Министерството за внатрешни работи информира дека ноќеска, еден час по полноќ, на граничен премин Табановце полицијата ја уапси Т.П.(20) од Хрватска, затоа што при извршена контрола било констатирано дека незаконски престојува во Македонија. Таа била предадена на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.
Во Гостивар, на булеварот „Гоце Делчев" полицијата го приведе Р.Т.(51) од САД, кој немал документи за идентификација. Тој бил спроведен во Центарот за странци во Гази Баба во Скопје, а по преземени мерки било утврдено дека лицето всушност лажно се претставило и дека станува збор за Р.Б.(53) од Охрид. Тој потоа бил спроведен во СВР Охрид и со него бил извршен разговор, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
МВР исто така информира дека врз основа на судска наредба, полицијата извршила претрес во домот на Е.Д.(42) од Кичево, во кој била затекната С.Ш.(60) од Швајцарија При претресот биле пронајдени и одземени прашкаста материја и предмети со остатоци од прашкаста материја. Тие биле лишени од слобода и приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.