2020 наспроти 2021: Да расчистиме со заблудите и неодговорноста, за да нѐ има

Годинава го разобличи неодржливото во Македонија: институционалната имитација на систем во сите области на државата, јавната реч, економија и партиска организација проектирани во раните 1990-ти.

Ако се водиме по народната „Секое зло за добро“, 2020 е корисна во едно: Ни илустрираше колку децениското политички неодговорно однесување нѐ води кон тоа да го загубиме тешко стекнатото. И кон тоа што сѐ мора да правиме за да не се доведеме во таква состојба.

Зад нас останува една неславна година. Здравствено, билансот е илјадници заболени и над две илјади починати од ковид-19 пандемијата со која властите се справуваат како и со сѐ досега: „Јако“ во пи-ар-от, импровизациски во пракса. А лекарите и медицинскиот персонал на свои плеќи ги носат последиците од слабата јавна свест за општата опасност и неподготвеноста на државата да постапува во кризни ситуации.

Општествено, излегуваме со психички лузни од траумата од микроскопскиот противник, што ги уништуваат и трагите од емпатијата кон блиското и поширокото опкружување. Медиумски, јавноста сѐ помалку ги следи традиционалните медиуми и од нив сервираните правци и теми на јавната реч наменети за задржување на познатото, но е и сѐ попретпазлива кон „теориите на заговори“ и „новите месии на социјалните медиуми“.

Економски, се соочуваме со последните атоми на силите да се одржи неодржливото: економијата заснована на потребите на југо-македонската елита од 1989. И, конечно, политички, излегуваме од илузијата дека старите партии и „политички мудреци“ какви што ги знаеме 3 децении се единствениот расположлив правец и средство. Борбата со нивните службењачки производи, сеедно дали биле формирани во 1989, 1990, 2015 или 2019, влегува во нивната нова „дневна агенда“.

Затоа, новиот политички судир што следи во Македонија не е оној проектираниот меѓу левицата и десницата, туку меѓу демагогијата и практиката.

Политиката во 2020 започна, а во 2021 ќе го продлабочи судирот на југо-македонистите со нас, засега раштрканите нео-македонисти кои не сме засновани на бранењето на воспоставениот поредок на десетте фамилии за кои предупредуваше поранешниот француски амбасадор во Скопје, Тимоние. Поредок, за волја на вистината, создаден во неискуството на јавноста при преминот од еден во друг општествено-економски систем и на праксата заснована на правците на групацијата Belgrade Boys и нивните генерациски потомци распоредувани во партиите, службите, медиумите, фирмите, невладините организации... од крајот на 1980-те.

Тоа е судирот на постојните партии кои сакаат да јаваат на бранот на традиционалните поделби со нас определените за градење на модерна економска, политичка, општествена, образовна, научна... пракса од XXI век на, ерес, „северно-македонска нација“ која именски е детерминирана од географското име на државата - прифатено од Груевски и потпишано од Заев во периодот 2010-2018. А всушност именската дефиниција на нацијата не ја користи за загрозување на етничките посебности ниту на македонскиот ниту на албанскиот народ во Македонија, туку како обична дефиниција на модерната политичка нација со свои јазици, народи кои се нејзино население во границите на овие 27813 квадратни километри територија. Бидејќи во меѓународно-правното признавање на една држава, се признаваат тие 3 атрибути: население, јазик и територија. Затоа

Да поработиме 2021 да биде година на пресврт низ судир со заканите

Тоа во Македонија го предизвикува неминовниот судир на созреаната генерација што од 2021 натаму не сака ниту имитација на „Че Гевара“ социјализам ниту на груевистички заевизам како катарза на мачната транзиција на Македонија. За која членството во НАТО е посакувана предност, а не товар и присуството на НАТО во Македонија е стратешка определба, наместо закана.

Овој судир на демагозите со нас, определените, е основа за пресретнување на проектираните меѓуетнички тензии во кои делови на „македонските“ партии од СДСМ, преку ВМРО-ДПМНЕ до Левица не препознаваат ништо повеќе од погодно тло за намалување на „цената“ на ДУИ и принудно атерирање на АА-Алтернатива во интегративниот кампус.

Преигрувањето со пописот кој за сите нив станува „копиле на меѓупартискиот и службењачкиот промискуитет“ неминовно ќе произведе тензии поголеми од обични последици по една влада или по еден вид влада. На долг рок – според најавената реторика – ризикувајќи го и карактерот на државата.

Истото се однесува и на односите на Скопје и Софија, кои од јули 2020, наместо предизборна точка на надпартиски консензус во Македонија за спроведување на договореното, македонските партии го претворија во пролетен предизборен влог во Бугарија.

И на тој начин се обидоа во „македонското прашање“ повторно да го внесат Белград, кој дава назнаки дека сака да се оттргне од милошевиќевите игри од 1990 во Бања Лука, Подгорица и Приштина и одбива да се смеша во односите меѓу Скопје и Софија.

Суштински погрешно, играјќи на „југословенството“ како историографска, воено-безбедносна, економска, транспортно-коридорска, национално и етно-македонски „сигурна карта“, битни елементи од „Бихаќка“, „плоштад ВМРО“, Вила „Водно“ и „Илинденска“, користејќи ги и своите медиумски „перјаници“ и левичарско-интегристички гласници на популистичката демагогија – јасно идентификуваа кому во овие партии членството во НАТО всушност им било само „вокалност“, додека само чекале да се вратат на „неврзаната политика“, во која „Никогаш Северна“ не е свои два, туку само дел од „дваесет и четирите“ милиони. Тоа не личи дека е игранката за официјален Белград, но секако е добродојдена за старо-белградските или подрумите на Кремљ кои сакаат Балканот јужно од Дрина пак да (о)стане „нивен“.

Затоа, следната порака не е за власта, оти е на власт само затоа што тоа ѝ го дозволува опозицијата. Таа не е ниту до амбасадите, оти имаме потреба од деамбасадоризација на македонската политика:

НАТО е во Македонија, а за Македонија да влезе во НАТО, потребно е пензионирање на политиката на Belgrade Boys и нивните чеда во Скопје

Групацијата на вашингтонски дипломати и нивните производи во тамошните центри на одлучување кои по разни основи во поранешна Југославија од 1970-те воспоставиле поблиски врски со домашни политичари, бизнисмени, инфлуенсери на јавното мислење „од Вардар до Триглав“, имаше над пет децении време да ги проектира односите на новите држави на Балканот.

Но, како што двоумењето на Иглбергер и неговите чеда не даваше резултати во смирувањето на екс-ју војните се до решителното влетување на демократската администрација на Клинтон и неговиот „булдожер“ Холбрук, така и денес е јасно дека одржувањето на пријателството на поранешните американски дипломати во Скопје со економско-политичко-НВО-медиумското братство на „десетте фамилии“ и нивните „братучеди и внуци“ спречува суштинско рекалибрирање на системот во Македонија кој, заглавен на анти-албанска, анти-бугарска и анти-грчка реторика, остана без промакедонска политика. А промакедонската политика е заснована токму на добрососедството и прозападната ориентација на Македонците и македонската нација.

И со тоа, системот останува отворен за етнички неселективно братимење на партиите и институциите со соседните и домашните мафии и коруптивни извори.

Попрецизно, ова го одржува закочен македонскиот економски и финансиски, безбедносен и одбранбен систем кој останува недоволно компатибилен за НАТО и порозен за Исток. И ги храни анти-европските, анти-американските сентименти и разните „заговорнички теории“. Партиите, медиумите, невладините... остануваат декор, но не и креативен фактор на потребните промени и исчекори. Еднакво како и дипломатските претставништва и на Вашингтон и на Брисел, Берлин, Париз, Лондон... овде во Скопје и нивните фондации и институти, јавнати од македонските и албанските генерациски наследници на старо-белградската кадровска „ризница“ и нивната Belgrade Boys логистика. Парадоксално, произлегува дека Западот кадровски, институционално и финансиски ги храни анти-западните и особено анти-американските сентименти во Македонија.

Штетата за Македонците од таквиот пристап е огромна, бидејќи и основното историско познавање доволно илустрира колку решавањето на македонското национално прашање без извештаите на Карнегиевата комисија во раните 1900-ти и особено на американската надворешна политика на отворена поддршка на правото на самоопределување на помалите балтички, централно и источно-европски и балкански народи (вклучително македонскиот (и албанскиот) од Вудро Вилсон наваму – ќе било невозможно.

Затоа и засега на нивните дипломати овде им преостанува „да се работи со најдоброто од тоа што останало“, па водењето на лустрацискиот ветинг во судството, во медиумите и јавната реч и во безбедносно одбранбениот систем не дава потребно длабоки и навремени резултати: ако скопската „шема“ со „врањански шмеќерлак“ пред десет години сакаше „да го реформира НАТО“, денес таа замислува дека во ЕУ ќе влезе преку САД.

Зајакнувањето на транс-атланската соработка меѓу Вашингон и Брисел (и европските центри) најавена од Бајден не е заснована на Македонија, но Македонија во него може и мора да се вгради почитувајќи ги сопствените различности и принципите на добрососедството во релативно кусиот, но доволен период од 20 јануари 2021 до почетокот на изборната сезона во неколку од клучните земји-членки на ЕУ.

Значи, Македонија 2021 мора да ја мине со поинакви приоритети на нејзината политичка сцена и или да започне да ја менува својата сцена за да ги оствари потребните приоритети или да се изложи на огромни ризици и непознаници во следната деценија.

Затоа, Среќна Нова година. Покрај знаење, решителност и истрајност, дефинитивно ќе ни треба и среќа.

Ивон Величковски, Иницијатор на Движењето за нова република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе