Сè повеќе дилери се апсат, сè повеќе марихуана има

Не постои ден а полицијата да не открие и приведе неколку лица кај кои се откриени некој вид наркотици, и тоа најчесто марихуана. Па нормално е да се добие впечаток дека пазарот е преплавен од марихуана, нејасно е само дали заплената е резултат на зголемената и поефикасна активност на полицијата последниве две години или повеќебројни се дилерите на наркотици, односно марихуана.

Само изминатиов ден, за 24 часа уапсени пет дилери на дрога.

Вчера во 18.30 часот полициски службеници од СВР Скопје на улицата Шарпланинска ги уапсиле Р.К. (20) и 17-годишник од Скопје, a во 21.20 часот полициски службеници од СВР Скопје на улицата Жан Жорес го привеле М.Б.(21) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај нив била пронајдена марихуана. 

Исто така вчера во 21.30 часот полициски службеници од СВР Скопје на кејот 13 Ноември го привеле Т.Н. (26) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. 

Дилер на марихуана бил уапсен и во Тетовско. Поточно вчера околу 21.45 часот во тетовското село Лешок, полициски службеници на СВР Тетово го привеле И.К.(36) од тетовско Доброште, затоа што при преглед кај него била најдена марихуана.

Приведувањето пет до десет лица дневно поради дилање дрога е речиси секојдневна практика на полицијата.

Дали последнава година-година и пол има зголемено присуство на марихуана на македонскиот пазар или од МВР се поактивни не се знае, а можно е да се работи и за едното и другото.

Од МВР велат дека поголемата заплена е резултат на зголемената активност, за тоа според нив сведочат и големиот број приведени, како и големото количество одземена дрога, кое минатата година било најголемо во последните десет години.

„Од областа на недозволената трговија со дрога во 2018 година откриени се 789 кривични дела, за што се кривично пријавени 906 сторители, од кои 879 македонски државјани и 27 странци и тоа 16 државјани на Албанија, по двајца државјани на Србија, Црна Гора, Бугарија и Косово и по еден државјанин на Јордан, Перу и Чешка. Оваа година имаме најголема заплена на дрога во последните десет години. Во рамките на овие кривични дела беа запленети еден тон и 532,4 килограми марихуана, еден килограм и 970 грама хероин, 586,69 грама кокаин, 819 стебла, 679 парчиња и 827,25 грама семки од растението канабис сатива, таблети екстази, амфетамини, метамфетамини, хашиш, хашиш-смола, метадон, мешавина од кофеин и парацетамол, бупренорфин, ЛСД“, информираат од МВР.

При овие акции биле сузбиени девет организирани криминални групи, спречени 11 меѓународни транспорти на дрога, откриени се и четири импровизирани лаборатории со инсталирана опрема за производство на синтетичка дрога и една за хашиш масло.

„Имаме зголемување на откриените кривични дела и сторители за 43 отсто во однос на претходната година. Оваа година имаме најголема заплена на дрога во последните десет години“, истакнуваат од МВР.

Присуството на марихуаната и другите наркотични средства на македонскиот нарко пазар не е ништо помала и во текот на оваа година.

Така, според МВР, во првото полугодие од 2019 година од областа на недозволената трговија со дрога се откриени 451 кривично дело, а мерки на кривичен прогон беа преземени против 506 сторители. Од сторителите 497 се македонски државјани и девет се странци, седум државјани на Албанија и по еден државјанин на Косово и Грција.

Во рамките на откриените кривични дела запленети се 501,7 килограми марихуана, 560,60 грама кокаин, 114 стебла од растението канабис сатива, хероин, хашиш, хашиш масло, метамфетамини, амфетамини, таблети екстази и мешавина од кофеин и парацетамол.

Дрогата, а особено марихуаната, е сè поприсутна на македонскиот пазар, тоа е повеќе од очигледно. Она што е нејасно и за кое има штури информации е нејзиниот извор, односно каде се произведува и од каде уличните дилери се снабдуваат со неа.

Непознато е како завршуваат и уапсените дилери, бидејќи се добива впечаток колку повеќе ги апсат, толку повеќе ги има.

Во кривичното право неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори е класифицирано како кривично дело во членот 215 од Кривичниот законик на Република Македонија и гласи: „Тој што неовластено произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од три до десет години“.

Како ублажување Кривичниот законик предвидува доколку делото е сторено со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од помало количество, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеца до три години. Што значи дека доколку се суди според законот и доколку би се докажала нивната вина само за година и пол во затвор би требало да завршат 1412 лица.

М.М.

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе