67-те пратеници, тајно или јавно, сами да изберат спикер и министри

Ако државата е заробена, а институциите не работат - мислам дека е потребно да се употреби сценариото како со АВНОЈ и АСНОМ во Втората светска војна.

Постоел тогаш окупатор и туѓо државно уредување. Прогресивните сили и народите во тоа време решиле да прават држава Југославија со АВНОЈ и ја направиле во Јајце во 1943, како и Република Македонија во 1944 во Св. Прохор Пчински. Војната уште траела, а државното уредување сѐ уште било кај окупаторските сили. Но, нашите одлучиле да прават држава/република и ја направиле. Ги прекршиле тогашните закони, но биле помногубројни и можеле формално да го сменат уредувањето. Окупаторот официјално се повлекол во 1945, а државното народно уредување останало.

Нешто слично треба и сега. Со багабонти и окупатори не можеш да излезеш на крај со нормални методи. Сегашниве од В/Д ќе одолговлекуваат во недоглед во Собранието. Затоа е потребно 67 или 69 пратеници да се состанат во некое „Јајце“ тајно или јавно, и да изберат претседател на Собранието. Претходно би можело и да се даде рок на кочничарите дека до овој петок или наредниот петок се очекува да завршат дискусиите и да се премине на гласање директно за претседател на Собрание. Ако не сакаат ...

Пратениците што ги предводи СДСМ го имаат мандатот од граѓаните и ја изразуваат мнозинската волја на гласачите во Македонија. Овие пратеници ќе може да констатираат дека Македонија има претседател на држава кој не е работоспособен за функцијата и ќе изгласаат дека истиот не е способен да даде мандат за Влада. Во такви услови кога нема претседател, мандатар за Влада ќе биде оној кој ќе добие мандат од претседателот на Собранието.

И по некое време, мандатарот ќе достави состав на влада и програма во Собранието. Владата ќе се изгласа, а програмата ќе се усвои и тогаш Министрите ќе бидат во можност да побараат да влезат во своите кабинети. Ако е потребно, може Собранието да отпечати вонреден Службен весник ако постоечката организација одбие да печати службен весник. Може и новите министри да бидат спречени да влезат, но тоа е веќе многу подобро сценарио. Тие се избраните министри и мора да им се дозволи да влезат. Под притисок и на меѓународната заедница ако треба, бидејќи тие цело време кажуваат дека треба да се формира влада со јасно изразена мнозинска волја на гласачите во Собранието.

Ако ваквата влада е признаена од меѓународните институции како демократска влада, тогаш Груевски и бандитите околу него може само да се сликаат - односно да избегаат од државата. Се разбира, потоа ќе бидат гонети за криминал.

Тоа што е неопходно, партиите што имаат мнозинство во Собранието да се одважат и да констатираат дека ова не води никаде. Ако не го сторат тоа, опасностите се дека ќе се разводни целата работа, луѓето ќе се разочараат и пасивизираат. Може да се јават и групации од кај одредено население кое ќе посакаат отцепување заради безизлезноста на оваа држава.

Затоа е потребна одлучна и брза реакција. Лидершип е потребен. Заев треба да го покаже решително водството за да може да застанат граѓаните позади него. И да поведе да се спроведат потребните чекори за формирање на Собрание и Влада. Да покаже и формално дека се раѓа нова Македонија ослободена од криминалци и партизирани институции.

Венко Глигоров

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во Мексико, Индија и Турција, жените завршуваат трипати повеќе обврски поврзани со грижа од мажите.

повеќе

Сега свесно или несвесно се оди во друг правец, сведувајќи ја  партијата  на ниво на  дебатен клуб.

повеќе

Најчести места каде што може да се препознае (и шири) говорот на омраза на интернет се всушност онлајн медиумите кои дозволуваат простор за коментирање.

повеќе