ПОТРЕСНА ИСПОВЕД НА СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ

Девет лути рани (4)

Прашање на ден било кога Арачиново ќе биде целосно исчистено доколку акцијата не била прекината под силен притисок на меѓународната заедница. 

ПОГРЕБОТ НА КОКИ

Третата вечер во шок-соба во посета ми дојде Зољата (Горан Георгиевски). Немав ориентација колку е часот, но знам дека беше одамна стемнето. Стоеше до креветот и гледаше во мене како во дух. Во моментот кога ме погодија, од мене беше оддалечен само неколку метри. Меѓу два реда пукање успеал да види како претам во прашината. Заедно со „Тигрите“ и „Волците“ ја штител позицијата на која паднав. Можел да види и како крвта ми истекува од уста. Со него се знаевме добро од претходно. Во 1999 и 2000-та додека јас бев командир на вод тој беше заменик-командант на „Тигрите“. Заедно војувавме и во Тетово како команданти во посебната полициска единица, од март до мај 2001-та.

Му беше мило бидејќи ме гледа жив. Не верувал дека ќе преживеам. „Преморени сме, душа немаме во нас“, ми рече. „Дури сега, пред малку, се вративме од погреб“, продолжи. „Чекај, чекај“, си помислив во себе. „Каков погреб?“, едвај изустив. Тогаш тој сфати дека не знам. Сфати дека јас не знам. Дека криеле од мене. Но немаше каде. Мораше да ми каже. Мораше да ми даде одговор. „Коки“, рече тивко. „Загина неколку часа после твоето ранување“, дополни. Ми се сврти целиот свет. Никола Пехчевски загинал. Загинал Никола Пехчевски! Не е можно!!! Не е фер!!! Па Коки само што се ожени!!! Пред само десетина дена правеше свадба!!! Сопругата му беше бремена! Чека дете! Како е можно да загинал токму Коки? За само десет дена свадба и погреб!!! Рој од мисли се вртеа низ мојата глава. Бев во бунило. Не можев да си дојдам на себе.

Зољата се обиде да каже некој збор колку за утеха, но залудно. Оливер лежеше во шок-соба на 5-6 метри подалеку од мене, на умирање. Александар лежеше на креветот во ќошот во критична состојба, а Коки го убиле. Сите тројца беа од мојот вод, од четвртиот вод, водот на кој бев командир пред да ја напуштам единицата. Сите млади деца. Сите златни деца. Коки 25, Оливер 21 и Александар 21 година. Бев надвор од себе. Зољата се трудеше, но не можеше да помогне. Дотрча една сестра, ми акна една инјекција и ме снема.

НА ПРАГОТ НА СМРТТА

Првите денови додека раната сѐ уште ми беше ептен свежа, во посета ми дојде мојот драг колега Бунгурот (Кирил Бингуров) од „Тигрите“. Иако добро навежбан, тој беше малку посебен тип, исклучително интелигентен, опасен но со префинет смисол за хумор и сатира. Бидејќи за време на обука се здобил со повреда на окото работеше како дежурен полицаец. Кога почна војната едноставно не можеше да издржи да седи во канцеларија додека другите „Тигри“ војуваат и излезе на терен со единицата. Безмалку и да нема битка во која тој не учествувал. Се случуваше дури и во текот на најжестоките акции да отцепи некоја заебанција и да не насмее. Пукавме, гиневме и се смеевме.

15 години по Арачиново и натаму активен

Бунгурот стоеше до креветот и чудно гледаше во мене. Знаев дека мати нешто. „Смеам ли да кажам една да те насмеам малку?“, одеднаш ме праша. На мене не ми беше до смеење, но бев љубопитен да видам што глупост смислил и му реков „Ајде“.

„Влегува директорот на некоја шок-соба, внатре во собата, и гласно им вика на пациентите, како сте денес лавови мои?“, почна Бунгур да раскажува. „Следниот ден, директорот повторно влегува и вика, како сте денес лавови мои?“, продолжи да раскажува Бунгур. „Откако докторот 5-6 дена по ред ги поздравувал болните во шок соба со неговата „како сте денес лавови мои“, еден пациент не можел да се воздржи и го прашал: Директоре, зошто секој ден нѐ поздравуваш со „лавови мои“? „Нема, нема па некој ќе рикне“, возвратил директорот.

Гледав кон Бунгурот. И тој гледаше во мене. Ладно, без да му заигра ниту еден мускул на лицето. Намерно се трудеше да изгледа сериозен за ефектот на вицот да биде посилен. Одеднаш ми дојде таков нагон за смеење што мислев дека ќе експлодирам. Со слабото, но неконтролирано смеење силно го напрегнав сечениот, лепен, крпен и монтиран бел дроб. Почувствував толку силна болка што мислев дека ќе умрам. Дури и ми се слоши. Сестрите дотрчаа со шприц и го забија во мене. Бунгур сфати дека заебал работа, му стана непријатно и полека се извлече надвор.

Тој всушност беше скршен од бол, страдаше исто како и јас, беше свесен за ситуацијата но мислеше дека со неговата шега барем за миг ќе заборавам на суровата реалност. А јас, за првпат во животот нa дело почувствував дека понекогаш и најдобрата намера може да те убие.

Тешките рани и инвалидитет не го спречија да подолжи да вежбa

СМРТТА НА ОЛИВЕР

Беше некаде петтиот ден од мојот престој во шок-собата. Во посета ми дојде командантот на „Тигрите“ генералот Горан Здравковски. Со него бев многу близок. Работевме повеќе од 5 години заедно, а и долго време бевме во иста канцеларија. Ме чекаше во малата соба на медицинските сестри. Полека ме одведоа кај него. Таму ми раскажа што се случило во Арачиново после моето ранување. УЧК давале жесток отпор, но и понатаму биле блокирани од сите страни, без можност да им дојде засилување. Припадниците на безбедносните сили биле бесни поради жртвите од нашите редови и решени брзо да стават крај на срањето во Арачиново. Прашање на ден било кога селото ќе биде целосно исчистено доколку акцијата не била прекината под силен притисок на меѓународната заедница. Во секој случај, не повеќе од неколку дена.

Ми раскажа како загинал Коки и колку е сериозна повредата на Оливер кој лежеше во втората соба, оддалечен неколку метри од нас. Главата му била полна со шрапнели. Најверојатно токму тоа беше причината што дотогаш ниту еднаш не ме однесоа до креветот на Оливер. Додека зборувавме со генералот Здравковски цело време се слушаше титкањето на една машина од оние кои ги имаше кај секој тежок пациент. Одеднаш една од машините почна да свири со едноличен глас. Настана некаква раздвиженост. Појма немав што се случува. Сестрите се растрчаа, една од нив дојде до мене, почека да се поздравам со Здравковски, ми стави инјекција и ме врати во кревет. Дури неколку дена подоцна сфатив дека Оливер повеќе го нема во соседната соба. Дека машината која почна да свири додека зборував со Здравковски всушност означила крај на неговиот живот. Телото му го изнеле без да забележам.

КРАЈ КРЕВЕТОТ НА АЛЕКСАНДАР

Следниот ден, со помош на сестрите, отидов до креветот на Александар. Жално гледав во него. Беше жив, а лежеше како мртов. Гледав во неговото ковчесто, четвртесто лице. Дури и ваков легнат во постела во кревет, изгледаше како специјалец.

Гледав и размислував. Колкав малер треба да биде човек да добие таков погодок во глава? Да удрел шрапнелот на кое било друго место во главата немало да пробие. Или ќе се одбиел од шлемот или ќе се забиел во коските на черепот. Но несреќата сакала шрапнелот голем колку зрно ориз, да го погоди на самиот внатрешен крај на окото, таму каде што започнува коренот на носот. Го пробил окото и завршил во мозокот оштетувајќи некој важен животен центар. Однадвор главата му изгледаше здрава. Метални шипки му ги држеа фиксирани скршените рака и рамо кои му беа полни со шрапнели.

Гледав во него. Почнав тивко, а потоа и погласно да го довикнувам неговото име. „Александар, Александар, Александар...“ Се обидував да го разбудам иако знаев дека е во кома. Некако ми го препозна гласот. Од повреденото око почнаа да му течат солзи. Го држев за рака. Го стискав. Одеднаш почувствував како и тој ја стисна мојата рака. Неговата заспана свест или можеби неговата потсвест сеедно, знаеше дека сум таму. Веднаш до него. Знаеше дека до него стои неговиот командир. Во мене се пробуди силна надеж. Надеж дека нема да умре. Надеж дека ќе остане жив.

Свиткан од болка стоев до него. Во грлото ми се заглави голема грутка. Го стискав за рака, а во главата мисли рој. Зарем моравме да нападнеме таа проклета вечер? Зарем морав да дадам наредба за напад? Немаше ли да беше подобро ако останевме пасивни? Размислував тивко во себе. Ако не дадев наредба за напад можеби ќе беше здрав. Но можеби УЧК ќе нападнеа први, па ќе убиеја неколку од нас. Се кинев однатре. Умирав на живо. Па јас лично бев на најистурената, на најризичната позиција, на првиот пункт. Оттаму дадов знак за напад, се обидував да се смирам. Гранатата сакала да падне токму таму, кај него, кај Александар, не кај мене, се обидував дополнително да се смирам. Така требало да се случи. Одеднаш пред очи ми блесна, експлозија, една, уште една. Главата почна да ми бучи. Звуци. Слушав звуци. Пеле вика и се дере, Копчар силно стенка, крв шприца на сите страни, стомакот ме боли, стомакот ме боли, Копчар се стиска за стомак, Нинџа влече една торба, брзо, брзо, завој, стегни, не запирај стегај, темнина, мрак, прашина. Неколку „Тигри“ трчаат низ дворот, во рацете Александар, тој во несвест, стенка, стенка, од очите му течат солзи, од едното крв...

Стоев до него, гледав во него, но не можев да го видам. Главата ми беше полна со слики. Тажни слики, опасни слики, лоши слики. Срцето ќе ми пукнеше од жал. Ми идеше да умрам од жал.

Ме спасија добрите сестри. Бргу ми ставија една инјекција „долантин“ и веднаш заспав. Името на оваа инјекција го помнам до денес бидејќи и јас и ранетиот во дишник Горјан ја примавме секој ден. Оваа инјекција ме смируваше во истиот момент, дури и некако ме опушташе додека во главата почнуваше да ми свири Хендрикс. Џими Хендрикс.

ТАТО ПАМА

Беа поминати 7-8 дена кога сопругата прв пат ја донесе мојата ќерка. За детето да не се трауматизира, сестрите ме одведоа надвор во ходникот. Стоев свиткан во два краја и гледав во моето чедо. Повторно грутка ми застана во грло. Двегодишната ќерка Каролина љубопитно гледаше во мене. „Тато пама?“, изусти одеднаш. „Паднав ќеркичке, паднав, тато падна. Се лизна и падна“, и одговорив целиот скршен од бол. Гледав во неа, а во главата повторно почна да ми светка. Јас претам во прашината, околу мене куршуми рој, крвта тече низ уста. Наместо роденден – погреб. Не успеав. Од очите ми потекоа солзи. Гледав во тоа мало слатко дете, гледав во моето дете и тогаш си реков самиот на себе дека ќе излезам од шок-соба најбрзо што можам. Знаев дека ќе останам тежок инвалид, но важно ми беше што останав жив. Ми дојде преку глава од војна и од битки, од чизми, униформи, пушки и пиштоли. Ми требаше само живот и мир.

ИЗЛЕЗНА РАНА

Благодарение на морфиумот силните болки се намалија и станаа подносливи. Ги чувствував само тогаш кога морав да дишам подлабоко за да ја искашлувам крвта. Сѐ уште плукав засирена крв кога почна да ме интересира нешто друго. Ме интересираше како, каде и со што сум погоден? Каков е проектилот кој за малку ќе ме убиеше? Шрапнел од гранатата која падна до мене или некој од ројот куршуми кои летаа кон мене?

Неколку дена подоцна, откако малку од малку си дојдов на себе, собрав сила и со левата рака полека ја поткренав стерилната газа која покриваше некаква рана, горе високо на моите гради, веднаш над мојата десна брадавица. Се изненадив од она што го видов. Под газата зјаеше дупка. Голема дупка. По обликот сфатив дека се работи за излезна рана. Изгледаше страшно. Како да бев погоден со топ, а не со куршум.

Следниот ден чепкајќи околу излезната рана забележав огромна модрица под мојата десна пазува. Месото ми беше модро, отечено и обесено под мојата мишка како голема, набабрена женска цицка. Се извадив од памет. Од страв викнав по сестрите да го известат дежурниот доктор. Една сестра брзо дојде до мене и почна да ме смирува објаснувајќи ми дека тој огромен оток со темно сина боја го имам од првиот ден кога ме донеле во шок соба. Јас не сум бил свесен за него бидејќи уште од моментот на ранување ниту можев, ниту ја мрдав десната рака. После операцијата раката со завој ми беше фиксирана за моето тело поради што огромната модрица под десната пазува воопшто не сум ја забележал.

КУРШУМОТ

Целта на овој текст не е да шири омрази. Напротив, треба да ви ги приближи ужасите на војната за никогаш повеќе да не ни се повторат.

За да ја задоволи мојата љубопитност Д-р Караѓозов ме седна во малата соба на медицинските сестри и ми раскажа сѐ што можеше да ми каже. Врз основа на неговото кажување и моето сеќавање си направив целосна реконструкција на ранувањето.

Додека со Зољата и Цобе се движевме косо наназад кон куќата околу која беа „Волците“, веднаш до мене падна граната. Сум имал голема среќа бидејќи не ме погодил ниту еден од шрапнелите кои се распрснаа насекаде околу мене. Силината на експлозијата само ме занесе и бутна. Во тој момент, веднаш после експлозијата на гранатата, ме погодил куршум со голема кинетичка енергија. Подоцна, со вештачење на едно крупно парче извадено од моето тело, се утврди дека куршумот бил со калибар од 7,62х54мм или т.н. “7,62 тешко зрно“. Овој калибар порано го произведуваа речиси сите источно европски земји. Го користеа пред се митралези (М 84), но и снајперски пушки. Бидејќи врз мене беа испукани безброј куршуми, не можев да знам дали куршумот кој ме погоди е испукан од снајпер или од митралез.

ДЕВЕТ ЛУТИ РАНИ

Куршумот како од шега го пробил ќевларот на панцирот, ме удрил во ребрата на линијата помеѓу грбот и десната пазува и продолжил да се забива во моето тело. Најпрво ми искршил две ребра од кои едното се скршило на две места. Од ударот во ребрата бронзената кошулица (навлака) со која е обвиткан куршумот се излупила од него и се распаднала на ситни шрапнели големи колку зрно ориз или грав. Поради големата кинетичка енергија овие шрапнели се распрснале во мекото ткиво под десната пазува кинејќи го и предизвикувајќи силно крвавење.

Понатаму проектилот продолжил да се забива во десното белодробно крило раскинувајќи го мекото сунѓересто ткиво и многуте крвни садови во белиот дроб. Да биде злото поголемо проектилот искинал и некој голем крвен сад. Потоа го пробил ѕидот на градниот кош и излетал надвор од моето тело веднаш над брадавицата на десната страна на градите.

Ваквата прострелна рана сама за себе може да биде смртоносна бидејќи предизвикува состојба на шок поради мешањето на крв и воздух во белите дробови.

Дијагнозата со која сум примен во Државна болница дури и денес ми изгледа страшно:

VULNUS SCLOPETARIUM PENETRANS ET PERFORANS THORACIS L. DEX. LESIO LOBI INFERIORIS PULMONIS L. DEX. HAEMATOPNEUMOTHORAX L. DEX. VULNUS SCLOPETARIUM PENETRANS ET PERFORANS PARIETIS THORACIS L. DEX. F-RA COSTAE IV ET III L. DEX. SCHOK HEAMORHAGICUS GRAVIS.

Исто како и операцијата која ми била направена:

THORACOTOMIA POSTEROLAT. L. DEX. “WEDGE” EXCISIO LOBI INFERIORIS PULMONIS L. DEX. AVACUATIO HEAMATOTHORACIS. DEBRIDEMAN DRAINAGE ET SUTURA VULNERIS PARIETIS THORACIS.

Или, преведено на разбирлив јазик, огнострелна повреда (повреда од огнено оружје, во мојот случај куршум), влезно – излезна, во десниот страничен предел на градниот кош, странично оштетување на долниот сегмент од десното белодробно крило, крвавење и мешање на крв и воздух во белите дробови (или градниот кош), скршеница на третото и четвртото ребро странично десно, тежок шок предизвикан од губење на крв.

Во моментот кога стигнав во Државна болница иако сѐ уште бев свесен, сум бил во тежок крваречки шок предизвикан од големата загуба на крв.

Д-р Караѓозов итно ме внел во салата за операција и со хируршки зафат од задната страна (од страната на грбот и делумно под пазувата) ми го отворил градниот кош. Десното белодробно крило било многу оштетено и полно со крв поради што д-р Караѓозов исекол и отстранил дел од долниот лобус на белиот дроб, а местото каде била секотината го сошил со специјален конец. Понатаму го отстранил и оштетеното ткиво од белиот дроб низ кое поминал куршумот, потоа ја отстранил крвта со која белиот дроб бил полн, со метална жица ги фиксирал двете скршени ребра и на крај ја сошил раната од надворешната страна. Повеќе од триесетина ситни шрапнели од кошулицата на куршумот останале во моето тело, под десната пазува. Жиците на ребрата и шрапнелите до ден денес си ги носам во мене како потсетник за неизвесноста и минливоста на човечкиот живот.

Се на сѐ, доколку паднев во несвест најверојатно никогаш повеќе немало да се разбудам. Исто и ако не сум ја искашлувал крвта. Тешко дека ќе сум останел жив.

Силните, ненормални болки кои ги чувствував при длабоко дишење, кашлање или плукање на крв биле последица на скршените ребра како и сеченото и шиено белодробно крило. И покрај големата и сериозна повреда белодробното крило морало непрекинато да пумпа воздух што му доаѓа слично како со скршена рака со скинати мускули да вежбате во теретана.

РАЗЛИКА ВО ВОЈНА И МИР

Кога ќе се случи сообраќајна несреќа или некој друг вид на несреќа сите брзаат да помогнат на повредените и обично за кратко време доаѓа и возило на Брзата помош со медицинска екипа. Кога јас бев погоден УЧК продолжија да пукаат по мене отежнувајќи го моето извлекување. Понатаму, до државна болница најпрво ме носеа во раце, потоа морав да трчам сам, дури потоа продолжив со оклопно возило, па на крај со болничко возило кое всушност не беше болничко бидејќи беше на „Тигрите“ и немаше медицински персонал.

ИЗЛЕГУВАЊЕ

Сѐ уште се сеќавам на жолчната дискусија која настана помеѓу д-р Караѓозов кој десеттиот ден реши да ме пушти дома и директорката д-р Николова која не сакаше ниту да слушне да заминам надвор од шок-соба тврдејќи дека во болница треба да останам најмалку уште некој месец.

Десеттиот ден, беше понеделник, јас излегов од шок-соба. Со денот кога бев примен и денот кога излегов, во шок соба останав вкупно 10 дена. Свиткан во два краја, со терапија на тродон, седум дена се обидував да лежам дома, но помислата дека моите колеги се таму некаде каде што се гине не ми даваше мир. Седум дена подоцна ја облеков црната униформа и се вратив на работа. После ден или два отидов во шок соба да ги посетам Александар и Копчар. Кога ме виде, д-р Николова мислеше дека гледа дух. Во црна униформа со пребледено лице, стоев пред неа, но сега не бев пациент туку заменик-командант на „Тигрите“.

Генерал Стојанче Ангелов

Продолжува

 

Како го преживеав пеколот во Арачиново (1)

Мирисот на смртта (2)

Хоророт во шок-собата (3)

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе