Нема пациенти со тешки повреди ниту е загрозено нивното здравје. Прегледаните се со набиеници и лесни повреди и се пуштени на домашно лекување, велат од прилепската болница каде утрово беа згрижени патниците од автобусот кој при судир со друг автобус удри во столб во прилепската населба Точила.
Кети Смилеска, директорка на болницата информира дека најпрво биле донесени 20 пациенти, а потоа доаѓале и други кои имале полесни повреди.
„Во утринските часови, со екипите на итната помош во прилепската болница се донесени 20 пациенти. Од нив, осум се на максилофацијална хирургија каде се извршени одредени мали интервенции, неколку пациентки се на ортопедија и на хируршкото одделение. За седум пациентки се чекаат резултати од рентген снимките и тие се тука во болницата, една пациентка има повреди на черепот и е задржана поради опсервација и следење на нејзината состојба. Другите пациенти се пуштени на домашно лекување“., изјави Смилеска.
Според првичните информации од прилепското јавно обвинителство, несреќата се случила изутрината околу шест часот кога дошло до судир на два автобуси. Едниот автобус бил без патници, а другиот кој се удрил во бандера бил полн со работнички кои требаше да ја започнат првата смена во текстилна фабрика во Прилеп.