70 години од првиот број на „Млад борец“: Заборавен јубилеј

Со години, по првиот пролетен ден, ги броевме родендените на првиот весник на македонски јазик.

На 22 март 1964 година ја прославивме 20 годишнината, печатевме  празничен број. На централно место е телеграмата со искрени честитки за јубилејот од претседателот на Републиката Јосип  Броз Тито , тука е и писмото од Здруженијата на борците од НОВ на Македонија потпишано од претседателот Елисие Поповски.

На 20 годишнината сите беа едногласни- „Млад борец“ 20 години со младината-за младината! Педесет години потоа, во очекување на 22 март 2014 година...

Поодамна веќе не ги броиме родендените,„Млад борец“ беше првата весникарска транзициска жртва, згасна негде во 1996 година. . .

Во календарот на празнувањата или потсетувањата на  значајните наши македонски датуми го нема овој 22 март, ова значајна 70 годишнина на првиот весник на македонски јазик!

Вреди да се издува прашината од пожолтените страници од комплетот на „Млад борец“  1964 година...

Задоцнето раѓање...

Во Фуштани на Првиот конгрес на  антифашистичката младина на Македонија одржан на 22 декември 1943 година, 288 делегати изгласаа потреба од печатење на гласило кое ќе насочува, мобилизира, осознава, гласило кое ќе биде неминовна нужност во деновите на сенаордната борба против окупаторите.

Но, појавата на првиот весник на македонски јазик се случи три месеци подоцна, зошто борбената ситуација по Првиот конгрес на НОМСМ изискуваше нови напори кај борците.

Се редеа ослободени територии. Во март 1944 година, со првите пролетни денови започна и првата пролет на македонското новинарство. На слободната терторија на Козјак, борците го читаа  првиот број на „Млад борец“,  гласило на Народноослободителниот  младински сојуз на Македонија.

Како изгледаше првиот број? 

Печатен на шапилограф, покрај  уводникот „До нашите верни читатели“ во кој се истакнува дека „задача е на Младиот борец да го зацврсни и јакни единството ма младината на Македонија без разлика на народност и вера и да го затврди нашето единство со останалата братска младина на Југославија“, печатени се и написите на Крсте Црвенковски, Лилјана  Чаловска, Кемал Сејфула, МиткоЗафировски, Киро Миљовски... Главата на весникот како и вињетите во следните неколку боја ги цртал Славко Јаневски.

Насекаде го слушав името Карпош...

Во првиот број на „Млад борец“ е помесетна  статијата „Младиот командант Христијан Карпош“ потпишана од Мирон, односно од борецот Киро Миљовски.

Во март 1964 година професорот Киро Мижовски го прашував како ја подготвуваше својата прва статија за „Млад борец“.

„Карпоша лично не го познавав. Но за него секаде слушав, во кумановскиот крај во секое село беше присутно името на Христијан Карпош. Беше тоа вистинска легенда, можеби затоа не ја одбив поканата од Лилјана Чаловска кога ми рече да пишувам за смрта на младиот борец. Разговарав со неговите другари, соборци. Добив впечаток дека тоа бил човек без „мана и страв“ . Младинец со голема храброст, другар со најчовечки односи со борците. Карпош имаше невиден почит и кај постарите борци во батаљонот. Луѓето не сакаа да прифатат дека  тој загинал, а другарите не ја ширеа веста за неговата смрт за да не ослабее моралот кај  борците. Ете така го запознав Христијан Карпош од неговите другари и почувствував дека долго време бевме заедно. Го носев во себе како стар познаник, а потоа лесно беше да се пишува за овој вистински херој на револуцијата“.

Четири броја на шапилограф

Првиот број на „Млад борец“ излезе во март 1944, а во август 1944 се печатени бр.2 и 3 како двоброј и тој главно беше посветен на Првото заседание на АСНОМ одржано н а 2 август во манастирот Прохор Пчињски.

„Со основањето на АСНОМ почнува нова ера во историјата на нашиот народ и нашата младина. Првото заседание на АСНОМ со својата историска декларација гарантира на младината на слободна Македонија во федеративна Југославија следните права: 1- полна граѓанска равноправност, 2- право да од 18 години нагоре избира и биде избрана. 3- право на бесплатна просвета.

Зад АСНОМ стои македонскиот народ кој масовно се организира во одборите на својот народно-ослободителен фронт, зад АСНОМ стои НОВ на Македонија, стојат АВНОЈ, народите на Југославија и НОВ на Југославија, стои челичната волја на генијалниот Тито, зад АСНОМ стојат решенијата на Совескиот Сојуз, Англија и Америка донесени во Москва и Техеран за право на поробените народи на национално самоопределување и самостално уредување на државниот живот.

Сите тие заедно со АСНОМ нас ни го гарантираат даденото. Младинските права дадени на младината на 2 август-Илинден 1944 година, споменатите гаранции за нивната валидност и трајност му го дава специјалното историско значение на 2 август 1944 год. за нас младината, за сите млади поколенија  во Македонија. По това свое значение за нас тој датум стои над сите други во доденешното наше постоење“, пишува меѓу другото во својата статија Лилјана Чаловска.

Во двобројот Веселинка Малинска  ја коментира спогодбата Тито-Шубашиќ, Ацо Шопов објавува напис  со наслов „Србија  одново вивна“, а Васка Дуганова пишува „Македонската младина се бори“...

Четвртиот шапилографски број (дури на 40 страници) е печатен на 4 септември 1944 година, а во него впечатлива е статијата на Крсте Црвенковски „Да станеме мајстори на оружјето и борбата“, За  новите задачи на НОМСМ пишува Лилјана Чаловска, а Боро Миљовски за „Црвената армија  и НОВ на Југославија“...

Ете тоа беше кусата историја на четирите шапилографски боја на „Млад борец“. Петтиот број се појави на 27 септември 1944 година по сите „правила“ на  графичкиот и печатарскиот занает, се разбира , спрема тогашните можности и прилики во Врановци, два дена пред печатењето на првиот број на „Нова Македонија“.

Март 2014 година, почеток на 71-та  пролет на македонското новинарство.

Честит јубилеј!

 

                                                                        Атанас Костовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе