ОJO Битола

Притвор за измамници кои зеле пари, а не испорачале јаболка на странски компании

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против четири лица, жители на Ресен, поради сомневање дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело – измама од член 247 став 4 во врска со став 1, во врска со член 45 став 1 од Кривичниот законик.

„Во периодот од крајот на јануари 2020 година до крајот на февруари 2020 година, во Битола и Ресен, четворицата осомничени – прокурист, управител и двајца надворешни соработници во правното лице „Џим бим 2019“ ДООЕЛ Ресен,  претходно се договориле и со поделба на работите, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, искористиле исти прилики, па ги довеле во заблуда и оштетиле три правни лица од Руската Федерација, Република Унгарија и од Босна и Херцеговина.

Осомничените преку фејсбук-профил „Top Fruit Fruit“ објавиле дека продаваат јаболка по што стапиле во контакт со секој од оштетените.

На претставник на оштетеното правно лице „Fruit Country KFT” од Република Унгарија му прикажале дека можат да му продадат јаболка во поголема вредност од 7.095 евра (во денарска противвредност 433.944 денари) кој оштетеното правно лице требало да ги уплати на сметка на правното лице „Џим бим 2019“ ДООЕЛ Ресен.

Осомничените доставиле профактура и кажале дека јаболката со камион ќе тргнат следниот ден за Унгарија, со што на 4 февруари го навеле правното лице од Унгарија, на штета на својот имот, да им го исплати наведениот износ во поголема вредност од 433.944 денари.

Истата постапка ја повториле и со сосопственик на оштетеното правно лице „Нерко промет“ ДОО Хан Плоча, општина Кисељак, БИХ. Осомничените прикажале дека можат да продадат јаболка и дека за еден камион од 21 тон треба да се уплати износ од 3.570 евра на сметка на правното лице „Џим бим 2019“. Потоа на 11 февруари преку електронска пошта доставиле профактура. Оштетениот бил наведен да ангажира и транспортна фирма за превоз на јаболката. Со овие дејства осомничените го навеле оштетениот на штета на своето правно лице да исплати износ во поголема вредност од 219.555 денари.

На претставникот на оштетеното правно лице ООО „Пимента“ Москва од Руската Федерација, осомничените му прикажале дека можат да му продадат 2 контејнери јаболка во количина од 44 тони од сортата „ајдаред“ по цена од 370 американски долари за тон, 1 контејнер јаболка во количина од 22 тони од сортата „гренисмит“ по цена од 400 американски долари за тон и 7 контејнери јаболка од сортата „црвен делишес“ во количина од 154 тони по цена од 480 американски долари за тон во кои цени бил вклучен превоз до Солун, Грција, и дека правното лице треба да уплати 50% од вкупната вредност односно 49.170 долари на сметка на „Џим бим“ . Откако оштетениот пристигнал во Македонија, двајца од обвинетите го однеле во село Бистрица и во Ресен каде му покажале јаболка, потоа се договарале за изгледот на етикетите, за амбалажата, и на 19 февруари преку електронска пошта му доставиле профактура од „Џим бим“ на наведениот износ,  со што го навеле оштетениот на штета на имотот на правното лице да им го исплати износот во значителна вредност од 2.674.848 денари.

Обвинетите по пристигнување на парите од оштетените правни лица ги префрлале на своите трансакциски сметки и подигнале износ од 100.000 денари како материјални трошоци, иако за таквите трансакции немало никаков правен основ. Со тоа ја испразниле сметката на правното лице, а на оштетените правни лица не ги испорачале јаболката, ниту ги вратиле парите.

Јавниот обвинител со донесување на наредбата за спроведување истражна постапка до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави и предлог за определување притвор за осомничените. Предлогот беше прифатен и судот со решение на четворицата осомничени им определи притвор во траење од 30 дена“, соопшти обвинителството.

И покрај тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, американската разузнавачка заедница веќе долго време ја смета појавата на пандемии како една од најголемите закани.

повеќе

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе