Од тоа што може да се забележи на местото на пожарот, изгорени се повеќе од десет продавници, внатрешниот дел каде е сместен пазарот и тезгите во најголем дел е изгорен, зафатен е супермаркет во внатрешноста, а пламените јазици зафатиле и делови до третиот кат од трговскиот центар.
Забележливи се купишта изгорен материјал, стока и вода на сите страни, а местото го обезбедува екипа на Територијалната противпожарна единица од Струмица која интервенира на места каде се појавуваат пламени јазици и внимава да не се активира и прошири огнот.
Неколкумина сопственици на продавници и тезги немо го набљудуваат објектот.
Градоначалникот на Струмица Коста Јаневски рече дека материјалната штета е голема, а за среќа нема повредени.
Тој информира дека ноќта во гаснењето учествувале и противпожарни екипи од околните градови и возила на ЈПКД „Комуналец".
Според очевидци, пожарот веднаш се проширил. Започнал од првиот дуќан.
Местото на пожарот го обезбедува полицијата и приодот околу него е обележан со лента. Засега не се знаат причините за пожарот, во кој е причинета голема материјална штета.
МИА