106 години од убиството на пиринскиот цар Јане Сандански

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

Под раскошната крошна на еден стар костен, на околу двестотини метри пред Роженскиот манастир во Пиринскиот дел на Република Бугарија, почива војводата Јане Сандански. Истакнат македонски револуцинер и раководител на Македонската револуционерна организација – ТМОРО-ВМРО. На надгробната мермерна плоча се читаат неговите зборови: „Да живееш значи да се бориш. Робот - за слобода, а слободниот - за совршенство“.

Точно пред 101 година, на 22 април 1915 година, Јане Сандански беше убиен во заседа на патот од Мелник кон Неврокоп, денешен Гоце Делчев. Телото на застреланиот Сандански, познат како Пиринскиот цар, Сандан паша и Старикот (18 мај 1872 – 22 април 1915), до Роженскиот манастир го пренеле луѓето од еден караван, кои го пронашле, а неговите следбеници – пиринци го погребале зад олтарот на црквата „Свети Кирил и Методиј“, како што се погребуваат владици и високи црковни великодостојници.

 Запуштена и затворена, денес, црквата изградена во 1914 година под ктиторство на самиот Сандански, е нем сведок на една бурна историја на Пиринскиот крај и на самиот Јане Сандански кој долги години битисувал во закрилата на Роженскиот манастир. Во мелничката шума на Пирин Планина, пак, на местото каде што е извршено убиството и каде што буквално лежело телото на ликвидираниот револуционер, жесток борец за автономна и независна Македонија, глетка што била овековечена и на фотографија, подигнат е споменик.

Задоен со каузата

„Потеклото и семејната средина се фундаментален елемент во биографијата на една личност. Тие го обусловуваат неговиот живот во неговата најрана фаза, а оставаат траги во целокупната негова натамошна дејност“, ќе запише македонскиот историчар Христо Андонов – Полјански. Токму оваа констатација го отсликува идеолошкиот и животен пат на Јане Сандански кој, до последниот момент од својот живот, остана доследен на своето патриотско дејствување за решавање на македонското прашање – ослободување на цела Македонија, зачувување на македонскиот интегритет и создавање самостојна македонска држава.

Роден е во семејството на Иван Сандански, на западните падини на Пирин, во селото Влахи, околу бујните и пенести води на Влахина река, во малата што се нарекувала Санданското. Под селото се наоѓа проломот на реката Струма – Кресненската клисура која и денес ги чува спомените за подвизите на Дедо Иљо Малешевски, прочуениот ајдутин, еден од водачите на Кресненското востание.

Јане немал ни пет години кога се соочил со ужасите што ги носат војните. Во 1877 година започнала Руско-турската војна и неговите родители биле принудени да се засолнат во Горна Џумаја, каде продолжиле да живеат бедно. Една година подоцна, кога на Берлинскиот конгрес било решено Македонија да остане во рамките на Османлиската империја, разочарани, Македонците го кренале познатото Кресненско-Македонско востание. Знаменосец, барјактар, на една од македонските чети кои учествувале во востанието, бил токму таткото на Јане, Иван Сандански. По задушувањето на востанието, за семејството следела уште една преселба, во Дупница, денешна Република Бугарија, тогаш пограничен град полн со бегалци. Тука пораснал, се школувал, основно и два класа гимназија, па две години бил чевларски чирак, потоа уште две години работел како молбописец, па адвокатски помошник кај својот вујко и самостојно.

Многу години подоцна, војводата Јане Сандански, ќе каже: „Уште од малечок, кога маало со маало се тепавме со камења, секогаш ја земав ролјата на комита“, откривајќи му дел од своето детство на бугарскиот филолог Љубомир Милетич на кого, по задушувањето на Илинденското востание, почнувајќи од 14 јануари 1904 година, во неколку наврати му ги изнесува своите сеќавања.

Имено, спомените на Јане Сандански кои првично биле објавени на бугарски јазик, а потоа преведени на македонски, Милетич ги објавил во 1927 година, по смртта на Сандански, во серијата книги под наслов „Материјали за историјата на македонското ослободително движење“, книга седум, заедно со спомените на Христо Чернопеев, Иван Анастасов – Грчето, Петар Јуруков и Никола Пушкаров. Во предговорот кон објавените спомени Милетич запишал дека Сандански го запознал во Софија каде што бил засолнет времено по неуспехот на Илинденското востание од 2 август 1903 година и дека усните сеќавања ги бележел по негово барање.

Како што е забележано, спомените на Сандански се однесуваат на неговиот живот и дејност, од раѓањето до крајот на Илинденското востание и како историографски податоци нудат богати автентични историски податоци за одделни настани во кои тој самиот учествувал и за личности со кои имал контакти, заради што се незменлив историски извор од прва рака. Бидејќи спомените на Сандански се многу прецизни, се сметаат за значајни од аспект на проучувањето на македонското национално-ослободително движење.   

Во своите кажувања Јане Сандански потврдува дека уште во гимназијата почнува да чита револуционерна литература, која што во него побудува едно романтично чувство за долг кон татковината. А, кога од 1892 до 1894 година го отслужува воениот рок во бугарската армија, драгоцено воено искуство за неговата подоцнежна револуционерна дејност, како четник и војвода за слободата на Македонија, рано го привлекуваат и движењата во Македонија. Во 1896 година за првпат разбира дека во Македонија има револуционерна организација, но како што му кажува самиот на Милетич „си наложил додека добро не се запознае со проблемите на македонското револуционерно движење и не ги проучи приликите во Македонија да не учествува во никакви акции“. Со цел да се самообразува, заедно со седум други Македонци, во 1897 година го формира друштвото „Младост“. Две години бил претседател на друштвото, а по разговорите во 1899 година со Димо Хаџи Димов кој бил учител во Дупница и со Гоце Делчев, станува и официјално член на ВМРО. Во 1901 година Делчев го испраќа за војвода во пограничните региони на Серскиот округ од навлегување на врховистите. Всушност, идеите на Гоце за Јане стануваат ѕвезди водилки до крајот на неговиот живот.

Аферата Мис Стон

Во текот на неговата бурна воена и политичка дејност, Јане Сандански ги поминал сите развојни фази од обичен борец, преку главен војвода, до командант на оперативен штаб. Во својата револуционерна активност се покажал и како организатор од голем ков. Бил вешт, одличен организатор на народните маси и во времето на Гоце Делчев, најмасовна, најдисциплинирана и најбројна организација имало во Серскиот револуционерен округ, токму под негово водство. Таа негова особина блеснала со познатата афера Мис Стон.

„Веќе обземени од мислата да грабнеме некого, намислив да отидеме во Разлог, па некако да ги натераме протестантите од Организацијата, без да се сетат зошто, да сторат така, што од Солун да дојде мисионерот доктор Хаус. Отидовме двајцата во Банско, момчињата ги оставивме во планината, едно поради тоа што во селото имаше војска, а пак второ и поради тоа што во селото имаше малцина членови на Организацијата. Од разговорите со протестантите разбравме дека би било тешко да се доведе Хаус во Банско, но узнавме дека токму во тоа време дошла некоја Американка, на име мис Стон. Јас се пораспрашав и разбрав дека таа е важна личност. Му кажав на Чернопеева, и тој се согласи да ја грабнеме“, ќе запише изворно за овој бележит настан филологот Љубомир Милетич.

Како што е познато, идејата за доаѓање до пари за набавка на оружје за Организацијата, преку грабнување на богати или други значајни личности, се родила откако се согледало дека за ова не може да се смета ниту на осиромашеното население, ниту на ВМК по апсењето на челникот Борис Сарафов. Па, така, откако пропаднал планот да биде грабнат Сулејман-бег, синот на пашата во Џумаја, на 21 август 1901 година, на патот кон селото Банско, 18 комити предводени од Јане Сандански и Христо Чернопеев, ги киднапираат американската мисионерка мис Елен Стон и нејзината придружничка Катарина Стефанова Цилка. Револуционерите, кои медиумите ги сметаат за бандити, бараат откуп од 25 илјади турски лири, или околу 110 илјади американски долари.

Наместо исплата на откупот, Турските власти испраќаат многуилјадна војска „наоружана до заби“, но безуспешно. По три неуспешни битки, ниту заложниците се ослободени, ниту четата на Сандански е ликвидирана. „Заложничката драма“ трае 6 месеци после кои Организацијата добива 15 илјади лири кои ќе му бидат исплатени на Сандански, односно 68 илјади долари за набавка на оружје и муниција. Во почетокот на февруари 1902 година, Мис Стон и Катерина Цилка со нејзиното двомесечно бебе Елена, родено во заробеништво, се ослободени кај струмичкото село Градошорци.

По овој потег, војводата Сандански, колку што добива уште повеќе поддржувачи и почитувачи, толку и непријатели кои не се согласуваат со ваквите негови методи.

Впрочем, и со некои подоцнежни одлуки и ставови на Сандански, особено врзани за македонското прашање, нема да се согласуваат многумина. Еднакво како што со одредени одлуки нема да се согласува ни самиот тој. Имено, Јане Сандански се противел конкретно на решенијата на Солунскиот конгрес за кревање востание во 1903 година, сметајќи го терминот на востанието за (зло)намерно исилен, а поаѓајќи од фактичките состојби на теренот. Осамен, сепак, се повинил на одлуките и по започнувањето на Илинденското востание, во серскиот револуционерен округ го извел Крстовденското востание.

Македонија на Македонците

И по задушувањето на востанието Јане Сандански како престседател на Серскиот револуционерен округ ја предводи левицата на македонското револуционерно движење и Реформската струја и жестоко се пресметува со врховистите. Сандански ја застапува идејата дека: „македонскиот народ е самостоен народ кој има право на самостоен живот“ и затоа “треба да се борат за издвојување на својата слобода без да се надеваат на туѓа помош, зошто оние кои ќе дојдат да ги ослободат, всушност ќе дојдат да не заробат“. Идејата да се ликвидира Сандански била неизбежна. Во жестока борба на 7 април 1904 година, кај селото Кашна, врховистите биле наполно разбиени. Проблемите во Серскиот како и во другите револуционерни окрузи ќе бидат причина за свикување на Рилскиот конгрес во 1905 година, на кој учествувал Сандански. Таму доаѓаат до израз разидувањата: „„...Двата востанички комитети меѓусебно се уништуваат. Цончев го предводи врховистичкиот, а Сандански централистичкиот комитет, односно внатрешната организација. Сандански се прикажува како единствен претставник, Македонец. Тој си поставил за цел од Македонија да создаде независна држава, која единствено би можела да влезе во составот на „Балканска федерација", кога таквата сомнителна творба еднаш би се создала. Цончев од своја страна тежи да создаде „Бугарска автономна Македонија", која потоа би се соединила со Кнежевството Бугарија", ќе напише во својата статија д-р Карло Блинд објавена во весникот „Пал-Мал Газете" од 5 јули 1905 година.

По Рилскиот конгрес и целосниот расцеп во Организацијата, Сандански целата своја дејност ја заснова на самостојноста на Македонското ослободително движење. Тоа е причина повеќе на 24 септември 1908 година во Солун, една група, испратена од Софија на чело со војводата Тане Николов, да изврши атентат врз Јане Сандански, при што е тој ранет. Ова е резултат и на решението на Македонската десница по убиствата на Борис Сарафов и на Иван Гарванов една година претходно, во 1907 година, кои, според историографите ги има нарачано Јане Сандански. Нешто подоцна групите на Сандански и Чернопеев ја формираат Народната федеративна партија, во која зазема активно учество во создавањето и раководењето. Нејзината програма предвидувала Отоманската империја да се реформира како Источна федерација и да се образуваат самоуправни вилаети: Македонија, Албанија, Ерменија. На 14 август 1909 година само четири дена по основачкиот конгрес на НФП, пак во Солун, бил извршен втор обид за убиство на Сандански.

Јане Сандански, бележи историјата, не сопрел. Во 1908 година соработувал со младотурците и се залага за автономна Македонија и легален политички живот. За тоа зборува неговиот манифест од 18 јули 1908 година во кој ги поканува малдотурците за соработка. Кога реакционерните сили го презеле турскиот парламентот, кон силите на Младотурците се приклучил и одред од 1200 македонски револуционери предводени од Јане Сандански, Тодор Паница и Христо Чернопеев. Тие учествуваат во Младотурскиот поход на Цариград и по тридневни борби, на 24 април 1909 година, контрареволуцијата била совладана. Македонските револуционери со својата храброст одиграле важна улога во совладувањето на реакционерните сили и во детронирањето на султанот Абдул Хамид II.

Јане Сандански учествувал и во Првата балканска војна, на страната на Балканскиот сојуз со јасно изразени цели за самостојна македонска држава. На 30 октомври 1912 година со своите чети го ослободил Мелник, а со својата чета прв влегува во Солун, веднаш по предавањето на градот на Грците од страна на Таксим паша на 8-ми ноември 1912 година. Во здравицата на банкетот одржан по повод ослободувањето на Солун, Сандански рекол: „ Да пиеме за слободна и автономна Македонија за која се бореа и дадоа скапи жртви сојузените балкански народи", неосврнувајќи се на гневот што го предизвикал. И за време на Втората балканска војна, кога Грците го запалиле Кукуш, Јане Сандански наново ја собрал четата и ја зазел Рупелската клисура. Со тоа ги прекинал врските на грчката војска, што овозможило таа да биде поразена од бугарската војска кај селото Бело поле, Џумајско. Останал на своето:„ Ние не сакаме да ја замениме турската тиранија, турските султани со други тирани, па ни со бугарска тиранија и бугарскиот кнез. Ние се бориме Македонија да стане автономна, независна, слободна држава, Македонија на Македонците!".

Ликвидиран Пиринскиот цар

Јане Сандански бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“. Па, сепак, не сакал да се движи со придружба и заштита. Затоа и тргнал сам тоа утро на 21 април 1915 година од Роженскиот манастир за Неврокоп. По пат преспал во родното село Влахи, а следниот ден продолжил. Кај месноста Блатата, била поставена заседа и бил отворен огран врз него. Јане Сандански паднал од коњот и ја скршил ногата, а престрелката продолжила. Нaпадот го извршила осумчлена група. Напаѓачите биле од неврокопската реонска чета на ВМРО на Тодор Александров. Еден од нив од зад грб го застрелал Сандански кој тогаш и според некои извори, организатор на убиството на Сандански бил Стојан Филипов, а како физички убиец се посочува Андон Качарков. Нив подоцна судот ги ослободил поради недостиг на докази.

Големиот Јане Сандански животот го завршил обидувајќи се да ја спречи Бугарија во вклучувањето во Првата светска војна, бидејќи бил убеден дека тоа би значело нова катастрофа за Македонија. Која иронија, кнезот Фердинанд за кого се верува дека го организирал заговорот против Сандански, иако се прокламирал за негов поддржувач, му испратил цвеќе како последен поздрав.

MИА

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Западот може да му послужи на остатокот од светот како изложба на ужасни и очигледно неуспешни идеи, меѓу кои се и комунизмот, фашизмот, нацизмот, феминизмот, анархизмот и, во последно време, либерализмот.

повеќе

Како и главниот лик во романот, Доне Совичанов, и Ташко Георгиевски никогаш не потклекна и не побара пусулче од Канцеларијата на нашиот јужен сосед во Скопје за да ја премине границата и да го посети своето родно село во Егејска Македонија.

повеќе

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе