Кај Клиничкиот центар во Скопје

Тешко повреден хирургот Јота откако беше прегазен од БМВ возено од малолетник

Хирургот Ѓорѓи Јота синоќа бил прегазен во близината на Клиничкиот центар од страна на малолетник на 16 - годишна возраст кој управувал автомобил марка БМВ, по што во бесознание бил пренесен во Ургентиот центар. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека докторот  Јота има тешки повреди на главата, нагмечување на мозокот и на белите дробови и приклучен е на респираторна машина. Министерот вели дека е убеден дека неговиот колега ќе ја добие битката за живот.

Министерството за внатрешни работи во денешниот билтен информираше за сообраќајната несреќа во која тешко е повреден хирургот Ѓорѓи Јота.

Синоќа, на крстосница од булеварот „Мајка Тереза" со улицата „Елисие Поповски-Марко", патничко возило марка „Бмв х6", со скопски регистарски ознаки, управувано од 16 – годишник од скопското село Сингелиќ, удри во пешакот Ѓ.Ј.(58) од Скопје, информира МВР.

Јота со тешки повреди бил хоспитализиран во Комплексот клиники „Мајка Тереза".

Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје.