Колумна

А кога доаѓа Рамацоти пак во Скопје?

Којзнае што очекуваа повеќето посетители на вчерашниот концерт на прославениот Ерос Рамацоти во А1 арената во Скопје, додека салата полека се полнеше... а доживеаја вистински огномет од емоции!

На почетокот, ве дочекува посакувана слика - салата исполнета, во партерот нема игла каде да падне, сите во исчекување, па концертот почнува со вистински тајминг, ниту прерано, ниту предоцна.

Рамацоти самоуверено излегува на сцената, со малку повеќе брчки и малку повеќе килограми отколку на промотивните фотографии и паноа. Гласот звучи познато, на истиот начин и со истата сила како и децении наназад. Не е лошо, би си помислиле ако не сте негов фан, добро оправдување за некој што успева толку долго да си ја одржи кариерата. Успешен е, славен, има добри мелодии (ќе признаете, дури и да сте повеќе по други музички стилови!), особено за некој што пее само на италијански, јазик што го зборуваат... колку проценти од светското население?

А не само што пее, туку еве, му подаваат и електрична гитара да свири, и тоа покрај веќе преполн бенд – веројатно не знае да танцува, па да го дополнат настапот со реквизити? Потоа, сфаќате дека да танцува навистина не умее, ама свири, всушност, многу добро?!

Добро, значи сепак е светска ѕвезда, само на овој/ваков концерт како да сум бил многу пати, и сите ми се во споен филм.

И тогаш...

По кратка (неколку секунди) пауза по првите песни, Ерос Рамацоти останува сам на сцената, со својата акустична гитара, почнува „сплет“ на негови хитови и – почнува магија! Како во сказните, осамениот свирач (и пејач, и тоа каков!) ја маѓепсува неколкуилјадната публика, која како хипнотизирана го следи неговиот транс. Кусиот (не премногу висок де) голем музичар на крајно ненаметлив начин ги освои сите.

Се враќа бендот на сцена (ни самиот не знам по колку време!), публиката пее, вреска, танцува со кренати раце, а не се сеќавам дека некој го побара тоа од неа! Што се случува? Изгледа и Ерос сака да провери, па неколку пати се спушта меѓу публиката, во директен контакт со луѓето. Вели: ЗАБАВА! (на македонски), а јас во извештајов го пишувам зборот не само со првата, туку со сите големи букви!

Делириумот продолжува, извонредно темпиран, со крешчендо на крајот од концертот. А дотогаш, извонредниот бенд лежерно музички владее, двете дами што вокално го следат Ерос и самите на пати ја креваат публиката на нозе.

Конечно ви станува јасно дека присуствувате на извонреден концерт, атмосферата во публиката зоврива, а озареното лице на Ерос докажува дека самиот пее од страст, љубов и уживање. Професионалниот дел веројатно го докажал со доаѓање на време во сала, или со други тривијалности - на бината очигледно нешто друго е во игра.

По две нумери на бис, Ерос и бендот како да се чувствуваат заробени од овациите на публиката, додека конечно не најдат начин пристојно да ја напуштат сцената. Додека белите светла во салата паѓаат на насмеаните погледи од публиката, која одвај се одделува од бината, се слуша нечиј глас: „А кога доаѓа Ерос Рамацоти повторно во Скопје?“

Павел Б.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе