Порше експириенс

Среќен роденден, Порше, и продолжи да ги правиш автомобилите од нашите сништа (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Една недела пред собиранката на патеката Лагуна сека, славниот Ренспорт реунион, и речиси во исто време со најавата дека автомобилите од Штутгарт повеќе нема да „носат“ дизел-мотори, Порше го прослави својот седумдесетти роденден во Македонија.

 

Значи, важна недела за Порше.

Домаќините од Порше Македонија имаа мошне напорна задача – да ги претстават најновите модели (оние што најмногу му „лежат“ на нашиот пазар) на една од најлегендарните марки за спортски автомобили во светот, ергела со речиси 3.000 коњски сили на едно место, на купувачите и на новинарите, и сето тоа да помине без инциденти.

А верувајте дека не е лесно да кажете некому „полека со гасот“ кога седнува во уличен проектил со над 400 или 500 коњски сили под хаубата. И да ве послуша.

Сепак, сѐ беше германски прецизно. Од пречекот и краткото предавање за тоа што, како и каде ќе возиме, преку запознавањето со автомобилите, возењето до винарницата Тиквеш во Кавадарци, ручекот и дружењето, па сѐ до враќањето назад и разделбата со новите главни ликови на нашите најлуди соништа.

Фокус на роденденската прослава на Порше беа шест автомобили: 718 кајман ГТС, 911 карера С, 911 турбо С, панамера СТ турбо С е-хибрид, макан турбо и кајен С, интересна збирка од модели што најдобро го отсликуваат она што Штутгарт во моментов го создава.

Иако за многумина Порше е синоним за спортски автомобили, машини што уриваат брзински рекорди и на кои им се мавта со црно-белото знаме на целта, двоседи со моторот одзади и стотици „коњи“ под хаубата, понудата веќе некое време е проширена и покрај критиките дека дел од моделите не заслужуваат да ја носат легендарната значка, а компанијата успешно ги следи трендовите.

Моја среќа беше што во првиот дел од „роуд турот“, редот ми падна во трите „вистински“ поршеа, односно кајманот и двете 911-ки.

Црниот 911 турбо С со 580 коњски сили, максимална брзина од 330 километри на час, секвенцијален ПДК-менувач, е вистинското порше, од оние што ги закачувавме по ѕидовите на постери, најновата итерација на моделот што ја создаде компанијата. Во овој автомобил не седнувате, туку го облекувате како ракавица, како суперхеројски костим што ви дава натчовечки моќи. Забрзувањето е нереално, стабилноста не се губи во ниеден момент, а во звукот ви се чини дека се слушаат секој запчаник, вентил и клип, кои напорно работат за автомобилот да „лета“.

Жолтиот „елфер“, 911 карера С е нешто почаламџиска изведба на истата легенда, со помалку коњи под хаубата (420), но со звук што на цел глас вика „јас сум порше“, особено во попатните тунели кога ќе спуштите брзина-две подолу за вртежите да рипнат кон црвената зона. Жолтата боја на екстериерот и инструмент-таблата му дава сосема поинаков шмек на автомобилот.

Следен беше 718 кајман С – најмалиот и на хартија најслаб модел. Но само на хартија. Кајман С е порше во најтрадиционалната смисла – прецизен инструмент, а не автомобил, од точка А до точка Б, во кој речиси сѐ што е непотребно е или исфрлено од него, или ставено во втор план. Во права линија е брутален до солзи во очите, а во свиоците е како весело куче со исплазен јазик и размавтан опаш. Дечките од Порше беа особено горди со сината боја на кајманот.

Во вториот дел од возењето на ред дојдоа „помалку“ поршеата, односно моделите со четири/пет врати. Панамера СТ турбо хибрид е предвесникот на новите технологии на Порше, она што допрва треба да ја дефинира марката во иднина. Спој на луксуз, спортски перформанси и најнова технологија, концептот на хибридната панамера е показна вежба на директорска лимузина со спортски шмек, помалку штетен за животната средина, и сето ова спакувано во стилот на Порше.

Последните два автомобили, макан турбо и кајен С, моделите за кои злобниците велат дека се повеќе ауди отколку порше, се компромис меѓу вистинскиот дух на марката и следењето на трендовите. Иако дел од критиките се на место, тие сепак гордо ја носат значката на Порше. Не им фалат спортски перформанси, не им фали луксуз, но сепак паѓаат во сенка покрај другите ѕверки од понудата.

Порше повторно нѐ почести со дел од она што му го нуди на светот. Ни покажаа дека останува на врвот на автомобилската индустрија, и дека, горди со минатото, допрва имаат што да покажат со своите автомобили. Среќен роденден, Порше, и продолжи да ги правиш спортските автомобили од нашите соништа.

Петар Пејовиќ

Фото: Порше Македонија

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе