резултат на нивното практикување во политичките активности.“[1]

Ставот на Макијавели бива приземјен и прифатен како таков од многу владетели низ историјата. Неговото влијание врз погрешното доминантно поимање на политиката само и единствено како моќ, интереси и влијание, како своевидно грабање за што поголем дел од нив при распределбата, одведе многу општества кон тоталитарно практикување на власт, и оттука кон несакани состојби во кои милиони луѓе страдаа поради тоа. Историјата потврдува дека таквиот модел кога-тогаш пропаѓа.

Но тоа што можеби малкумина го знаат или не му обрнале доволно внимание е фактот што дури и Макијавели се колебал околу својот став за приматот на концептот на владеење преку силата и стравот од една страна, над концептот за владеење со љубов кон народот и обратно, љубов од народот кон владетелот, од друга. Поради неговата колебливост по тоа прашање, тој цело поглавје во неговиот труд „Владетелот“ има посветено на Божјите морални принципи како сериозен потенцијал за здраво општество и владеење. Токму ваквиот негов став многумина му го зедоа за зло и за неконзистентен потег во однос на неговите претходни констатации, кои доминираат во преостанатиот дел на трудот, но и во неговата философија воопшто, философија што за жал стана мејнстрим во политиката низ историјата.

Наспроти него, Џон Вајклиф (John Wyclif, 1330-1384), политички мислител од втората половина на XIV век, еминентен теолог на Оксфорд и философ на схоластицизмот, кој патем е наречен „ѕвезда раноденица на реформацијата“, многу порано од Макијавели, говори за една поинаква визија. Во делото „Сума теологика“ („Summa de Theologica/Summa theologiae, 1384“), Вајклиф во детали разработува повеќе теми, од кои предмет на наш интерес се посебно, делот за цивилно господство, законот на евангелието и хуманите закони, потоа за политичкиот авторитет, за ропството и други теми. (Ibid.) „Тој верува дека Божјата благодат и милост се апсолутно неопходни за цивилните владетели да бидат праведни и правични; без нив, цивилните владетели би биле затекнати во грижи кои се последица од сопственоста, неминовно запаѓајќи во тиранија. Бидејќи, јурисдикцијата на авторитетот на владетелите е единствено можна преку благодатта и милоста, оттука следи дека човековата правда и правичност се единствено можни, кога граѓанските закони се фундирани на Божествениот закон.“[2]

Погоре, имаме две спротивставени стојалишта.

Имено, Цицерон, Макијавели и Ниче зазедоа сосема спротивна позиција од Божјата и понудија нешто што политиката ја претвори во сфера на грабање на што поголема моќ, интерес и влијание, притоа бескрупулозно газејќи сè пред себе. Макијавели дури велеше: Владетелот мора да биде лукав или итар како лисица, а силен како лав за да може да ги растргне волците што ја демнат лисицата.

И второто стојалиште, кое вели дека авторитетот на лидерите и почитта за нив од народот, доколку не извираат од длабочината на срцата на луѓето, и доколку не се зацементирани со милоста и љубовта на владетелите кон народот, и обратно од народот кон нив, немаат перспектива да се одржливи како состојби. Секоја состојба на владеење преку сеење страв и заплашување, според макијавелистичкиот концепт, е состојба пред пад и пропаѓање, според вториов концепт. Првиот чекор кон падот е гордоста, возгордеаноста, вели Библијата. Според Библијата: „Пред погибел, гордоста врви, и пред паѓање - надуеноста.“ (Изреки 16:18)

И ова дотука, се само извадоци од мојата нова книга (во најава), со работен наслов: „Политичка визија – Вредносен модел на политички поредок“, која со Божја помош, треба наскоро да оди во печат.

            Зошто овие извадоци се особено важни денес, во актуелниот политички момент, во кој се наоѓа Македонија?

            Во изминативе 20 и неколку години на самостојност и независност, Македонија претрпе сериозни тектонски поместувања во политичкиот поредок. Преодот од тврдо самоуправно социјалистичко – комунистички модел на политички систем, во демократија како модел на политички систем што малкумина го имаа разбрано во неговата есенција тогаш, а уште помалку денес, ја извади на сцена сета наша неподготвеност како општество да се носиме со промените што ги бара новото време. Останавме, како и многупати досега во нашата историја, едноставно затечени. Демократијата стапуваше на сцената постепено, функционалната пазарна економија полека го пробиваше патот кон македонската стварност. Овој процес многумина го нарекоа транзиција, а многумина велат дека и денес транзицијата трае и трае, без изглед дека некогаш и ќе заврши... успешно.

            Демократската преобразба се случуваше повеќе на хартија, отколку во стварноста. Стариот менталитет на водствата во сиве овие почетни децении на политичко живеење, ни донесе на сцена многубројни искривувања, заблуди, своеволности на т.н. политичките елити, ја донесе на сцената масовната корупција, криминалот во сите сфери на општественото живеење, ни донесе диригирани судство, медиуми и невладин сектор. Едноставно, општеството не успеа да се ослободи од баластот на остатоците од принципот на т.н. „демократски централизам“. Едните продолжија да го имплементираат во видоизменети иновативни форми на „порозна демократија“ за време на нивното владеење, а другите го преименуваа иновираниот модел на т.н. “контролирана или диригирана демократија“, термин што во сетот на политичките науки е, најблаго кажано “contradicio in adjecto”. И двата модела на поимање на демократијата како “торба“ во која можете сè да ставите и измешате, и притоа да си мислите дека функционира, е заблуда што следствено нè донесе до страшни промашувања со несогледливи последици врз иднината на државата и нацијата.

Имено, првиот модел нè внесе во можеби најмрачниот, најризичен и најозлогласен период на македонската стварност, периодот помеѓу 1994 – 1998 година. Период кога владеењето на правото се сведе на флагрантен упад во судскиот систем и се дерогира независната судска власт до најниски граници, се инсталираа стотици судии по партиски диктат, безобѕирно, дрско и арогантно до бесвест, и тоа на сите нивоа на судскиот систем. Во истиот период се спроведе најкриминалната приватизација што можеше човечкиот ум да ја замисли, и со тоа се прелеа огромен општествен капитал од неколку милијарди марки во приватни раце, незаслужено и со криминална измама. Проклетство што непосредните актери ќе ги следи довека, но и сите нас што и денес ги чувствуваме последиците од тој процес. Ваквиот хаос беше своевидно покритие за промената на името во ОН, чин што нè сведе во меѓународниот поредок на ниво на т.н. „банана-република“, без достоинство и чест, бреме што и денес ни виси на вратот како „Дамоклов меч“. А и во која сфера и да „прокопате“ во наведениот период, ќе наидете на состојба на гнилеж и распаѓање.

            Другиот модел, како „сијамски близнак“ продолжи да ги следи методите на владеење според Макијавели, миксирани со бледи демократски методи на новопреобратените од претходниот систем. Така што, неизбежно следеше ескалација на состојбите, која набрзо заврши и со воен судир на меѓуетнички план, со многубројната албанска етничка заедница во државата. Криминалот не запре, напротив продолжи со несмален интензитет и со несмалена жестина. Македонскиот „демократски“ политички систем и понатаму остана дерогиран и под партиски диктат. Значи ништо ново не се случи на политичката сцена, освен постепено и отмено пропаѓање во сите сфери на општественото живеење.

            Некој можеби ќе заклучи дека со сите овие процеси, колку и да биле негативни и разорни за македонската општествена стварност и перспектива, сепак системот постепено созревал и чекорел напред. Можеби има дел вистина и во ваквиот став.

Сепак, вториов модел несомнено даде знаци дека во себе има внатрешна сила и доволен потенцијал за себепреиспитување и менување согласно со современите трендови на развој на општествата. Во почетниот период стапи на сцената бран на оптимизам дека конечно нешто ќе се промени на подобро. Но нашата општествена стварност набргу го демантира ваквиот оптимизам.

            И покрај многубројните успеси во значајни реформски зафати, посебно во економската и финансиската сфера, како и успешното заокружување на неколку историски процеси од кои денационализацијата е можеби еден од најкруцијалните, сепак и вториот модел, наизглед витален и подготвен на позитивни промени, доживува сериозен дебакл, дебакл што има претензии да го урниса сиот политички багаж на реформски и прогресивен чинител на македонската стварност, надеж која постепено, но сигурно заоѓа под закрилата на заблудата наречена “контролирана демократија“. И повторно, ништо ново на сцената.

Партискиот диктат овој пат се прошири сериозно како рак-рана во сите сфери на општественото живеење, и што е посебно важно, ги урниса основните постулати на поделбата на власта на законодавна, судска и извршна, нешто што во политичките науки се смета за едно од најголемите достигнувања на демократијата, механизам што со децении овозможуваше успешна проверка и контрола на моќта и последиците од „забегување/застранување“ на политичките елити, а со тоа и сосема извесно ги водеше успешните општества кон поголем прогрес и просперитет. Со самото тоа, владеењето на правото стана мислена именка. Партијата на власт го повтори флагрантниот упад во судскиот систем на сите нивоа на судска власт, бескрупулозно постави партиски инсталации во секој сегмент на правниот систем на државата. И не само во правниот. Значи едниот столб на демократијата е во сериозна фаза на целосен распад, со сериозни пукнатини, од кои целата зграда се ниша и е во опасност да падне, како кула од карти.

Вториот столб на демократското живеење, парламентот, стана предмет на ништо помалку флагрантно мешање од стана на извршната власт, односно предмет на класичен партиски диктат. Оттука, се изгуби целата смисла на поделбата на власта како постулат на владеењето на правото.

Извршната власт остана сама на ветрометината на политичката сцена, преземајќи на себе стравотно тешко бреме, претешко за нејзините млади и нејаки плеќи за носење на историската одговорност за иднината на нацијата. Со заокружување на овој траорен систем на партиско султанатски модел на извршна власт, Македонскиот политички систем се најде повторно во ситуација во која повеќе не содржи во себе ниту „д“ од демократија.

Шлаг на тортата е четвртата власт – медиумите, како гарант за независно и објективно информирање на граѓаните. Бескрупулозноста оди дотаму што и во овој сериозно значаен сегмент на политичкиот поредок, партискиот диктат не запре со инфилтрација, но и со потребата да се контролира буквално сè, од пласирани информации и анализи, притоа строго внимавајќи да не случајно народот биде заблуден од опозициско мислење или од какво било критичко и слободољубиво опсервирање на општествената стварност. Диригираните медиуми секако, притискаат силно на тасот на совеста на поширокото граѓанство, така што таквиот притисок, по системот на врзани садови несомнено ќе доведе до прелевање на внатрешниот набој кај секоја индивидуа за слобода на мислата, зборот и експресијата на своите ставови, колку и да се тие критички, реални или не, искрени или не. Иманентно својство на секоја индивидуа од раѓање, дадена од Создателот е да мисли, одлучува и живее според својата слободна волја. Дури и Бог тоа право го чува неприкосновено. Кои сме ние луѓето некому да му го ограничиме? Кој сум јас некому да не му дозволам да изрази критички став кон кој било сегмент на општествената стварност? Па, зарем некој е дотолку умислен дека му е дозволено да ја преземе улогата што ни Бог самиот не ја презел за себе? И дека тој лично, независно од каква позиција на моќ поаѓа, има право да си земе за право дека е тој врховниот контролор на сечија мисла, збор или постапка, дека е тој контролор на слободната волја на индивидуата, а со тоа дека е тој поголем и од Бога? Библијата таквите ги групира во сивата зона на т.н. “борци против Бога“ и секогаш завршуваат траорно, посрамени, понижени и заборавени во историски контекст.

            Сите четири столба на поделбата на власта се сериозно распукани под притисокот на партискиот диктат, каков што не е виден во поновата историја кај нас, но и пошироко во сиот транзиционен, посткомунистички свет.

            Ако навлеземе подлабоко во одделни сегменти на системот, повторно истата слика. Дерогиран е безбедносниот систем и целосно е ставен во функција на партиски потреби, изборниот модел исто така, изборниот процес разголен до срам, а и криминалот веројатно ќе започне да си го покажува срамот, оти секогаш, недемократските модели на владеење се следени со силен мотив и порив за корупција.

Дали сме свесни што значи ваквиот модел на владеење? Дали барем малку разбираме дека политичкиот систем, каков што нормативно е устроен со Уставот, е во зоната на опасност да влезе во колапс и во процес на целосно распаѓање? Дали воопшто сфаќаме дека вредносните основи на општеството се тектонски нарушени, на ниво на катаклизма? И дали ги насетуваме следните фази?

Контролираната демократија очигледно не е успешен модел. Библијата вели дека доколку го градите системот на песочни основи (основи без и најмалку вредност во нив), таквиот систем при најмалата турбуленција и нарушување на односите внатре, ќе се срине како свлечиште. Другите основи се вредносните, и тие се карпа, аголен камен. И тие вредносни основи траат, и се одржливи на долги рокови, опстојуваат на сите премрежиња, какви и да се, од каде и да доаѓаат. Во случајов, проектот на “контролираната демократија“ непристојно го разори македонското општество до најсрамни граници, вредностите ги закопа длабоко и некаде далеку од очите на јавноста. А во општествата во кои вредностите и доблестите исчезнуваат, со нив исчезнува и гордоста и достоинството на секоја индивидуа. Без индивидуи, нема општество. Без горди и достоинствени индивидуи – нема општество со кое ќе се гордееме, општество што е достоинствено во очите на секој еден од нас. Општество какво што посакува секој добронамерен.

            Република Македонија сериозно назадува на скалата на мерење на демократијата, од скалилото на фалична или дефектна демократија, кон хибриден модел. Модел што доколку не се отфрли како наша стварност, ни се заканува како опасност да не внесе во зоната на тоталитаризам, а под плаштот на измислената контроверзна „контролирана демократија“.

            Сега е моментот, македонскиот политички поредок да изнедри нова сила за радикално менување на општествената стварност, сила што повторно ќе го врати редот, во постојниот хаос на политичко живеење.

            Македонија има доволно историско искуство да се справи со предизвиците и од ваков тип. Излезот не е надвор од нас самите, како што не е и изворот на проблемот. Нема никаква странска конспирација за увоз на некакви замислени револуции од политичките крими-романи или теории на заговор, според кои ѝ се накомиле на Македонија со намера да ѝ нанесат зло. Секако, има и изолирани случаи на дрскост и ароганција во одделни случаи, во нивните погледи за нашата иднина. Но, генерално, нема ништо од сево ова. Тоа се само измислици за заплашување и спинување на гревовната македонска стварност на владеење.

Проблемот не е надвор од нас. Напротив, проблемот е во секој од нас, а одговорноста е на тие што владеат, а кои за жал се понесени од магливата претстава за моќта, злоупотребувајќи ја за поништување на другиот, кој поразлично ја поима и критички ја опсервира стварноста.

Има ли смисла сево ова? Има ли смисла или поисправно, дали е воопшто можно некој да е толку “политички кратковид“ и да не може да види подалеку околу себе. Зарем толку се високи првите дрвја, кои попречуваат да се види целата шума зад нив. А таа, за наш срам и за моја жал, е целата проретчена, разорена до крајност, осудена на уништување од мегаломанијата и лакомоста да се заграби и да земе сè, ако може и мислата и зборот на индивидуата.

Да, но, срцето на македонскиот човек не се заслужува и освојува на таков начин. Срцето на македонскиот човек е единствениот орган, каде што пристап има само Бог и никој друг. Е тоа е неосвоивата тврдина, ниту за првиот, а ниту за вториов модел. Да се заслужи љубовта на Македонецот и да се освои неговото срце е голема уметност и неа ја знаат само големите мајстори на занаетот. Тоа знаење не е привилегија на секој, колку и да се умислил дека е над сè. Ова е универзална вистина, и важи подеднакво и за првиот, и за вториот модел.

            И за крај, една библиска вистина. Но сега ќе оставам Бог да ви говори, а не јас: „...ќе бидете посрамени кога вашите гревови ќе бидат откриени пред луѓето; вашите беззаконија ќе застанат како обвинители... Грешникот да не вели дека тој не згрешил, зашто распалени јаглења ќе пламнат на главата на оној што говори: Јас не сум згрешил пред Господ Бог и слава Му! Господ ги знае сите дела на луѓето и нивните замисли, помислите на нивното срце... Тој ја знае вашата намера, знае што мислите во вашите срца, кога грешите и сакате да ги сокриете вашите гревови. Затоа Господ сосема јасно ги гледа сите ваши дела и сите ќе ве изобличи; ќе бидете посрамени кога вашите гревови ќе бидат откриени пред луѓето; вашите беззаконија ќе застанат како обвинители во оној ден. Што ќе направите и како ќе ги сокриете вашите гревови пред Бога...? Ете Бог е Судија, од Него плашете се; оставете ги вашите гревови и засекогаш престанете да вршите беззаконија, и Бог ќе ве изведе и ќе ве избави од секоја мака...!“ Трета книга Ездра 16:54-55; 64-68

И дозволете Бог да опомене, поучи и изобличи во правда и правичност, со вистина што се оствари, дури и за најголемите тирани во историјата на човештвото, а камоли за нивната бледа имитација низ вековите до денес: „Царе, Севишниот Бог беше му дарувал на татко ти Навуходоносора царство, величие, чест и слава. Пред величието што му го беше дал Он, сите народи, племиња и јазици трепереа и се плашеа – кого сакаше го убиваше и кого сакаше – го оставаше жив; кого сакаше го издигаше, и кого сакаше го понижуваше. А кога срцето негово се возгордеа и духот негов се ожесточи во дрскост, тој беше симнат од царскиот престол и славата му беше одземена,...сè додека не разбра дека над човечкото царство владее Севишниот Бог и го поставува над него, кого сака... תְּקֵ֥ל מְנֵ֖א מְנֵ֥א– “Mene, mene, tekel upharsin“...(Текел - измерен си од Бога... и се најде многу лесен.”) Книга на пророк Данаил 5:18-20; 26-28

Овие библиски поуки, опомени и предупредувања нека станат „аларм на совеста“ на сите сегашни и идни интересенти и чинители во политиката, за да запаметат дека, колку и да е примамлива позицијата на моќ и влијание, сепак без етаблирани вредности во срцата и на јавната сцена во општествата, нема излез од кризата, ниту пак исход кон прогрес и просперитет.

 

Љупчо Ристовски, доктор на политички науки и доктор на теологија

(Државен советник во Владата на РМ - Изнесеното во колумната е личен став)



[1] The Foundations of Modern Political Thought: Volume One & Two, The Renaissance by Quentin Skinner (Professor of Political Science at the University of Cambridge); Cambridge University Press (1978)

[2] Lahey, Stephen E.: Wyclif on Rights; Faculty Publications, Classics and Religious Studies Department. Paper 78 (1997) <http://digitalcommons.unl.edu/classicsfacpub/78>

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе