Колумна

11 Октомври и неомакедонизмот: доволно е самосожалување

Децениското констатирање на проблемите и нивните причинители од лоцирање на изворот стана помирување со нив.

Затоа, триесетина години независни и осумдесетина по aнтифашистичкото востание, време е да се вратиме на вонвременската „Колку сме, толку сме, токму сме“ од „Нашинската“ на Гане Тодоровски. Оти сѐ уште има што да направиме, кој тоа да го направи и со што да се гордееме.

За почеток, да решиме:

Доста е југомакедонизам

Југомакедонизмот стана анахрон со дефинирањето како „национална идеологија и политичка доктрина заснована на чувството на македонска припадност и национална самобитност, што се обосновува со античко македонското наследство во поткрепа на националната посебност и самобитност на македонскиот народ во однос на соседните“. Партиите имаат идеологија, а нацијата и народот во неа следат доктрина што е натпартиска. Античкото го подри словенското, а копањето по постари корени го свитка стеблото и ја скастри крошната за партиски потреби. Чувството за национална припадност е вонпартиско и вонвременско, приватно и колективно. И како такво, спречува асимилација на секого, вклучително и на Македонците. Освен на оние за кои етничката припадност има трговска вредност.

Не губиме ништо со тоа што ќе си ја признаеме анахроноста на југомакедонизмот за кого македонската припадност е отелотворена строго низ ексфедерацијата. Така ќе го идентификуваме историскиот извор на проектираниот антагонизам меѓу Македонците и на Македонците кон Албанците, Бугарите и Грците под српско-комунистички патронат прикриен во соц-југословенство. И ќе ни се разјасни и зошто југомакедонизмот го застапуваат оние што системот на комунистите-десничари од доцните 1970-ти и 1980-тите ги устоличи во медиумска, финансиска, научна, културна и политичка „елита“, задолжена генерациски да спречува Македонците да си ги постават прашањата кои денес испливуваат на површина и да најдат одговори на нив.

Југомакедонизмот се покажа дека не е зависен од српскиот туку од службењачкиот Белград и како таков е искористен само за да го ограничи економскиот, културниот, научниот... полет на македонскиот народ просторно само внатре границите на државата, а во односите со сите - реторички дефанзивен, а менталитетски надмен кон сите што не припаѓаат на (правецот на) „елитата“. Правејќи ги Македонците некомпетитивни дома и меѓу себе и со останатите, терајќи не да сме уплашени од различните од нас и несигурни пред секој предизвик на секое ново време.

И како таков, ги проектираше Македонците во подшумадиска линија на одбраната на југословенството од кое, со крајот на Милошевиќ, се откажаа сите. Освен југомакедонистите, кои всушност и не се борат за Југославија, туку за своите привилегии засновани на идеополитичка диференцијација и супремација на повоената „елита“, од 1989 распределена особено низ партиите на Македонците, вклучително СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Истата „елита“ која по 1945 ја спроведе национализацијата, а по 1991 ја спроведе приватизацијата и ја проектираше транзицијата по свој терк. Односно според потребите на службата што ја надживеа државата што требаше да ја штити и го организираше криминалот во регионот.

За тоа е потребно и да го напуштиме југословенскиот поглед на себе како „јагне опколено со волци“ чиј волчјак-чувар е Белград. Припаѓајќи во НАТО и одејќи кон ЕУ, немаме веќе за што и кому да се правдаме – освен пред самите себе и сопствените граѓани. И рамноправно со другите народи – да ги спроведуваме своите цели и да се грижиме за своите потреби.

А тоа ќе биде можно штом, соочувајќи се слабостите, заблудите и предрасудите, се соочиме и со нивните креатори и одржувачи во јавната реч, медиумите, науката (вклучително економските, правните науки, политикологијата, историјата, социологијата), политиката, културата, финансиите и економијата. Тоа ќе значи напуштање и на проектите што го поддржуваат, спонзорираат и со тоа го пролонгираат југомакедонизмот спречувајќи го неомакедонизмот. Затоа,

Следното потребно е востанието на нашата свест...

За таа цел потребно е реорганизирање на финансиите кои од независноста се концентрирани и затворени во транзицискиот круг затскриен низ т.н. „влашко лоби“, а всушност се вонетнички механизам за закочување на економијата низ полнење на буџетот од кој македонските граѓани и економија станаа зависни, наместо буџетот да зависи од нив. Парадоксално, тоа ќе ги ослободи Власите од товарот на постојано себеоправдување кон сите други заедници кога и онака богатството е концентрирано кај малкумина со кои тие баш и не се идентификуваат.

Потребно ќе биде и напуштањето на „егеизацијата“ на политичко-медиумското милје задолжено за одржување на шизмата на Македонците со Албанците, Бугарите и Грците потребна за комоција на југословенскиот Белград на југ и преливање на српскиот клерошовинизам на Милошевиќ на север што крваво ја распадна самата Југославија. Парадоксално, тоа ќе значи ослободување на „Егејците“ од проектираната вина за тоа што им го подметна комунистичкиот интернационализам – грчката граѓанска војна поттикната од експанзионизмот на Сталин и Титова Југославија – и нивно суштинско интегрирање во македонскиот етнички и национален хабитус.

Ова паралелно ќе го ослободи потиснуваниот потенцијал на Македонците во сите сфери – од економија, преку политика, до наука – децениски обесхрабрен до обесмислување или иселување. Дејугословенизацијата на Македонија затоа, е опишан услов од Софија на европскиот пат, но како суштина е посакувана од Брисел и насушно потребна во Скопје.

Во суштина таа паралелно значи и десрбизација и декомунистикација на македонската финансиско-политичка смисла на поставување приоритети и практикување државна и национална стратегија. Во услови кога Белград јасно поставува сопствени државни и национални приоритети кои се комплементарни со ваквата потреба и можност на НАТО-вска Македонија. И со тоа, парадоксално, ќе ги ослободи и Србите во Македонија од перцепцијата на супремација во која фактички уживаат само неколку нивни генерациски присутни семејства кои го монополизираат „српството“, кокетираат со русофилијата, а всушност ги ограничуваат своите сонародници во Македонија во пропорциите зацртани во федерацијата, но не и посакувани од самите нив.

Со сето горенаведено, дејугословенизацијата и декомунистикацијата неминовно ќе ги означи поставените стапици во функционализацијата на односите меѓу Македонците и Албанците во Македонија. Десничарските комунисти дистрибуирани во партиите 1991 и правнофакултетската фела во Скопје имаа само десетгодишен краток успех да го користат легализмот како штит и правото зададено од нив остана без легитимитет по Рамковниот договор од 2001. Супремацистичкиот карактер на проекцијата на Република Македонска пропадна, за да опстане унитарната држава Македонија.

За тоа ќе биде потребно уште работа, бидејќи проектот на „едно општество за сите“ искористен од Заев и СДСМ за дограбување до власт пропаѓа со интензитет еднаков на злоупотребата на власта за лично богатење (семејно или клановско, сеедно). Сѐ додека партиите се мирни, а народите во Македонија поделени – работата не е завршена.

Болните прашања бараат одговор што порано, за да не станат гангренозни

Декомпонирањето на интерпретациите како основа на југомакедонизмот опишан претходно, започна со Тиранската платформа, продолжи со Софискиот договор и заврши со потпишувањето на Преспанскиот договор. Личи дека малкумина беа свесни што обврски се преземени во 2015, а уште помалку биле подготвени обврските да ги спроведат без да си наменат „месијанска“ улога со финансиска награда.

Затоа денес џабе се држат на страна од предизвикот што го сметаат како нов, а всушност е најавен уште од пред точно една година – со Резолуцијата на бугарското Народно собрание. Тоа е провидно како и изигрувањето изненаденост. Ако Атина ги регулираше прашањата со Скопје низ прецизен меѓудржавен договор, Софија низ Меморандумот сака содржински да го прецизира општиот меѓудржавен договор. Еднакво е провиден обидот прашањето да се држи на ниво на емоционалност, а на тоа упатуваат пораките од словенските земји-членки на ЕУ пренесени преку словенечкиот претседател Пахор, но и од самата ЕУ, преку еврокомесарот Вархеји.

Затоа сега треба да се согледа ретерирањето на Софија од децениските позиции на негирање на македонската национална и јазична посебност со неспорно признавање на македонската идентитетска и политичка реалност. И на него да се одговори позитивно, со продолжување на комисиската работа за заедничката и за споделената историја на двата народи. Но и со отворање на прашањето зошто само во нашиот јавен дискурс се одржува југо-доктринарниот пристап кон Бугарија како фашистички окупатор, додека европскиот модел ги соочува општествата со (мотивите и постапките на) нацизмот.

Со обемноста на горенаведените процеси во вид, дејугословенизацијата во Македонија нема да биде брз и едноставен процес. Тој нема да им се допадне на многумина во Скопје, Белград, но и други центри. Затоа, согласен сум со оценката дека колку што Скопје треба да биде свесно  дека патот кон Брисел ни тргна од Атина и не води преку Софија, толку Софија треба да биде свесна дека прекумерната употреба на моќ во нашите ЕУ интеграции може да ги легитимира токму ретро-струите, па патот до Скопје пак да ја води преку – Белград.

Неомакедонизмот не е догма, „Колку сме, толку сме, токму сме“ не е малодушност

Тоа е потребната доктрина на Македонците за сопствен развој врз основа на параметрите и на XXI, а не само на XIX или (средината на) ХХ век, а никако за спречување на развојот на другите во или околу Македонија. Затоа што за разлика од пред век, век и кусур – Македонци сме и знаеме и кои сме и во што сме различни од другите народи. И ниту еден историски факт, било да ни е или да не ни е во прилог – нема да нѐ обезличи или избрише, туку е наша историја. Затоа и немаме причина да се срамиме ниту од словенското потекло, ниту од заедничката и/или споделената историја во различни периоди со Бугарите, Албанците, Грците, Србите... И без да се срамиме што во овој дел од светот сме една од најмладите нации, затоа што нации се создавале и пред и по нашата, но битно е дека кога некои згаснувале – нашата ѕвезда не згаснала.

Нео-македонизмот, затоа, нема потреба да бега од фактите на историјата, туку од повторување на грешките. Тој бара нова република, но не само како име на државата или на институциите. Таа е пред сѐ е посложување на институциите според потребите на граѓаните и бизнисот, за ослободување на буџетот од партиите и ставање во функција на општиот интерес, за формално простување од транзицијата во која судството е пречка за бесправедноста, а органите на редот – соработници на мафијата.

Неомакедонизмот и новата република одат заедно и не се креираат ниту лесно ниту за еден ден.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе