Материјалната штета е мала, но чинот е срамен. Во ек на пандемија кога секојдневно се справуваме со предизвиците и им се помага на пациентите, возилото на Здравствениот дом е каменувано. Претпоствувам дека е некој помлад во пијана состојба, случајот е пријавен во полиција и се надевам ќе го откријат сторителот, изјави Стојковски.
Случајот го потврдија и од СВР Охрид, од каде посочуваат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.
„Во полициското одделение Велешта вчера 16:30 часот, пријавено е оштетување на моторно возило на Итната медицинска помош, марка „Лада", сопственост на Здравствениот дом од Вевчани. Според пријавата, засега непознат сторител скршил три бочни и предно ветробранско стакло од медицинското возило, кое било на паркинг простор пред Здравствениот дом“, соопшти СВР Охрид.
Додека некој демолира, според Стојковски, општествено одговорни граѓани, компании и хуманитарни организации постојано донираат материјални и финансиски средства за установата.
„Хуманитарното здружение „Дијаспора" од Лабуништа во април донираше болничко возило и кислородни боци. Компании и граѓани донираат заштитна опрема, потрошен материјали, пари. Со оглед на тоа дека ние сме установа за примарна здравствена заштита немаме многу средтсва на располагање, ограничени сме со капацитети и медицински потрошен материјал и донациите ни се многу значајни“, истакна директорот.
Во Здравствениот дом во Вевчани во дневната амбуланта, според его, во моментот се лекуваат 40 пациенти позитивни или суспектни на ковид-19, додека во амбулантата во Лабуништа, која е под нивна надлежност има 30 пациенти.