вторник, 19 март 2024

Фотонапонски централи во Струмица и Струга

Во ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Струга ќе се градат две фотонапонски централи со вкупна моќност од близу 8MW. Двете централи ќе се градат во рамки на јавно-приватно партнерство со турската компанија Фидес eлектрик енерџи, избрана на јавен повик. Јавниот повик беше отворен на крајот на ноември 2023 година во постапка согласно Законот за јавни набавки, во траење од 45 дена, под исти услови за домашни и странски компании, соопшти ТИРЗ.

Објавено на

часот

Сподели

На повикот учествуваше и израелско – кинески конзорциум.

Турската компанија ќе треба да изгради фотонапонски електроцентрали во двете зони со вкупна моќност од близу 8 MW. Согласно доставената понуда и спроведената аукција 10% од приходите остварени од производството на електричната енергија компанијата е обврзана да ги уплаќа во државниот Буџет.

Договорот за јавно приватно партнерство се склучува на 25 години. По истекот на овој период, приватниот партнер е обврзан да ја пренесе сопственоста на фотонапонските централи на државата со 80% производствен капацитет. Земјиштето останува сопственост на државата. Приватниот партнер ќе плаќа и годишна такса за земјиштето (наем) од 40 денари за м2.

До крајот на месец март ќе се објави и нов повик за јавно приватно партнерство за изградба на фотонапонски централи, за која цел се определени над 40 хектари земјиште во ТИРЗ Скопје, Штип и Прилеп. Станува збор за земјиште што не е погодно за вршење на друга дејност (индустрија) односно гранични парцели кои стојат неискористени над 15 години, а кои со оваа постапка ќе се стават во функција и ќе носат значителни приходи на државата. Јавниот повик ќе биде под исти услови како и успешно завршениот за ТИРЗ Струга и Струмица, подеднакво отворен за домашни и странски компании, соопшти ТИРЗ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ