А „Министерство за спречување автоголови“?

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

Претходната власт имаше (звучни) програми: „Програма на ВМРО-ДПМНЕ за Преродба 2006 – 2010“ и „Програма на ВМРО-ДПМНЕ за Преродба 2008 – 2012“. Од документот „Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2011-2015“ насловен „Манифест за реформи и развој“ го издвојувам следниов пасус: „Свесни бевме дека има многу проблеми и потребна е многу работа. Но, тоа во ниту еден момент не нè заплаши. Напротив! Способноста да се соочиш со предизвиците и да ги надминеш истите е доказ за зрелоста и за капацитетите со кои се располага. Денес, неполни 5 години подоцна, гледајќи ве в очи, излегувам со чиста совест пред вас затоа што знам дека работевме макотрпно, чесно, посветено и истрајно за да го оствариме ветеното. Во првите неколку години од преземањето на одговорноста покажавме дека проблемот не е во државата, ниту е во народот. Покажавме дека изминатите години проблемот бил во неодговорните политичари. Го докажавме она во што цврсто и верувавме. Затоа денес сме горди на својата земја и на начинот на кој таа почна да се менува од 2006. Не го заборави минатото, но се ослободи од неговиот мрачен товар. Македонија почна да ја создава и да ја живее својата иднина“.

Бидејќи сум уверен дека граѓаните/избирачите генерално не ги читаат програмите на партиите, и доколку само се адаптираат погоре спомнатите години, верувам дека кај многумина ова би можело да „помине“ како проглас на сегашната власт.

А за изборите во 2016 насловот беше помалку претенциозен: „Програмата на ВМРО-ДПМНЕ: РЕАЛНО – Работа, сигурност, напредок 2017-2020“. Тоа беше после објавувањето на (како што денеска разбираме на 5% од) „нелегално прислушуваните разговори“ (во натамошниот текст  т.н. „бомби“). Се сеќавам и на документи кои таксативно наведуваа што било ветено и што било реализирано. Гледав и еднаш (или двапати) директен преност на ТВ од (маратонска и исцрпувачка) седница на влада. 

Мислам дека „бомбите“ на самиот почеток беа шокантни за сите граѓани на нашата држава. Со нивното континуирано објавување полека-полека сѐ повеќе стануваа предмет на шеги отколку на сериозен општествен и политички, па и безбедносен, синдром. Како народот да се навикна на реалноста и затоа нѐ чуди што водечката партија во насловот на својата програма го внесе и поимот „сигурност“.

„Бомбите“ бргу станаа „издишан балон“. Народот (без вакцина) стекна имунитет кон појавите кои ги слушаше. Остана само во сеќавање, после објавувањето на секоја „бомба“, изјавата на лидерот на тогашната опозиција: „Ова никогаш повеќе да не се повтори!“. Мошне  ветувачка изјава.

Длабоко сум убеден, и тогаш и денеска, пред објавувањето и непосредно по објавувањето на „бомбите“, лидерот на владеачката партија да предизвикаше вонредни парламентарни избори, повторно ќе ја освоеше власта. Веројатно само нему му се познати причините зошто така не одигра (можеби поради сега објавеното дека има 95% необјавени).

Покрај овој „автогол“ на тогашниот премиер, сепак најспектакуларен „автогол“ (и тоа дури од падините на  Водно) го даде господинот Иванов, со т.н. закон за амнестија.

Токму тоа го разбуди анестезираниот и имунизираниот народ. Се роди т.н. ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА. „Шарените“  ја разбудија (инертната и себична) т.н. меѓународна заедница, го пречекавме господинот Прибе, се колневме во него и ни беше во секоја реченица (сега како да го подзаборавивме), се создаде каква – таква „пржинска влада“ , се распишаа и одржаа избори, кампањи со многу ветувања...., нови тензии и сериозни драми, и, конечно добивме нова (и делумно стара) влада, нови министри, заменици, државни секретари, директори...

Да бидеме реални и искрени: да ја немаше „шарената“ тешко дека денеска ќе имавме нова (и делумно стара) влада. Па и самите резултати од изборите тоа го покажаа. А на протестите на „шарените“ и во кампањите се наслушавме дека ќе течело „мед и млеко“. Впрочем, тоа не е само наша специфика. Сериозни институции во светот го истражуваат тој „феномен“ - остварување на дадените ветувања во предизборните кампањи кога ќе ја освојат власта - бидејќи е тест и од исклучително значење за теоријата и практиката на демократијата.

Така, во истражувањето направено во 2017  (The Fulfillment of Parties’ Election Pledges: A Comparative Study on the Impact of Power Sharing was published in the July 2017 issue of the American Journal of Political Science) се наведува дека се истражувани 20.000 ветувања дадени од партиите во 12 држави во текот на 57 изборни циклуси и дека генерален заклучок бил оти партиите ги кршат (promise-breakers) дадените ветувања кога истите ќе дојдат на власт. Големото мнозинство на дадени ветувањата се само делумно исполнувани, а во некои случаеви дури 80% од ветувањата се игнорирани. 

Карактерот на владата (коалиција или самостојно владеење) има улога. Највисок степен на исполнување на дадените ветувања се детектирани во Канада, Португалија, Шпанија, Шведска и Велика Британија (еднопартиски влади), додека пониско исполнување се забележува кај Австрија, Бугарија, Германија, Ирска, Италија и Холандија (каде доминираат коалиции).  Во САД просечно 60% од ветувањата на партијата на претседателскиот кандидат се остваруваат, барем делумно.   

Не верувам дека кај нас некој сериозно се занимава со вакви истражувања. Дури ни партиите – противници. А можеби и поради фактот што секој ден се соочуваме со работи кои не биле најавени/ветени? Останува прашање на перцепција и на лично доживување на граѓаните.

Оваа (старо-) нова влада наскоро ќе исполни две години од својот мандат. Несомнено е направен голем исчекор кон трансатланските и (нешто на) европските интеграции. Несомнено е направен исчекор кон добрососедските односи (нека времето тоа го потврди). Несомнено владата добива јавни комплименти од меѓународната заедница за тоа. Дали на тој пат сме можеле „подобро да поминеме“? Не знам! Но, знам дека сме морале да го поминеме тој пат. Знам исто така дека за да го поминеме тој пат и да стигнеме до посакуваните цели, ќе ни треба многу домашна работа, многу знаење, многу посветеност (а не суети и лични интереси)... ни требаат вистински и функционални институции. А тој пат е долг и тежок. Многу зависи и од „човечкиот фактор“. Ако во првиот дел од патот сме имале (јавна или зад кулисите) меѓународна помош, на овој втор дел од патот, колку и да сакаат да ни помогнат, ако ние самите не сакаме да си помогнеме, нема да можат да ни помогнат.

Секој ден сме „бомбардирани“ со разни аномалии предизвикани од владините структури. Тоа што властите „се транспарентни“, што „народот се осмелил да коментира“, што „знаеме да се корегираме“, што „а како било во ваше време“, што „ќе се повторела постапката“, што „ќе се испита“, што... не е доволно!

Има премногу „автоголови“. А секој гол, па бил тој и автогол, се запишува на семафорот (не на оној за вратените пари). Ако тимот секоја минута сам си дава автоголови, ни Меси, ни Роналдо, ни Тадиќ, ни Погба, ни свети... не може нешто да смени.

Ако на веќе споменатите отворени седници на Владата тогашниот премиер ги испрашуваше министрите како ученици – основци, денеска повторно се навраќам на нешто што го напишав во една колумна пред година и половина и само ќе го повторам:  

„Не сум застапник ниту поддржувач на централизирано (автократско) владеење. Во изминатиот период владееше еден човек (или двајца) и видовме каква „корист“, државата имаше од тоа. Но, исто така, не сметам дека најодговорниот човек во парламентарната демократија ги препушта сите ингеренции на „локалните шерифи“, во многуте институции во државата. Потребен е деликатен баланс, онака како што тоа се прави во вистинските демократии. Постојат механизми и методи како тоа може да се спроведе – ако се сака.

Некаде на почетокот на 90-те години еден влијателен американски политичар во разговор со тогашниот наш дипломатски претставник во САД му го поставил следново прашање: „Who the hell is in charge in Macedonia?“ („Кој, по ѓаволите, владее во Република Македонија?“).

Дали ова прашање би можело денеска да биде актуелно – за нашите граѓани? 

Александар Тавчиовски

П.С. Почитуван господин Заев, Прв министер,

Од многу луѓе сум разбрал дека редовно одговарате (се допишувате) на СМС пораки. Од една страна тоа е за пофалба (не сте како некои министри кои одбиваат да примат на куса работна средба), но се прашувам колку време и концентрација тоа Ви одзема. Дали можете да си го дозволите тој „луксуз“ кога има илјада многу поважни за опшеството прашања? 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе