Колумна

А кој реално треба да се засрами за јазикот?!

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

Немам Твитер, немам Фејсбук, немам Инстаграм... И не сакам да имам. Зошто? За да не читам и гледам сѐ и сешто. Имам право на тоа, нели? Од друга страна, секојдневно читам и се информирам од различни портали и таму се изначитувам сѐ и сешто. Изгледа, нема бегање. Има ситуации кога напишаното е повеќе иритирачко отколку точно, па си земам за право да коментирам. Вчера налетав на ваков став на поранешната министерка за култура, Ганка Самоиловска-Цветанова: „Да се засрамите сите македонисти и универзитетски професори коишто денес го пречекавте, му аплаудиравте, се смеевте на недоветните шеги и се сликавте со човекот кој го урниса статусот на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската држава!“

Како македонист посветена на правилната употреба на македонскиот јазик скоро три децении, кога го видов напишаново, прво ми паднаа напамет следниве прашања: дали воопшто постои свест дека употребата на македонскиот јазик (усна и писмена) беше ставена на најдолната точка на интерес со години пред ова „да се засрамите“?

Дали воопшто некој беше засегнат од тоа дека згаснува групата македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, па денес едвај има студенти на таа група? Пред 30 години не можеше секој да се запише на групата, а сега има 7 студенти. За нов кадар на оваа група не станува збор со години. А постојниот кадар? Кого да учи кога нема заинтересирани?!

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година?

Вистината е дека години се потребни за таков пад.

Понатаму, дали некој се запрашал зошто лекторскиот испит со години беше укинат ако веќе толку имало загрижени за иднината на македонскиот јазик? Оваа година, за првпат, по пет години пауза, повторно започнаа полагањата за лиценци за лектори. Знаевте за ова? А знаете дека од над 300 лектори со државна лиценца само мал дел работат на својата струка? Зошто? Затоа што претходно постоеше грижа за јазикот? Неупатените треба малку повеќе да се упатат во нештата и да заборават на пристрасноста.

Законот за употребата на македонскиот јазик и задолжително лекторирање на секој текст што е за објавување е донесен уште во 1998 година. Како лектор и македонист бев сведок дека овој закон воопшто не беше почитуван, за што најмногу сведочеше неписмениот начин на изразување по телевизиите, во весниците, списанијата, училиштата...

Исто и секојдневните статии на порталите што ни самиот автор не би можел да си ги разбере зашто пишува на некаков „турли-тава“ јазик, потоа објавуваните книги во кои реченицата трае на цела една страница и интерпункциски знаци скоро и да нема, а ако случајно има, тогаш се ставени на најпогрешен начин.

Грешки, грешки...од милион аспекти. Не знам колку пати се обидоа професорите од катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, од Институтот за македонски јазик и од Здружението на лекторите (ЗЛРМ) да укажат на потребата од неопходна нега на македонскиот стандарден јазик и негово правилно пишување и зборување. Мислите дека може со сила да се натера кој било да зборува или да пишува правилно? Зошто да се труди кога нема да има последици за неговиот неписмено напишан текст? А законот предвидуваше казни за нелекторирани јавни текстови, книги и сл., но не се почитуваше.

Зборувавме дека наш идентитет е јазикот и дека дури го имаме, ќе имаме и држава. И? Ништо. Со години немаше позитивни одговори и слух за апелите дека одиме надолу. Веројатно, да имаше јазикот третман на тендер, сега ќе беше на многу високо ниво. Или, да одеше како измислена казна за плаќање на извршител, исто така ќе беше вивнат во облаци и сите ќе го сакаа, ќе го учеа и ќе се трудеа околу него. Но бидејќи не носеше никаква материјална корист, туку само интелектуална, а имаше сѐ повеќе квазиинтелектуалци и „борци за татковината ни Македонија“, македонскиот стандарден јазик сѐ посигурно го снемуваше.

Оттука, „мои вистински Македонци“, не се губи држава и народ со додавки кон името. Се губи кога ќе се изгуби јазикот. Додека се постапува кон него како досега: без почит, без влог за знаење на правописот и правоговорот, со понижување кон сето она што претставува македонски збор и експресно прифаќање на туѓиот збор, со немање иднина за оние што би вложиле во своето образование како македонисти (на Филолошкиот факултет)... нема да постоиме уште долго. Нашиот синдром да го уништиме своето е многу силен. Уште докази?

Историски гледано, на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, е донесено решение за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Комисијата за азбука и правопис своите ставови ги формулирала во Резолуција, донесена на 3 мај, а е усвоена на 5 мај 1945 година. Заслугата на Блаже Конески за кодификацијата на македонскиот литературен јазик е во тоа што создал: „Граматика на македонскиот литературен јазик“, „Историја на македонскиот јазик“, „Речник на македонскиот литературен јазик“, како и „Правопис на македонскиот литературен јазик“, подготвен заедно со Крум Тошев, кој е озаконет на 7 јуни 1945 година...

Да резимираме: во каква состојба е денес македонскиот јазик?

„Како иронија на историјата, народот чии предци им го дадоа на Словените првиот литературен јазик, беше последен на кого му се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните (бугарскиот и српскиот јазик).“

(Реџиналд де Бреј)

По скоро 75 години, јас ќе констатирам: Повторно иронија, ама на поблиската историја! Народот чиј јазик последен беше признаен, ПРВ ќе го изгуби поради неодговорноста и незаинтересираноста да го негува. Е ова е за срамење!

За среќа, во последниов период, се појави надеж дека сепак има можност да го спасиме и јазикот и нашиот идентитет како народ. Еве доказ. И ова не чини?

Д-р Матилда Саздова,

лектор

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе