4 години од Преспа – понижени и навредени без преседан

На денешен ден, пред 4 години ние се откажавме од брендот Македонија и ексклузивните права за тој термин ѝ ги препуштивме на соседна Грција.

Димитров и Коѕијас го потпишуваат Преспанскиот договор во Нивици, 17 јуни 2018 г.

Со антиуставен потпис на Никола Димитров се стави крај на Република Македонија како суверена држава со право на избор на името и внатрешните работи, како дел од основното човеково право на самоопределување.

За првпат во современата историја, во мирнодопско време, една држава на друга ѝ наметна нејзин поглед за нејзиниот сопствен идентитет, култура, историја, традиција и правен систем. Преспа е без преседан, бидејќи ваков договор не ѝ бил наметнат ни на поразените Германија, Италија и Јапонија после Втората светска војна. Преспанскиот договор ја отвори Пандорината кутија и за бугарските апетити со кои допрва ќе треба да се занимаваме како држава и како општество. Во договорот нема ниту една европска вредност, тој е пред сѐ антицивилизациски чин и класичен акт на присила, бидејќи ја доведува нашата држава во состојба на потчинетост кон Грција и практично ѝ ја укина слободата за самостојно уредување на внатрешните работи.

Што изгубивме?

Од што се откажавме после Преспа? Листата не е целосна, бидејќи последиците ќе продолжат и понатаму:

•            130 држави кои нè имаа признато под уставното име Република Македонија, меѓу нив и три од петте постојани членки на Советот за безбедност при ООН;

•            Референдумот за независност од 1991 година, со кој граѓаните гласаа за независна Република Македонија, со право сама да си ги уредува внатрешните работи;

•            Секакво право да го употребуваме терминот Македонија за нашата земја во службена комуникација, освен ако не е придружен со новата придавка;

•            Изгубен институционален идентитет и преименување на клучните државни институции во „духот на Преспанскиот договор“;

•            Целосно откажување од вкупното културно наследство пред VII век на територијата на денешна Македонија;

•            Целосно откажување и забрана за користење на шеснаесеткракото сонце, првото македонско државно знаме.

Што добивме?

•            Вештачки конструирана националност „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“, без преседан во светски рамки;

•            Фалсификувана историја и бришење на одлуките на АСНОМ кои се темел на модерна Македонија;

•            Систематско казнување и забрана на терминот Македонија во официјална комуникација, внатре во самата држава од страна на Владата;

•            Уривање на македонскиот идентитет дома и во светот, преку новосоздадените придавка „северномакедонски“ (употребени свесно или несвесно десетици пати надвор од Македонија) или означување присвојност со „на Република Северна Македонија“ на сметка на автентичните: „македонска“ и „на Република Македонија“.

Понижувањата кои ги гледаме на секој чекор во изминатите четири години, за жал нема да запрат туку така, бидејќи Македонија одамна не произведува лидери на клучни позиции кои знаат и практикуваат достоинствена политика, обединување околу стратешките национални интереси и минимум сенс за здрава економска логика, бидејќи најчесто во државата имаме слеповидни марионети чијшто видокруг е стеснет во рамките на еден политички мандат од четири години.

Сумирано: предавството на државните интереси никогаш нема да се нарекува патриотизам, тиранијата врз сопствениот народ не може да биде демократија, а уште помалку – политичкото силување на правото да биде именувано како правда.

Светла точка во изминативе години се сите луѓе, организации и ентитети кои одбиваат да го користат вештачки инсталираното име-придавка и новокомпонирана кратенка од истото, во официјална и приватна комуникација. Особена почит заслужуваат нашите културни и спортски амбасадори кои не пропуштаат прилика да нагласат дека својот успех го прават за Македонија, а не за некоја новокомпонирана држава со вештачка придавка. Тоа може да се види на спортските трибини каде скандирањето „Македонија, Македонија!“ е живо и од срце, но и како доказ дека може да промените име на хартија, но не може да ја убиете идејата за Македонија.

Вредно е да се напомене дека постојат и стотици македонски интелектуалци и умни луѓе кои неуморно работат за промовирање на македонските интереси и нивната работа е достојна за секоја почит.

Времето е најсилен и непогрешлив судија. И затоа, колку посилни и надвор од умот ќе продолжат да бидат забраните за користење на единственото легитимно име – Македонија, толку поголем и поискрен ќе биде отпорот и карактеристичниот македонски инает! Колективната меморија на нашиот народ е далеку посилна и пожилава од еден наметнат и штетен договор.

П.С. За постоењето на држава „Северна Македонија како орвеловска творба“ пишував и на 12 јануари 2019, еден ден по изгласаните уставни измени во македонското Собрание со кои го променивме името. До денес стојам на секој напишан збор.

Павел Донески,

магистер по односи со јавноста

Легенда под Главна слика

Димитров и Коѕијас го потпишуваат Преспанскиот договор во Нивици, 17 јуни 2018 г.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе